ИНФО                                           
     
  АМЕРИКАНСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ ИМАШЕ НЕОФИЦИЈАЛНА СРЕДБА СО ДАЛАЈ ЛАМА ВО БЕЛАТА КУЌА

Американскиот претседател Џорџ Буш го прими на неофицијана средба во Белата куќа тибетскиот духовен лидер Далај Лама, изјави портпаролот на Белата куќа Гордон Џондроу.
Тој само ја потврди средбата, но не даде детали.
Белата куќа изјави дека го разбира неспокојството на Кина, но го отфрли барањето да не биде одржана оваа средбата. Белата куќа не објави фотографии од средбата со цел дополнително да не биде провоцирана Кина.
Претходно беше соопштено дека неофицијалната средба нема да се одржи во Овалниот кабинет, каде американскиот претседател прима државници, туку ќе се одржи во личната резиденција на Буш.
Американскиот претседател денеска ќе присуствува на свеченоста на која Далај Лама ќе ја прими највисоката награда на американскиот Конгрес.

ТУРСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ЌЕ ГЛАСА ЗА РЕЗОЛУЦИЈАТА ЗА ВОЕНА ОПЕРАЦИЈА ВО СЕВЕРЕН ИРАК

Турскиот Парламент денеска ќе гласа за владината резолуција за прекугранична воена операција во северен Ирак против базите на Курдската работничка партија (ПКК).
Во понеделникот турската Влада донесе решение да побара одобрување од парламентот за евентуална воена операција во северен Ирак.
Турскит премиер Реџеп Таип Ердоган нагласи дека ако Парламентот ја одобри воента операција, официјална Анкара нема веднаш да започне со воени дејствија, туку ќе „дејствува со здрав разум“.
Резолуцијата, што според турските медиуми се очекува да биде прифатена, на Владата ќе и даде овластувања за определување на димензиите и времето за евентуалната операција против базите на бунтовниците од ПКК во северен Ирак.
Резолуцијата дава овластувања за преземање операција во период од една година, при што овие овластувања можат да се користат повеќе пати.
Изминатите два дена Ирак, САД, Русија и ЕУ испратија апел до Турција да не почнува ваква прекугранична операција во северен Ирак.
Ирачкиот премиер Нури ал Малики вчера изјави дека ќе испрати делегација во Турција, која ќе се обиде да ја намали тензијата на ирачко-турската граница.

 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  МАКЕДОНИЈА СЕ ПРОСТУВА ОД ТОШЕ ПРОЕСКИ

Посмртните останки на македонската музичка ѕвезда Тоше Проески, кој вчера загина во сообраќајна несреќа во Хрватска, со државни и верски почести денеска во 13:30 часот ќе бидат погребани на Градските гробишта во неговото родно Крушево.
Ковчегот со телото на Тоше изутринава од неговиот дом беше пренесен во црквата „Пресвета Богородица“ во Крушево каде што се одржува црковен обред, а крушевчани и граѓани од многу други градови во Македонија и надвор од неа му оддаваат последна почит.
На погребната цереманија што ќе се одржи пред споменикот на Гумење - „Македониумот“ ќе чиноначелствува неговото блаженство, Архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан.
По повод погребот на Тоше Проески, Владата го прогласи денешниот ден за Ден на жалост, а на вчерашната седница постхумно го прогласи за заслужен граѓанин на Република Македонија.
Телеграми со сочувство до семејството Проески вчера упатија претседателот Бранко Црвенковски, премиерот Никола Груевски, претседателот на Собранието Љубиша Георгиевски и претставници на дипломатскиот кор, невладини организации, како и голем број граѓани, негови пријатели, соработници и почитувачи, од земјата, регионот и од македонската дијаспора.
На градскиот плоштад „Македонија“ во Скопје уште од вчера по објавувањето на веста за загинувањето на Тоше голем број граѓани со палење свеќи му оддадаваат последна почит. Слични слики и во градовите низ цела Македонија.
Посмртните останки на македонската музичка ѕвезда Тоше Проески, со хеликоптер на АРМ синоќа беа пренесени од Хрватска во Македонија.
На аеродромот „Александар Велики“ во Скопје ковчегот со неговото тело го пречекаа членови на неговото семејство и владината делегација што ја предводеше претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, а ја сочинуваа вицепремиерите Зоран Ставрески и Живко Јанкулоски, како и министрите за надворешни работи, за внатрешни работи и за здравство Антонио Милошоски, Гордана Јанкулоска и Имер Селмани.
Веднаш потоа ковчегот со телото, беше префрлен на лафет и со возило испратен во неговиот дом во Крушево, според желбата на неговото семејство.Посмртните останки од аеродромот до семејството Проески ги придружуваше вицепремиерот Живко Јанкулоски.
Македонската мега ѕвезда Тоше Проески загина во сообраќајна несреќа на автопатот Загреб - Липовац, кај местото Нова Градишка во Хрватска. Неговите сопатници Лилјана Петровиќ и Ѓорѓе Ѓорѓевски се здобија со телесни повреди. Кај Лилјана Петровиќ, која е негов менаџер констатирани се лесни повреди по што таа е пуштена од болницата, а на лекување е задржан возачот Ѓорѓевски, кој има повреди на главата, но е вон животна опасност.
Несреќата се случила кога автомобилот марка фолксваген „Туарег“ со македонски регистарски таблички, управуван од 32-годишниот државјанин на Македонија Ѓорѓевски удрил со предниот дел во страничниот лев дел на полуприколка на товарно возило со италијански регистарски таблички, по што дошло до занесување на „Туарег-от“ и удар во заштитната средишна ограда.