ИНФО                                           
     
  ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ЗАГРИЖЕНА ПОРАДИ ИНЦИДЕНТИТЕ

Како што информираше портпаролот на комесарот за проширување, Кристина Наѓи, Европската комисија е сериозно и длабоко загрижена поради вестите за инцидентите во македонската изборна кампања.
"Тоа е сосема неприфатливо. Инцидентите за кои слушнавме го поткопуваат доброто одвивање на изборниот процес и на слободни, фер и демократски избори. А како што добро знаете, тоа е клучното барање на ЕУ за да може земјата да продолжи по патот на европската интеграција", вели Наѓи.
Европската комисија ги повикува сите партии да работат на нормален изборен процес, кој ќе овозможи одвивање на слободни избори.
 
     
  ИСТ ФОНТ ЗА СИТЕ ПАРТИИ

Членовите на ДИК постигнаа согласност за изгледот на гласачкото ливче за парламентарните избори. Наместо 50, тоа ќе биде 70 сантиметри, а сите носители ќе бидат напишани со девет фонт, големина на буквите. Сите партии ќе имаат ист простор од 3,5 сантиметри.
" Ги усогласивме ставовите, и тоа во смисла што фонтот на подносителите на листите, односно на партиите да биде еднаков, да нема разлика, во ист фонт и да нема разлика во просторот за која било партија", истакна претседателот на ДИК, Јован Јосифовски.
Компромисот доаѓа откако Јосифовски ја прекина седницата и најави оставка бидејќи членовите на Комисијата не го прифатија неговиот предлог коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ да добие повеќе простор на гласачкото ливче, со цел да бидат напишани сите коалициони партнери на оваа партија.
 
     
  ГРАНИЧЕН ПРЕМИН КОН АЛБАНИЈА

Министерскиот совет на Албанија донесе одлука за усвојување на договорот со македонската Влада за отворање нов граничен премин меѓу двете земји, Џепиште -Требиште.
Одлуката, како што стои на веб-страницата на албанската Влада, стапува во сила по нејзиното објавување во "Службен весник".
Албанскиот премиер Сали Бериша најави можност за укинување на визниот режим за македонските државјани, без разлика на нивната етничка припадност. Владата во Тирана, како што информираа албанските медиуми, наскоро треба да донесе одлука за либерализација на визниот режим за сите странски државјани кои планираат да ја посетат Албанија, со цел привлекување туристи.
 
 
     
  КАМПАЊА НА "ВИНОЖИТО"

Партијата на македонското малцинство во Грција "Виножито" ќе почне кампања на меѓународна сцена, истакнувајќи го непризнавањето на Македонците во Грција. Во кампањата ќе се истакне и непочитувањето од грчката држава на меѓународните стандарди, норми и конвенции за човековите права. "Виножито" почнало да остварува контакти и со познати македонски лобисти низ светот.
 
     
 

ВО МАКЕДОНИЈА СЕ УШТЕ ИМА БЕГАЛЦИ

Во Македонија се уште има 724 внатрешно раселени лица од конфликтот во 2001 година и околу 2.200 бегалци од Косово, главно, косовски Роми. За нив се грижи Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите нации (УНХЦР).
"Нема голема промена на ситуацијата во Македонија во однос на враќањето на бегалците на Косово. Чекаме да видиме како ќе се развива ситуацијата и исходот на преговорите. Останува иста паричната помош која им ја даваме на бегалците и правната помош во решавањето на нивниот статус", изјави претставничката на УНХЦР за Македонија, Кетрин Вокер.
Во минатите 12 месеци Врховниот суд одбил повеќе од 220 жалби на бегалците на одбиени барања за азил. По одбиениот азил, бегалците требало да бидат депортирани во Косово, но по барање на УНХЦР, МВР се согласило да не бидат протерани поради неизвесната безбедносна состојба во местата каде што треба да се вратат.

 
     
  КОНЕЧЕН ИЗГЛЕД НА МАКЕДОНСКИОТ ПАСОШ

Министерот за внатрешни работи Љубомир Михајловски-Џанго го презентираше конечниот изглед на новиот македонски пасош, кој го изработи германската фирма "Гизеке и Девриент", победник на тендерот за изработка на новите лични документи. Се очекува македонските граѓани да ги добијат новите лични документи кон крајот на 2006 година.
Фирмата за изработка на македонските пасоши, лични карти и возачки дозволи треба да добие 23,45 милиони евра, кои треба да бидат исплатени за 11 години. "Гизеке" ќе ги изработи пасошите со поликарбонат, кој не се раслојува и таа е единствената фирма што понуди опција електронскиот чип да биде директно вграден во поликарбонатот.
 
     
  СВЕЧЕНОСТ ВО ЧЕСТ НА БОРИС ТРАЈКОВСКИ

Во организација на Фондацијата "Борис Трајковски" на 25 јуни во Струмица ќе се обележи 50-годишнината од раѓањето на трагично загинатиот претседател на Република Македонија. По тој повод ќе се одржи Свечена академија посветена на Борис Трајковски во Националната установа - Центар за култура "Антон Панов" во Струмица, ќе биде отворена изложба на фотографии насловена како "Борис Трајковски - Меморија и визија", ќе се доделат награди по распишан литературен конкурс на тема "Борис Трајковски, наша тага и гордост", ќе се положи цвеќе пред спомен- обележјето во негова чест, "Македонија", и на крај ќе се одржи ревијален натпревар во одбојка меѓу репрезентацијата на Република Македонија (млади) и репрезентацијата на Струмица.
 
     
  БЕСПЛАТНА ЗДРАВСТВЕНАТА ЗАШТИТА ЗА ДЕЦА?

Македонскиот Хелсиншки комитет бара здравствената заштита за децата да биде бесплатна вклучувајќи ги и операциите во странство. За ова државата треба да направи договори трошоците за операциите да ги плаќа директно Фондот за здравство. За да се намалат трошоците, наместо во странство децата треба да се испраќаат на лекување во приватни установи. Претседателката на Комитетот, Мирјана Најчевска смета дека ако нема услови во приватните установи, болните деца мораат да се лекуваат во странство, но тие не треба да партиципираат во трошоците затоа што државата е должна да му обезбеди услови за лекување.
 
 
     
  "КОКИНО - 4.000 ПОДОЦНА"

Денес, на локалитетот Кокино ќе се одржи манифестацијата "Кокино - 4.000 подоцна", која ја организираат Миинистерството за култура и градот Куманово, како годинашен град на културата и Музичката младина на Македонија. Настанот се прави на рамноденица за да се види феноменот по кој астрономите докажуваат дека се работи за мегалитска опсерваторија создадена 1.800 години пред нашата ера. Идејата со музички хепенинг да се одбележи изгрејсонцето е на Кокан Димушевски и Бодан Арсовски, чиј концерт вечерта ќе биде централен на манифестацијата. Настанот ќе почне со Културното друштво "Дримкол" од Вевчани, кои преку познатите маски и паганските обичаи, ќе ја пренесе публиката во времето на почетоците на опсервацијата. Потоа ќе настапат "Стринг форсис", Кокан и Бодан со "Скици од минатото", на полноќ се "Мајовци", а потоа следува журка со млади групи и ди-џеј Деа.
 
     
  ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА ПРОЕКТ

Машинскиот факултет Скопје во соработка со Austrian Develoment Agency (ADA) почна со имплементација на проектот "Центар за развој на нови бизниси" при Универзитетот "Свети Кирил и Методиј". Во првата фаза на проектот, ADA се јавува као донатор со вкупно учество од 450.000.00 евра, а Машинскиот факултет е имплементирачка институција со сопствено учество од 50.000.00 евра. Потписници на спогодбата се амбасадорот на Австрија во Македонија, Филип Хојос и ректорот на УКИМ, Ѓорѓи Мартиновски.
 
     
  ИТАЛИЈАНСКИ ПАРИ ЗА АНТИЧКИ ГРАДОВИ

Античките градови Скупи, Стоби и Хераклеа Линкестис ќе добијат дел од донацијата на италијанската Влада вредна 3 милиони евра. Трите надлежни институции се уште не знаат колку ќе добијат од ветените пари, но знаат дека се наменети за уредување на локалитетите и за развој на културниот туризам.
Освен за локалитетите, пари се наменети и за децентрализација и за дигитализација.
 
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  САД НЕ ГИ УКИНУВААТ ВИЗИТЕ ЗА НОВИТЕ ЗЕМЈИТЕ-ЧЛЕНКИ НА ЕУ

- САД не планираат да воведат безвизен режим за граѓаните на ново примените земји во Европската унија, потврди директорот за европски прашања при Советот за национална безбедност во Белата куќа, Џуди Енсли.
Таа по средбата на САД и ЕУ во Виена нагласи дека не е променет ставот на администрацијата на Џорџ Буш по тоа прашања.
- Независно од барањата на Брисел, Вашингтон ќе продолжи да бара земјите-членки на Унијата од Источна Европа да ги исполнат критериумите за постепено укинувања на американскиот визен режим, истакна Енсли.
Таа нагласи дена на средбата во Виена се разговарало и за енергетската безбедност и за нуклеарните проблеми со Иран и Северна Кореја.