ИНФО                                           
     
  15 ГОДИНИ ОД ФОРМИРАЊЕТО ПРВА МАКЕДОНСКА ВЛАДА

На 20 овој месец се навршија 15 години од формирањето на првата Влада во независна и суверена Република Македонија. Со тоа практично се заокружи процесот на државотворност израснат на слободарските традиции на Илинден 1903 и АСНОМ од 1944 година на македонскиот народ и на етничките заедници за создавање самостојна држава. Составот на првата Влада беше експертски, а го потврди со одлука првото повеќепартиско Собрание во 1991 година. За прв претседател беше избран академик д-р Никола Кљусев. За потпретседатели на Владата беа именувани академик Блаже Ристевски, Јован Андонов и Беќир Жута.
Во текот на изминативе 15 години македонската држава мина процес на суштествени политички и општествено-економски промени со нагласено изразен процес за наоѓање на нејзиното место како субјект во меѓународната заедница.
 
     
  БРИСЕЛ БАРА ОБЈАСНУВАЊЕ ОД МУСТАФАЈ

Од шефот на албанската дипломатија Бесник Мустафај, Брисел побара да даде објаснување околу неговата изјава за "негарантирање на границите од страна на Албанија ако Косово се подели".
"Ова беше неочекувана и изненадувачка изјава за Европската унија од еден министер кој добро ги познава регионот и ставовите на Унијата", истакна Кристина Галак, портпарол на шефот за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Хавиер Солана.
На прашањето дали изјавата на Мустафај ја става во прашање дестабилизаторската улога на Албанија, Галак изјави дека Тирана мора да продолжи со конструктивно однесување.
 
     
  ПОЧНА ИЗГРАДБАТА НА НОВАТА АМЕРИКАНСКА АМБАСАДА ВО ДРЖАВАВА

На 22 март, на локалитетот Градиште на скопското Кале, свечено беше означен почетокот на градежните работи за новата Амбасада на САД во Република Македонија.
Американската амбасадорка Џилијан Миловановиќ, претседателот Бранко Црвенковски, директорот и главен оперативен офицер на канцеларијата на Стејт департментот за прекуокеански градежни операции, генерал-мајор Чарлс Е. Вилијамс и директорот на проектот за Македонија, Стивен Зигенфус, симболично го означија поставувањето на камен-темелникот на новата американска Амбасада .
Планирано е целиот проект на изградбата на Амбасадата да биде завршен кон крајот на април 2008 година, а во него ќе бидат инвестирани околу 50 милиони американски долари.
 
     
  САД ЌЕ БАРААТ ОД ГРЦИЈА ОТСТАПКИ ЗА ИМЕТО НА МАКЕДОНИЈА?

Најавувајќи ја посетата на министерката за надворешни работи на Вашингтон, Дора Бакојани, грчкиот весник "Етнос" најавува дека постои опасност САД да побараат од Грција отстапки за името на Македонија. Според најавите, на 23 и на 24 март, таа треба да се сретне со американската државна секретарка Кондолиза Рајс и со претседателот Џорџ Буш.
Бакојани во САД ќе ги објаснува причините за решението да не се купуваат десет борбени авиони од типот Ф-16 од САД.
Грчките медиуми со многу шпекулации ги коментираат евентуалните отстапки од грчка страна за името на Македонија.
 
     
 

МАКЕДОНСКА БИБЛИОТЕКА "ГРИГОР ПРЛИЧЕВ" ОД СИДНЕЈ, АВСТРАЛИЈА

И Македонците во Австралија имаат своја библиотека, која го носи името на македонскиот поет, ловороносецот Григор Прличев. Библиотеката е основана од членовите на истоименото Друштво, веднаш по неговото формирање. Нејзиното свечено отворање се одржа на 4 март 1979 година, а лентата ја пресече тогашниот потпретседател на Матицата на иселеници од Македонија, господинот Димче Трајановски-Мире.
Сите записи и факти зборуваат дека оваа Библиотека е прва и единствена отворена надвор од татковината, која егзистира под свој патронат 28 години.
За збогатување на библиотекарскиот книжевен фонд, покрај членовите кои доброволно донираа свои наслови, заслуга имаат и Матицата на иселеници од Македонија, Училишниот одбор за НЈВ, Катедрата за македонски студии на Универзитетот "Маквори", Добротворното друштво од Рогдаел, ЗИК - Битола, "Битолски весник", Културно-просветното друштво "Искра" од Аделаида, ДПМ, СВП, Министерството за односи со странство и други.
Моментниот книжевен фонд во Библиотеката изнесува 2.500 наслови од историска, научна, поетска, раскажувачка и детска литература. Покрај делата на современите творци од татковината и од светот во нејзините штандови се наоѓаат и четириесеттина наслови од австралиско-македонски автори, чиј издавач е Друштвото "Григор Прличев", во кои е одбележана тагата за татковината и мечтите за нејзино осамостојување и меѓународно признавање. Најчитани се делата на Марко Цепенков, Стале Попов, Ванчо Николески, Урлик Вилкен, Александар Донски и други. Во Библиотеката се зачленети 280 читатели, од кои само четириесеттина се занимаваат со пишувачка дејност.

 
     
  ХИДРОЛОШКАТА СОСТОЈБА ВО ДРЖАВАВА АЛАРМАНТНА

Поради наглото затоплување ќе почне топењето на снегот, па координативното тело за кризи во Управата смета дека хидролошката состојба е алармантна. Управата за хидрометеоролошки работи предупредува дека наредната седмица на земјава и се закануваат големи поплави и ги повикува институциите и граѓаните да се подготват за можните последици.
За најризични региони ги сметаат Пелагонија, Полог, горните текови на Црна Река и на Треска, селата во Скопско, Кочанско, Струмичко.
Владата побара внимателно да се следи временската состојба и повика надлежни служби, вклучувајќи ја и локалната самоуправа да се погрижат за превентивна заштита на луѓето и на материјалните добра и за ублажување на последиците од евентуалните поплави.
 
     
  ТВРДИНА НА ФИЛИП ВТОРИ КРАЈ ОХРИД

Во последно време, ридот кој се наоѓа на влезот во Охрид, од насока на Струга повторно предизвикува голем интерес кај овдешните археолози. Кај народот е познат како Кулишта, географите го нарекуваат Габавски Рид, а во најново време во науката се употребува и терминот Киклопски ѕидишта, поради остатоците од големи камени блокови.
"Најсмелите претпоставки, засновани на археологијата и теологијата, говорат дека токму тука, околу 356 година пред нашата ера, Филип Втори Македонски, како што сметаме, поминувајќи во овој крај, наредил да се изгради најмоќната тврдина на македонските простори, посилна и од Самуиловата која, пак, има свој континуитет и е бесмртна. Тврдината, изградена од големи камени блокови, постоела околу седум векови, а престанала да функционира во доцно античко време", истакнува археологот Паско Кузман.
 
     
  БОРБА ПРОТИВ ОРГАНИЗИРАНИОТ КРИМИНАЛ И ТЕРОРИЗМОТ

На саботната неформална средба во бугарскиот град Варна, министрите за внатрешни работи на Бугарија, Македонија, Албанија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Косово, Грција и на Турција заклучија дека организираниот криминал, трговијата со опојни дроги и луѓе, како и заканите со тероризмот сериозно ги нарушуваат мирот и стабилноста во Југоисточна Европа.
Министрите се договорија да ја зајакнат меѓународната полициска соработка во борбата против организираниот криминал и тероризам, за да ги зачуваат мирот и стабилноста во регионот. Договорена е и зајакната соработка и при размената на информациите за движење на криминалните групи, а ќе се спроведуваат и заеднички акции и анализи за следење сомнителни финансиски појави.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ВО ОХРИД СРЕДБА НА ЦРВЕНКОВСКИ СО ЛИДЕРИТЕ НА ВЕРСКИТЕ ЗАЕДНИЦИ

Претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски денеска во Охрид ќе има работна средба со лидерите на верските заедници во земјава.
Средбата, како што се вели во соопштението на Кабинетот на претседателот, е продолжение на серијата активности иницирани од Црвенковски, со цел да се даде придонес во зацврстувањето на јавната свест за неопходноста од одржување на фер и регуларни парламентарни избори.
Оваа иницијатива е поддржана и од амбасадорот на САД Џилијан Миловановиќ, специјалниот претставник на ЕУ и шеф на делегацијата на Европската комисија Ерван Фуере и амбасадорот на ОБСЕ Карлос Паиш, кои исто така ќе учествуваат на работната средба.
Црвенковски е планирано денеска да се сретне со поглаварот на Македонската православна црква, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, заменик Реис Ул Улеман Хаџи Бахри Ефенди Алиу од Исламската верска заедница, бискупот на Скопската бискупија и апостолски егзарх Киро Стојанов, главниот проповедник на Евангелско-методистичката црква Михаел Цехов и со претседателот на Еврејската заедница Здравко Шами.

БУЧКОВСКИ: ФЕР ИЗБОРИ ПРВА ЦЕЛ НА ПАТОТ КОН ЕУ

Македонската Влада останува на својата определба за целосно спроведување на реформите за да овозможи лесен иден влез на земјата во ЕУ, изјави македонскиот премиер Владо Бучковски по денешната средба во Брисел со претседателот на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент Елмар Брок.
Бучковски, како што јавува известувачот на МИА, нагласи дека прва цел на Владата останува да се спроведат слободни и фер избори со што ќе се покаже дека Македонија е стабилна и функционална демократија и за таа цел се работи интензивно на подготовки на законодавството, процедурите и спроведувањето на самиот изборен процес.
"Јас лично работам со сите политички партии за промоција на позитивната атмосфера на консензус, значењето на овој изборен циклус за нашата евроатлантска интеграција во текот на спроведувањето на изборните реформи низ кампањата, како и во текот на изборниот ден", истакна Бучковски на средбата.
Од своја страна европратеникот Брок се осврна на Резолуцијата што ја донесе Европскиот парламент за дефинирање на природата на границите на Европската унија. Тој нагласи дека со таквата иницијатива се повикува Комисијата да ја дефинира природата на Унијата, како и нејзините географски граници, но и да ги исполни ветувањата кон земјите кандидати и можните членки кандидати имајќи го предвид апсорпцискиот капацитет.
На средбата Бучковски нагласи дека Република Македонија ја поддржува реорганизацијата на Унијата, но потсети дека земјите кандидати кои ги исполнуваат правичните и ригорозни услови нема да бидат дополнителен товар на Унијата. Тој истакна дека Македонија со два милионското население што претставува 0,22 процента од 454 милионското население на ЕУ нема да влијае битно на апсорпцискиот капацитет на Европската унија.
Бучковски рече дека македонската Влада го цени барањето за зголемување на фондовите достапни за претпристапните инструменти. Македонскиот премиер на крајот нагласи дека помошта која Македонија ја прима од Европската унија имаше големо значење за постигнување на сегашниот статус на земја кандидат за членство во Унијата.
Во Европскиот парламент попладне премиерот Бучковски ќе се сретне и со претседателот на парламентарната група на Партијата на европските социјалисти Мартин Шулц, а потоа и со високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна комисија на Европската унија Хавиер Солана и еврокомесарот за проширување Оли Рен.