ИНФО                                           
     
  СРЕДБА МА ЕЛЕНОВСКИ И ГЕНЕРАЛ СТОЈАНОВСКИ СО ЗАМЕНИК-ВРХОВНИОТ КОМАНДАНТ НА СОЈУЗНИЧКАТА КОМАНДА ЗА ЕВРОПА

Министерот за одбрана Лазар Еленовски и началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија Мирослав Стојановски имаа работна средба со генерал Џон Рид, заменик - врховен командант на сојузничката команда за Европа.
Постигнувањата на Република Македонија во одбранбените реформи, прашањето за Косово, помошта што Република Македонија ја дава на новите земји од Пртнерството за ми, како и во делот на опремувањето и логистиката, беа темите на кои е разговарано на денешната средба.
Министерот Еленовски и генералот Рид, како што денеска соопшти Министерството за одбрана, се согласиле дека реформите напредуваат со одлично темпо, а Министерството за одбрана и АРМ ќе бидат целосно подготвени пред следниот НАТО Самит во Букурешт.
Генералот Рид изразувајќи задоволство од учеството на македонските војници во мировните мисии, нагласил дека Република Македонија е на добар пат за членство во НАТО. Истовремено тој ја истакнал и потребата за покажување поголема политичка зрелост.
Како што се наведува во соопштението, министерот за одбрана Еленовски уште еднаш го потврдил ставот на Владата околу прашањето за Косово дека Република Македонија ќе застане зад секое решение што ќе произлезе од ОН.

ПОТПИШАН ДОГОВОР ЗА ИЗГРАДБА НА ПЕТ СПОРТСКИ САЛИ ЗА УНИВЕРЗИТЕТИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА

Агенцијата за млади и спорт годинава ќе почне да гради пет спортски сали наменети за четирите државни универзитети и една за Факултетот за физичка култура, а намерата ја официјализираше со Договор што денеска го потпиша заедно со високообразовните институции и Министерството за образование и наука.
Со Договорот, Агенцијата се обврзува петте спортски сали да му ги предаде на Министерството за образование и наука, кое ќе им ги даде на користење на универзитетите во Скопје, Битола, Тетово и Штип и на Факултетот за физичка култура.
- Изградбата на салата во Битола е почната и таа треба да биде завршена во октомври годинава. Останатите четири сали ќе почнат да се градат до крајот на оваа година, а до пролетта 2008 сите треба да бидат готови, рече директорот на Агенцијата за млади и спорт Ивица Георгиевски.
Салите ќе имаат и полна спортска опрема. Георгиевски соопшти дека се избрани и нивните имиња - „Св. Кирил и Методиј“ за Скопскиот универзитет, „Павел Шатев“ за Битолскиот, „Сала на млади“ за Универзитетот во Тетово, „Јордан Мијалков“ ќе се вика салата на Универзитетот во Штип, а „Македонски херои“ ќе го носи името на салата на Факултетот за физичка култура. Ова се пет од вкупно 35 спортски сали, што ги гради Агенцијата за млади и спорт. Останатите 30 се наменети за основното и средното образование и од нив десетина се во фаза на изградба.
Министерот зз образование Сулејман Рушити рече дека овие, заедно со околу 190 спортски сали што ќе ги гради Министерството, се можност за едукација на учениците и студентите, но и достапни за рекреација на граѓаните во населените места каде што ќе бидат изградени.
Ректорите на универзитетите се заблагодарија за иницијативата на Владата да инвестира во спортски објекти за универзитетите и нагласија дека е направен правилен избор на приоритети, со оглед на тоа што најбројната популација што се занимава со спорт се студентите. Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Ѓорѓи Мартиновски рече дека Универзитетот досега бил изземен од ваков вид инвестиции и дека со изградбата на спортската сала ќе биде задоволена нужна потреба на младите. Тој додаде дека салата ќе биде користена и за културни и други значајни манифестации, бидејќи Универзитетот досега изнајмувал простор.
Деканот на Факултетот за физичка култура Душко Иванов, посочувајќи дека со спортските сали ќе се подобрат просторно-материјалните услови, рече дека Факултетот на оваа иницијатива ќе одговори со производство на професионален кадар.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  МИЛОШОСКИ ВО ШАНГАЈ: ПОЛИТИЧКИТЕ ОДНОСИ МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И КИНА СЕ ОДЛИЧНИ, ЕКОНОМСКИТЕ ТРЕБА ДА БИДАТ ЦВРСТИ КАКО ПОЛИТИЧКИТЕ

Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, кој од вчера престојува во тридневна официјална посета посета на Народна Република Кина, денеска во Шангај се сретна со претставници на шангајскиот Совет за промоција на меѓународна трговија (CCPIT) и на ZTE, една од најголемите кинески телекомуникациски компании и производител на дигитална опрема.
На средбите, јави известувачот на МИА од Шангај, беше изразено задоволство од високото ниво на билатералните односи меѓу двете земји и беа разгледани можностите за унапредување на економската соработка.
- Политичките односи меѓу Македонија и Кина се одлични, но денес е незамисливо да си во Кина, а да не зборуваш со кинеската бизнис заедница. Економските односи треба да бидат цврсти како политичките, рече Милошоски и посочи дека искуствата на Шангај можат да придонесат за развој на македонската економија.
Македонија, истакна шефот на дипломатијата, интензивно ги спроведува и реформите во судството што ќе овозможи, како што рече, странските инвеститори да се чувствуваат безбедно.
Тој најави дека во септември вицепремиерот Зоран Ставрески и директорот на Агенцијата за странски инвестиции Виктор Мизо ќе ја посетат Кина со цел подобро да се промовира македонското стопанство.
Во текот на разговорите со претставниците на CCPIT беше нагласена потребата од воспоставување соработка меѓу стопанските комори на Кина и Македонија. Компаниите од Шангај, како што беше посочено, учествуваат со една третина во вкупната трговска размена меѓу двете земји.
На средбата стана збор и за саемската манифестација Шангај ЕКСПО што треба да се одржи во 2010 година, а на која ќе учествува и Македонија. За Шангај ЕКСПО се пријавени учесници од 160 земји и се проценува дека ќе го посетат околу 70 до 100 милиони луѓе.
CCPIT - Шангај има 2.300 членки, компании застапени во сите екеномски сектори.
Министерот Милошоски синоќа се сретна и со заменик градоначалникот на Шангај Танг Денџие. Двете страни се согласија дека е неопходна интензивна соработка, посебно на економски план.
- Шангај е најголем економски центар во Кина. Годишно реализира околу една четвртина од вкупната трговска размена на земјата, со инвестиции е застапен во 120 земји ширум светот, а лани достигна 100 милијарди евра бруто домашен производ и оствари обем на размена од 540 милиони тони, истакна Денџие.
Во Шангај, како што рече Денџие, има 62 конзуларни претставништва и седишта на 100 меѓународни организации и странски медиуми, едно од најголемите пристаништа со остварен обем на размена од 540 милиони тони во 2006 година.
Милошоски, пак, ги презентира можностите на Македонија за привлекување странски инвестиции и потенцира дека Владата забрзано работи на предвидените економски реформи.
Заменик градоначалникот рече дека за поволностите во Македонија ќе ги информира и бизнисмените од другите кинески провинции.
- Кинеските стопанственици покажуваат интерес за вложување во Македонија, оцени Денџие, посочувајќи ја како пример компанијата Haier Group, која го доби тендерот за проектот „Компјутер за секој ученик“.
Утре, во Пекинг, шефот на дипломатијата ќе се сретне со својот кинески колега Јанг Џиеџи.
Предвидени се и средби со заменик претседавачот на Постојаниот комитет на Секинескиот Народен конгрес Ху Џиалу, со претседателот на кинескиот Совет за промоција на меѓународната трговија Ван Џифеи, како и со претставници на Haier Group.