ИНФО                                           
     
  СОБРАНИЕТО ЌЕ РАСПРАВА ЗА ЗАКОНОТ ЗА БРАНИТЕЛИТЕ

Собранието на Република Македонија денеска ќе ја продолжи 23 - тата седница на која како единствена точка на дневен ред е ставен Предлогот за донесување закон за посебните права на припадниците на безбедносните сили и на членовите на нивните семејства со Предлог на закон.
По завршувањето на оваа седница треба да продолжи 32 - тата седница на чиј дневен ред се Предлогот на закон за изменување на Законот за Фондот за осигурување депозити, Предлогот на закон за дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување - скратена постапка и Предлогот на закон за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2009 година - скратена постапка.

ДВАЕСЕТ ГОДИНИ ОД ВОЗОБНОВУВАЊЕТО
НА ТЕАТАРОТ „СКРБ И УТЕХА“


Со скопска премиера на претставата „Чернодрински експрес“, вечер во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје ќе биде одбележана 20-годишнината од возобновувањето на театарот „Скрб и утеха“. Претставата е на Тихомир Стојановски, во режија на Јордан Витанов и е копродукциски проект на театарот „Скрб и утеха“ и театарот „Јордан Хаџи Константинов - Џинот“ од Велес.
Ќе биде промовиран и документарниот филм „Со Господ во срцето“ по сценарио и режија на Тихомир Стојановски, филм на продукцијата „Дион“, која постои во рамки на Културниот центар „Скрб и утеха - Тиха“.
Македонскиот драмски писател и режисер Војдан Чернодрински во 1901 година својот патувачки театар го нарекол „Скрб и утеха“. Истоимениот театар е возобновен во 1988 година. Театарот има одиграно 22 премиери по текстови на Шекспир, Јонеско, Мајаковски, Бекет, Рацин, Вапцаров. Гостувал во Шведска, Бугарија, Турција, Албанија.
По 1.400 години, „Скрб и утеха“ одигра претстава во античкиот театар Скупи со идеја да се возобнови древното македонско светилиште. Театарот е организатор и на „Дионисови слави“ кои се одржуваат во февруари.
Покрај театарот „Скрб и утеха“ и филмската продукција „Дион“, во Културниот центар „Скрб и утеха - Тиха“ е активна и издавачката едиција „Лицеум“.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  РЕГИОНАЛЕН ЕКОНОМСКИ ФОРУМ НА ПРЕТСЕДАТЕЛИТЕ ОД ЈИЕ ВО ОХРИД

Охрид денеска и утре е домаќин на петтиот Регионален економски форум на претседателите на државите од Југоисточна Европа 2008 (РЕФ СЕЕ), што годинава се оддржува под покровителство на претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски.
Учеството на Форумот го потврдија претседателот на Хрватска Стипе Месиќ, на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Бугарија Георги Прванов, на Албанија Бамир Топи, членот на Претседателството на Босна и Херцеговина Небојша Радмановиќ, високи претставници на влади, на водечки компании, банки и деловни асоцијации, како и припадници на академски заедници и претставници на 50 медиумски куќи од државите во регионот.
Во рамките на РЕФ СЕЕ 2008 е предвидено да се одржат три одвоени тркалезни маси, на тема „Влијанието на кредитната криза врз финансиите и економиите на земјите од ЈИЕ“, „Инфраструктурата во регионот (градежна, патна и телекомуникациска)“ и „Енергетските пазари на земјите од ЈИЕ“. Покрај тоа, како и изминатите години, на средбата ќе биде презентиран и Извештај за конкурентноста на земјите и регионот на Југоисточна Европа.
Стопанственици од различни дејности од регионот ќе имаат можност во рамки на организирана средба – сесија да водат разговори, да воспостават контакти и да извршат презентација на сопствените производи и услуги, со претставници на држави, влади, стопански комори, водечки компании и деловни асоцијации од земјите-учеснички.
Целта на РЕФ СЕЕ, покрај олеснувањето на процесот на евроинтеграција на земјите-учеснички од макроекономски и политички аспект, е и создавање амбиент за воспоставување деловни контакти и деловна соработка меѓу стопанствениците во регионот во смисма на склучување конкретни договори за деловна соработка и зголемување на стоковата и парична размена во регионот од микроекономски аспект.
Претходните форуми се одржаа 2003 и 2004 година во хрватското летувалиште Цавтат, 2006 година во Милочер во Црна Гора, како и минатата година во Дубровник.
Инаку, во Охрид во деновите на одржувањето на Форумот во сила е посебен режим на одвивањето на сообраќајот. Заради безбедно движење на делегациите и возилата под придружба, на одредени патни правци и сообраќајници, привремено ќе биде ограничено движењето на моторни и друг вид возила. Ќе се отстрануваат неправилно паркираните возила и оставените предмети, пред се на булеварот „Туристичка“, улицата „Јане Сандански“, Кеј „Маршал Тито“, како и од други улици во централното градско подрачје. Полицијата ги информира граѓаните дека на тој потег нема да биде дозволено запирање и паркирање возила.
Истовремено СВР – Охрид упатува апел до граѓаните да се воздржат од употреба на автомобили за време на одржување на Економскиот форум, кога на сила ќе бидат посебни безбедносни мерки во поширокиот реон и објектите каде ќе престојуваат делегациите.