ИНФО                                           
     
  ЛИЛЈАНА ДИРЈАН Е МАКЕДОНСКИ КОНКУРЕНТ ЗА КНИЖЕВНАТА НАГРАДА „БАЛКАНИКА“ ЗА 2008 ГОДИНА

Прозно-поетската книга „Приватни светови“ од Лилјана Дирјан, издание на Независни писатели на Македонија, е македонски претставник за меѓународната книжевна награда „Балканика“ за 2008 година, едногласно одлучи жирито, во состав Ферид Мухиќ, претседател, и Александар Прокопиев и Лорета Јаковлева-Ѓорѓиева, членови.
- Констатирајќи дека прозните и поетските записи на Дирјан се реторика на емоции без отстапка, жестоко писмо на ултимативни и болни исповеди, реставрирање на личното преку пронајдените собеседници од различни сфери на уметноста, жири-комисијата заклучи дека е тоа книга на изградена авторка која фасцинира, рече Јаковлева-Ѓорѓиева на прес-конференција, соопштувајќи ја донесената одлука. Дирјан е на поетски фестивал во Франција и не присуствуваше на прес-конференцијата.
Од девет дела пријавени за наградата, во потесен избор влегле пет, покрај книгата на Дирјан, и: романите „Нишан“ на Блаже Миневски, „Невестата на змејот“ на Влада Урошевиќ и „Помеѓу“ на Ирена Јорданова и збирката раскази „Чкртки“ на Румена Бужаровска.
Александар Прокопиев посочи дека на конкурсот пристигнале особено квалитетни дела од жени-автори кои, како што рече, вон сите ограничувања донесуваат многу свежи и убедливи дела. - Авторките многу суверено влегуваат во прозата што стереотипно се смета за машки жанр, додаде Прокопиев.
Изборот на најдобрата книга на Балканот и доделувањето на наградата на авторот годинава ќе се одржи во Македонија. Издавачката куќа „Магор“, која е организатор на „Балканика“ во земјава, соопшти дека настанот ќе се случи во Скопје, на крајот на септември и почетокот на октомври или во средината на ноември. Засега се познати тројца конкуренти за „Балканика“: „Левата рака на Афродита“ на Такис Теодоропулос од Грција, „Ангелос Новос“ на Беќим Чеху од Албанија и „Црната кутија“ на Алек Попов од Бугарија.
Венко Андоновски е единствениот македонски автор кој го доби високото книжевно признание, во 2001 година за романот „Папокот на светот“.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ВО УПОТРЕБА ВТОРАТА ДЕЛНИЦА ОД СКОПСКАТА ОБИКОЛНИЦА

Втората делница од скопската обиколница, на потегот од Оризари до Сарај, во должина од 11,8 километри, денеска свечено ќе биде пуштена во употреба.
На пуштањето на делницата ќе присуствува и премиерот Никола Груевски, соопшти неговиот Кабинет.
Обиколницата е 25 километри автопат со четири ленти, со широчина од 27,5 метри, која поминува под јужните падини на Скопска Црна Гора, покрај селата Стајковци, Смилковци, Брњанци, Кучевишка Бара.
Обиколницата, која се состои од две делници, почнува кај клучката Хиподром од каде што се разгранува од автопатот Велес-Скопје, а нејзината северна делница завршува кај Оризари.
Западната делница Оризари-Сарај (Кондово), која денеска се пушта во употреба, претставува континуиран дел на делницата Хиподром-Оризари. Почнува северно од Шуто Оризари, поминува покрај Коњски Рид, кој лежи на југ, и продолжува во близина на гробиштата Бутел, западно поминувајќи покрај клучката Стенковец (која води кон Приштина). Делницата поминува покрај реката Лепенец, благо свртува северно, минувајќи преку нивите во атарот Горнопал, од каде што понатаму врти кон југ. Минува низ населбата Вучидол, продолжува јужно низ ридовите и излегува кај Кондово, каде што се поврзува со автопатот Скопје-Тетово.
Максимална дозволена брзина на обиколницата ќе биде 120 километри на час.
Откако втората делница ќе се пушти за сообраќај, скопската обиколница ќе стане дел од Коридорот 8 и ќе ја поврзува Македонија со Бугарија и Албанија.
Кај клучката Хиподром ќе се спојуваат двата коридора 8 и 10. Инвеститор на овој проект е Фондот за регионални и за магистрални патишта, а парите ги обезбеди Инвестициската банка за обнова и развој, која и додели кредит на Македонија со грејс-период од седум, а рок за враќање од 18 години. Вредноста на целата обиколница е околу 135 милиони евра.