ИНФО                                           
     
  ШЕФОТ НА МАКЕДОНСКАТА ДИПЛОМАТИЈА МИЛОШОСКИ
ВО ПОСЕТА НА УКРАИНА


Министерот за надворешни работи на Република Македонија Антонио Милошоски во рамки на официјалната посета на Украина, денеска во Киев ќе се сретне со шефот на украинската дипломатија Вoлoдимир Огризко.
Како што јави известувачот на МИА, Милошоски и Огризко ќе потпишат Програма за соработка меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји.
Шефот на македонската дипломатија ќе биде примен и од претседателот на Украина Виктор Јушченко и од претседателот на Врховната Рада Арсениј Јацењук.
Се очекува на официјалните разговори да стане збор за можностите за натамошен развој на односите меѓу двете земји и за продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, како и за најактуелните меѓународни настани и прашања. Во тој контекст, ќе стане збор и за аспирациите на двете земји за интегрирање во евро-атлантските структури.
Предвидено е шефот на македонската дипломатија на Михајливскиот плоштад да положи цвеќе пред спомен обележјето на жртвите од Поморот од глад во Украина 1932-33 година.
Министерот Милошоски синоќа имаше обраќање пред студентите на Киевскиот славистички универзитет, каде што им врачи дипломи на студентите кои напишале најдобри реферати за Република Македонија.
По повод посетата на министерот Антонио Милошоски на Украина, синоќа во Амбасадата на Република Македонија во Киев беше приреден прием и концерт на студентите на Националниот универзитет за физичко воспитување на Украина посветен на македонската музичка икона Тоше насловен „Украина го помни Тоше Проески“.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ДИМИТРОВ И ПРОТОЃЕР ГО ИНФОРМИРАА НИМИЦ ЗА МАКЕДОНСКАТА ПОЗИЦИЈА ЗА НЕГОВИТЕ ПОСЛЕДНИ ПРЕДЛОЗИ ЗА ИМЕТО

Македонскиот преговарач Никола Димитров и Мартин Протоѓер, шеф на кабинетот на премиерот Никола Груевски, синоќа во Њујорк на посредникот на ОН Метју Нимиц му ги пренесоа позициите на Република Македонија во однос на неговиот пакет идеи од 8 октомври за решавање на спорот за името.
По средбата во адвокатската канцеларија на Нимиц, како што јави известувачот на Гласот на Америка на македонски јазик, амбасадорот Димитров изјави дека на медијаторот му биле презентирани македонските позиции и аргументите кои стојат зад државните и националните интереси. Димитров оцени дека средбата била корисна, но не откри детали од разговорите. Рано е да се каже дали Нимиц ќе патува за Скопје и Атина, но секако дека ќе има контакти со грчката страна во блиска иднина, оцени македонскиот преговарач.
Позицијата на Македонија за идеите на Нимиц засега официјално не се соопштува. Државниот врв во изминатите денови одржа две консултативни средби на кои беа усогласувани ставовите, но подробности од нив не беа објавени. Единствена официјална реакција беа првичните изјави на претседателот Бранко Црвенковски и на премиерот Никола Груевски дека последните идеи на Нимиц без сериозни корекции не се добра основа за решение.
Претседателот Црвенковски синоќа на трибина во Струмица повтори дека решение е можно само со прифаќање на македонската нација и јазик како основа на националниот идентитет. - Ако ОН гарантира дека името на нашиот народ е македонски народ, а името на нашиот јазик е македонски јазик, и тоа се клучните точки на кои што се потпира националниот идентитет на секој народ, тогаш треба да постигнеме договор, изјави Црвенковски.
Повеќе детали за ставот на Република Македонија не даде ни министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, кој по завчерашната средба со заменик помошникот на државниот секретар на САД Стјуарт Е. Џонс во Скопје, кажа дека Димитров и Протоѓер по консултациите со претседателот Црвенковски и со премиерот Груевски ќе му ја пренесат на Нимиц позицијата која оди во линија на македонските национални интереси.
Во меѓувреме се огласи шефицата на грчката дипломатија Дора Бакојани. На вчерашната средба со членовите на парламентарниот комитет за надворешни работи и одбрана на која брифираше за разговорите за името, рече дека последниот предлог на медијаторот содржи прифатливи точки за Грција, но и одредби кои се против нејзините интереси што треба да бидат разјаснети.
Бакојани истакна дека разговорите со посредство на ОН продолжуваат и оти Атина ниту ги забрзува, ниту ги кочи, обвинувајќи ги властите во Скопје дека се обидуваат да го забават процесот.
- Грција ја застапува позицијата дека конечното решение треба да биде едно име со географска одредница за севкупна употреба, рекла Дора Бакојани, додавајќи оти Атина не треба да се принудува да отстапи од зацртаните „црвени линии“.