ИНФО                                           
     
  МИТРЕВА И МОРАТИНОС ПОТПИШАА ДОГОВОР ЗА РЕАДМИСИЈА

Македонската министерка за надворешни работи, Илинка Митрева, и шефот на шпанската дипломатија, Мигуел Анхел Моратинос, кој се наоѓа во посета на Македонија, во Скопје потпишаа Договор за реадмисија.
Во заедничката изјава по средбата министерката Митрева нагласи: "Договорот кој денес го потпишавме со министерот Моратинос е уште еден чекор натаму во процесот на либерализација на визниот режим, а се надеваме дека за него наскоро ќе почне и официјален дијалог со Европската унија".
Шпанскиот министер Моратинос, пак, напомна дека потпишаниот договор е дел од глобалната политика на Шпанија за имиграција и со него се овозможува легално и регуларно патување на граѓаните од Македонија.
Во текот на годинава во Скопје ќе биде отворена Амбасада на Шпанија. Тоа, како што рече Моратинос, ќе овозможи засилување не само на билатералните односи на политичко ниво, туку ќе помогне и да се зајакнат економските и трговските врски, ќе им се овозможи на членовите на деловната заедница од Шпанија да учествуваат во економскиот напредок на Македонија.
 
     
  БУЧКОВСКИ ВО ПОСЕТА НА ЛИБИЈА

Македонскиот премиер Владо Бучковски, кој престојува во дводневна посета на Либија, во Триполи се сретна со либискиот премиер Шукри Ганем. Двајцата премиери разговараа за политичките и за економските односи меѓу двете држави и за можностите за нивно интензивирање. Во функција на отворање на пазарите, претседателите на Стопанската комора на Македонија и на Федерацијата на либиските трговско-индустриски и земјоделски комори, Бранко Азевски и Мухамед Хусеин Канун, потпишаа спогодба за соработка. Македонската делегација од Триполи се враќа и со договори за потенцијална соработка во областа на економијата, здравството, градежништвото.
Договорено е бизнисмени од Либија да допатуваат во Скопје на покана од Стопанската комора во втората половина на мај, а двете комори постојано ќе разменуваат информации за сите можности и тендери, кои ќе се распишуваат.
Во Триполи средба имаа и министрите за здравство на Македонија и на Либија. Оценето е дека врз основа на досегашното искуство има потреба од вклучување на македонски медицински професионален персонал во здравствениот систем на Либиската Арапска Џамахирија. Министерот Владо Димов најави дека има можности за проширување на соработката и во областа на фармацијата.
Министерот за транспорт и врски Џемаил Мехази, пак, со претставници на либиската Влада разговараше за можностите за склучување правен акт за цивилна воздушна пловидба, што ќе значи воспоставување авиоврска на Либиската Арапска Џамахирија со Балканот.
 
     
  ОБЕДИНУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ ИСЕЛЕНИЦИ

Македонците од Албанија, Бугарија, Грција, Хрватска и од Србија ќе се обединуваат заеднички да дејствуваат во решавањето на националните права во матичните земји. Ова е поентата од дводневното семакедонско чествување кое се одржа во Прилеп, на иницијатива на Граѓанската иницијатива за национално, духовно и културно обединување на македонскиот народ на тема "Остварувањето на човековите и националните права во контекст на евроинтеграциските процеси".
"Македонците од Гора се заборавени од македонската држава. Затоа ние се организиравме, бараме двојно државјанство и изучување на македонскиот јазик во училиштата во земјите каде што живееме", вели Исмаил Бојда од Здружението на Гораните.
Македонците од Бугарија велат дека оваа држава с# уште, и покрај позитивните пресуди од Судот во Стразбур, не им ги признава нивните малцински права.
 
     
  ВИРТУЕЛНА БИБЛИОТЕКА НА МАКЕДОНИЈА

Минатата година Националната и универзитетска библиотека "Св. Климент Охридски", Скопје, ја промовираше имплементацијата на библиотечно-информацискиот систем COBISS. MK., како дел од Проектот COBISS. Net во кој се вклучени библиотечно-информациските системи на Словенија, Србија и Црна Гора, Македонија и Босна и Херцеговина. Овој Проект им овозможува на сите институции од Македонија, кои се вклучени во системот COBISS.MK., слободно да ги преземаат и да ги користат податоците од библиотечно-информациските системи на другите држави за свои потреби. Во рамките на промоцијата беше претставен Центрот НУБ-ВБМ (Национална и универзитетска библиотека - Виртуелна библиотека на Македонија). Тој претставува библиотечно-информациски сервис на системот COBISS.MK., со задача да го координира развојот на овој систем, да им дава стручна помош и услуги на корисниците, да врши едукација на корисниците за користење на програмската поддршка COBISS, како и други задачи кои произлегуваат од неговата функција. На 3. февруари беше одбележано едногодишното функционирање на овој центар.
 
     
 

134 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ

На 4 февруари во црквата "Свети Спас" во Скопје беше одбележана 134-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер и визионер Гоце Делчев. Одбележувањето се одржа во рамките на меѓународната манифестација "Гоцеви денови".
Свежо цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк положија и делегации на МПЦ, Собранието на манифестацијата "Гоцеви денови", АРМ, Здружението на борците, МАНУ, Собранието на Град Скопје и на Општина Центар.

 
     
  СОВЕТОТ НА СВП ГО СООПШТИ ЛАУРЕАТОТ

Поетесата Нанси Морехон од Куба е добитничка на "Златниот венец" на Струшките вечери на поезијата, соопшти Управниот одбор на Фестивалот. Врачувањето на оваа награда за поезија ќе се случи на 24 август на 45. издание на СВП во Струга.
Според претседателот на Управниот одбор на манифестацијата, Зоран Анчевски, било одлучено годинава добитник да биде поетеса, меѓу другото, и затоа што досега "Златниот венец" го добила само една жена.
Поезијата на Морехон е преведена на англиски, португалски, француски, италијански, руски, германски, полски и на холандски јазик. Стихови од Морехон се застапени и во голем број книжевни списанија и антологии на светската поезија. За нејзиното творештво позитивни критики кажале голем број книжевници од САД и од Велика Британија, земји во кои книгите на Морехон биле преведени во големи антологиски збирки.
 
     
  НАШИТЕ ОЛИМПИЈЦИ ВО ТОРИНО

Македонската тричлена натпреварувачка експедиција замина за Торино, на 20. Зимски олимписки игри. Боите на Македонија ќе ги бранат алпинците Ивана Ивчевска и Ѓорѓи Марковски, како и нордиецот Дарко Дамјановски. Сите тројца дебитираат на олимписката сцена. Ивчевска е најмладиот член на нашиот олимписки состав. Со само 17 години таа се избори за шанса да скија пред цел свет. На 20-годишниот Макровски му припадна честа да го носи македонското знаме на свеченото отворање на Игрите. И неговите очекување се поголеми во слаломот.
Ова е трето учество на Македонија на ЗОИ. Дебито го имавме во Нагано, во 1998 година, а во меѓувреме не успеавме да ја зголемиме бројноста на нашето присуство. Првата олимписка постава ја сочинуваа Јана Николовска, Александар Стојановски и Ѓоко Диневски, додека четири години подоцна во Солт Лејк Сити местото на Стојановски го зазеде Дејан Пановски, но Николовска не настапи поради повреда.
 
     
  МАКЕДОНСКИ СРЕДБИ ВО ДУХОТ НА ЕВРОПА БЕЗ ГРАНИЦИ

Во организација на Културниот центар "Скрб и утеха", на 24 и 25 февруари 2006 година, ќе се случат "Дионисови чествувања - Мину Угриновска", во кино-салата на Младинскиот културен центар во Скопје, со почеток во 20 часот. Семакедонски средби на театар, книги, беседи, фолклор, сликарство, копаничарство и филм. Средби на македонската култура од Македонија, како и на македонската култура во соседните земји од Голо Брдо, Преспа, Гора, Пирин, Родопите, Егеј, како и гостување на Македонците со својата култура од Романија и од Турција. Да го урнеме последниот европски македонски ѕид, не со омраза и убивања туку со слободна македонска култура. Слобода за европската и слобода за македонската култура. Европа без граници - Македонија без граници. Дојдете да ги видите и да ги доживеете возобновените свети македонски слави и прослави, култните - Дионисови чествувања...
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ЗАМЕНИК - ПОМОШНИКОТ НА ГЕНЕРАЛНИОТ СЕКРЕТАР НА НАТО СИМОНС ВО ПОСЕТА НА МАКЕДОНИЈА

Заменик - помошникот на генералниот секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика Боб Симонс денеска и утре ќе престојува во Македонија.
Според програмата, Симонс денеска ќе се сретне со претседателот Бранко Црвенковски, со премиерот Владо Бучковски, со вицепремиерот Муса Џафери, како и со министрите за правда Мери Младеновска - Ѓорѓиевска, за финансии Никола Поповски и за локална самоуправа Ризван Сулејмани.
Симонс денеска ќе одржи и предавање на Филозофскиот факултет во Скопје на тема "НАТО во пресрет на самитот во Рига".
Тој утре ќе се сретне со министрите за одбрана Јован Манасиевски, за внатрешни работи Љубомир Михајловски и за надворешни работи Илинка Митрева.
Предвидено е Боб Симонс да се сретне и со членовите на собраниската Комисијата за одбрана и безбедност.

СОБРАНИЕ: ТРЕТ ДЕН ОД РАСПРАВАТА ЗА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНИ СОБИРИ

Македонското Собрание денеска ќе ја продолжи 122-та седница на која трет ден ќе се расправа по Предлогот за донесување закон за изменување и дополнување на Законот за јавните собири, со Предлог закон.
Во образложението на предлогот доставен до Собранието на иницијатива на група пратеници од СДСМ е наведено дека со измените и дополнувањата на Законот за јавните собири се создаваат нормативни претпоставки за регулирање на ограничувањето на правото на јавното собирање. Тоа е неопходно во едно демократско општество, со цел да се заштитат правата на другите луѓе, правниот поредок, јавниот морал, имотот, животот и здравјето на луѓето.
Со новиот закон се предлага одредба за ограничување на слободата на говорот на јавен собир во смисла на забрана за повик на војна, употреба на насилство, национална, расна или било кој друг вид на нетрпеливост.
Исто така се прецизира начинот и рокот на поднесување на известувањето за јавен собир до надлежниот орган, а предложени се и измени во казнените одредби заради усогласување со Законот за прекршоци.
На дневен ред на оваа 122 седница се уште Предлогот за донесување на закон за заштита на правата и достоинството на лицата со хендикеп, Предлогот за донесување на закон за еднакви можности на жените и мажите, како и Предлог законот за стечај.
Пратениците треба да расправаат и по Предлогот за донесување на закон за државен пазарен инспекторат, по Предлогот за донесување на закон за безбедност на производите, како и по Предлог законот за странци.

ВЛАДАТА ЌЕ ПОБАРА ВРАЌАЊЕ НА ЧЕТИРИТЕ ПРЕДМЕТИ ОД ХАГ

Владата на денешната седница, како што најави вчера премиерот Владо Бучковски на средбата со претставници на семејствата на киднапираните Македонци за време на конфликотот во 2001 година, ќе го задолжи Министерството за правда да побара од Хашкиот трибунал да ги врати предметите по кои не е постапувано досега.
"Министерството за правда ќе биде обврзано да испрати допис со кој ќе побара, согласно договорот од средбата на 25 април 2005 година од Хаг, да почне постапката за враќање на предметите од Трибуналот по кои не се постапуваше досега", изјави вчера портпаролот на Владата Сашо Чолаковски додавајќи дека се очекува прв вратен предмет да биде случајот за киднапираните.
За заклучоците што треба да се донесат на седницата на Владата, Чолаковски најави дека претходно ќе биде одржан заеднички состанок на премиерот Бучковски со министерот за правда Мери Младеновска-Ѓорѓиевска и со јавниот обвинител Александар Прчевски.
Хашките иследници во 2002 година почнаа истрага за пет случаи поврзани со конфликотот од 2001 година. Од петте случаи што беа предмет на нивен интерес, формална постапка пред Трибуналот во Хаг е покрената само за случајот "Љуботен" за кој се обвинети поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски и полицискиот инспектор Јохан Тарчуловски. Преостанатите случаи за кои водеше истрага: затворањето на браната Липково, малтретирањето на работниците од ГП Маврово, за киднапирани Македонци и за раководство на ОНА, треба да им бидат вратени на македонските власти.