ИНФО                                           
     
  КОЛКУ СМЕ ПОДГОТВЕНИ ЗА СПРАВУВАЊЕ СО ПТИЧЈИОТ ГРИП?

Светски институции предвидуваат дека во XXI век сигурно ќе се случи пандемија на птичјиот грип, а Македонија сe уште нема доволно лекови, ниту карантински објекти за борба со овој смртоносен вирус. Набавените 1.000 кутии од лекот "тамифлу" ќе бидат доволни за лекување на само 500 лица, кои што евентуално би заболеле од оваа болест.
"Подготвени сме ако и кај нас се појави птичји грип кај човекот. Има доволно лекови и заштитни средства, а доопремени се и лабораториите. Ако биде неопходно ќе се набават и нови количества лекови и друго. Во карантински објекти, кои сe уште не се определени, сомнителните случаи ќе се набљудуваат од 10 до 14 дена, но нема да се лекуваат", истакна на прес - конференцијата претседателката на Комисијата за следење на птичјиот грип, д-р Јованка Костовска.
Претставници на Државниот ветеринарен инспекторат и ловците од Охрид вршат мониторинг на птиците над Охридското Езеро. Ловците извршија отстрел на околу 25 диви птици, патки, корморани и лиски. Ветеринарите земаат брисови, кои се испраќаат на анализа во Скопје.
Според државниот ветеринарен инспектор Штерјо Лаброски, нема знаци или какви било други индиции за заболеност на птиците, но сепак ќе се почекаат официјалните потврди за тоа по лабораториските анализи и испитувања во Скопје.
Предвидено е вакво надгледување на дивите птици да се врши во наредниот период и во реоните на Сини Лирови кај селото Белчишта, како и на вештачките акумулации, особено во Глобочица.
 
     
  ИНИЦИЈАТИВА ЗА БОШКОСКИ И ТАРЧУЛОСКИ ДА ИМ СЕ СУДИ ВО МАКЕДОНИЈА

Здружението на граѓани за поддршка на Љубе Бошкоски поведе иницијатива заедно со четирите предмети од Хашкиот трибунал за воени злосторства да биде вратен и случајот на Бошкоски и Тарчуловски.
"Очекуваме поддршка од Владата. Досега немаме добиено одговор на писмото, бидејќи е испратено само пред три дена", истакна на прес-конференцијата претседателот на Здружението, Мане Јаковлевски.
Горан Митевски, член на Здружението, истакна дека барањето за бранење од слобода на Бошкоски зависи од одлуката на Апелациониот суд и од новите гаранции на Владата, кои треба да бидат доставени до Трибуналот во Хаг.
 
     
  ОБНОВУВАЊЕ НА ДИЈАЛОГОТ МПЦ-СПЦ

При посетата на Белград, како гостин на конференцијата на Демократската партија, премиерот Владо Бучковски и претседателот на Србија, Борис Тадиќ, ги повикаа Македонската православна црква и Српската православна црква да го обноват дијалогот за решавање на црковниот спор.
"Заеднички интерес е меѓу двете држави да нема ниту едно отворено прашање", стои во заедничката изјава на Владо Бучковски и на Борис Тадиќ.
 
     
  НЕМА ЗАБРАНА ЗА УВОЗ НА ГОВЕДСКО ОД ХРВАТСКА

Според директорот на Ветеринарната управа, Слободан Чокревски, нема причина за паника од евентуална појава на кравјо лудило во земјава, и покрај веста за заболената крава во Хрватска. Направените тестови на мострите, кои покажеле позитивен резултат во Хрватска, сe уште не се дефинитивни ниту, пак, се сигурен доказ дека кравата е болна. Па, затоа нема да биде забранет увоз на говедско месо од Хрватска.
Слободан Чокревски објасни дека кравјото лудило не е заразна болест, а инфекцијата не се пренесува со контакт од животно на животно или на човек, туку преку храната. Причинител на кравјото лудило е термостабилен прион.
Според Чокревски, пред неколку години Република Македонија воспоставила систем за мониторинг и воведе забрана за увоз на говедско месо од земји кои немаат ваков систем.
 
     
 

ПРОМЕНА НА СОПСТВЕНИЧКАТА СТРУКТУРА ВО "ВЕЧЕР"

Од неодамна дневниот весник "Вечер" има нови сопственици.
"Акциите на весникот се продадени во целост. За сумата е сe уште рано да зборуваме. Следните 45 дена ќе треба да завршат активностите околу прецизирањето на долговите и на побарувањата. Тоа практично значи дека ќе се скенира работата за да се добие целосна слика", рече на одржаната прес-конференција Бојо Андрески, еден од четворицата нови сопственици на весникот "Вечер", инаку сопственик на Европскиот универзитет.
"Бројот на вработените нема да се редуцира, но не е исклучена можноста за уште неколку нови вработувања. Наследените долгови кои прецизно треба да бидат утврдени најдоцна за 45 дена, според новите сопственици, не се загрижувачки, ниту се причина за купување на весникот. "Вечер" е на добри основи, но му требаат дополнителни финансии", објасни Андрески.
За нов директор на весникот е именуван Бобан Богдановски, а Петар Рибарски останува дел од менаџерскиот тим.

 
     
  ФЕСТИВАЛ НА СЕМАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА И ФОЛКЛОР

Културниот центар "Скрб и утеха", во соработка со Младинскиот културен центар, ве покануваат на Фестивалот на семакедонската култура и фолклор
Дионисови чествувања "Мину Угриновска 2006", кои ќе се одржат на 24.2.2006 година, во кино "Фросина" - Младински културен центар. Свеченото отворање ќе биде во 19,30 часот, со беседа на професор Петре Башески, по што ќе биде прикажан филмот "Камен меѓу две ниви" од Владе Денчов, Тихомир Стојановски, Ф.П Дион и МРТВ. Во 20,30 часот ќе настапи театарот "Скрб и утеха" со претставата "Бакни ме Чернодрински" од Т. Стојановски. Лоредана Паску и фолклорната група "Сонце" на Македонците од Романија ќе настапат во 21,30, а во 22 часот театарот "Скрб и утеха" ќе настапи со "Деноносии" - сцени од претстави.
Во сабота на 25.2.2006 година е организирана посета на селото Режановце, Куманово, на Етнолошкиот музеј (збирка на 600 македонски народни носии, скутници и килими) во црквата "Свети Јован Опсечен" во Режановце- Куманово, кај отец Златко Давидовски.
Во 19,30 часот во киното "Фросина", МКЦ, ќе настапи фолклорната група "Феникс", село Мосомиште (Пиринско, Бугарија), по што ќе следува претставување на книги на Македонците од Бугарија: "Македониада" од Иван Г. Сингартијски, вовед Вангел Божиновски. Во 20,45 часот ќе биде претставена книгата: "Јазикот на Свети Кирил и Методија" од Сариса Параос, вовед Серафим Гоцев. Во 21,10 часот следува изворна македонска музика "Голо Брдо", Албанија, а потоа изворна македонска музика "Сонце" од Родопите, Република Бугарија. Во 22,20 часот ќе настапи театарот "Скрб и утеха" со "Деноносии" - сцени од претстави.
Спонзори на оваа манифестација се Министерство за култура на Република Македонија, Специјалната болница за кардиохирургија "Филип Втори", Општина Кисела Вода, Тетрагон - Скопје, Младинскиот хотел - Скопје, а медиумски спонзор е светскиот македонски неделник "Македонско сонце".
 
     
  ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКА КУЛТУРА ВО АВСТРАЛИЈА

Неодамна министерот за култура, Благоја Стефановски, се сретна со членовите на Македонската заедница во Мелбурн. На оваа средба присуствуваа и групата "Синтезис", хорот "Св. Злата Мегленска", како и амбасадорот на Република Македонија во Австралија, Виктор Габер.
Средбата беше остварена во рамките на "Деновите на македонската култура во Австралија", чиј покровител е Министерството за култура. Кулминацијата на "Македонските денови на културата" треба да биде на 25 овој месец, во познатата "Опера Хаус" во Сиднеј, каде што ќе настапат групите "Синтезис", "Мајовци", хорот "Св. Злата Мегленска", како и пејачот Наум Петрески.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  БАСЕСКУ-ЦРВЕНКОВСКИ: ПОДДРШКА ОД РОМАНИЈА ЗА ПОБРЗО ВКЛУЧУВАЊЕ НА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ И НАТО

Романија и Македонија немаат отворени прашања, а акцентот во идната соработка треба да биде ставен на економијата, оценија претседателите на двете земји Трајан Басеску и Бранко Црвенковски по денешната средба во Букурешт, јавува известувачот на МИА.
Црвенковски, кој беше пречекан со највисоки држави почести пред претседателската палата во романската престолнина, изјави дека од двете страни е изразена политичката волја да се задржат и да се унапредат добрите односи, а да се зајакне соработката во економијата.
Македонскиот претседател истакна дека на средбата станало збор и за некои актуелни регионални прашања.
"Македонија и Романија припаѓаат на ист регион. Ме радува фактот што делиме идентични ставови за одредени прашања битни за регинот", додаде Црвенковски.
Тој нагласи дека Македонија се стреми да стане дел од Европската унија и НАТО. "Романија е веќе членка на НАТО, а од 1 јануари 2007 ќе стане и членка на ЕУ, поради што од значење е на овој план да имаме добра соработка, да ги користиме романските искуства и да ја имаме романската подршка за нашето евроинтегрирање", рече шефот на македонската држава.
Романскиот претседател Басеску изјави дека Романија и натаму ќе ја поддржува Македонија во напорите за побрзо вклучување во евро и евроатлантските структури. "Подготвени сме нашите искуства во евроинтеграциите да ви ги ставиме на располагање", нагласи Басеску.
Тој истакна дека со денешната посета на Црвенковски се потврдуваат добрите односи меѓу двете земји.
Двајцата претседатели разговарале и за Косово. Басеску изјави дека границите на Косово и на Србија не треба да се менуваат. "Треба да продолжат разговорите меѓу Белград и Приштина. Позицијата на Романија е широка автономија за Косово", рече Басеску.
Двајцата претседатели се согласни дека интегрирањето во ЕУ и НАТО ќе придонесе за обезбедување поголема сигурност за целиот регион.
Басеску истакна дека со Црвенковски разговарале и за проблемот со организираниот криминал, подвлекувајќи дека соработката во моментов многу добро се одвива преку центарот SECI.
Тој му се заблагодарил на Црвенковски за добриот статус на влашкото малцинство во Македонија, неговото вклучување во Уставот, што како што додаде, не е случај со другите земји од регионот.
Во тој контекст, Басеску истакна дека Романија е подготвена во Македонија да отвори катедри за изучување на романскиот јазик.
На крајот романскиот претседател нагласи дека Романија е голем пријател на Македонија на кој може да се потпре на патот кон ЕУ.
Одговарајќи на новинарско прашање за идејата на Брисел за формирање зона за слободна трговија во Западен Балкан, македонскиот претседател потсети дека постои Спогодба меѓу Македонија и Романија за слободна трговија.
"По денешното потпишување на спогодбата од македонска страна и полноправното пристапување кон ЦЕФТА, ќе бидат надминати и последните царински бариери со Романија", рече Црвенковски, изразувајќи надеж дека тоа ќе биде дополнителен мотив за зголемување на трговската и економската соработка меѓу двете земји. "Не смее да се заборави фактот дека од 1 јануари 2007 година кога се очекува Романија да влезе во ЕУ, за Македонија ќе важи европскиот режим", нагласи Црвенковски.
Идејата на Брисел за формирање зона на слободна трговија во Западен Балкан била тема и на средбата што македонскиот претседател попладнево ја имаше со романскиот премиер Калин Попеску Таричеану. Предлогот заеднички е оценет како добар, бидејќи на тој начин ќе се формира голем регионален пазар и ќе се овозможи позабрзана подготовка на овие држави за членство во ЕУ.
Црвенковски и Таричеану разговарале за надмнинување на транспортните бариери меѓу Македонија и Романија кои во овој момент не одат во прилог на активностите за поинтензивна економска соработка. На средбата станало збор и за отворање директна авионска линија Скопје - Букурешт во наредниот период, како и за тоа при следната посета на романскиот премиер на Македонија да биде иницирано поголемо присуство на романски бизнисмени во Македонија за тие да ги видат можностите за склучување бизнис зделки со македонските стопанственици.
Претседателот Црвенковски попладенево положи венец на споменикот на непознатиот војник и се потпиша во Книгата со почести.
Шефот на македонската држава денеска ќе се сретне и со претседателите на Сенатот и на Претставничкиот дом Николае Вакарој и Адриан Настасе, а ќе го посети SECI центарот во Букурешт.
Македонскиот претседател во Романија е придружуван од министерот за труд и социјална политика Стевчо Јакимовски, кој со својот романски колега, министерот за труд, социјална солидарност и семејство Георге Барбу денеска потпишаа Спогодба за социјално осигурување меѓу двете земји.