ИНФО                                           
     
  ЗАМИНА ВЕЛИКАНОТ НА МАКЕДОНСКАТА КНИЖЕВНОСТ

Петре М. Андреевски (роден во село Слоештица, Демирхисарско), истакнат поет, романсиер, раскажувач, драмски автор, писател, почина на 72 години.
Со смртта на нашиот академик, Македонија изгуби автор чии дела оставија силен печат на македонската книжевност. Неговите романи "Пиреј", "Последните селани", "Тунел" ќе останат запомнети како антологиски дела во историјата на македонската литература.
"Со неговата смрт македонската литература и култура губат еден од најзначајните творци, кој остави длабоки траги со врвни остварувања во доменот на поезијата, романот, расказот и драмата", велат од Друштвото на писателите на Македонија, на чие чело беше и тој.
Триесеттина дела го сочинуваат неговото обемно творештво. Освен романите, зад себе остава и повеќе поетски збирки "И на небо и на земја", "Пофалби и поплаки", "Лакримарија", како и со легендарната поетска книга "Дениција", во која Андреевски, преку пишаниот збор, говореше за љубовта и за патриотизмот.
Македонскиот книжевен великан е добитник на престижни награди и признанија: "11 Октомври", Рациново признание, "Книжевно жезло", а по два пати ги доби и наградите "Браќа Миладиновци" - за најдобро поетско дело и "Стале Попов" - за најдобар роман.
Неговите песни и романи се објавени на повеќе јазици во Европа. Последен пат во книжевната јавност се појави како претседател на жирито кое ја додели наградата за најдобра поема, "Григор Прличев". Тогаш Андреевски порача дека домашните читатели и книжевници треба да бидат среќни што во историјата на нашата литература постоеле големи автори, како што е, Григор Прличев и додаде дека делата на тие творци треба уште повеќе да се почитуваат.

НЕМА ЗАМРЗНУВАЊЕ НА ПРЕГОВОРИТЕ ЗА ВЛЕЗ ВО ЕУ

Европскиот претставник во Македонија, Ерван Фуере, на средбата со Габриела Коневска-Трајковска изјави дека Уставот на ЕУ ќе биде еден од приоритетите на германското претседателство од први јануари идната година, но тоа нема да влијае на темпото на преговорите за членство во Унијата, бидејќи Брисел се уште очекува сите земји од Балканот да станат членки. Според него, ЕУ е решена да ги продолжи неопходните реформи за да се подготви за идните проширувања, а тоа требало да ја охрабри Македонија да ги заврши своите задачи - политички, економски и социјални реформи.
"За Македонија е битно дека нема замрзнување на преговорите и забавување на процесот, бидејќи критериумите нема да се менуваат. Можно е само засилување на мониторингот", додаде Коневска-Трајковска.

ЗАКОН ЗА ЗАШТИТА НА ПАЦИЕНТИТЕ

Според министерот за здравство, Имер Селмани, пациентите не се заштитени, поради што ќе се донесе закон со кој ќе бидат загарантирани нивните права, а оние кои не се задоволни ќе можат тоа да го пријават на телефонска линија. Тој предупреди дека ќе се засили контролата и во јавното и во приватното здравство, со менаџери кои, покрај стручните директори-лекари, ќе раководат со болниците.
Ќе се контролира се - од изгледот на болницата или клиниката до хигиената, честењето со кафе, работата на раководниот кадар. Мора да се зголеми квалитетот на услугите кои се даваат во здравствените установи и рационално да се троши ограничениот здравствен денар. Менаџерите ќе ги контролираат стручните директори преку "врзани потписи", а оној кој не е кадарен да ја извршува таа функција, воопшто и нека не се нафаќа, порачува Селмани.
По осамостојувањето клиниките и болниците ќе мора да им даваат и други услуги на пациентите. Тој одржа состанок со претставниците на Светска банка, на кој било забележано дека доцниме со спроведувањето на реформите во здравството.

ПОВИК ЗА ТРЕТА ГЕНЕРАЦИЈА МОБИЛНА ТЕЛЕФОНИЈА

Агенцијата за електронски комуникации објави повик за доделување радиофреквенција за мобилна телефонија. Овој чекор на Агенцијата следува по критиките од Владата дека го попречува изборното ветување оти во рок од 60 дена од нејзиното формирање ќе распише тендер за трет мобилен оператор. Поради тоа, Владата подготви законски измени за смена на членовите на Комисијата и на директорот на Агенцијата со образложение дека тие не успеале да овозможат ефикасна конкуренција на телекомуникацискиот пазар, а со тоа и поевтини телефонски и Интернет услуги за граѓаните.
Агенцијата ги повикува сите заинтересирани субјекти да ја искажат заинтересираноста за добивање радиофреквенции во опсезите за ГСМ 900 и 1800 и за трета генерација мобилна телефонија (3Г) - УМТС.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  АГРОФУД 2006 - ДЕБАТА: МАКЕДОНИЈА МОРА ИТНО ДА ГИ ДОНЕСЕ ЗАКОНОТ И СТРАТЕГИЈАТА ЗА ЗЕМЈОДЕЛСТВО И РУРАЛЕН РАЗВОЈ

Законот и националната стратегија за земјоделство и рурален развој мора итно да се донесат. Овие документи се клучни за спроведување на предвидените реформи во аграрот што треба да ја приближат Македонија до Европската унија и да и овозможат користење на средствата од претпристапните фондови.
Ова е заклучокот од денешната расправа на тема „Приближувањето на македонското земјоделство до ЕУ“ што се одржа во рамки на меѓународниот саем АГРОФУД 2006.
Според експертите, неопходно е законот и стратегијата за земјоделство да се донесат истовремено, односно да добијат политичка поддршка на највисоко ниво - и од Владата и од Парламентот.
Обраќајќи се пред присутните, ресорниот министер Ацо Спасеноски информира дека се во тек интензивни подготовки за прифаќање на новиот инструмент за претпристапна помош ИПА што Македонија ќе има право да го користи од почетокот на 2007 година.
- Македонија очекува најголема корист од ИПАРД како една од компонентите на ИПА која се однесува на руралниот развој. За нејзино искористување треба да се изготви соодветна програма и да се формира Агенција. Министерството преку КАРДС проектот за структурни и правни реформи веќе почна подготовки за усвојување на неопходното законодавство и воспоставување административни структури што ќе работат со инструментите на ЕУ за рурален развој, рече Спасеноски.
Toj додаде дека е обезбедена техничка помош за формирање на ИАПРД Агенцијата, но повеќе напори, како што истакна, ќе мора да се вложат за нејзино акредитирање до втората половина на 2007 година или најдоцна до првиот квартал на 2008.
- Мерките што треба да се поддржат преку ИПАРД имаат за цел да ги подобрат ефикасноста на пазарот, квалитетот и здравствените стандарди, како и да креираат нови работни места во руралните средини, посочи министерот за земјоделство.
За руралниот развој се очекува кредитна поддршка во висина од 48 милиони евра. Начинот на финансирање предвидува крајните корисници на почеток целосно да ја платат планираната инвестиција. Потоа, како што објасни раководителот на сектор за меѓународна соработка и евроинтеграција Живко Брајковски, ИПАРД Агенцијата го контролира целиот процес и доколку е се во ред со постапката и документацијата, за најдоцна два месеца му враќа 50 отсто од средствата на корисникот.
- Половина од вкупната инвестиција е фактички учество на крајните корисници, за 75 проценти од другата половина се грижи ЕУ, а останатите 25 отсто се обезбедуваат од Буџетот на Македонија, рече Брајковски.
Координаторот на ГТЗ проектот во земјава Бобан Илиќ изрази сомневање дека законот за земјоделство ќе се донесе до крајот на годинава и ги посочи слабостите поради кои, според него, аграрните реформи стагнираат.
- Законот со најмалку 150 подзаконски акти кој практично треба да претставува устав за земјоделството, и стратегијата, се клучните документи со кои ќе се дефинираат реформите на земјоделската политика, институциите и прописите, односно легислативата. Институционалните реформи се најтешко прашање кое никој не го третира веќе 10 години, нагласи Илиќ.
Тој порача дека Министерството за земјоделство мора да се реформира итно, ако е можно уште во наредните неколку месеци. - Мора да го смениме начинот на размислување, да обезбедиме континуитет, стручност, европско ниво на едукација и опрема за административниот апарат. Треба да се погрижиме и за заокружување на процесот на донесување подзаконски акти, но и за досегашната пракса на нецелосна примена на законите, рече Илиќ.
Владата во јули годинава одлучи помошта од ИПАРД да биде насочена кон потсекторите овошје и зеленшук, млеко, месо и грозје и вино.