ИНФО                                           
     
  ЗАКОНИТОСТА НА СПОМЕНИКОТ НА ИСКЕНДЕР?!

Законската регулатива за изградба на споменици и спомен-обележја е децидна со правилата на игра. Директорот на Управата за заштита на културното наследство, Јован Ристов, истакна дека е пуштено официјално писмо до градоначалникот на Општина Чаир, Изаир Меџити, да ја покаже комплетната документација за процедурата за изградбата на споменикот.
За изградбата на споменикот на Ѓорѓија Кастриот - Искендер, чии темели беа удрени на локација во Старата скопска чаршија, на прославата на знамето на Албанија, Управата за заштита на културното наследство бара од иницијаторот за изградбата, Општина Чаир, целата процедура да се врати на почетни позиции за да се испочитува правната регулатива.
Ристов потенцираше дека за изградба на ова обележје, кое всушност ги има сите параметри на споменик, пред се, е надлежна државата и дека одлуката, согласно Законот за меморијални споменици и обележја, ја носи Собранието, што овој пат не е сторено.
 
     
  АЛБАНСКИОТ ПОПИС СО ПОСЕБНА ГРАФА ЗА МАЛЦИНСТВАТА

Во интервју за тиранската сателитска телевизија "Клан", албанскиот премиер Сали Бериша истакнал дека следната година во Албанија ќе биде спроведен вонреден попис на населението, при што на пописните листи ќе постои посебна колона во која ќе може слободно да се искаже националната и верската припадност.
Претседателот на Заедницата на Македонците, Ефтим Митревски, вели дека за Македонците, како и за другите малцинства, ова е добра вест, и додава дека, според него, тоа ќе биде прв пат по пописот од 1952 година, секој граѓанин од Албанија да може да се изјасни за својата етничка и верска припадност.
Последното заедничко барање за нов попис малцинствата го изнесоа на Меѓународниот ден за заштита на човековите права на почетокот на декември на тркалезна маса организирана од страна на Партијата за заштита на човековите права на грчкото малцинство, на која присуствуваа и странски дипломати.
 
     
  ДОБРОВОЛЦИ ЌЕ ГО СЛУЖАТ ВОЕНИОТ РОК

Министерот за одбрана Јован Манасиевски најави дека воениот рок ќе се служи доброволно, а АРМ континуирано ќе го зголемува учеството во мисиите во странство. На почетокот на годинава во странските мисии ќе се испратат двојно повеќе луѓе и ќе се потрошат двојно повеќе пари отколку во минатите години.
"Со новите измени во Законот за одбрана ќе биде предвидено доброволно служење на воениот рок. Од друга страна, пак, доброволното служење воен рок ќе биде и еден од условите за прием на професионални војници. Со тоа во континуитет ќе има војници-регрути и механизам за подготовка на идните професионални војници", истакнува министерот Манасиевски.
 
     
  ЗАСЕГА ВО МАКЕДОНИЈА НЕМА ОПАСНОСТ ОД ПТИЧЈИ ГРИП

Од Министерството за здравство соопштуваат дека на аеродромите во Македонија ќе биде засилен лекарскиот надзор на патниците кои се враќаат од ризичните земји.
Во Македонија нема опасност од појава на птичји грип по последните смртни случаи во Турција, кои ги предизвика оваа болест. Во моментов можни преносители на болеста се само дивите птици-преселници, а не патниците кои се враќаат од Турција, соопшти директорот на Ветеринарната управа, Слободан Чокревски. Од смртоносниот поттип на вирусот на птичјиот грип Х5Н1 во Турција досега починаа три деца, а се инфицирани уште две, кои се примени во болницата во турскиот град Ван. Во болницата во моментов има вкупно 35 лица кои примаат терапија против птичји грип.
Европската комисија објави нови мерки за заштита од болеста, кои предвидуваат и забрана на увоз на необработена живина од шест држави, блиски до областа во Источна Турција која е заразена со вирусот.
 
     
 

ПОПЛАВЕНИТЕ ПОДРАЧЈА ГИ ДЕМНЕ ОПАСНОСТ ОД ЗАРАЗА

Водата од поплавените имоти во Македонија се повлекува, но остануваат проблемите со кои се соочуваат жителите од погодените села. Неколку села во Скопско со вода за пиење се снабдуваат од цистерни, а локалните власти од Тетовско бараат помош од Владата.
Во поплавените подрачја демне опасност од појава на заразни болести - жолтица (хепатитис А), дијареја и други цревни заболувања, во кои спаѓа и тифусот, а кои можат да се пренесат преку користење неисправна вода за пиење, предупредуваат епидемиолозите.
Според најновите сознанија, хигиенско-епидемиолошата состојба на теренот се подобрува, а се спроведуваат мерки за успешно справување и спречување на појавата на заразни заболувања.

 
     
  МАКЕДОНСКИ СРЕДБИ ВО ДУХОТ НА ЕВРОПА БЕЗ ГРАНИЦИ

Во организација на Културниот центар "Скрб и утеха", на 24 и 25 февруари 2006 година, ќе се случат "Дионисови чествувања - Мину Угриновска", во кино-салата на Младинскиот културен центар, во Скопје, со почеток во 20 часот. Семакедонски средби на театар, книги, беседи, фолклор, сликарство, копаничарство и филм. Средби на македонската култура од Македонија, како и на македонската култура во соседните земји од Голо Брдо, Преспа, Гора, Пирин, Родопите, Егеј, како и гостување на Македонците со својата култура од Романија и Турција. Да го урнеме последниот европски македонски ѕид, не со омраза и убивања туку со слободна македонска култура. Слобода за европската и слобода за македонската култура. Европа без граници - Македонија без граници. Дојдете да ги видите и доживеете возобновените свети македонски слави и прослави, култните - Дионисови чествувања...
 
     
  СЛИКАРОТ ПЕТРОВ ОТВОРИ ИЗЛОЖБА ВО НОВ ЗЕЛАНД

Деновиве во градот Орева во Нов Зеланд беше отворена изложба на уметнички слики на сликарот Сашко Петров Личењо, роден штипјанец, кој веќе неколку години живее во оваа далечна земја. На изложбата Петров се претстави со 41 слика, работени во акварел со теми, главно, од поднебјето на Нов Зеланд. Претходно Петров освои прва награда на реномираниот конкурс за сликари во Нов Зеланд, поради што и доби понуда да отвори самостојна изложба, која со интерес беше проследена од јавноста во Нов Зеланд. Отворањето на изложбата беше збогатено со читање од македонски автори и со македонска музика. Петров е првиот Македонец кој отвора своја самостојна изложба во Нов Зеланд.
 
     
  СЕМАКЕДОНСКО ЧЕСТВУВАЊЕ ЗА РАЃАЊЕТО НА ДЕЛЧЕВ

На 4 февруари во Прилеп ќе се одржи традиционалното семакедонско чествување по повод раѓањето на Гоце Делчев. Традиционално, секоја година, на овој ден се прави преглед на тоа до каде е со остварувањето на човековите и националните права на Македонците од сите делови на Македонија и од дијаспората.
Оваа година ќе бидат поканети амбасадорите акредитирани во Р Македонија од земјите каде што живеат Македонците и невладините организации за човековите права (Хелсиншки комитет, Human Rights Watch, Amnesty International и други), од заедничкиот состанок треба да произлезе заедничка декларација.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  МЕЃУНАРОДНА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ПТИЧЈИОТ ГРИП ВО ТОКИО

Мерките кои треба да се преземат во случај на пандемија на птичјиот грип меѓу луѓето, се главна тема на меѓународната конференција посветена на борбата против оваа болест што под покровителство на Светската здравствена организација (СЗО) започна денеска во Токио.
На конференцијата учествуваат претставници на 21 земја и соработници на СЗО, кои ќе ги изложат можните сценарија при појава на глобални и регионални пандемии од новите видови грип, како мерките за борба против таквите заболувања.
Се очекува да бидат подготвени и материјали за составување меѓународни инструкции за координирани дејствија за информирање на населението и за анализа на новите вируси.
Генералниот директор на европското биро на Светската трговска организација (СЗО) Марк Данзон вчера прес-конференција во Анкара рече дека нема основа за паника поради експлозијата на птичји грип во Турција.
Тој ги повика Турците да избегнуваат контакт со болни или мртви птици, за кои има сомнеж дека се причина за брзо ширење на смртоносниот вид на птичји грип H5N1.
"Најлоша состојба е состојбата на паника. Нема основа за паника", предупреди Данзон на прес-конференцијата, која ја одржа заедно со турскиот министер за здравство Реџеп Акдаг. Данзон подвлече дека здравствените експерти прават се што е можно за да ја совладаат тешката ситуација и нагласи дека засега нема пренесување на вирусот од човек на човек.
Светската здравствена организација се обидува да установи зошто заразата на птичји грип во Турција се шири толку брзо меѓу луѓето, особено меѓу децата. Портпаролката на СЗО Марија Ченг во Женева изјави дека Организацијата смета дека е без преседан фактот што 15 лица во Турција се заразиле со вирусот минатата недела и дека сите се деца или младинци.
Бројот ги надминува заразените во Кина (8) и во Камбоџа (4) заедно. Во Индонезија се регистрирани 16 случаи од јули досега. Според неа, случаите во Турција се речиси колку и во Тајланд, каде се регистрирани вкупно 22 случаја на птичји грип кај луѓето од 2003 година досега.
"Мислам дека не е необично", вели Гуенел Родие, раководител на експертскиот тим на СЗО испратен во Турција. "Се прашувам дали се соочуваме со поефикасно пренесување на вирусот од животни на луѓе", рече тој. "Тоа е отворено прашање. Немам одговор", додаде Родие. Според него, не е изненадување што има повеќе деца отколку возрасни заразени од болеста. Тој смета дека тоа се должи на фактот дека тие имаат послаб имунитет и дека се во поблизок контакт со домашните птици со кои си играат. "Веројатно е полесно да фатат болно пиле, отколку здраво", рече експертот.
Тој посочи дека официјалните претставници на СЗО и УНИЦЕФ мислат како најдобро да ги предупредат децата за неопходноста да бидат понастрана од домашните птици. Експертот истакна дека сите податоци укажуваат дека болеста се шири од животни на луѓе, а не од човек на човек. Тој нагласи дека нема ништо што ја поддржува хипотезата за пренесување на вирусот од човек на човек, но додаде дека е можеби рано да се одреди какви промени настанале во видот на болеста, во начинот на пренесување или во самиот вирус.
Според него, за тоа е неопходно уште многу работа. "Изгледа е јасно дека имаме работа со ситуација слична на онаа во Азија со многу мали места, семејни групи од болни, вклучувајќи многу деца, каде што секогаш се работи за контакт со заразени птици, типични домашни птици, посебно пилиња кои биле мртви или болни", рече Родие.
Тој додаде дека СЗО нема основа да налага ограничување на патувања во Турција. Родие и другите експерти од СЗО наведуваат дека забележуваат промени во вирусот на птичји грип кај засегнатите животни и луѓе во Турција, но дека се потребни неколку недели за да може да се утврди дали генетските промени се битни.
Портпаролката на СЗО Ченг рече дека засега нема изгледи дека вирусот што ги заразил луѓето мутирал значајно и дека тој не придобил човечки гени.