ИНФО                                           
     
  ДРЖАВНИОТ И ЦРКОВЕН ВРВ ПО ПОВОД УСПЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА ВО ПОСЕТА НА МАЛЕШЕВИЈАТА

По повод традиционалниот празник на Берово, „Успение на Пресвета Богородица“, кој од годинава е и државен празник, денеска во посета на Малешевијата беше највисокото државно и црковно раководство.
Претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски и премиерот Никола Груевски присуствуваа на отворањето на новата училишна зграда на Основното училиште „Дедо Иљо Малешевски“, која беше осветена со пригодна богослужба со која чиноначалствуваше неговото високо правосвештенство Архиепископот Охридски и Македонски господин господин Стефан во сослужение на повеќе архиерие на МПЦ и свештенослужители од Малешевскиот регион.
Со симболично пресекување на лентата училишната зграда во употреба ја предадоа премиерот Груевски и министерот за образование Сулејман Рушити. Училишна зграда е изградена со средства на Владата, како и странски донации.
Во придружба на своите домаќини претседателот, премиерот и архиепископот со своите соработници го посетија и годинашниот четврти по ред саем на традиционални производи „Малешевијата на дланка“. Тие ги разгледаа изложбените експонати од дрво, текстил, волна, како и прехрамбените производи и малешевските специјалитети, разговараа со учесниците на саемот, а искористија можност да купат и по некој сувенир и домашни ракотворби.
Претседателот на Владата со своите соработници присуствуваше и на божествената литургија во црквата Света Богородица Балаклија, каде што се одржува и традиционалниот малешевски курбан. Во 1996 во оваа црква се случи трагедија кога од гром загинаа деветмина посетители на собирот, а 41 беа повредени.
Претседателот Црвенковски откако го посети манастирскиот комлекс Свети Архангел и Михаил, каде се наоѓаат и спомен собите на Димитар Попгеоргиев - Беровски, Дедо Иљо Малешевски, Атанас Раздолов и на Никола Петров – Русински и музејски постановки на Разловечкото и Кресненското востание, присуствуваше и на народниот собир и на заедничката трпеза на љубовта во Манастирот Пресвета Богородица.
При посетата на локалната самоуправа шефот на државата беше информиран од градоначалникот на Берово Венко Пашалиски за актуелните кумунални и инфраструктурни проблеми и потреби, зафатите на културен и стопански план со особена нагласка на развојот на туризмот.

ЦУК: СЕ УШТЕ АКТИВНИ НЕКОЛКУ ПОЖАРИ ВО МАКЕДОНИЈА

Во Македонија денеска активни се повеќе пожари, соопшти Центарот за управување со кризи.
Повторно е активиран пожарот помеѓу селата Добовјани и Татеши кај Струшко, каде е зафатена површина од 20 хектари ниско стеблеста шума. Нов пожар во кој гори борова шума изби и во Ќафасан. Пожарот е локализиран.
Центарот соопшти исто така дека повторно е активиран и пожарот во реонот на село Ореше, во месноста Орешка Чука, кај Велес, каде е зафатена 10-годишна шума од даб и бука. На теренот се 20 лица од Шумското стопанство, кои работат на негово гаснење.
Во Прилепско, локализиран е пожарот во атарот на селата Небрегово и Горно село. Од пожарот е зфатена дабова шума и смрека на површина од околу 50 хектари. Екипа на локалното Шумско стопанство е на терен за да ја контролира состојбата.
Под конторла е и пожарот во атарот на селата Боишта и Церово, кај Демир Хисар, каде 10 работници на шумското стопанство се на терен. Се очекува пожарот, од кој се зафатени околу 300 хектари дабова и борова шума, смрека и сува трева, да биде изгаснат во текот на денот.
Пожарот на планината Галичица, кој доцна синоќа се обнови на потегот од месноста Самар – Водена Бука и врвот Гога, е изгаснат во раните утрински часови. Со пожарот се зафатени сува трева и остатоци од Сеча.
Целосно е локализиран и пожарот во с.Горно Јаболчиште од кој беше опожарена ниска шума и сува трева.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПОДРРШКА ОД ЛИТВАНИЈА ЗА   ЕУ И НАТО

Македонија има силна поддршка од Литванија за ЕУ и НАТО. Двете земји покрај добрите политички односи треба интензивно да ги развиваат и економските релации, оценија македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски и шефот на литванската дипломатија Петрас Ваитиекунас по денешната средба во Скопје.
- Македонија секогаш може да смета на поддршка од Литванија во процесот на евро и евроатлантско интегрирање, рече Ваитекунас посочувајќи оти дури 68 проценти од граѓаните на неговата земја, според последните анкети, се за проширување на Европската унија.
- Пријатно сум изненаден од економскиот и политичкиот прогрес на Македонија и очекувам тоа да биде содржано во ноемврискиот извештај на Европската комисија, истакна литванскиот министер за надворешни работи. Тој очекува и покана за Македонија на следниот Самит на НАТО.
Министерот Милошоски рече дека Македонија сака да го повтори успехот на Литванија на патот кон Алијансата. Македонија е заинтересирана и за литванското искуство во процесот на приклучување во ЕУ.
Двајцата министри очекуваат добрата политичка соработка да биде следена и од добри економски односи. Чекор кон тоа треба да биде и договорот за избегнување на двојното оданочување што денеска во Владата ќе го потпишат шефовите на дипломатиите на двете земји.
Министерот Ваитиекунас за време на посетата е придружуван од група литвански бизнисмени, на кои, како што рече шефот на македонската дипломатија Милошоски, ќе им бидат презентирани можностите за инвестирање во Македонија.
- Литванските бизнисмени вложија стотици милиони долари во регионот и сакаат тоа да го сторат и во Македонија, истакна Ваитиекунас. Тој најави и дека ќе бидат поканети македонски стопанственици за да се запознаат со бизнис потенцијалите на Литванија.
Тридневниот престој во Македонија литванскиот министер за надворешни работи денеска го продолжува со средби со претседателот Бранко Црвенковски, со премиерот Никола Груевски и со претседателот на Собранието Љубиша Георгиевски. Попладне во придружба на министерот Милошоски заминува за Охрид.