ИНФО                                           
     
  ВО МАКЕДОНИЈА СЕ УШТЕ НЕМА ПТИЧЈИ ГРИП?!

Според Министерството за земјоделство, во Македонија сe уште нема птичји грип. Кај дел од испитаните диви и домашни птици во Македонија сега-засега е откриена болеста атипична чума или пипка, која има слични симптоми на птичји грип, но не е опасна за луѓето.
Птичји грип е откриен кај птици во соседните земји, Грција, Бугарија, како и во Турција, Унгарија, Словенија, Романија, Хрватска, Босна и Херцеговина.
Неодамна, на Дојранското Езеро двајца ловџии облечени во заштитна облека по втор пат вршеа отстрел на галеби, чапји и корморани. Отстреланите птици, спакувани во ќесиња, им беа предадени на ветеринарите кои земаа примероци за испитување на смртоносната болест, по што мострите веднаш беа испратени на дијагностицирање во Ветеринарниот институт во Скопје.
Се планира во наредниот период да почне втората фаза од мониторингот, која треба да биде позасилена, бидејќи со доаѓањето на пролетта птиците преселници се враќаат во Македонија и постои можност да ја донесат болеста.
 
     
  ДИМИТРОВ-КООРДИНАТОР ЗА ИНТЕГРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА ВО НАТО

Македонија сака на Самитот на НАТО во Рига годинава, наместо јасен сигнал да добие покана за членство при наредното проширување на Алијансата. Сите активности во врска со интеграцијата во НАТО ќе ги раководи сe уште актуелниот амбасадор во САД, Никола Димитров, кој треба да се врати во Скопје кон средината на идниот месец.
Се шпекулира дека премиерот Владо Бучковски решил на Димитров да му даде нова функција, односно национален координатор за интеграција на Македонија во НАТО. Образложението за оваа одлука е дека Димитров одамна работел на активностите за членство на земјава во Алијансата и дека досега имал одлични резултати.
 
     
  ССМ СО ФИНАНСИСКИ ПРОБЛЕМИ

Сојузот на синдикатите на Македонија е пред банкрот. Вработените во републичката синдикална организација веќе два месеца не добиле плата, бидејќи членството одбива да плаќа членарина.
Лошите финансиски состојби во ССМ се последица на отцепувањето на три синдикати - СОНК, Синдикатот за одбрана и Синдикатот на финансиски работници. Челните луѓе на Синдикатот не знаат кога ќе им дадат плата на вработените, но правеле напори да ја зголемат наплатата на членарината. Во администрацијата на ССМ во целата држава се вработени 98 лица.
 
     
  "МОРАМЕ" ДА ИЗГРАДИМЕ РАДИОАКТИВНО СКЛАДИШТЕ!?

По реакциите за изградба на радиоактивно складиште на петнаесеттина километри од Скопје, на одржаната прес конференција, заменик-министерот за животна средина, Драгољуб Матовски, истакна: "Не се откажуваме од проектот за изградба на складиште за ниско и за среднорадиоактивен отпад, но можно е тоа да се гради и на друго место ако населението од Општина Петровец не дозволи да продолжат градежните работи на објектот во месноста Чојлија".
Како резервни варијанти за изградбата на вакво складиште се воениот полигон Криволак или околината на струмичкото село Владевци.
Матовски додава дека без разлика која локација ќе се избере, складиштето мора да биде изградено до крајот на годинава. Во Меѓународната агенција, пак, тврдат дека не дале конкретен краен рок за целосна изградба, но потврдуваат оти подобро ќе биде тоа да биде завршено што поскоро.
 
     
 

СОРАБОТКА МЕЃУ ЗЕМЈИТЕ СОСЕДИ ВО ГРАНИЧНАТА БЕЗБЕДНОСТ

Македонска делегација предводена од министерот за внатрешни работи, Љубомир Михајловски, учествува на Третата годишна конференција за достигнувањата во областа на безбедноста на границите во Југоисточна Европа, која се одржува во Сараево, во организација на Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина и Женевскиот центар за демократската контрола (ДЦАФ).
Како што е наведено во соопштението од МВР, цел на Конференцијата, покрај усвојувањето Годишен план за заеднички активности, што покрај тековнава ја опфаќа и 2007 година, е и билатералната соработка меѓу земјите соседи од регионот во областа на граничната безбедност.
На оваа Конференција учествуваат делегации од министерствата за внатрешни работи на девет земји од регионот.

 
     
  Г.Г. СТЕФАН ЗА ЦРКОВНИОТ СПОР МЕЃУ МПЦ И СПЦ

Во Охрид, архиепископот Г.Г. Стефан истакна дека сегашните односи меѓу Македонската и Српската православна црква се сведени само на писмена кореспонденција на двете страни. Натаму тој оцени дека врвот на СПЦ конечно треба да сфати дека со создавањето на паралелните цркви не може да се реши црковниот спор со МПЦ. Според него, ако тоа било начин за решавање на ова прашање, тоа можело да се направи многу порано, а не по 40 години самостоен живот на нашата Црква.
"Ова што се случува со МПЦ не е ниту по каноните, ниту по правилата, ниту по традициите на сите православни цркви. Јас верувам дека на сите ни е јасно дека името на Република Македонија е проблемот, а со тоа и на МПЦ", истакна Г.Г. Стефан.
Тој најави дека со проблемот и натаму ќе ги запознава останатите православни цркви, пред сe, поддршка и помош ќе бара од вселенскиот патријарх Вартоломеј.
По повод 30-годишнината од упокојувањето на Методиј, првиот архијереј на Дебарско-кичевската епархија по прогласувањето автокефалност на МПЦ и возобновувањето на Охридската архиепископија, Архиепископот Г.Г. Стефан заедно со владиците Кирил, Тимотеј и Агатангел, во присуство на тројца амбасадори во земјава, од Холандија, Шведска и од Норвешка, во Охрид отслужи парастос.
 
     
  ДВЕ ГОДИНИ ОД ЗАГИНУВАЊЕТО НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ТРАЈКОВСКИ

По повод две години од загинувањето на претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски, во Алејата на великаните на Градските гробишта "Бутел" во Скопје, на 26 февруари цвеќе положи неговото семејство, сопругата Вилма со децата Сара и Стефан, заедно со Кирил, таткото на Борис. Венци положија и претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски, кој ја предводеше државната делегација, потоа делегација од Генералштабот на АРМ, од дипломатскиот кор во Македонија, но и претставници на политички партии, меѓу кои и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДРУМ, Никола Груевски и Доста Димовска, како и градоначалници од државава.
Почит изразија и планинари од Струмица, кои за пет дена пропешачија 180 километри од родниот град на Трајковски до Скопје.
 
     
  ЗАВРШИЈА ДИОНИСОВИТЕ ЧЕСТВУВАЊА

Со беседата на професорот Петре Башески беа отворени 14. "Дионисови чествувања - Мину Угриновска", во кино салата "Фросина" во Младинскиот културен центар. На 24 и на 25 февруари во организација на Културниот центар "Скрб и утеха" се случуваа македонските културни средби. Беше прикажан филмот на продукцијата "Дион" и МРТВ, "Камен меѓу две ниви", снимен кај Македонците во Голо Брдо, Албанија, учесник на повеќе меѓународни фестивали. Театарот "Скрб и утеха" ја играше својата најнова претстава "Бакни ме Чернодрински", а фолклорната група "Сонце", на Македонците од Романија, се претстави со сплет од ора. Посебен впечаток остави настапот на пејачката Лоредана Паску, со нејзиниот бисерен глас. Гостуваа и ансамбли од Мосмиште, Копривљани и Љаски со македонски песни од Пиринско, како и изворна македонска песна со Помаците од Родопите. Беа претставени две книги на Македонци од Р Бугарија, "Македонијада"од Иван Г.Сингартиски, со вовед на Вангел Божиновски и "Јазикот на Свети Кирил и Методија" од Зариса Параос, со вовед на Серафим Гоцев. Стихови говореше Димитар Иванов од Шумен, а чествувањата ги збогати и актерот на театарот "Скрб и утеха", Страшко Милошевски.
На 25 февруари беше посетен Етнолошкиот музеј на отец Златко Давидковски во црквата "Свети Јован Опсечен", село Режановце.
Овие Дионисови чествувања покажаа дека македонската култура на дарување и љубов, леб и вино, песни и ора, беседи, поезија и театар е силата со која сме се крепеле и сме опстоиле низ вековите.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ВО БУКУРЕШТ НЕФОРМАЛНА СРЕДБА ЦРВЕНКОВСКИ - НИМИЦ

Македонскиот претседател Бранко Црвенковски денеска во Букурешт треба да има неформална средба со медијаторот на ОН во разговорите за спорот со Грција околу употребата на уставното име на Република Македонија, Метју Нимиц, кој приватно престојува во главниот град на Романија.
Шефот на македонската држава со тоа ја заокружува посетата на Романија. Црвенковски за време на престојот во Букурешт се сретна со својот домаќин, претседателот на Романија Трајан Басеску, со премиерот Калин Попеску Таричеану, претседателите на Сенатот и на Домот на пратениците Николае Вакарој и Адријан Настасе и со градоначалникот на романската престолнина Адриен Видеану.

БЕРИША-БУЧКОВСКИ: ПОСЕБЕН СТАТУС ЗА МАКЕДОНИЈА НА ПРИСТАНИШТЕТО ВО ДРАЧ

Политичките односи меѓу Албанија и Македонија се одлични, а се уште има голем неискористен потенцијал за интензивирање и на економската соработка, оценија премиерите на двете земји Сали Бериша и Владо Бучковски на денешната средба во Тирана.
Двајцата премиери, како што јавува известувачот на МИА, договориле да биде разгледана можноста Македонија да добие повластен статус на пристаништето во Драч како слободна економска зона.
"Доаѓа време кога треба односите меѓу двете земји да кулминираат со економската соработка во чија функција е и денешниот македонско-албанскиот бизнис форум. Стратешки интерес на Македонија е развојот на економската и бизнис климата во регионот, особено во Албанија и Косово", изјави по средбата македонскиот премиер.
Албанскиот премиер Бериша рече дека Албанија и Македонија се мали држави со заеднички погледи во развојот на Балканот.
"Македонија и Албанија имаат заедничка иднина во НАТО и во ЕУ. Разговаравме за заеднички проекти во сферата на културата, образованието, борбата против организираниот криминал и за зголемување на економската соработка", изјави Бериша.
Бучковски побарал од Бериша да се разгледа и можноста македонските фирми "Гранит" и "Маврово" да учествуваат во изградбата на автопатот Приштина-Тирана. Заеднички заклучок на средбата е Министерствата за економија на двете земји да упатат писма до руската компанија "Гаспром" за гасификација на Албанија и на Македонија во рамките на коридорот осум.
Бериша и Бучковски разговарале и за состојбата во регионот со акцент на Косово.
Македонскиот премиер изјави дека Македонија ги поддржува преговорите меѓу Белград и Приштина со посредство на меѓународната заедница за наоѓање решение за идниот статус на Косово. Бучковски го повтори ставот дека суверената границата на Македонија треба да биде обележана пред одредувањето на финалниот статус на Косово, како што препорача и амбасадорот Каи Еиде во извештајот што беше прифатен од Советот за безбедност на ОН и од Контакт групата.
Бучковски, одговарајќи на новинарски прашања, информира дека со Бериша разговарал и за состојбата на македонското малцинство во Албанија. Тој рече дека албанските власти ќе се заложат Македонците во Албанија да можат да се изјаснат за својата национална припадност на следниот попис. Бериша, пак, рече дека албанската Влада "е решена целосно да ги почитува правата на македонското и на другите малцинства во Албанија".
Претседателот на Владата на Македонија во Тирана учествуваше и на албанско-македонски бизнис форум на кој учествуваа стотина фирми од двете земји.
На форумот се обратија премиерите и министрите за економија на Македонија и на Албанија.
Македонскиот премиер Бучковски рече дека интерес на Македонија е да биде присутна на албанскиот пазар.
"Минатата година трговската размена меѓу двете земји изнесува 36,5 милиони долари. Идејата на бизнис и на политичката елита на двете земји е размената да се зголеми", истакна Бучковски.
Претседателот на албанската Влада Бериша рече дека со македонскиот премиер ќе се обидат да направат се за да ги олеснат активностите на бизнис заедницата и да ги охрабрат на заеднички вложувања.
Цел на бизнис средбата, организирана од Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора на северозападна Македонија, Сојузот на стопанските комори, Унијата на трговско индустриските комори на Албанија и УСАИД во Тирана, е интензивирање на деловната соработка.
Организирањето на овој форум е со намера покрај согледувањето на придобивките од имплементацијата на Договорот за слободна трговија да се оствари поблиска деловна соработка особено со присутните фирми од повеќе индустриски сектори.