ИНФО                                           
     
  ОЛИМПИСКИОТ ФАКЕЛ ЕКСПРЕСНО ГО НАПУШТИ САН ФРАНЦИСКО

Штафетното носење на олимпискиот факел низ Сан Франциско, единствениот северноамерикански град на патот на олимпискиот оган околу светот, долг 137.000 километри, ноќеска неочекувано е скратено и факелот е веќе на пат кон Јужна Америка и главниот град на Аргентина-Буенос Аирес.
Официјалните лица на Сан Франциско на ваков чекор се решија за да ги избегнат судирите со големиот број демонстранти собрани на патот на факелот низ градот, променувајќи ја првобитно планираната рута и експресно насочувајќи ја кон обиколните улици до локалниот аеродром, пренесуваат агенциите.
Откако беше запален на кусата свеченост во паркот АТТ, пред неколку стотици поддржувачи кои мафтаа со американски, кинески и олимписки знамиња, олимпискиот факел во придружба на кинеското обезбедување и локалната полиција е внесен во едно складиште, а потоа со колона возила е однесен далеку од градот.
На тој начин е избегната средба со илјаднциите демонстранти собрани на најавената траса долж брегот на заливот, а откажана е и завршната свеченост на носење на факелот, која требаше да се оддржи во градското пристаниште.
Олимпискиот оган потоа скришум е пренесен до аеродромот и безбедно сместен во авионот за Аргентина.
Како што е најавено поранешниот аргентински фудбалски ас Диего Армандо Марадона ќе биде првиот носител на олимпискиот оган, по неговото пристигнување во Буенос Аирес, а последна поранешниот светски рекет број еден Габриела Сабатини.

МАКЕДОНСКА ЕТНОЛОШКА ФИЛМСКА ПРОГРАМА ВО ЕТНОГРАФСКИОТ МУЗЕЈ ВО ЗАГРЕБ

Музејот на Македонија денеска и утре ќе се претстави во Етнографскиот музеј во Загреб со проектот „Македонска етнолошка филмска програма“.
Проектот претставува хронолошки приказ на развојот на македонската визуелна етнологија од нејзиното прво појавување на почетокот од 20 век, па до денес.
Почетоците на визуелната етнологија во Македонија се претставени со два филма на браќата Манаки, средината на минатиот век ја презентираат двата филма на Вера Кличкова, а современата продукција филмовите на Елизабета Конеска и Владимир Боцев.
Овој проект веќе беше успешно претставен во Македонскиот центар за култура во Софија и во Етнографскиот музеј во Љубљана.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПРАТЕНИЦИТЕ
ЌЕ ОДЛУЧАТ
ДАЛИ ДА СЕ САМОРАСПУШТАТ


Собранието на Република Македонија за денеска ја закажа 114-та седница на која единствена точка на дневниот ред е Предлог одлуката за распуштење на Парламентот.
Иницијативата за самораспуштање на Собранието ја покрена Демократската унија за интеграција - ДУИ, а завчера формално до собраниските служби ја достави потпретседателот на партијата Рафиз Алити.
Во образложението на иницијативата за самораспуштање на Парламентот, се вели дека Македонија минува низ важен период во кој треба да се дејствува рационално. Сите овие процеси како решавањето на несогласувањата со Грција, исполнувањето на политичките критериуми и европската агенда бараат ангажирање и функционирање на институциите со полн капацитет. Бидејќи овие работи во Македонија недостасуваат и земајќи ја предвид општата политичка состојба во земјата, ДУИ се залага за распуштање на Собранието и за предвремени избори, стои во образложението.
Од ДУИ очекуваат иницијативата да ја поддржат и други парламентарни партии, но не прецизираат дали ја имаат потребната поддршка од 61 пратеник, колку што е потребно за распуштање на Собранието.
Поддршка за иницијативата даде ВМРО-ДПМНЕ чиј Извршниот Комитет му предложи на ЦК на партијата позитивно да се произнесе неа.
Причините за поддршката на иницијативата за распуштање на Парламентот ИК на ВМРО-ДПМНЕ ги гледа во неефикасност во работата на Собранието, постојаната блокада од страна на опозициските партии на процесите за донесување на реформските закони, злоупотребата на Парламентот за вулгарен политички маркетинг од одредени политички групации, но и за потребата за враќање на угледот на законодавниот дом.
Од СДСМ најавија дека силно ќе спротивстават на концептот за предвремени избори.
- Во Македонија или ќе има избори и ќе се заборават сите приоритети и реформи или до септември ќе дадеме максимум да добиеме датум за преговори со ЕУ, а до крајот на годинава и покана за НАТО, изјави вчера лидерката на СДСМ Радмила Шекеринска. Според неа, со поддршката на иницијативата ВМРО-ДПМНЕ сака да избега од најголемата одговорност во клучниот момент за Република Македонија.
Иницијативата за предвремени избори ја поддржа и лидерот на ДПА Мендух Тачи.
- Попладнево во 17.30 часот на седница на централното претседателство ќе предложам поддршка за предвремени избори, изјави вчера Тачи, најавувајќи дека најдоцна до денеска ќе го информира премиерот Груевски за резултот.
Лидерот на ЛП Стојан Андов вчера најави дека нема да го поддржи барањето за распуштање на Собранието, а тоа го направи и пратеникот Зоран Витанов кој го замрзна членството во Социјалистичката партија. Дека иницијативата нема да ја поддржат завчера најавија и ЛДП, НСДП, Партијата на слободни демократи и пратеникот Ѓорѓи Оровчанец.
Спoред Уставот, Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници. Во актуелниот состав со 120 парламентарци, за донесување таква одлука неопходно е да ја поддржат најмалку 61 пратеник.
Со одлуката за распуштање на Собранието завршува мандатот на пратениците. Владата останува на должност до изборот на нова.
Изборниот законик предвидува по распуштањето на Собранието да се одржат нови избори во рок од 60 дена. Според тоа, доколку пратениците денеска донесат одлука за распуштање на Парламентот крајниот рок за одржување предвремени избори би бил 10 јуни.