ИНФО                                           
     
  ПРВА МЕХАНИЗИРАНА ПЕШАДИСКА БРИГАДА

Во согласност со одлуката на претседателот на Република Македонија и Планот за трансформација на АРМ 2005-2007 година, шефот на државата Бранко Црвенковски ја промовираше Првата механизирана пешадиска бригада на АРМ, чија база се наоѓа во касарната "Јане Сандански" во Штип.
"Во изминативе години АРМ со успех ги изведе процесите на длабока трансформација и според релевантни проценки денес се наоѓа во завршната фаза од структурните реформи потребни за интегрирање во колективните безбедносни системи. Таа задача се состоеше од два, ни малку едноставни предизвици, со подеднаква комплексност, кои требаше да бидат разрешени. Прво, да се напушти одбранбената доктрина од претходниот политички систем за да се формира деполитизирана структура, која ќе е под целосна цивилна контрола и ќе биде гарант за опстанокот на државата. И второ, во согласност со промените во стратешкото опкружување во регионот и пошироко требаше да изградиме армија која ќе може успешно да се спротивстави на новите закани кои се појавија", истакна на промоцијата претседателот Бранко Црвенковски.
 
     
  ДА СЕ СПРЕЧИ ПАЃАЊЕТО НА МАКЕДОНИЈА

"Ако во последниве 15 години имавме вистински политички плурализам, борба на идеи, мислења и програми за подобрување на животот на граѓаните, Македонија немаше да се соочува со беда, невработеност и одлив на мозоци. Тоа е основата причина поради која се роди НСДП и наша основна цел ќе биде да се запре паѓањето на Македонија", порача Тито Петковски на Основачкото собрание на Нова социјалдемократска партија, на кое беше избран за нејзин претседател.
Тој потенцира и дека не смее да се случи во држава, која по својот Устав е социјална, правата на работниците да бидат во втор план, а на функционерите во прв.
"Пратениците - вели Петковски - си ги зголемија своите плати, си го скратија стажот, а оние кои им ги создадоа условите да дојдат таму не ги засегаат".
Поздравувајќи го кандидатскиот статус на Македонија за ЕУ, Петковски потенцира дека Европа бара партнер, а не слуга.
 
     
  ЧЕСТИТКИ ОД ОМО ПИРИН

Република Македонија доби многу честитки по повод кандидатскиот статус за членство во Европската унија. Меѓу поздравите пристигна и честитката упатена од Претседателството на ОМО ПИРИН.
"Со голема радост ја примивме долгоочекуваната вест дека Република Македонија доби статус на кандидат за членка на Европската унија. Во овој ден, радосен за сите Македонци, сакаме да ги упатиме своите честитки до сите оние кои се заслужни тоа да се случи, пред с#, до Владата на Република Македонија, а исто така, и до сите Македонци, било каде тие да живеат!
Европската иднина за Балканот е без алтернатива, а резултатот е паѓањето на границите кои во 1912 година го поделија македонскиот народ, што е сон за генерации Македонци. Посакуваме уште поголеми успеси во најблиска иднина и колку што е можно побрзо претворање на Република Македонија и на сите балкански држави во полноправни членки на Европската унија", се вели во соопштението на ОМО ПИРИН.
 
     
  ОТШТЕТА З А ПРЕЖИВЕАНИТЕ ОД КАРПАЛАК

Осумдесет и шест преживеани учесници од Карпалак ја тужеа државата и по четири години добија по 4.500 евра нематеријална штета. Од Министерството за одбрана со камата се префрлени повеќе од 23 милиони денари или за секого по 276.600 денари надоместок за претрпена психичка болка и намалена физичка активност. Во конвојот кој беше нападнат на 8 август 2001 година кај Карпалак загинаа 10 припадници на резервниот состав на АРМ.
"Иако постоеше скептицизам дека нема до крај да се истера спорот, нашиот правен став го потврдија сите судски инстанци, од прилепскиот Основен суд па с# до Врховниот", вели Симон Петревски, еден од тројцата адвокати, кои направија хуман гест откажувајќи се од 10 отсто од каматата, што е околу 10.000 евра во корист на преживеаните.
За 14 резервисти кои се обидуваат да ги избегнат судските и адвокатските давачки, нивните колеги коментираат дека тие нема да го оцрнат образот на бранителите.
 
     
 

ПРВ НАЦИОНАЛЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА КОНКУРЕНТНОСТ

На 16 декември 2005 година во зградата на Владата на Република Македонија се одржа промоција на првиот Национален извештај за конкурентност на Република Македонија.
Генералниот заклучок од првиот извештај за конкурентност е дека во последната година не се подобрила конкурентноста на македонската економија, а според индексот на пораст на конкурентноста, оценките за конкурентноста на домашната економија покажуваат дека од 117 економии рангирани во 2005-2006 година, Македонија е на 85 место.
Националниот извештај за конкурентност на Македонија претставува прв извештај од ваков вид во Република Македонија. Извештаи со такви карактеристики и содржина повеќе години се изработуваат во многу други држави (развиени или држави во развој), што значи дека овој Извештај за конкурентноста на Македонија ќе ја пополни таа празнина. Но, едновремено, вредноста и значењето на Извештајот всушност се многу поголеми, бидејќи тој, како и извештаите во други држави, треба да послужи како основа за дефинирање на насоките на идниот економски развој на Македонија.
Извештајот е изработен под покровителство на Националниот совет за претприемништво и конкурентност. Тој е работен според методологијата за изработка на извештаи за конкурентноста на Светскиот економски форум, и се темели врз податоци од Извештајот за глобалната конкурентност на Светскиот економски форум 2005-2006 година.
Извештајот, како одраз на фактички состојби и аргументирани препораки, им е наменет на релевантните домашни и странски економски и политички аналитичари и носители на одлуки, за нивните економски анализи, критики и предлози во дефинирањето претпоставки за натамошно креирање на економскиот развој во Република Македонија.

 
     
  ОТВОРЕН ЗАБАВЕН ПАРК - ACTION PARK

Скопски саем ја заврши реализацијата на една од своите најавени инвестиции и воведе нова дејност во работењето. Станува збор за пуштање во употреба на голем спортско-рекреативен и забавен објект за деца и млади - Забавен парк, кој е наречен ACTION PARK. Паркот е сместен во петтата саемска хала, која за оваа намена е целосно преуредена, на површина од 2.200 м2. Забавниот парк е оригинална концепција и содржи 16 атракции, на кој ќе работи цел тим обучени професионалци. Инвестицијата за ACTION PARK е 1.000.000 евра и е единствена од ваков вид не само во Македонија, туку и во Југоисточна Европа.
Забавниот парк беше свечено отворен на 15 декември од страна на градоначалникот на Скопје, господинот Трифун Костовски, кој истакна:
"Со севкупната понуда на многу возбудливи атракции, забава, квалитетна услуга и сплет на рекреативни иницијативи, градот, а особено Општината Гази Баба, ќе добијат нов, интересен простор, кој треба да ги анимира нашите помлади сограѓани. Воедно тоа ќе значи и ново урбано катче за дружење на родителите, бабите и дедовците, што значи организирана средина, која ќе успее да го анимира како поединецот, така и целото семејство, до колективна забава".
Истовремено, со отворањето на Забавниот парк, се одржа и промоција на албумот на Мартина Силјановска, првата победничка на Евросонг, кој воедно е и првиот детски албум издаден кај нас.
 
     
  ФИЛМ ЗА ПОТОМЦИТЕ НА АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ

Минатата сабота во Музејот на современа уметност премиерно беше прикажан филмот на Марина Дојчиновска "До крајот на светот", кој е реализиран во Пакистан, кај Хунзите и Калашите, Македонци кои живеат на Хималаите.
Дојчиновска вели дека филмот е реализиран по патот на Александар Македонски и го промовира со мотото:
"Да тргнеш од Македонија и по 10.000 километри следејќи го Сонцето да стигнеш повторно во Македонија".
Марина Дојчиновска вели:
"Тоа е видеозапис каде што се гледа и по архитектурата, везовите, музиката и најмногу по јазикот, дека се работи за жители кои ги носат корените од Александар кому токму овие села му биле и последната точка во неговиот поход".
Проектот го финансираше бизнисменот Владимир Ралев.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПИСМО ОД ШИРАК ДО ЦРВЕНКОВСКИ: ФРАНЦИЈА ЗАДОВОЛНА ОД ОДЛУКАТА НА ЕВРОПСКИОТ СОВЕТ

Претседателот Бранко Црвенковски вчера доби писмо од францускиот претседател Жак Ширак во кое искажува честики за добиениот кандидатски статус на Република Македонија на Самитот на Европската унија во Брисел.
"По одлуката на Европскиот Совет на 15 и 16 декември со која на Вашата земја и се признава статусот на кандидат за влез во Европската Унија, сакам да Ви ги изразам моите најсрдечни честитки.
Франција е уште позадоволна од таквиот резултат, бидејќи тоа е во согласност со визијата што ја потврди за време на Самитот во Загреб, а потоа и во Солун. Денес се праведно вреднувани токму Вашите напори направени на патот кон европската интеграција", истакнува Ширак во писмото до Црвенковски.
За вашата земја, додава францускиот претседател, но и за целиот Западен Балкан оваа одлука претставува охрабрување за да се продолжи со почнатите реформи и решително да се напредува на патот на стабилноста, на демократијата и зајакнувањето на правната држава.
"Во заклучоците од Европскиот Совет се напоменати условите во кои се впишува овој почнат процес. Заблагодарувајќи Ви се за довербата што Вашата Влада ја искажа во поглед на Франција, Ве молам да ги примите изразите на мојата висока почит", се наведува во писмото на францускиот претседател Жак Ширак до шефот на македонската држава Бранко Црвенковски.

МИТРЕВА ВО МОСКВА СЕ СРЕТНА СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА КОМИТЕТОТ ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ НА РУСКАТА ДУМА

Македонија со своите активности придонесува за зголемување на стабилноста и за реализација на европските и евроатлантските перспективи во регионот на Југоисточна Европа, изјави вчера во Москва македонскиот министер за надворешни работи Илинка Митрева на средбата со претседателот на Комитетот за надворешни работи на руската Дума Константин Косачев.
Како што јави специјалниот известувач на МИА од Москва, на средбата е истакнато дека позитивната соработка на Комитетот за надворешни работи на руската Дума со Комисијата за надворешни работи на македонскиот Парламент, треба да се прошири со активности што ќе придонесат за натамошно унапредување на економската соработка меѓу двете земји.
Генерална оценка од средбата е дека постои подобрување на односите меѓу Русија и Македонија, во сите аспекти, за што придонела интензивната парламентарната соработка.
Во разговорите стана збор и за глобалните теми, пред се за борбата против предизвиците во современото живеење.
Претседателот на Комитетот за надворешни работи на руската Дума престојуваше во посета на Република Македонија во март оваа година. Претстои возвратна посета на делегација на Комисијата за надворешни работи на македонското Собрание на Руската федерација.
Со средбата со претседателот на Комитетот за надворешни работи на руската Дума Константин Косачев, министерот Митрева ја заврши работната посета на Москва.

АНАН: ИДНИОТ ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР НА ОН ТРЕБА ДА ИМА ДЕБЕЛА КОЖА И ЧУВСТВО ЗА ХУМОР

Генералниот секретар на ОН Кофи Анан изјави дека 2005 година била навистина тешка заради природните непогоди што се случија и продолжувањето на конфликтите на Блискиот Исток и во Африка.
"Јас гледам напред кон идната година, што ќе ми биде последна како генерален секретар", посочи Анан на прес - конференција по повод завршувањето на годината.
Анан вели дека во месеците кои доаѓаат вниманието ќе го насочи кон борбата против сиромаштијата, природните непогоди, вооружените конфликти и оружјето за масовно уништување.
"Идниот генерален секретар на Светската организација треба да има 'дебела кожа' и чувство за хумор и да знае како да ги ислуша и ефективно да работи со владините лидери", рече Кофи Анан.