ИНФО                                           
     
  СРЕДБА ЕЛЕНОВСКИ-МЕККЕЈ: КАНАДА Е СИЛЕН ПОДДРЖУВАЧ НА ЧЛЕНСТВОТО НА МАКЕДОНИЈА ВО НАТО

Министерот за одбрана Лазар Еленовски синоќа по локално време во Отава се сретна со канадскиот министер за национална одбрана Питер Меккеј, јави известувачот на МИА од Канада.
- Министерот Меккеј беше импресиониран од нивото на придонес на Македонија во мировните мисии на НАТО затоа што она што Македонија го дава како поддршка на мисиите на Алијаната, не го прават многу од државите членки на НАТО кои се поголеми, помоќни и економски стабилни, изјави Еленовски по средбата со Меккеј.
Еленовски го информираше Меккеј и за процесот на реформите во одбраната, но и за целиот трансформациски циклус во Македонија, по што доби уверување дека досегашната поддшка на Канада за членство на Македонија на НАТО сега ќе биде уште посилна.
Со оглед на тоа што Меккеј е поранешен министер за надворешни работи и еден од креаторите на одлуката за признавање на Македонија под уставно име од страна на Канада, министерот Еленовски му се заблагодари за целосната поддршка на политички план.
Меккеј на средбата повтори дека Канада отсекогаш била за проширување на Алијансата, а во разговорот со Еленовски уште еднаш ја истакна целосната поддршка на Канада за членство на Македонија во НАТО.
Македонскиот министер за одбрана вчера попладне во Отава се сретна и со претседателот на Долниот дом на канадскиот Парламент Питер Миликен со кого разговараше за реформите во одбраната, во правосудството, економијата и за општиот напредок на Македонија.
Еленовски претходно имаше средба и со канадскиот пратеник Луј Темелковски, а на средбата покрај високи претставници на канадскот Парламент, присуствуваше и албанскиот министер за одбрана Фатмир Медиу. Главна тема на средбата беше соработката на земјите од Јадранската група и кандската поддршка за влез на овие земји во НАТО.
- Канада како и Македонија е мултиетничко и мултикултурно општество и затоа двете земји одлично ги разбираат тие принципи, изјави Еленовски пред средбата и се заблагодари на канадската поддршка за влез на Македонија во НАТО, при тоа потсетувајќи на македонската поддршка на мисиите на Алијансата во Ирак и Авгансистан.
Тој исто така се заблагодари и за признавањето на уставното име на Република Македонија од страна на Канада.
Албанскиот министер за одбрана Медиу потсети дека тој и Еленовски често патуваат заедно поради заедничките цели на Македонија и Албанија за влез во НАТО и ЕУ. - Знам дека имаме уште многу да постигнеме, но сакам да истакнам дека изградивме позитивна слика и се движиме во вистинска насока, рече Медиу и се заблагодари на канадската поддршка за влез на Македонија и Албанија во НАТО.
Во врска со билатералните односи меѓу Македонија и Канада, канадскиот пратеник Роџер Валеј, кој исто така присуствуваше на средбата, информира дека пред извесно време е формирана канадско-македонска дипломатска група за пријателство и оти односите меѓу двете земји постојано се подобруваат. Како резултат на тие добри билатерални односи е и признавањето на Македонија под уставно име од страна на Канада за што Луј Темелковски рече дека тој чекор „беше добар резултат од она за што се боревме во минатите години“.
- Со признавањето на уставното име на Македонија стигнавме еден чекор поблиску до тоа Канада да и помогне на Македонија за влез во НАТО и воопшто за во иднина, истакна Темелковски.
Еленовски во Отава вчера имаше и работен ручек на кој покрај амбасадорите на Македонија, Албанија и Хрватска во Канада, присуствуваа и Медиу, и американскиот амбасадор во Канада, како и повеќе високи воени претставници и дипломати.
Министерот Еленовски се обрати и на централното отворање на генералното собрание на Асоцијацијата на Атлансткиот договор (АТА - Atlantic Treats Association), во чии рамки денеска ќе учествува во дискусијата насловена „НАТО како глобален интерес, или глобалниот интерес во НАТО ?“. Еленовски во Отава ќе одржи и одвоени средби со вицепретседавачот на Комисијата за национална одбрана во канадскиот Парламент и воедно копретседавач на НАТО Клод Башан, а во вечерните часови по локално време ќе замине за Вашингтон.

ОСМО ИЗДАНИЕ НА „ЕСЕНСКИТЕ МУЗИЧКИ СВЕЧЕНОСТИ“

Со симфонискиот концерт на Македонската филхармонија на сцената на Македонската Опера и Балет вечер ќе биде отворена манифестацијата „Есенски музички свечености“ која традиционално по осми пат ја организира Дирекцијата за култура и уметност на град Скопје со финансиска поддршка од Министерството за култура.
Македонската филхармонија премиерно ќе ја изведе Симфонијата број 7 опус 60 „Ленинградска“ од Шостаковиќ, а диригент на концертот ќе биде Саша Николовски Ѓумар.
„Есенските музички свечености“ продолжуваат со концертот на дувачкиот квинтет „Арт“ на 5 ноември во Националната галерија на Македонија - Даут пашин амам кога ќе настапат Илија Зимбо, флејта, Татјана Петрушевска-Карсакова, обоа, Здравко Ангелов, кларинет, Васко Карсаковски, фагот, Марјан Јанев, хорна, а на програмата се дела од Ајдич, Аврамовски, Петрич и Ортаков.
На 10 ноември е најавен концертот на триото „Атанасов“ кога ќе бидат изведени дела од Лоие, Боамортие, Муха, Колин, Хасе и Смокварски во Музејот на град Скопје, а на 15 ноември Љупчо Чедомирски на кларинет и Елена Атанасовска-Ивановска на пијано ќе одржат концерт во Даут пашин амам.
Ансамблот „Арко“ и Мандолинскиот оркестар „Скопје“ ќе одржат заеднички концерт во Даут пашин амам на 21 ноември на кој Ерхан Шукри ќе диригира, а солисти се Никола Мишел од Швајцарија, Дарко Багевски, гитара, Мерсија Шукри, харфа и Момчило Куфојанакис , виолина.
Во рамки на „Есенските музички свечености“ ќе биде изведена и операта „Тоска“ од Џокомо Пучини во режија на Огњан Драганов од Бугарија, а под диригентска палка на Јосип Шего од Хрватска. Солисти се Весна Гиновска Илкова, Клауди Клаудов и Нико Исаков.
За крај на манифестацијата е закажан меѓународниот балетски проект „Килијан на Балканот“ на кој учествуваат уметници од Македонија, Словенија, Бугарија и Србија, а кореограф е познатиот Јиржи Килијан од Холандија.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ВО ЊУЈОРК НОВА РУНДА МАКЕДОНСКО-ГРЧКИ РАЗГОВОРИ ЗА ИМЕТО

Двојната формула - едно име што ќе се договори за билатерална комуникација со Грција и уставното име за преостанатиот дел од светот, е официјалниот став на Република Македонија, кој, како што најавија највисоките македонски државни претставници, ќе биде повторно пренесен на новата рунда македонско-грчки разговори за името што со посредство на Метју Нимиц, треба да се одржи денеска во Њујорк.
- Зачувување и одбрана на правото на уставно име и негова меѓународна употреба е основен столб на идентитетот и достоинството на нацијата, оцени македонскиот државен врв на состанокот во пресрет на средбата на претставниците на двете држави во разговорите за името Никола Димитров и Адамантиос Василакис во седиштето на ОН.
Специјалниот пратеник на Светската организација во разговорите за спорот со името Метју Нимиц во писмото со кое ги повика претставниците на Македонија и на Грција на нова средба во Њујорк, наведе дека се надева оти „преку повторно започнување на разговорите може да се постави основа за поинтензивна дискусија која ќе доведе до заемно прифатливо решение за името и прашањата во врска со него". Нимиц не најави нов официјален предлог за решавање на спорот.
Грчки владини претставници и политичари деновиве во повеќе наврати изјавија дека Грција како решение за проблемот би можела да предложи и прифати сложено име кое би го содржело зборот Македонија.
Грчката министерка за надворешни работи Дора Бакојани во интервју за „Катимерини“, кое самата го оцени како апел до Скопје, рече дека Грција е подготвена да прифати компромис, со тоа што на ПЈРМ ќе и дозволи да употреби некаква форма на името „Македонија“, се додека во името ќе има и друг елемент со кој би се направила разлика од грчкиот северен регион.
И нејзиниот татко Констанинос Мицотакис, почесен претседател на владејачката Нова демократија и премиер на Грција од 1990 до 1993 година, период во кој се актуелизира проблемот со името, се заложи за сложено име како решение за проблемот.
- Прифаќањето сложено име е праведно решение на проблемот, бидејќи дефиницијата Македонија е географски концепт и поранешната југословенска република е дел од Македонија“, рече Мицотакис за телевизискиот канал „Мега“.
Официјална Атина во „пораките“ до Скопје се закани и со блокада на евроатлантските аспирации на Македонија. По средбата со премиерот Костас Караманлис на која се дефинираше грчката позиција пред денешните разговори во Њујорк, Бакојани изјави дека „Скопје се наоѓа пред ризичен избор, или да ја прифати позитивната порака од Грција за евроатлантските амбиции, или да продолжи со непопустливоста за името“.
Шефот на македонската дипломатија Милошоски, пак, во овонеделното интервју за „Елефтерос Типос“ изјави дека Македонија нема да отстапи од двојната формула како решение за разликите за името. За заканите за евентуално грчко вето, тој вели дека билатералниот проблем со името не се вбројува во критериумите за членство во НАТО и оти Грција со времената спогодба се обврзала да не го попречува приемот на Македонија во меѓународни организации.
- Грција сега не признава како ПЈРМ и сме партнери, кога ќе не признае како Република Македонија ќе бидеме сојузници. Се е во рацете на Грција“, рече шефот на македонската дипломатија.
Грција веќе 17 години го оспорува правото на Република Македонија да се именува со своето уставно име со образложение оти тоа изразува територијални претензии кон истоименета северна грчка провинција.
Поради противењето и притисоците од Атина, приемот на Република Македонија во ОН на 8 април 1993 година со кој по осамостојувањето се потврди нејзиниот меѓународно-правен субјективитет, беше направен под привремената референца "поранешна југословенска република Македонија". По приемот во ОН, од Македонија и Грција беше побарано да почнат разговори за надминување на разликите околу името. Двете земји под покровителство на Светската организација почнаа разговори со посредство прво на Сајрус Венс, а потоа и на Метју Нимиц. Разговорите во Њујорк се уште траат. Во изминатите години беа споменувани неколку формални и неформални предлози кои не беа прифатливи или за едната или за другата страна.
Република Македонија досега има воспоставено дипломатски односи со повеќе од 160 држави во светот, а под уставното име е признаена од над 120, меѓу кои и од три постојани членки на Советот за безбедност на ОН - САД, Русија и Кина.