ИНФО                                           
     
  "ГИСЕКЕ" ЌЕ ГИ ИЗРАБОТУВА МАКЕДОНСКИТЕ ПАСОШИ

Германската фирма "Гисеке" ќе ги изработува новите македонски пасоши. Второстепената владина комисија за жалби ги одбила двете преостанати жалби на италијанската "Институто полиграфико" и на австриската "Сименс".
"Од лабораториските анализи на МВР е констатирано дека понудите на сите фирми имале врвен квалитет на патна исправа. Пресудни се другите критериуми од тендерот", изјави Петар Шилегов, претседател на Второстепената комисија.
Без оглед на евентуални жалби, МВР може да склучи договор со "Гисеке". Инаку, во текот на постапката во јавноста беа изнесени повеќе аргументи против изборот на компанијата, при што беа оспорувани законитоста на процедурата, квалитетот на понудата, како и условите на набавка.
 
     
  СОНК И ВЛАДАТА ПОСТИГНАА ДОГОВОР

Владата и Синдикатот за образование, наука и култура неодамна се договорија масата за плати во овие дејности вкупно да се зголеми за 12 отсто. Министерството за финансии со ресорните министерства треба да се договорат како зголемувањето на масата за плати ќе влијае врз најниската плата.
"Треба да продолжат разговорите на техничко ниво во Министерството за образование, а потоа ќе следуваат културата и трудот и социјалата. Треба да се направат дополнителни технички проверки на бројот и на структурата на вработени, по што ќе биде утврден износот на најниската плата во образованието, културата и социјалата, која ќе биде околу 4.000 денари", вели Дојчин Цветановски, претседател на СОНК.
Според него, откако ќе се утврди најниската плата, СОНК со Владата ќе потпише спогодба за постигнатите преговори.
 
     
  СМИРЕНИ ОДНОСИТЕ МЕЃУ КОСМОФОН И МОБИМАК?!

Четири скопски компании преку СИМ-картички на Космофон вршеле зголемен дојдовен меѓународен сообраќај во мрежите на Македонски телекомуникации и на Мобимак, утврдила Агенцијата за електронски комуникации. Агенцијата се обиде да посредува за Космофон и Мобимак да ги надминат недоразбирањата кои преминаа во сериозни меѓусебни обвинувања дека двата оператора работат незаконски. На обвинувањата на Мобимак дека Космофон спротивно на Законот за електронски комуникации реализира меѓународен сообраќај, од Агенцијата известија дека тоа го прават компаниите "Актон", "Балкантел", "Системринг" и "Унифон МК", сите од Скопје.
 
     
  ГЛИГОР СТЕФАНОВ СО ИЗЛОЖБА ВО КАНАДА

Уметникот Глигор Стефанов учествува на "Артсин", годишна изложба која ја организира Центарот за современа уметност, "Виндзор артист ран" во Канада. Изложбата е отворена минатиот петок и ќе трае до 10 декември 2005 година, а претставени се експериментални дела од визуелните уметности: склуптури, просторни инсталации и филм. Глигор Стефанов, кој живее и работи во Виндзор, Канада, во својот опус има цртежи, слики, инсталации, скулптури од органски материјали. Учествувал на Венециското биенале, а имал и дваесеттина самостојни претставувања.
 
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ЦРВЕНКОВСКИ - ДИ КАРЛО: СОРАБОТКАТА СО САД НАЈВИСОК ПРИОРИТЕТ ЗА МАКЕДОНИЈА

Односите со САД за Република Македонија претставуваат највисок приоритет, нагласил македонскиот претседател Бранко Црвенковски на денешната средба со заменик-помошникот на државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Розмари Ди Карло.
Шефот на македонската држава, како што соопшти неговиот Кабинет, на средбата изрази уверување дека цврстата и трајна определба на Македонија за градење партнерски односи со САД во периодот што следи не само што ќе се потврди, туку очекува соработката да се интензивира и продлабочува во сите сфери од заемен интерес.
Претседателот Црвенковски во името на граѓаните на Република Македонија изрази и благодарност за континуираната поддршка што САД и ја даваат на Република Македонија од нејзиното осамостојување до денес.
Заменик - помошникот на државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Розмари Ди Карло, изрази благодарност до Република Македонија за нејзиниот ангажман и придонесот во воспоставувањето на демократијата и безбедноста во светот, како и во борбата против меѓународниот тероризам, демонстрирана со своите воени мисии во Ирак и Авганистан.
Упатувајќи честитки за позитивното мислење на Европската комисија, Розмари Ди Карло изрази надеж дека Република Македонија во декември ќе го стекне статусот земја кандидат и во таа насока ја повтори силната поддршка, посветеноста и подготвеноста на САД за тесна соработка со Република Македонија во остварувањето на стратешките цели, членство во ЕУ и НАТО, како и за довршување на започнатите реформи со кои ќе се реализираат ваквите стратешки определби.
На средбата, како што се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателот Црвенковски, се разменети мислења и за регионалните прашања, така што во име на САД, Ди Карло упати честитки за позицијата на Република Македонија да ја следи визијата на меѓународната заедница во однос на решавањето на последните отворени прашања во регионот.
Заемно е заклучено дека решенијата за последните прашања во регионот не смеат да предизвикаат никакви промени на границите, односно треба да продуцираат траен мир, безбедност и просперитет, што, како што беше истакнато, со европската перпектива на регионот ќе биде многу полесно остварено.
Розмари Ди Карло се сртена и со шефот на македонската дипломатија Илинка Митрева, а попладнево ќе разговара со премиерот Владо Бучковски и со вицепремиерката Радмила Шекеринска.