ИНФО                                           
     
  СОБРАНИЕТО УСВОИ ОДЛУКА ЗА ИСПРАЌАЊЕ МЕДИЦИНСКИ ТИМ НА АРМ ВО АВГАНИСТАН

Собранието претпладнево едногласно ја усвои Одлуката за испраќање медицински тим на Армијата на Република Македонија за учество во мировната операција во Авганистан.
На почетокот на август четворица припадници на АРМ ќе бидат испратени во Кабул во мисијата ИСАФ. Министерот за одбрана Лазар Еленовски соопшти дека се работи за стандардна ротација на медицински тим што е формиран заедно со партнерите од Јадранската група - Хрватска и Албанија.
Независниот пратеник Есад Рахиќ и Лазар Китановски од СДСМ побараа Министерството за одбрана на Собранието да му достави збирен извештај за се што е направено во последните пет години од учеството на македонските војници во странските мисии. Министерот Еленовски рече дека таква информација ќе биде подготвена и ќе му биде доставена на Парламентот.
По 15-минутна пауза, пратениците ќе ја продолжат 55-та собраниска седница посветена на ребалансот на Буџетот на Република Макеоднија за 2007 година.

НАЕСЕН ПРЕМИЕРА НА ФИЛМОТ „СЕНКИ“ ОД МИЛЧО МАНЧЕВСКИ

Режисерот Милчо Манчевски во интервју за Гласот на Америка, програма на македонски јазик изјави дека се надева оти монтажата на неговиот најнов филм „Сенки“ ќе биде готова до првата половина на септември, а дистрибутерот - светски познатата куќа „Баварија филм“ ќе одлучи каде ќе се одржи промоцијата. Монтажата на „Сенки“ тој ја завршува во студиото на „Голд Крест Продакшн“ во Њујорк.
- Филмовите што ги работам ги гледам како филмови за луѓе, а не за локации. Многу ми е драго кога таа приказна функционира и кога би ја снимиле на друго место. Често ми се случува да чујам коментари, на оние кои го гледале „Пред дождот“ – е оваа приказна можеше да случи и во мојата татковина Кашмир или на некое место на Блискиот Исток, вели Манчевски во одговор на прашањето дали се уште инспирацијата за своите филмови ја црпи од Македонија.
Зборувајќи за својот најнов филм, Манчевски вели дека „Сенки“ е приказна која може да се сведе на една реченица. – Понекогаш мртвите зборуваат погласно од живите. Тоа е современ филм, кој се случува во денешницата, или како ние како луѓе се однесуваме кон својата заедница, кон предците, кон неродените, кон нашите морални обврски, изјавува Манчевски.
При изборот на екипата за „Сенки“ Манчевски се водел од критериумот тие да се вистински професионалци кои знаат да си ја завршат работата. - Секогаш во прв план ми е важно да работи некој од Македонија, затоа што филмот е најголем дел македонски, но и со крајна цел да се дошколуваат голем број кадри и филмски работници од Македонија, посочува Манчевски.
Режисерот се надева најновиот филм да биде готов до почетокот на септември, а премиерата би била наесен. Се уште не одлучил на кој фестивал ќе биде премиерата на „Сенки“. „Баварија филмс“ ги има правата за светската дистрибуција, ќе даде предлог, па потоа ќе размисли – каде би играл прво филмот.
Неодамна Манчевски од Владата доби почесна титула амбасадор на културата на Република Македонија. - Тоа е признание и одговорност, но мене не ми треба официјална титула да чувствувам одговорност кон земјата од која доаѓам, кон луѓето со кои сум израснал, кои на некој начин, сакал или не, ги претставувам. Се чувствувам обврзан, секој мој јавен збор искажан низ светот да морам да го „измерам“, затоа што се гледа како збор кажан од многу мои сонародници. Од една страна, тоа е убаво, но од друга е товар и одговорност, истакнува македонскиот режисер во интервјуто за Гласот на Америка на македонски јазик.
Според него, за да може достојно да се презентира македонската култура во светот потребни се дела, но и организиран систем со цел државата да стои зад сето тоа.
- Ниту еден поединец не може тоа да го направи сам по себе, смета Манчевски. Во буџетот на „Сенки“ од околу 4,5 милиони евра, во кој македонското Министерство за култура учествува со половина, партиципираат ко-продуценти од Шпанија, Германија, Бугарија и од Италија.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ОДРЖАН ЧЕТВРИОТ СОСТАНОК НА СОВЕТОТ ЗА СТАБИЛИЗАЦИЈА И АСОЦИЈАЦИЈА ПОМЕЃУ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И ЕУ

Република Македонија има имплементирано најголем број од обврските што произлегуваат од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, оценето е на вчерашниот четврти состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и ЕУ што се одржа во седиштето на Унијата.
Советот ја поздравува силната заложба на Македонија за напредок во реформите со цел исполнување на условите за побрзо започнување на преговорите, се вели во заклучоците од состанокот. Заклучоците по состанокот на прес-конференција ги објави министерот за надворешни работи Антонио Милошоски која ја предводи македонската делегација во Брисел и државниот секретар за европски прашања на Португалското претседтелство со ЕУ, Мануел Лобов Антунеш.
ЕУ го поздравува обновениот политички дијалог и владината посветеност за обезбедување поддршка од сите политички субјекти за засилување на европската агенда, рече Антунеш и подвлече дека стабилни и функционални демократски институции се јадрото на политичките критериуми. Тој истакна дека ЕУ гледа напред и на обновениот и конструктивен политички дијалог за прашањата од фундаменталниот национален интерес.
Советот денеска во Брисел го поздрави напредокот на Македонија во повеќе области, пред се напредокот кој се однесува на реформите во јавната администрација, регионалната соработка и добрососедските односи.
Поздравувајќи ги договорите за визни олеснувања и реадмисија, Советот за стабилизација и асоцијација укажа и на можностите за нивно порано стапувања на сила.
Што се однесува до економските критериуми, Советот го поздрави напредокот во подобрувањето на бизнис-инвестициската клима, како и продолжувањето на макроекономската стабилност и фискалната дисциплина, а пред се напредокот во царината, транспортот, внатрешниот пазар и конкуренцијата во телекомуникацискиот сектор.
Во однос на судските реформи Советот повика на продолжување на напорите за нивна целосна имплементација, како и за донесување на останатите законски акти поврзани со Јавното обвинителство. Советот го поздрави и напредокот во подготовките за стапување на сила на Законот за полиција и ја нагласи важноста на дијалогот помеѓу Владата и опозицијата за да се озбезбеди имплементацијата.
ЕУ ја поздрави и политичката волја покажана во борбата против корупцијата и последните резултати постигнати на ова поле, но подвлекува дека само со продолжување и со ефикасна имплементција на усвоените мерки и постојана политичка заложба ќе има вистинско влијание во борбата против овој феномен.
Во однос на Западен Балкан ЕУ го поздрави активното учество на Република Македонија во новите реформи на регионална соработка на ЈИЕ. Антунеш рече дека ЕУ ја поздравува и постојаната поддршка што Репбулика Македонија ја дава на меѓународната заедница за решавање на стаусот на Косово, а го поздрави и учеството на Македонија во мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина.
Единствената забелешка од Советот се однесува на високото ниво на невработеност во Македонија и притоа ја поттикнува Владата за јакнење на мерките за подобрување на пазарот на трудот и продолжување на структурните реформи кои се потребни за позитивното влијание во економијата.
Министерот Милошоски рече дека Европската комисија го забележува напредокот што Македонија го постигнува, на што заменик-директорот на Директоратот за проширување Јан Тручински, кој присуствувше на прес конференцијата, се надоврза и рече дека ЕУ објективно го оценува напредокот што е постигнат во земјата. Тој притоа истакна дека особено важно е континуиран успех во реформите.
Со годинашниот состанок во Брисел претседаваше министерот за надворешни работи на Република Македонија Антонио Милошоски. Македонија ја претставуваа вицепремиерите Имер Алиу и Зоран Ставревски и министрите за внатрешни работи и за правда Гордана Јанкуловска и Михајло Маневски, како и европратеникот Ерван Фуере.
Во состав на делегацијата на ЕУ покрај државниот секретар Антунеш беа и министерот за надворешни работи на Словенија Димитриј Рупел и претставници на земјите членки, Советот на ЕУ и Европската комисија.