ИНФО                                           
     
  НЕМА ЕФИКАСНИ МЕХАНИЗМИ

"И покрај зголеменото присуство на Албанците во полицијата, реформите кои треба да ја запрат дискриминацијата против малцинствата напредуваат бавно", се вели во извештајот за човековите права на Амнести интернешнл.
Водечката светска невладина организација за заштита на човековите права смета дека локалните избори не обезбедиле тајност на гласањето, а при тоа многу албански жени не можеле лично да гласаат. Дискриминација има и кај ромските жени, за кои се тврди дека немаат пристап до образование, поради тоа што немаат македонско државјанство.
Организацијата забележува дека Македонија нема ефикасни механизми за казнување на семејно насилство. Од стоте случаи на семејно насилство пријавени во Тетовско кривична пријава е поднесена против 10 лица, а само едно е осудено.
Во својот извештај за Македонија Амнести интернешнл се чуди зошто поранешниот командант на ОНА, Даут Реџепи Лека, кој се појавувал на предизборни митинзи, не бил уапсен по потерница од 2004 година во врска со киднапираните Македонци во 2001 година.
 
     
  ОВЧАРОТ Е "МАФИОЗО"

Како што се ближат изборите, така премиерот сe помалку гледа организиран криминал во случајот "Бачило".
Сега му верува на обвинителот Прчевски, според кој, овчарот сe смислил сам и успеал со фалсификувани документи да ги убеди судските органи да му дадат 727.000 евра од државната каса.
"Сепак, јавниот обвинител е истражниот орган кој со предистражни дејствија, кои ги презема во овој момент веројатно има многу повеќе информации отколку што имаше Владата, кога ја даде иницијативата и кога имавме заеднички состав", изјави премиерот Владо Бучковски.
"Тоа беше пред четири седмици, претставници од Обвинителството, претставници од МВР и претставници од сите оние други органи кои требаше да им асистираат на овие две клучни институции", додаде Бучковски.
Пред само еден месец Бучковски изјави дека во случајот "Бачило" постои синџир на организиран криминал, па дури и прецизно го лоцираше - посредникот кој го избрал овчарот - Правобранителството - судството. Но, сега е омекнат во ставовите.
 
     
  ТЕПАЧКА ПРЕД СУДОТ ВО СКОПЈЕ

Инцидент пред суд. Викање, пцуење, удирање, колнење на правната држава. Сe по пресудата од шест и пол години затвор за Миле Делов, осуден дека лани во септември поради долг го уби својот лихвар Горан Митковски и го скри во багажникот во автомобил, кој го паркирал во близина на хотелот "Александар палас". Роднините на убиениот бараа доживотна казна затвор за убиецот, а судијката го прогласи Делов за непресметлив и наместо доживотна робија му пресуди шест и пол години затвор.
Пред судот и пред многубројните судски клиенти и службеници, мајката на убиениот Митковски го нападна братот на осудениот.
Мораше да интервенира и полицијата, да спречи тепачка, иако спротивставените роднини продолжија да се бркаат околу судот.
Делов беше уапсен на 8 септември, полицијата откри дека тој го убил Митковски во гаражата кога овој му барал лихварска наплата на долг.
Го застрелал, го ставил во багажникот и по четири дена, кога телото на убиениот почнало да се распаѓа, го паркирал автомобилот со телото пред скопскиот хотел.
 
     
  НОВА БРИТАНСКА АМБАСАДА

Отворањето на новата британската Амбасада изгледаше дека ќе помине како конвенционален протокол, додека не стапи на сцена принцот Едвард.
По краткиот говор околу британската поддршка кон Македонија, целата ситуација доби неочекуван пресврт. Принцот Едвард го стави подготвениот говор во џебот и со задоволство го промовираше прославениот британски хумор.
"Сакам да знаете дека ќе го сторам ова што е можно попрофесионално. Требаа години и години практика. Јас сe уште работам на практиката", изјави принцот Едвард.
 
     
 

ДЕНОТ НА МАКЕДОНСКИТЕ ПРОСВЕТИТЕЛИ

Со положување свежо цвеќе и со молебен пред споменикот на Светите Кирил и Методиј во универзитетскиот кампус во Скопје, скопскиот Универзитет го одбележа 24 Мај - Денот на македонските просветители и 57-годишнината од своето основање.
Со молебенот чиноначалствуваше Поглаварот на МПЦ Г.Г. Стефан.
На прославата на Универзитетот беа наградени најдобрите дипломирани студенти. По повод Денот на македонските просветители, Стопанската комора на Македонија организираше средба на дипломци со бизнисмени од земјава.
Денот на Свети Кирил и Методиј беше одбележан и во Рим, каде македонската делегација предводена од претседателот Бранко Црвенковски го посети гробот на Свети Кирил во базиликата "Сан Клементе", каде беше одржана и свечена литургија.

 
     
  КОНГРЕС НА ПАРТИЈАТА ЗА ЕВРОПСКА ИДНИНА

"Државата заборава дека во Охрид, Струга, Дримкол, Дебар, Жупа, Река, Кичевско живеат 'заборавени' граѓани, за кои времето застанало во XIX век. Тука сме да ја потсетиме дека овие луѓе, кои некој со понижување ги нарекува Торбеши, се сместени во резерват на необезбедени ловишта, оставени да се бранат со надежта, без комуникација со реалноста", изјави в.д. претседателот на Партијата за европска иднина, Фијат Цаноски, на првиот Конгрес на оваа партија.
"За жал, и по 15 години од прогласувањето на транзицијата и барањето нови патишта за развој на Македонија, ние сe уште не успеавме да ги дефинираме излезните решенија за надминување на најтешката криза со која досега се соочени граѓаните на нашата земја", оцени Цаноски.
Реформи во судството, економската и социјалната политика, образованието, културата, во програмата на ПЕИ предвидено е и решавање на меѓуетничките проблеми, криминалот и корупцијата.
"На нашите кадровски листи за партиски функционери за парламентарните и за локалните избори нема да се појавуваат имиња кои веќе биле на раководни политички позиции", рече Цаноски.
 
     
  КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА ПРЕД ПРОДАЖБА

Комерцијална банка од акциите ќе продава 52,8 проценти на странска банка. Акционерите се согласиле да ги продадат акциите во заеднички пакет. Од Банката велат дека 92 акционера интерно ги потпишале акционерските договори, со кои се обврзуваат дека до продажбата на банката на странци не смеат акциите да им ги продаваат на надворешни лица. Првиот човек на Банката, Хари Костов, изјави дека иако е постигнат доминантен пакет, доволно атрактивен за продажба, тој останува отворен и за други акционери кои би сакале да ги понудат своите акции на странски партнер. Во предвечерието на продажбата акционерите избраа консултантски и адвокатски куќи под чија палка ќе се изведе продажбата на Комерцијална банка.
Раководството смета дека целата постапка за преземање на Комерцијална ќе трае околу шест месеци, дури и преговорите со потенцијалните купувачи да почнат веднаш.
 
     
  ПРОМОВИРАНО ВТОРОТО ИЗДАНИЕ "ДУШАТА НА МАКЕДОНИЈА"

Неодамна, Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, го промвираше второто издание на културно-туристичкиот водич "Душата на Македонија". Со оглед на тоа што овој вид водич е прв во Македонија, затоа што во него исклучително се опфатени културните вредности на државата, како и анимација и промоција на културните институции пред пошироката домашна и странска јавност, по излегувањето на првото издание во 2004 година, во тираж од 10.000 примероци тој предизвика голем интерес. Во рамките на 131 страница, преку популарен текст на македонски и на англиски јазик и повеќе од 200 фотографии, илустрации и карти претставени се најзначајните културни споменици, објекти и манифестации во Македонија.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПРОДИ: ПРЕЗЕМАМ ОБВРСКА ДА И ПОМОГНАМ НА МАКЕДОНИЈА ДА СТАНЕ ДЕЛ ОД ЕУ

- Претседателот Бранко Црвенковски попладнево во Рим имаше средба со италијанскиот премиер Романо Проди, кому му упати честитки за победата на парламентарните избори и за изборот на новата Влада на Италија.
Како што јави специјалниот известувач на МИА од Рим, Црвенковски на средбата изјавил дека токму Проди е заслужен за одлуката Македонија да добие кандидатски статус за членство во Европската унија, бидејќи процесот на интегрирањето на земјава во ЕУ почна кога Проди беше претседател на Европската комисија.
- Токму затоа, секој успех во процесот на евроинтеграцијата на Македонија го чувствувам како заеднички, истакна Црвенковски и изрази надеж дека соработката уште повеќе ќе се интензивира.
Проди изјави дека Италија и посакува успех и самата работи на тоа Македонија да биде дел од Европската унија. - Преземам цврста обврска да и помогнам на Македонија на тој пат, истакна Проди.
Претседателот Црвенковски, кој е прв македонски државник што има средба со новиот премиер на Италија, го информираше Проди за актуелната политичка ситуација во Македонија и во тој контекст ја реафирмираше определбата на земјата за реформските процеси кои ги спроведува индивидуално и во рамките на Јадранската група.
Црвенковски и Проди оценија дека билатералните односи се на високо ниво и ја истакнаа потребата за интензивирање на економската соработка. Во таа смисла, Црвенковски ја истакна важноста на Коридорот 8, како за Македонија, така и за поширокиот регион, додавајќи дека токму италијанските институции можат да бидат координатори на овој проект.
На крајот на средбата Проди изрази надеж дека наскоро ќе ја посети Македонија.
Со средбата со Романо Проди, претседателот Црвенковски ја заврши посетата на Рим, каде што предводеше државно-црковна делегација на традиционалното чествување Македонија во чест на Св. Кирил.
Претходно, Црвенковски и членовите македонската државно-црковна делегација предводена присуствуваа на 37-от молебен на Св. Кирил, што се одржа во црквата Св. Климент во Рим. При тоа Црвенквси положи венец на Гробот на Св. Кирил.
Митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој чиноначалствуваше со свечената литургијам нагласи дека спомените се големо богатство во душата на секој човек и народ. Таков е и денешниот спомен на Св. Кирил кој со својот брат Методиј на словенскиот народ му ја даруваа просветителската светлина за познанието на својот мајчин јазик, рече Тимотеј.
- Перспективата на христијанството како едно големо семејство можеби треба да ја забележиме со усилбите на денешна Европа која ги подава своите раце на доверба кон сите народи кои ја сочинуваат, нагласи Тимотеј.
На церемонијата присуствуваше и претседателот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Цане Мојановски, скопскиот бискуп Кирил Стојанов, како и претставници на Ватикан.
На овој молебен присуствуваа и амбасадорите на Словенија, Грција, Монако, Холандија, Кореја, Филипини, Египет, Бразил, Мексико, Аргентина, Боливија, Чиле, Куба и Украина.