ИНФО                                           
     
  ВИСТИНСКАТА СОСТОЈБА СО ПРАВАТА НА МАЛЦИНСТВАТА ВО ГРЦИЈА

Партијата на македонското малцинство "Виножито", со седиште во Лерин, соопштува дека грчките дипломати продолжуваат бесрамно да лажат пред меѓународните организации за правата на македонското малцинство во Грција.
Како повод за оваа оценка е последниот настап на грчки дипломати и други политичари на Парламентарниот комитет за правни прашања и човекови права на Советот на Европа, чија седница неодамна се одржа во Париз.
Реакцијата на "Виножито" е последица на изјавата на грчкиот дипломат Јоргос Ајфантес, кој тврдел дека мал дел од населението кое го зборува "македонскиот идиом", имал право да го зборува јазикот и право да го изучува во приватни училишта. Според "Виножито", досега никој како Ајфантес не успеал со толку малку зборови да ја опише вистинската состојба со правата на малцинствата во Грција.
 
     
  ОБЕСПРАВЕНОСТА НА МАКЕДОНСКОТО НАСЕЛЕНИЕ ВО БУГАРИЈА

На културната манифестација која еднаш годишно ја организира штипското Здружение на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија, присутните гости од Бугарија повторно проговориле за обесправеноста на македонското население во земјата, која ќе стане дел од европското семејство.
"Ние не правиме контакти со македонските влади. Ниту тие не бараат, ниту ние ги бараме. Македонија треба да има политика, социолози, психолози кои треба да следат, да знаат каква е состојбата на населението во Пиринска Македонија, во Егејска Македонија, тоа е работа на државниците и на политичарите", вели Јордан Констадинов, од ОМО Илинден.
Во 16-годишното постоење на ОМО Илинден, неговите членови често се прашуваат што прават македонските власти по прашањето како да се заштитат правата на македонското малцинство во Бугарија.
Поради ускратеното право за слободно здружување и другите репресивни мерки врз македонското население во Бугарија, околу 300 членови на ОМО Илинден доставиле вкупно 5 тужби против бугарската држава до Европскиот суд за човекови права. Она што најмногу ги засега е негирањето на македонскиот јазик, религија, култура и традиција.
 
     
  СЕМЕЈСТВАТА НА КИДНАПИРАНИТЕ ТРЕБА ДА ПЛАТАТ ЗА ДА ЈА ДОБИЈАТ ПРЕСУДАТА

Десетте семејства на киднапираните Македонци во текот на конфликтот во 2001 година на име судски такси треба да платат 10.000 евра. По 1.000 евра од семејство се потребни за да ја добијат судската пресуда од Основниот суд Скопје 1 Скопје, кој пресуди - најблиските роднини на 12-мината киднапирани да добијат отштета од по 20.000 евра за претрпена болка од загубата на своите блиски.
За македонското правобранителство оваа сума била превисока и правобранителката Зоја Лега поднела жалба до Апелациониот суд. Доколку не била поднесена жалбата, немало потреба ниту од плаќање пари за да се добие пресудата.
Адвокатот на семејствата, Ванчо Шехтански, најавува дека од претседателот на Апелациониот суд ќе побара ургентно да се разгледа предметот, без да се плати таксата за пресуда, пари кои во моментов ги немаат семејствата на киднапираните.
 
     
  СОЦИЈАЛНИОТ ДИЈАЛОГ И Е ПОТРЕБЕН И НА ВЛАДАТА

На средбата меѓу ССМ и владиниот тим на премиерот Владо Бучковски, главно, се разговараше за социјалниот дијалог, кој веќе 8 месеци речиси и не функционира.
"Не можам да кажам дали сме задоволни или не. Она што го договоривме е со кратки рокови, до 15 декември треба да се завршат повеќе активности. Тогаш можеме да кажеме дали сме задоволни или не. Значи, кога ќе ги видиме првите резултати од она што е договорено", истакна портпаролот на ССМ, Пеце Груевски.
"Социјалниот дијалог не му е потребен само на ССМ, тој и е потребен и на Владата, особено во овие денови кога се бори за влез во ЕУ. За дел од прашањата кои ги покренавме нема да се расправа меѓу Владата и ССМ, туку по министерствата и гранските синдикати", додава Груевски.
До 15 декември се најавува уште една средба на која треба да се види дали ќе функционира тој социјален дијалог. Пред се, за Синдикатот приоритетно е да се утврди некоја минимална загарантирана плата под која ниту еден вработен во РМ не смее да има месечни примања и за сите други останати социјално-работнички проблеми. Синдикатот најавува дека и во наредниот период ќе имаат активна соработка со Владата.
 
     
 

ПРОСЛАВЕНА 14-ТА МАТУРСКА ВЕЧЕР ВО АВСТРАЛИЈА

"Македонскиот народ со години бил обесправуван и му било забранувано да го зборува својот мајчин јазик во целокупна етничка Македонија. Но, и покрај строгите забрани, благодарение на минатите македонски генерации, ние наследивме наш македонски јазик со кој денес се гордееме насекаде, вклучувајќи ја и нашата втора татковина Австралија. Значи, под силните угнетувања, забранувања и тортури, не престана да постои македонскиот јазик. Тој е како феникс. Денес се зборува во Република Македонија, Егејска, Пиринска, во Албанија, како и во Канада, Америка и, се разбира, во Австралија. Според последниот попис на населението во Австралија, македонската заедница е на прво место, која најмногу го користи мајчиниот јазик за меѓусебна комуникација. Бројката е фасцинантна, дури 97 отсто од Македонците се изјаснија дека во домовите зборуваат на македонски", изјави Ицо Најдовски, наставник во Килор Даунс Секондари Колеџ, на прославата на 14-тата по ред матурска вечер по македонски јазик во Викторија, Австралија.

 
     
  ТРПЧЕСКИ СО ТРИ КОНЦЕРТИ ВО ЛОНДОН

На 4 декември, во "Квин Елизабет хол", Симон Трпчески одржа солистички концерт со Лондонската филхармонија. Тој е најавен како македонски пијанист, кој е еден од највозбудливите млади пијанисти во светот. Во најавата за концертот се вели дека тој плени со заслепувачки сјајниот пијанизам. Во програмата Трпчески имаше дела од Брамс, Скрабин и од Дебиси.
Трпчески имаше уште два концерта со Лондонската филхармонија. Тој настапуваше со еден од водечките диригенти во светот, Владимир Јурговски, за кого се вели дека брилијантно дебитирал во "Коен гарден" со "Набуко" во 1996 година.
Инаку, нашиот Симон Трпчески има интервју и се наоѓа на насловната страница на специјализираниот британски музички магазин "Пијанист".
 
     
  МЕЃУНАРОДЕН ДЕН НА ИНВАЛИДИТЕ

Иницијативата за собирање 10.000 потписи за донесување закон за заштита на правата и на достоинството на лицата со хендикеп, предложен од Здружението "Полио плус" и од дваесеттина други здруженија на граѓани, беше поддржана само од 2.600 граѓани.
Според податоците, најсовесни граѓани има во Прилеп и во Македонска Каменица. Инаку, тие апелираат дека остануваат уште 50 дена за поддршка на оваа кампања.
Предлог-законот ги содржи механизмите кои ги гарантираат правата на инвалидите, што е и дел од текстот на предлог-конвенцијата за заштита и унапредување на правата и на достоинството на лицата со хендикеп, која в година ќе се најде во Обединетите нации и за која се очекува да биде донесена, беше истакнато на презентацијата на текстот на предлог-конвенцијата, која ја организираше Здружението "Полио плус", по повод Меѓународниот ден на инвалидите - 3 Декември.
 
     
  ХУМАНИТАРЕН КОНЦЕРТ ЗА ОДБРАНА НА БОШКОСКИ

Здружението за поддршка на Љубе Бошкоски на 9.12. 2005 година ќе одржи хуманитарен концерт во Универзалната сала во Скопје, со почеток во 20 часот, за собирање помош за одбраната на Бошкоски пред Хашкиот суд.
Инаку, како медиумски покровител на овој концерт учествува и нашиот неделник "Македонско сонце".
Парите собрани од концертот ќе бидат наменети за најмување стан близу затворот во Хаг, кој ќе го користи семејството на Бошкоски, како и неговата одбрана.
А, од власта, пак, повторно е добиено ветување дека деновиве ќе бидат отворени архивите потребни за одбраната на Бошкоски. Од Здружението велат дека наместо на 18 декември, сега по барање на обвинителството, судењето најверојатно ќе почне во април идната година.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  БУЧКОВСКИ: СТАТУСОТ КАНДИДАТ ЗА МАКЕДОНИЈА СИГНАЛ ДЕКА ИДНИНАТА НА БАЛКАНОТ Е ВО ЕУ

Регионот на Југоисточна Европа, од политички аспект, покажува позитивни трендови, иако се уште не се елиминирани сите фактори на несигурност и поларизираност - Позитивните движења првенствено се резултат на добрите проевропски компоненти, кои на балканските општества им даваат поинаков дух, истакна премиерот Владо Бучковски, обраќајќи се на економскиот форум "Кран Монтана", што се одржува во Монте Карло.
"Таквата политика силно влијае врз свеста на нашите граѓани, кои полека стануваат свесни дека е дојдено време историјата да се замени со сегашноста и иднината", рече Бучковски.
Македонскиот премиер смета дека проширувањето на Европската унија е еден од поважните фактори, не само за неутрализација на деструктивните и неодговорните политички елити, туку и силен поттик кон здравите хумани вредности и кон севкупниот напредок.
"Балканот, а во тие рамки и Република Македонија, географски се дел од Европа и природно се поврзани со структурата на Европската унија. Секој проблем од кој било дел од Европа истовремено е проблем на ЕУ. Безбедноста на целиот Балкан, во сите анализи се оценува како круцијален за безбедноста и напредокот на целата Европа. Западен Балкан, а во овие рамки и Република Македонија, претставуваат природна, културна, цивилизациска и социјална целина на европскиот континент", рече Бучковски.
Поаѓајќи од ваквите објективни причини, додаде Бучковски, со право можеме да констатираме дека секое натамошно вклучување на балканските држави во ЕУ не треба да се смета како проширување на Европската унија, туку како реунификација на европската целина.
"Но, факт е дека не е доволна само празна политичка волја или декларирани желби за поинаков балкански регион, туку се потребни порешителни заеднички сеопфатни акции за поперспективна Европа. Не е можно да се замисли интегрирањето на Балканот во ЕУ без поекспедитивна и поефикасна поддршка од страна на Унијата. Без економски и социјален развој, сите други чекори тешко дека ќе можат на подолг рок да ги дадат очекуваните резултати. Сите релевантни аргументи потенцираат дека економската и социјалната несигурност лесно може да доведе до општа несигурност", нагласи премиерот Бучковски.
Според него, економската соработка и потесната соработка би помогнале да се намали заканата од војна, но и би помогнале да се одржуваат заемно корисни односи.
"Развојот на демократијата и интеграцијата внатре во Балканот меѓу самите земји го претставуваат патот кон мирот и развојот. Зближувањето на државите од Балканот нуди стратегија за заштита на интересите, а мултилатералните односи се сметаат за стабилна рамка која ја намалува неизвесноста", рече Бучковски.
Тој смета дека аспирациите за членство во ЕУ можат да доведат до значителни трансформации и прилагодувања во балканските домашни сцени во правец кон ЕУ. Оттука, нагласи Бучковски, не треба да гледаме никаква опасност од можните различни брзини на интеграција.
"Напротив, тоа може да се случи како политичко натпреварувачки дух кон интегрирањето во Европската унија. Лидерите во регионот веќе ги забележуваат политичките и економски импликации на процесот за пристап врз регионалните врски. Оттаму, секоја земја се обидува да ги надминува овие проблеми, балансирајќи меѓу барањата на ЕУ и регионалните притисоци", истакна Бучковски, додавајќи дека сега на Балканот се создава широка зона на слободна трговија, што го поттикна растот и директните странски инвестиции.
Без странски инвестиции, како што рече, се создаваат социјални проблеми и масовен бран на миграции што, според него, во Европа е проблем.
"Република Македонија, како составен дел на Балканот, веќе почна да живее со европскиот дух. Таа веќе подолго време не е дестабилизирачки фактор во регионот. Напротив, таа веќе е успешен извозник на стабилност во регионот. Република Македонија покажа доволен виталитет во исполнувањето на важните критериуми за интегрирање во ЕУ", нагласи Бучковски.
Конечно, поради таквите објективи, Македонија, додаде премиерот, доби позитивно мислење од Европската комисија, но и препорака до Советот на Унијата за да и се додели статус на земја кандидат.
"Го користам моментот најсрдечно да им се заблагодарам на сите наши пријатели и на сите наши поддржувачи во овој процес. Со признавањето на Република Македонија на статусот 'држава кандидат' ќе се прати уште посилен сигнал на целиот Балкан дека иднината треба да ја гледа во ЕУ. Со тоа значајно ќе се обесхрабрат ирационалните фактори на балканскиот полуостров кои се уште се надеваат на злоупотребата на мулиетничката реалност", рече премиерот Бучковски.
Тој смета дека Република Македонија сега е добар пример за стабилност и етничка толеранција во регионот.
"Имплементацијата на Охридскиот рамковен договор како важен документ е при самиот крај. Но, неопходно е и понатаму да ја одржиме динамиката на реформите во институциите на државата, особено во јавната администрација и судството. Владата прави огромни напори за привлекување странски инвестиции и економски развој на државата. Интензивно работиме и во процесот на апроксимација на домашното законодавство со она на ЕУ", истакна претседателот на македонската Влада.
Република Македонија, додаде Бучковски, е по потрага за излез од постојната економска состојба.
"Почетните позитивни резултати ни даваат позитивна енергија. Мора да работиме повеќе за да ја намалиме невработеноста. Странските инвестиции по секоја цена треба да се стимулираат. Исто така сме во фаза на зајакнувањето на борбата против организираниот криминал и корупција. Сега завршуваме со уставните измени, со што реформите во судството ќе добијат полна динамика. Но, во овие залагања на нашата држава и треба поголема помош од ЕУ. Неминовно е потребно поинтензивно да се пренасочува балканската политичка енергија кон европските стандарди", рече Бучковски.
Во овој контекст, тој нагласи дека Република Македонија е подготвена за еден подинамичен план од страна на Европската унија за довршување на процесот на стабилизација и комплексна реформа.
"На крајот, дозволете да изразиме целосно задоволство од извештајот на Меѓународната комисија за Балканот, кој зборува за 'тајните на македонскиот успех'. Мора да кажам дека нашата тајна е европскиот дух и пристап кон проблемите", истакна премиерот Владо Бучковски, обраќајќи се на форумот "Кран Монтана", што се одржува во Монте Карло.
Претседателот на Владата на Република Македонија вечер во Монте Карло ќе ја прими наградата на Форумот "Кран Монтана" за 2005 година.
Годинава македонскиот премиер ќе ја добие наградата заедно со добитникот на Нобеловата награда за мир Ширин Ебади и поранешниот премиер на Украина Јулијана Тимошенко.
Во образложението за доделување на наградата на Кран Монтана Форумот на премиерот на Република Македонија се наведува дека се доделува поради неговиот придонес за модернизација и интеграција на Република Македонија во Европската унија. Тој придонесе Република Македонија да биде стабилна и да прерасне во мултиетничка демократија на Балканот, стои во образложението на наградата која ќе му биде врачена на премиерот Бучковски вечерва во Монте Карло.