ИНФО                                           
     
  БУГАРИЈА НЕ САКА МАКЕДОНСКА АГРЕСИЈА

Министерот за надворешни работи на Бугарија, Ивајло Калфин, изјави дека Македонија ќе мора да се држи до исполнувањето на одредени услови, доколку сака и натаму да ја има бугарската поддршка за ЕУ и за НАТО.
"Бугарија ги поддржува Македонија и Турција, но таа поддршка нема да биде безусловна. Ние особено ќе следиме Македонија да не пројавува агресија кон бугарската историја и нација", додаде бугарскиот министер Калфин.
"Бугарското Министерство за надворешни работи не ми понуди средба на соодветно дипломатско ниво. Чекам да го направи тоа, за да ја остварам таа средба, на која ќе побарам објаснување за изјавата на шефот на бугарската дипломатија, Ивајло Калфин", изјави македонскиот амбасадор во Софија, Абдурахман Алити, кој додаде дека бугарското МНР му понудило средба на многу ниско ниво.
Амбасадорот Алити вели дека побарал средба со директорот на Дирекцијата Европа 1 во бугарското МНР, Христо Георгиев, која, како што му било речено, не се остварила поради неговата презафатеност. Официјална Софија, пак, ја дообјасни изјавата на Калфин преку неговиот заменик, Љубомир Кјучков, кој за бугарската агенција "Фокус" рече: "За да нема сенка на добрососедските односи, во нив не треба да има елементи кои совршено јасно и единствено покажуваат дека би можеле да предизвикаат проблеми. Тоа сакаше да каже министерот". Тој уште истакна дека Бугарија ја поддржува и натаму ќе ја поддржува евроатлантската интеграција на Западен Балкан, а во таа смисла и на Македонија, затоа што тоа е во интерес на Бугарија и на земјите од регионот.

ЕВРОПСКАТА СЛОБОДНА АЛИЈАНСА ЈА ПОДДРЖУВА ОМО "ИЛИНДЕН" ПИРИН

На 18 јули годинава Европската слободна алијанса испрати писма со идентична содржина до претседателот и до премиерот на Република Бугарија, до претседателот на Комитетот на министрите за надворешни работи на Европската унија, Елмар Брок, до претседателот на Комисијата за евроинтеграција, Оли Рен, и до белгиската Амбасада во Софија. Писмото е реакција на случувањата во Бугарија во врска со основачкото собрание на ОМО "Илинден" ПИРИН (која е член-набљудувач на Европската слободна алијанса), одржано на 25 јули во градот Гоце Делчев. Во него се дава целосна поддршка на напорите на ОМО "Илинден" ПИРИН за регистрација и се поставува барање Бугарија да го признае македонското малцинство и да им ги даде на Македонците, во своите граници, сите права загарантирани со Рамовната конвенција за заштита на националните малцинства.

ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА ИЛИНДЕН ВО ХРВАТСКА

На 30 јули во парк-шумата "Голобињак"- Општина Локве во Горски Котар, под покровителство на Советот за национални малцинства во Република Хрватска, градот Риека и Приморско - Горанска жупанија, ќе се одбележи македонскиот национален празник Илинден. На културната манифестација "Илинден 1903-2006" ќе настапи КУД "Мирче Ацев" од Прилеп.

ВЛЕЗ НА МАКЕДОНЦИТЕ СО ВИЗА ВО АЛБАНИЈА

Нема ништо од ветувањето кое пред два месеца го даде албанскиот премиер, Сали Бериша, дека македонските граѓани, без разлика на етничката припадност, нема да плаќаат визи за влез во Албанија. Туристичката сезона е во полн ек, а во сила с# уште е старата законска регулатива, според која за влез во Албанија се наплатува влезна виза за сите, освен за припадниците на албанската етничка заедница. Визата чини пет евра ако се добива во албанската Амбасада, а 10 евра на граничните премини. Дел од албанските министри го опструираат барањето на Бериша за укинување на визите и бараат мерката да биде воведена реципрочно, односно од влезна виза да се откажат и македонските власти.

БЕЗ КОНКРЕТНИ РЕЗУЛТАТИ

Како што се претпоставуваше така и заврши првата средба меѓу косовските и српските власти во палатата "Долна Австрија" во Виена. Таа не донесе конкретни резултати. Двете страни, само ги изнесоа своите спротивставени решенија за иднината на Косово. За едните, таа треба да биде независна држава, а за другите, автономна покраина во составот на Србија.
Според Тадич, Коштуница и Драшкович, широката автономија подразбира Косово да има сопствени надлежности во сите други области, освен во одбраната, надворешната политика, и таа никако да не биде членка на Обединетите нации. За косовската делегација, во која освен премиерот Чеку, и претседателот Сејдиу, беа и Хашим Тачи и Ветон Сурои, ваквото барање на Белград е неприфатливо. Независна држава и тоа во текот на оваа година, во која сите би имале еднакви права, е ставот кој го застапува косовската делегација.

НОВО ЖАРИШТЕ НА ПТИЧЈИ ГРИП ВО БУГАРИЈА

Во Бугарија е регистрирано ново жариште на птичји грип, само неколку дена откако Македонија ја укина забраната за лов на диви птици. Опасната болест е откриена кај домашна живина во селото Слнчоглед во околината на Крџали. Дополнителните испитувања на примероците од мртвите птици треба да откријат со кој тип вирус од птичји грип била заразена живината. Од македонското Министерство за земјоделство велат дека нема потреба од кревање паника, бидејќи засега во Македонија ја нема оваа смртоносна болест.

ТРАДИЦИОНАЛНА ПОГРАНИЧНА СРЕДБА ВО ТРНОВО

На 30 јули, Македонците протерани од Грција по Граѓанската војна ќе се соберат на традиционалната погранична средба во потпелистерското село Трново. Учесниците на средбата, 26. по ред, ќе ја искористат за уште еднаш да го свртат вниманието на светската јавност на обесправеноста, која им е нанесена на повеќе од 186.000 протерани Македонци.
Организаторот, Заедницата на организациите на етничките Македонци протерани од Грција, очекува во дворот на црквата "Света Недела" да се соберат повеќе од 2.000 Македонци од земјава, соседните и од прекуокеанските земји.

ТОШЕВИОТ "БОЖИЛАК"

Во ресторанот "Воденица" нашиот пејачТоше Проески го промовираше цедето со 14 стари македонски народни песни, насловено како "Божилак". Со нови аранжмани и во придружба на симфонискиот оркестар со диригентот Саша Николовски- Ѓумар, Тоше ги испеа "Бор садила мома Евгенија", "Јовано, Јованке", "Калеш Анѓа", "Си заљубив едно моме", "Со маки сум се родил"....
Новите аранжмани ги направија Ѓумар, Илија Пејовски и Сони Петровски. Снимано е во студијата на "МТВ 1" и "Аворд", кој е издавач на албумот. Извршен продуцент е Александар Герасимовски, а тон мајстор Кокан Димушевски.
Проески најави дека првиот спот од "Божилак" ќе биде дуетот со Биља Крстиќ, "Јовано, Јованке", снимката од концертот на Градскиот стадион.

СТО БЕЗ ЕДНА ПЕСНА

Во издание на "Македонска реч" излезе од печат поетската трилогија "Сто без една песна" во избор и со предговор на Светлана Христова Јоциќ. Книгата содржи три тематски избори од македонската поезија, а во секој од нив има по 99 љубовни, необични најпесни. Во трилогијата се застапени стотина автори, а основниот критериум на приредувачот било естетското ниво на песните. Изборот содржи песни од народната поезија, односно од Константин Миладинов, па до најмладите македонски поети.

ХЕПЕНИНГ ПОД ОТВОРЕНО НЕБО

Оваа година второто издание на Coca-Cola Sound Wave Festival Vol.2 powered by Cosmofon ќе се одржи на Денот на независноста - 8 Септември, на стадионот на АРМ во Градскиот парк во Скопје. Coca-Cola Sound Wave Festival Vol.2 powered by Cosmofon е 24-часовна музичка инвазија со спектакуларни странски бендови на кои ќе им се придружат и домашните групи "Фолтин" и "Д.Н.О.", како и талентираните артисти од доменот на електронската музика Горан Кан и Роботек. Исклучителната локација (стадионот на АРМ) во непосредна близина на центарот на градот, со капацитет од 25.000 посетители, нуди уникатна можност за забава под отворено небо. Различните музички сензибилитети ќе можат да го пронајдат своето место меѓу двете концептуално различни сцени поставени на тревната површина од 8.000 метри квадратни.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ГРУЕВСКИ: ЗА ПОДОБРА МАКЕДОНИЈА ПОБЕДНИК НА ИЗБОРИТЕ - БУЧКОВСКИ: ОПОЗИЦИЈАТА ДОБИ ПОДДРШКА ОД ГРАЃАНИТЕ

ВМРО-ДПМНЕ и партнерите од коалицијата За подобра Македонија победиja на парламентарните избори, објави синоќа лидерот на партијата Никола Груевски.
- На овие избори граѓаните покажаа зрелост, донесоа мудра и смела одлука во вистински момент. По вечерашната мала прослава, од утре треба да ги почнеме процедуралните работи за формирање влада. Мора брзо да почнеме да работиме и да ја исполнуваме програмата и она што им го ветивме на граѓаните. Довербата од граѓаните за мене и за моите соработници е огромна одговорност. ВМРО-ДПМНЕ ќе формира влада на сите граѓани на Република Македонија, која ќе се ориенитра кон подигнување на животниот стандард и нема да ги дели луѓето на вмровци и сдсмовци, рече Груевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изрази благодарност за сите што излегле на гласање без разлика дали гласот го дале за коалицијата За подобра Македонија или не.
- Мораме да ја оправдаме довербата. Ни претстои период на макотрпна работа за подбра Македонија, истакна Груевски потенцирајќи дека изборите биле релатiвно мирни и фер што е заслуга на сите партии и на сите граѓани. - Тоа е предулсов Македонија да се надева на побрз прогрес кон Европската унија што ќе биде приоритет на идната влада. Приоритети ќе ни бидат и борбата за економски напредок, против сиромаштијата и корупцијата. Таа борба нема да биде ни лесна ни едноставна. Одлучни сме во борбата против криминалот и корупцијата и за подобро утре за Македонија, изјави Никола Груевски.
Со макотрпна работа и доследност на програмата, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, ќе се почувствуваат придобивките. - Нема успех преку ноќ, не ветуваме чуда и невозможни работи. Ветуваме многу работа, посветеност, чесност и одговорност. Ќе бидеме најодговорната влада на Република Македонија во изминатите 15 години, потенцира Никола Груевски.
Претседателот на СДСМ и лидер на Коалицијата За Македонија заедно Владо Бучковски, изјави дека опозицијата предводена од Никола Груевски освои најголема поддршка од граѓаните.
- Денеска победи Република Македонија. Ние уште на почетокот пред почнувањето на кампањата порачавме дека на крајот ќе бидеме задоволни ако имаме фер и демократтаски избори, ако го положиме овој европски тест и ако Македонија биде во позиција на крајот да се радува. Успехот е дека имавме исклучително добри избори, најдобро организираните досега, посочи Бучковски обраќајќи се до граѓаните.
Тој информира дека телефонски му ја честитал победата на парламентарните избори на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата За подобра Македонија Никола Груевски.
- На Груевски му посакав што е можно побргу откако ќе го добие мадатот да формира влада. Ако тоа не го направи ние сме тука. Изборите ги закажавме во лето за да не губиме време. Македонија мора да го искористи последниот квартал од годинава за силно да продолжи со реформите и да се приближува кон ЕУ и НАТО. На граѓаните им порачувам дека со СДСМ можат да бидат сигурни дека во Парламентот ќе имаат политичка опција која ќе даде се од себе за приближувањето на Македонија кон ЕУ и НАТО, порача Бучковски додавајаќи дека СДСМ е голема во успесите, но и оти достоинствено ги поднесува неуспесите.