ИНФО                                           
     
  ЗА БАЛКАНОТ ВИЗИТЕ ДА НЕ ПОСКАПУВААТ

Комесарите за правда и за проширување, Франко Фратини и Оли Рен, најавија дека преговорите за олеснување на визниот режим со земјите на ЕУ ќе почнат на 30 ноември. Истовремено тие добија мандат од шефовите на европските дипломатии за почеток на постапката. Првата ноемвриска рунда преговори ќе се одржи со сите балкански земји кои имаат визен режим со ЕУ: Албанија, Босна, Македонија, Црна Гора и Србија.
Брисел доби дозвола за Балканот визите да не поскапуваат. Освен тоа, за некои категории граѓани ќе се поедностават процедурите и бројот на потребните документи за издавање виза, а за истите категории ќе биде полесно да добијат мултивлезна виза, за подолг период. Некои визи ќе можат да бидат и бесплатни.

ТУЖБА ПРОТИВ МАКЕДОНИЈА

Словенечката компанија "ХСК" од Љубљана покрена тужба против Македонија и бара отштета од десеттина милиони евра зашто Министерството за економија без судска пресуда & ја одзела концесијата за ископување мермер во реонот на прилепското село Витолиште. Тужбата е поднесена и против Тајиб Муратовиќ, сопственик на скопската фирма "Еуро гранити", кој учествувал во препродажбата на концесијата на грчка фирма.
Тие се чудат како е можно истата концесија, која е одземена надвор од законската постапка и за која се води судски спор, Министерството за економија повторно да му ја додели на Тајиб Муратовиќ.

СОТИР МИТРЕВ ПОВТОРНО ПОМАГА

Македонскиот иселеник во Австралија, Сотир Митрев, на пошироката јавност познат по неговите хуманитарни активности, и натаму продолжува со својата неограничена хуманитарна работа. По неодамнешото испраќање на голема хуманитарна помош за болницата во Битола, деновиве во овој град пристигна нова пратка помош. Според Митрев, на Домот за стари лица во Битола им подарил 35 вреќи брашно, 15 вреќи грав, исто толку вреќи ориз и 10 вреќи шеќер. Пратката лично ја примил градоначалникот на Битола, Владимир Талевски.
Македонскиот хуманитарец Сотир Митрев веќе подготовува нова пратка на храна, која ќе биде наменета за народните кујни, кои функционираат во рамките на Македонската православна црква.

ОДБЕЛЕЖАН ДЕНОТ НА ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА СКОПЈЕ

Со положување на свежи цвеќиња пред Споменикот на ослободителите кај Владата на РМ се обележаа 62 години од ослободувањето на Скопје. Пред споменикот се поклонија борци кои учествувале во ослободувањето на главниот град, како и градоначалникот на Скопје, Трифун Костовски, претседателот Бранко Црвенковски, градоначалници на неколку скопски општини итн.

ЕЛЕНА РИСТЕСКА ЗАШТИТНО ЛИЦЕ НА НОВАТА ОПЕЛ КОРСА

"Авто Куќа" продолжува со промотивни активности во кои се вклучени личности, кои оставаат силен печат во јавниот живот во државата. Така, од 6 ноември беше претставена новата кампања за промоција на новата Опел Корса во соработка со М2 продукција и Елена Ристеска, која стана заштитно лице. Според договорот, младата пејачка следната година ќе биде сопственик на нова Опел Корса 1.2 Спорт. Во изминатиот период Опел интензивно работи на промена и на подобрување на својот имиџ, во согласност со современите животни трендови. Динамичноста, младешкиот дух и креативноста се основните карактеристики кои во себе ги носат новите автомобили од овој бренд.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПРОДОЛЖУВА СОБРАНИСКАТА ДЕБАТА ЗА РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ

Собранието на Република Македонија денеска треба да ја продолжи расправата по предложените измени и дополнувања на Буџетот за 2006 година.
Претседателот на Парламентот Љубиша Георгиевски вчера информира дека Владата подготвува амандман со кој се интервенира во предложенот ребаланс, а се однесува на одвојување средства за решавање на енергетската криза.
За владиниот амандман денеска треба да расправаат собраниските комисии за финансирање и буџет и за земјоделство.
Во Собранието ќе заседава и Комисијата за европски прашања. Амбасадорот на ЕУ Ерван Фуере пред членовите на Комсијата ќе го презентира Годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија - 2006 година.

ПРОТЕСТИ ПРОТИВ ШЕНГЕН БАРИЕРИТЕ

Мирен уличен протест против постоењето на Шенген визниот систем ќе се одржи денеска во Скопје, координирано со слични акции закажани низ европскиte главни градови.
Целта на масовниот протест, што го организираат шест младински организации, е уривање на Шенген системот и ширење на демократските вредности во Европа.
„Најголемите губитници со постоење на Шенген-системот се токму младите. Цениме дека не можеме да дискутираме за европски димензии во образованието, мобилност, корупција, демократија и толеранција, се додека македонската младина е заробена во сопствената држава“, се наведува во соопштението на организаторите.
Денот на кампањата е симболично одбран, и се совпаѓа со денот на падот на Берлинскиот ѕид.