ИНФО                                           
     
  ДО 2020 ГОДИНА МАКЕДОНИЈА ЌЕ ВЛЕЗЕ ВО ЕУ?!

Според прогнозата објавена во Извештајот на Одделот за анализа и истражување на лондонскиот магазин "Економист", Македонија ќе стане членка на ЕУ до 2020 година. Имено, Македонија е ставена во групата со Турција и земјите од Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина и Србија и Црна Гора, со исклучок на Хрватска.
Извештајот предвидува Хрватска да стане членка на ЕУ до 2010 година, односно 2 години по најавениот прием на Бугарија и на Романија во 2007 или 2008 година.
На оваа прогноза реагираше шефицата на македонската дипломатија, Илинка Митрева: "Јас не верувам во песимистички прогнози, туку во силата на посветеноста на реформите кои Р Македонија ќе ја одведат во ЕУ", додавајќи дека државава заслужува да добие покана за наредниот круг на проширување.
 
     
  ПОКАНА ЗА НАТО ВО 2008

Во Градскиот парк во Скопје се одржа хепенинг во рамките на проектот "НАТО недела", а повод денот на Алијансата - 4 април, во организација на Евроатлантскиот совет на Македонија.
Инаку, тешко оди лобирањето на Македонија за побрз прием во НАТО. Само помалите земји-членки на НАТО, на состанокот на Северноатлантскиот совет во Брисел, не биле против Македонија, со Хрватска и Албанија, да добие покана на Самитот во Рига и полноправно членство во 2007 година. Поголемите земји-членки, меѓу кои и нашиот стратешки партнер САД, рекле "не", покани дури во 2008 година.
Самитот во Рига мора да биде самит на трансформација на Алијансата, а Самитот во 2008 година да биде самит за проширување. САД и другите поголеми земји-членки имале други планови за наредните години.
 
     
  НЕМА ФОТОДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА "БАЧИЛО"

Претседателот на Антикорупциска комисија, Михајло Маневски, тврди дека за случајот "Бачило", во кој Иснифарис Џемаили од државата доби 727.000 евра обештетување за гранатирани околу 1.000 овци, коњи и други животни, не постои фотодокументација. Според него, контроверзни и докрај незавршени работи има и во вештачењата.
"Вештачењата повеќе се занимаваат со тоа каква е вредноста на сирењето или на овците, наместо да се утврдат околностите за фактички настанатата штета, со увид на самото место".
Во врска со овој случај Маневски рече дека и исплатената камата од 300.000 евра на сопственост на животните е спорна. За Антикорупциска е нејасно со кои хеликоптери било гранатирано стадото, кога тој ден, според документите на Министерството за одбрана, авијацијата немала воени активности.
"Врховниот суд ќе постапува според својата надлежност за случајот 'Бачило' ако му биде доставен извештај од Државната комисија за спречување на корупцијата", изјави Дане Илиев.
 
     
  ПОГРАНИЧНА СОРАБОТКА МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА

Македонија и Бугарија за прекуграничната соработка првата година ќе имаат на располагање 950.000 евра, од кои половина ќе бидат наменети за т.н. мали проекти, а остатокот за реализација на поголемите инвестициони проекти. Како што посочува градоначалникот на Општина Струмица, Зоран Заев, средства ќе бидат насочени во областа на домувањето и градежништвото, комуникациите, јавниот сектор и животната средина, образованието, културата и пазарот на труд, земјоделството, индустријата, услугите, трговијата и туризмот, како и во јавната администрација и граѓанското општество. Програмата ќе трае три години и ќе биде финансиски поддржана од Европската агенција за реконструкција.
Според градоначалникот, цел на Програмата е овие проекти да придонесат и за развој на пограничните региони во двете земји.
 
     
 

КОЈ ЌЕ БИДЕ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ДИК?

Кандидатот за претседател на ДИК, за кој ќе се договорат ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, сигурно ќе биде избран од Собранието. Во телефонски разговор ова му го ветил премиерот Бучковски на лидерот на опозицијата Никола Груевски. Ветувањето следувало откако Груевски јавно кажа дека стравува од можноста парламентарното мнозинство да го изигра договорот на опозицијата со власта, бидејќи во собраниската Комисија за избори и именувања тие имаат само еден член. Раководството на ВМРО-ДПМНЕ составило листа со 10 можни кандидати. Ниту во ВМРО-ДПМНЕ, ниту во ДПА не сакаат јавно да говорат кои се можните кандидати за претседател на ДИК. Според информациите кои кружат во јавноста најмногу од кандидатите се професори на Правниот факултет, а другите се познати правници. До затворањето на овој број не беше познато името на претседателот на ДИК.

 
     
  НЕАЖУРНО СУДСТВО

Македонските судови лани сработиле само половина работа. Од повеќе од 1.650.000 предмети, судиите решиле 820.000.
Заклучок на претставувањето на годишниот извештај за работата е: неажурно судство, неопремени судови и мал број судии, но и зголемен прилив на нови предмети.
"Имаме нееднаков ангажман на судиите, имаме судови каде судиите работат под она што ние цениме дека просечно можат да завршат, неквалитетно работат, присутни се појави на неодење на работа, појави на корупција, на повластување на странки. Сe тоа, општо земено, ја чини општата слика на судството како неажурно и неефикасно", изјави Дане Илиев, претседател на Врховен суд.
 
     
  УСВОЕН ЗАКОНОТ ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ

Собранието го донесе Законот за надворешни работи, по 15 години од добивањето независност на државава. Со Законот се уредуваат вршењето надворешни работи, креирањето, утврдувањето и спроведувањето на надворешната политика, начинот и постапката на вршењето на надворешните работи од органите на државната власт, надлежноста, организацијата и работата на Министерството за надворешни работи.
 
     
  АМЕРИКАНСКИ СЕРТИФИКАТИ ЗА МАКЕДОНСКИ ХОТЕЛИ

Четири хотели од Охрид и еден од Струга добија сертификати дека имаат обучен персонал. Овој процес беше спроведен со помош на УСАИД и неговиот Проект за конкуретност, поточно со Кластерот за туризам.
Сертификатите кои ги добија хотелите "Метропол", "Фламенго", "Дончо" и комплекс "Св. Наум" од Охрид, и "Инекс-Дрим" од Струга, се потврда за завршена обука во хотелиерство и услужни дејности.
Кластерот за туризам со поддршка на Проекот за конкурентост ја идентификува оваа обука како приоритетна во напорите за привлекување странски туристи.
 
     
  ПРОМОВИРАНИ ПЕТТЕ ТОМА НА "РАСАТА НА ФИЛОЗОФИТЕ"

Издавачкиот проект на монументалната петтомна историја на филозофијата од проф. д-р Ферид Мухиќ, насловен како "Расата на филозофите", е културен настан par excellence - тоа е плод на исклучителниот филозофски хабитус на еден длабок мислител и потврда на врвното реноме на "Табернакул" како издавачка куќа. Извонредноста на овој проект се должи на фактот дека тој е автентичен, врвен и ја потврдува зрелоста на едно интелектуално милје, во случајот нашето, македонското.
Насловите на петте тома се: "Потомци на боговите", "Филозофи утешители","Филозофи аскети", "Филозофи водачи" и "Филозофи од нашата улица". Проектот почна со објавувањето на првиот том "Потомци на боговите", а го претставија проф. д-р Вера Георгиева и проф. д-р Коле Јовановски.
 
     
  ОБРАЗОВНА МАНИФЕСТАЦИЈА НА СКОПСКИ САЕМ

На Скопски саем е во тек манифестацијата "Денови на образование и кариера 2006" и "Образовни средби 2006", која се организира со цел да им се помогне на македонските студенти при изборот и селекцијата на сопствената професионална определба, институцијата каде ќе го продолжат образованието, компанијата каде би се вработиле по дипломирањето, како и обезбедување финансиски средства за студиите. Манифестацијата им е наменета на студентите од сите степени, како и на средношколците - идни студенти кои треба да ја направат сопствената селекција при изборот на идната образовна ориентација и институција, а со тоа и својата професионална определба.

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПРЕМИЕРИТЕ НА ЗЕМЈИТЕ ОД РЕГИОНОТ ГИ ПОЧНАА ПРЕГОВОРИТЕ ЗА ПРОШИРУВАЊЕ НА ЦЕФТА

Под мотото "Интегрирање во Европа преку слободна трговија во Регионот" претпладнево во Букурешт почна Самитот на претседатели на влади од земјите во Југоисточна Европа, јавува известувачот на МИА.
Средбата практично значи старт на политичките преговори за проширување и модернизирање на ЦЕФТА - Договор за слободна трговија во Централна Европа, што, според најавите, треба да завршат до крајот на годинава.
Премиерите од Македонија, Хрватска, Бугарија, БиХ, Србија, Црна Гора, Молдавија и Албанија, разменуваат мислења за досега постигнатите резултати во однос на трговска размена меѓу нивните земји. Тие ќе ги дефинираат клучните принципи на кои ќе базираат преговорите за проширување на ЦЕФТА.
Почетокот на преговорите се очекува да биде официјализиран со усвојување Декларација - документ што ќе ги содржи договорените принципи.
"Заедничкиот договор за слободна трговија во регионот ќе обезбеди квалитетна слободна конкуренција, подинамичен економски развој, зголемување на внатрешните и надворешните инвестиции, а со тоа и на вработеноста", рече македонскиот премиер Владо Бучковски во своето обраќање пред колегите од регионот.
Идната ЦЕФТА, додаде Бучковски, сигурно ќе влијае врз јакнењето на партерството меѓу државите од ЈИЕ во повеќе области, вклучувајќи ја и инфраструктурата.
"ЦЕФТА ќе придонесе и за унапредување на макроекономската стабилност, структурните реформи и побрзото адаптирање кон европските стандарди. Исто така, ќе има и големо значење за создавање добар безбедносен амбиент во регионот", истакна Бучковски.
Тој порача дека државите мора да научат да соработуваат со нивните соседи, поради што е неопходно да се зајакнат транспарентноста и заемната доверба.
"Општа проценка е дека само со регионален одржлив економски развој е можно да има одржлив безбедносен систем, демократски развој и општ напредок", потенцира претседателот на македонската Влада.
Бучковски на крајот од своето излагање уште еднаш нагласи дека Македонија е една од лидерите во регионот по бројот на склучени спогодби за слободна трговија.
Пред почетокот на Самитот, премиерот Бучковски се сретна со еврокомесарот за трговија Питер Менделсон. Во текот на разговорите, тој му нагласил на македонскиот премиер дека по заменувањето на постоечките 31 билатерален договор за слободна трговија со новата спогодба за проширување на ЦЕФТА, регионот ќе стане интересен за ЕУ во однос на инвестициите. Бучковски ја поддржал иницијативата за проширување на ЦЕФТА со нови членки, изразувајќи надеж дека со тоа во ЈИЕ, вклучувајќи ја и Македонија, ќе се зголемат странските инвестиции, бидејќи се создава огромен пазар.
Попладнево, по завршувањето на Самитот, Бучковски треба да оствари билатерални средби со австрискиот канцелар Волфганг Шисел и со албанскиот премиер Сали Бериша.
Самитот го отвори романскиот премиер Калин Попеску-Таричану, кој е воедно и организатор, со напомена дека неговата основна цел е создавање нова, подобра перспектива за регионот. "Нашата цел денеска е да понудиме нова, подобра перспектива за регионот, а клучот за тоа е креирање единствена зона на слободна трговија во Југоистоцна Европа. Договорот за формирање ваква зона ќе значи зголемување на економскиот просперитет и политичката стабилност во регионот", рече Попеску-Таричану.
Комесарот за проширување на ЕУ Оли Рен кој присуствува на Самитот, пред почетокот на преговорите оцени дека договорот за создавање единствена слободна трговска зона е одличен пример за вистинска соработка меѓу земјите од регионот и вид тренинг при нивното подготвување за членство во Унијата.
Вкупната трговска размена меѓу ЕУ И ЈИЕ лани достигна 79 милијарди евра што е за 53 отсто повеќе во однос на 2001 година. Оттогаш за 38 проценти е зголемен и извозот од земјите на Западен Балкан.
Со досегашните билатерални договори за слободна трговија, размената меѓу земјите од Југоисточна Европа се зголеми од 2,6 милјарди евра во 2002 година на над 3,5 милјарди во 2004 година.