ИНФО                                           
     
  ДПА ЈА НАПУШТА ВЛАДИНАТА КОАЛИЦИЈА

Демократската партија на Албанците на синоќешната седница на Централното претседателство, која траеше повеќе од два часа, донесе одлука да ја напушти владината коалиција.
Ова на денешната седница во Сарај треба да го потврди највисокиот партиски орган, Централниот одбор, со кој ќе раководи почесниот претседател Арбен Џафери.
- Во 17 часот ќе имаме седница на Централниот одбор во Сарај, сигурен сум дека ќе ја прифати одлуката и таа ќе биде неповратна и конечна за излегувањето на ДПА од Владата, рече лидерот Мендух Тачи, по завршувањето на седницата на Централното претседателство.
Тој истакна дека ова е тежок проблем и тешка политичка криза. Тачи потенцираше дека сите кои се надеваат дека спин мајстори или трик мајстори ќе ја решат оваа ситуација на крајот ќе се излажат. Тој порача дека ставот на ДПА е да бидат дел од решавањето на проблемот, а не проблемот.
- Им порачувам на господинот Груевски и на господинот Ахмети во насока на почитување на Уставот на РМ и на законите ако можат да направат заедничка влада и да ни кажат што тоа се договориле и дали тоа можат да го изведат. Тоа ќе значи дека ние ќе почитуваме секакви одлуки кои се во рамки на Уставот и законите. Ова го правиме затоа што сме познати дека никогаш не сме направиле заткулисни игри, криенки, туку сакаме секогаш да имаме транспарентна политика. Многу ни е важен процесот, НАТО, но навистина најважни ни се правата на луѓето кои ги претставуваме, истакна Тачи.
Тој додаде дека не се важни изборите и владите, важно е процесот да се истера до крај. Според Тачи ДПА има огромна поддршка од, како што рече, нашите сојузници, ЕУ, НАТО и САД сите заедно да работиме да ги решаваме овие проблеми.
- Тие не се толку наивни да ни се мешаат какви влади ќе правиме и дали ќе правиме влади. Нивната порака е многу јасна, потенцираше Тачи.

ПРЕМИЕРОТ ГРУЕВСКИ ВО БРИСЕЛ НА СОСТАНОК НА ЛИДЕРИТЕ НА ЕВРОПСКАТА НАРОДНА ПАРТИЈА

Претседателот на Владата Никола Груевски денеска ќе учествува на состанокот на лидерите на Европската народна партија (ЕНП) што ќе се одржи во Брисел.
Премиерот Груевски ќе ја искористи средбата со своите колеги - лидери на народните конзервативни демохристијански партии да лобира за нашата кандидатура за членство во НАТО, добивање датум за преговори во ЕУ во текот на 2008 година и укинување на визниот режим со ЕУ.
На средбата ќе присуствуваат премиери и лидери на позицијата од централно десничарските партии од земјите членки на ЕУ, како и од земјите кандидати за членство.

СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТ: ВЛЕЗОТ НА ЗЕМЈИТЕ ОД А3 ВО НАТО НЕМА ДОПОЛНИТЕЛНО ДА ГО ОПТОВАРИ БУЏЕТОТ НА Алијансата

Официјални претставници на НАТО и на американскиот Стејт департмент го поддржуваат влезот на Хрватска, Албанија и Македонија во Алијансата и сметаат оти овие три земји нема дополнително да го оптоварат нејзиниот буџет.
- Доколку Грција и Македонија не успеат да го решат спорот околу името, нивниот неуспех не би требало да биде казна за изгледите на Хрватска и Албанија за влез во НАТО, рече пред Комисијата за надворешна политика на американскиот Сенат нејзиниот претседател Џозеф Биден.
Биден смета дека приемот на Хрватска, Албанија и Македонија би го приближил Балканот до европската иднина и оти би ја зајакнала безбедноста во регионот.
Командантот на НАТО за Европа генерал Џон Кредок ги потсети присутните дека Хрватска, Албанија и Македонија даваат голем придонес во мисијата ИСАФ во Авганистан, каде што нивните контингенти се на трето, четврто и петто место. Кредок смета дека влезот на трите земји нема дополнително да претставува товар за ресурсите на НАТО имајќи го предвид приодонесот што тие го даваат.
- Во НАТО постои барање секоја земја сама да си обезбеди противвоздушна одбрана, но бидејќи тие тоа не можат да го сторат тоа, НАТО ќе им ја обезбеди, изјави генералот.
Помошникот на државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Даниел Фрид оцени дека Хрватска е важен воен партнер и смета оти оваа земја остварува напредок на политички и стопански план, како и во спроведувањето на воените реформи за создавање модерна војска.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ДЕНОТ НА ДРВОТО

ОПИС НА ПРОЕКТОТ
Поттикнати од лошата состојба со шумскиот фонд, а особено со катастрофалните шумски пожари кои се случија минатата година, покренавме ГРАЃАНСКА ИНИЦИЈАТИВА ЗА ПОШУМУВАЊЕ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА.
Цел на иницијативата е на 12ти март 2008 година, во еден ден да посадиме повеќе од 2 милиони садници или точно толку колку што Република Македонија има жители. На акцијата и го дадовме името “Ден на дрвото”.
За таа цел формиравме Иницијативен одбор, составен од стотина видни граѓани, јавни личности; креатори на јавно мислење; уметници; претставници на научната мисла; музички звезди…
ПОДДРШКА НА ПРОЕКТОТ
За помош се обративме до релевантни домашни и странски институции, како Владата на РМ; Претставништвото на ЕУ во РМ; Парламентот на РМ; ЗЕЛС…На наше огромно задоволство акцијата насекаде наидува на безрезервна поддршка. Владата на РМ веднаш ја поддржа нашата акција со обезбедување на потребните садници и логистичка поддршка, и ќе биде наш партнер во акцијата.
ФИНАНСИИ
Со цел обезбедување на потребните финансиски средства за Акцијата, Иницијативниот Одбор ќе аплицира до различни домашни и странски институции и фондови, како на пример: Влада на РМ, Европска унија, УСАИД, УНДП.....Од сите институции и организации кои финансиски ќе ја поддржат акцијата ќе побараме да делегираат свој проект менаџер, кој директно ќе ја менаџира нивната финансиска помош.
УЧЕСНИЦИ
За да се обезбеди посакуваниот број на жители, учесници во Акцијата, Иницијативниот Одбор се обиде да ја подигне јавната свест преку:
• ПР и маркетинг кампања. За реализација на ПР кампањата побаравме поддршка од сите електронски, печатени и интернет медиуми во РМ
• Соработка со различни органиации и институции како: Невладини организации, студентски организации, средношколски организации....
Иницијативниот одбор ќе се обиде Акцијата да добие што поголема застапеност во медиумите, особено во Европа.
Ова ќе влијае позитивно на јавното мислење во РМ и пошироко, толку неопходно во периодот што следи.