ИНФО                                           
     
  ЖИВКО ПОПОВСКИ - ЦВЕТИН, МАКЕДОНСКИ КАНДИДАТ
ЗА НОБЕЛОВАТА НАГРАДА ЗА МИР


Уметникот и хуманист Живко Поповски - Цветин е кандидат од Република Македонија за Нобеловата награда за мир за 2009 година.
Неговата номинација е на одлука на Комитетот за номинирање кандидати за Нобеловата награда од Република Македонија формиран од НВО Македонски центар за култура и развој (МЦКР), а денеска ќе биде испратена до Комитетот за доделување на Нобеловата награда за мир во Осло, Норвешка.
Како што информира на денешната прес-конференција Нелко Нелковски од МЦКР Поповски - Цветин е номиниран како резултат на неговото делување како уметник кој под мотото „Цвеќе на мирот“ создава и подарува слики со цветни мотиви веќе 30 години. Досега тој има подарено околу 30 илјади слики на институции и индивидуи вклучувајќи и претседатели на држави, парламенти и на домашни и светски уметници, има одржано голем број изложби, а за него се снимени и повеќе документарни филмови.
- Мисијата „Цвеќе на мирот“ значи материјализирање на добрата мисла и добрата идеја. Нашиот годинешен кандидат многу прецизно ја врши својата мисија за ширење на добра мисла и мирот во светот. Неговите дела тој ги слика непосредно пред да ги подари преку еден жив „хепенинг во движење“, рече Нелковски.
Поповски - Цветин истакна дека со задоволство ја прифатил номинацијата за оваа престижна награда, истакнувајќи дека инспирација за својата долгогодишна мисија ја црпел меѓу другото и од писмата со благодарност за подарените слики од Мајка Тереза и Вили Брант кои се нобеловци, како и од други истакнати светски личности. Тој е особено задоволен од писмата на поддршка од 200 институтиции и поединци од Република Македонија кои ја поддржале неговата номинација, вклучувајќи ги поранешниот претседател Киро Глигоров, повеќе универзитети, факултети, министерства, Македонска православна црква, Здружение на новинари на Македонија, академици и други јавни личности.
- Со околу 200 писма на поддршка од институции и поединци се чувствувам како веќе да сум ја добил Нобеловата награда без оглед на она што ќе се случи по мојата номинација, вели Поповски - Цветин.
МЦКР првпат годинава промовира организиран пристап во номинирањето на кандидати од Македонија за Нобеловата награда за мир. Нелковски најавува дека веќе во февруари ќе стартуваат со изборот за номинирање кандидат за следната година.
Секоја година во септември Комитетот за Нобелова награда во Осло упатува писма со покани за учество во изборот во државите од светот. За да се кандидира една личност треба да биде поддржана од институции и поединци, како и од поранешни добитници на Нобеловата награда за мир. Крајниот рок за поднесување апликација е почетокот на февруари по што следи селекција на потенцијалните кандидати. Во октомври се соопштува добитникот на наградата за таа година, а по традиција во Осло, во декември е свечената церемонија на доделување на оваа реномирана светска награда. Минатата година наградата ја понесе банкар од Индија за неговата финансиска помош за сиромашни жени.
Номинирани за Нобелова награда за мир од Македонија досега биле поранешниот претседател Киро Глигоров, естрадната уметничка Есма Реџепова и писателот Славко Јаневски.

 
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ДЕСЕТ ПОТЕНЦИЈАЛНИ КАНДИДАТИ ВО ТРКАТА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ

Речиси сите поголеми партии и од македонскиот и од албанскиот политички блок ќе одат со свои кандидати на претседателските избори на 22 март. По објавата дека претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ е професорот Ѓорѓе Иванов, а на СДСМ Љубомир Фрчкоски, вчера и партиите од албанскиот политички кампус номинираа свои кандидати за шеф на државата.
ДУИ во трката за нов претседател на Република Македонија ќе оди со поранешниот министер за транспорт и врски Агрон Буџаку, а ДПА со професорката Мурише Хоџа. Претходно својата кандидатура ја истакна и лидерот на Нова демократија Имер Селмани, кој објави дека веќе ги собрал потребните потписи за учество на изборите. ПДП, пак, ќе собира потписи за основачот на партијата Невзат Халили.
Кандидатурите на потенцијалните наследници на Бранко Црвенковски на функцијата претседател на Република Македонија и формално треба да бидат поднесени до Државната изборна комисија најдоцна до 15 февруари на полноќ, а за да бидат валидни ќе мора да бидат поткрепени со 10.000 потписи или со подршка на најмалку 30 пратеници.
ВМРО-ДПМНЕ, иако има апсолутно мнозинство во Собранието, реши кандидатурата на Иванов да ја поднесе со потписи. Партијата денеска соопшти дека собрала 18 илјади потписи. И СДСМ од денеска собира потписи за поддршка на Фрчковски, како и ЛДП за Нано Ружин. Тоа ќе треба да го направат и кандидатите на партиите од албанскиот политички блок. Потписи собираат и Љубе Бошкоски, Слаѓана Тасева, Благоја Марковски и неколкумина други потенцијални кандидати кои искажаа желба за учество на претседателските избори.
Рокот за собирање потписи во подрачните единици на Министерството за правда и месните канцеларии почна да истекува на 20 јануари, а завршува на 3 февруари. Кандидатот за претседател мора да биде државјанин на Република Македонија, да има наполнето 40 години и да живеел во државава најмалку 10 години во последните 15. Изборната кампања почнува дваесет дена пред изборите, односно на 3 март, а завршува 24 часа пред денот одреден за гласање.
За претседател ќе биде избран кандидатот кој на 22 март ќе освои мнозинство гласови од вкупниот број евидентирани избирачи. Ако никој не го добие потребното мнозинство, по 14 дена ќе се организира втор круг во кој одат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови. Ќе победи тој што ќе освои повеќе гласови под услов на гласање да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело.