ИНФО                                           
     
  "ЗАЗЕМАЊЕТО СТРАНА Е РЕТРОГРАДЕН ПРОЦЕС" - МУ ОДГОВОРИ БУЧКОВСКИ НА ВАРТОЛОМЕЈ

Во писмото од Вселенскиот патријарх Вартоломеј упатено до претседателот на Владата на Република Македонија, д-р Владо Бучковски, доставено на 19 октомври 2005 година, се вели:
"Ваша Екселенцијо,
Со вистинска душевна болка ја следиме одолговлекуваната статичност, ако не и ретроградност, на решението во однос на долгогодишната и менлива целокупност на 'телото' на Светите Православни Цркви - за црковниот проблем на Вашата држава.
Не можеме да го скриеме впечатокот на нашата Мајка Света на Христос Голема Црква, дека и Државата таму не ја играше во однос на тоа потребната конструктивна улога, го гледаше целото прашање најверојатно под етничка призма и остана на ставовите кои се малку во сообразност со вековните важечки црковни и светоканонски правила. Се разбира, би можеле да реагирате дека тоа го чини и страната на српската држава. Но, со ова мое Патријаршиско писмо се обраќаме специјално до Вашата Екселенција и ја подвлекуваме неопходноста од итна промена на начинот на справување со проблемот од страна на Државата, бидејќи со досегашниот Ваш став непродуктивно се опструира Божјото решение на проблемот, и тоа, како што фактите покажуваат и Вие правилно го сфаќате, има директни последици врз целокупната државна база на Вашата држава.
На пример, Мајката Црква се обрати со барање преку официјално писмо до Нас и побара мое посредување за ослободување на Пресветниот Владика господин Јован. Во претходното писмо кон Мајката Црква од август го спомнувате како било кој обичен граѓанин на Вашата држава, работа што не е во согласност со основните правила на културно однесување, но и кон должната почит кон Екуменската Патријаршија.
Затоа, ако навистина, како што веруваме, го посакувате регуларното решавање на овој црковен проблем, треба да го прегрнете, според мене, мислењето на Црквата, бидејќи не постои друг освен овој Пресвет Дух осветлен од Светите Татковци на Црквата, за да ги изложат Светите синодски Правила, според кои, целокупното црковно тело се политизира и се управува.
Со ова, со Наш татковски Божји благослов, остануваме со длабока љубов и почитување".
Претседателот на Владата на Република Македонија, д-р Владо Бучковски, му даде одговор на Вселенскиот патријарх Вартоломеј:
"Сесвети Патријарху на Константинопол,
на новиот Рим и сета Екумена
Во Вашето последно Патријаршиско писмо ни ја откривте Вашата реална душевна болка за нерешениот црковен проблем во Нашата земја. Ја споделуваме истата траума со Вас, и сосема јасно Ви ја разбираме тагата, што години наназад не се изнајде решение за црковното прашање. Но, не Ве разбираме и со основана загриженост Ве прашуваме, како носител на конструктивната улога во овој болен процес, ние ли сме вистинската адреса за квалификациите 'статичност и ретроградност', изговорени од Вас, првиот меѓу еднаквите православни епископи?
Скепсата и стигмата кои како нота ги изразивте во Вашето писмо, специјално адресирано до мене, подеднакво збунуваат. Не е јасно и кога зборувате за директните последици врз целокупната државна база доколку Државата ги превиди канонските правила, поставени наспроти етносот или волјата на народот за црковното прашање.
Во Република Македонија веќе половина век постои организирана православна Црква како возобновена Охридска архиепископија во лицето на Македонската православна црква.
Дозволете, Вашата загриженост за нашето севкупно државно постоење, да ја отстраниме со радосната вест по позитивното мислење од Европската комисија. Наша реалност е засиленото и динамично чекорење во евроинтеграционите процеси во семејството на европските народи. Поаѓајќи од конструктивните препораки, а врз основа на уставните принципи на одделеност на државата од религиозните заедници и групи, на мислење сме дека црквите треба да изнајдат црковно решение за црковниот проблем.
Владата на Република Македонија, со којашто јас претседавам, од релевантните светски и меѓународни институции е оценета дека генерално ги почитува човековите и религиозните права на нејзините граѓани и создава услови за нивно непречено егзистирање.
Улогата на Цариградската патријаршија секогаш сум ја разбирал како непристрасна во посредувањето меѓу сестринските православни цркви. Цениме дека ретрограден процес е заземањето страна во услови на нарушени релации меѓу Македонската православна црква и Српската православна црква. Исто така, именувањето дека некој има положба на Мајка Црква не придонесува да се разрешат прашањата со поинакви историски вистини.
Македонските власти и натаму ќе се придржуваат на принципот на секуларност на државата и ќе продолжат да ја гарантираат слободата на вероисповед, како што е дадена во Европската конвенција за човекови права и основни слободи. Владата истакнува дека вредностите на верската толеранција кои се длабоко вкоренети во македонското општество и натаму ќе се заштитуваат и поттикнуваат во Република Македонија".
 
     
  ОБЕДИНЕТИ НА ПАТОТ НА ИНТЕГРИРАЊЕТО НА МАКЕДОНИЈА

По покана од македонскиот почесен конзул Владимир Ралев, премиерот Владо Бучковски присуствуваше на големиот собир на македонските иселеници во Лозана, кој го организираше Форумот на македонските друштва во Швајцарија.
Премиерот Бучковски ги повика македонските иселеници во Швајцарија да инвестираат во земјава и да лобираат низ Европа за да ја поддржат економската стабилизација на Македонија. Исто така, тој ги повика да се обединат и заедно да работат на патот на интегрирањето на Македонија во европските институции. А за возврат, македонската држава ќе води поактивна политика кон своето иселеништво.
Според Бучковски, угледот и влијанието на поединци од македонските иселеници во земјите во кои работат треба да се стават во функција на "поосмислен настап за воспоствување економска соработка".
 
     
  ЗАКАНА ЗА ПОГОЛЕМИ ЦАРИНИ ОД КОСОВО

Доколку државава не ја ратификува привремената Спогодба за слободна трговија најдоцна до 1 јануари 2006 година, Косово се заканува дека ќе ја зголеми царината за македонските производи.
Од Министерството за економија смирувачки велат дека Спогодбата сигурно ќе биде ратификувана до крајот на годинава и соопштуваат дека ако тоа не се случи во предвидениот рок, трговијата со Косово ќе биде регулирана во согласност со стариот Договор за слободна трговија со Србија и Црна Гора.
Но, според експертите, заканата од Косово е притисок за забрзување на постапката за ратификација на Спогодбата за слободна трговија меѓу Македонија и Косово. Привремениот договор, кој овозможува висок степан на либерализација на трговијата, двете страни го потпишаа во септември годинава, а неговото времетраење е поврзано со мандатот на УНМИК.
 
     
  ОБЕШТЕТЕНИ РОДНИНИТЕ НА МАСАКРИРАНИТЕ ПОЛИЦАЈЦИ ВО ВЕЈЦЕ

Основниот суд Битола во Битола деновиве донесе пресуда семејствата на тројцата полицајци кои загинаа во масакрот кај Вејце во 2001 година да добијат отштета.
На секој родител на трагично починатите Кире Костадиновски, Илчо Стојаноски и Бошко Најдовски ќе им бидат исплатени по 1.000.000 денари за претрпена душевна болка. Освен тие 6.000.000 денари, државата ќе треба да исплати уште 600.000 за браќата или за сестрите на починатите (по 100.000 денари за секој од нив). Сопругата и малолетниот син на загинатиот Костадиновски заедно ќе добијат уште 2.000.000 денари за претрпена душевна болка поради загубата на сопругот и таткото.
Ова обесштетување следи по четиригодишен судски спор, во кој судот еднаш ја одби тужбата како неоснована повикувајќи се на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили.
Сегашната пресуда на битолскиот Основен суд следува откако Апелациониот суд, по жалба на родителите, ја укина првостепената пресуда и предметот го врати на повторно разгледување.
 
     
 

ДАЛЕКУИСТОЧНИ НАГРАДИ ЗА НАШИОТ КАРИКАТУРИСТ ГЕОРГИЕВСКИ

На високоценетиот корејски Фестивал на карикатура и анимација ДОНГ-А учество земаа голем број карикатуристи од различни земји, меѓу кои повторно со награда се закити истакнатиот македонски карикатурист, долгогодишен соработник на "Македонско сонце", господинот Мирослав Георгиевски.
Томислав Ожанич освои Трета награда на овој фестивал - портретна карикатура на Адолф Хитлер, додека Лоуис Пострузин, Мирослав Геренчер и Мирослав Георгиевски со титулата Excellent Work на Фестивалот за карикатура во кинескиот град Јиаџинг. Во селекцијата на истата изложба беа уште и Хегедушич, Дамир Новак, Зденко Пухин, Иван Харамија и Јосип Ковачевич. Инаку, оваа година Георгиевски по шести пат се здобива со меѓународна награда за карикатура.

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЦРВЕНКОВСКИ ЈА ПОЧНА РАБОТНАТА ПОСЕТА НА ИТАЛИЈА

Претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски со средбата во Рим со претседателот на италијанскиот Парламент Пјер Фердинандо Казини доцна попладнево ја почна дводневната работна посета на Италија.
Според најавите од Кабиентот на македонскиот претседател, на средбата се разговара за евроинтеграцијата на Македонија и за соработката меѓу парламентите на двете земји.
Во рамки на посетата на Италија шефот на македонската држава во Рим ќе се сретне со италијанскиот премиер Силвио Берлускони. Целта на средбата е лобирање во пресрет на декемврискиот Самит на Европската унија на кој ќе се решава дали Македонија по препораката на Европската комисија, ќе добие статус на земја кандидат. На состанокот македонскиот претседател ќе побара поддршка од Берлускони за добивање на статусот - кандидат.
Македонскиот претседател и италијанскиот премиер ќе разговараат и за регионалните прашања, со акцент на Косово, пред почетокот на преговорите за решавањето на конечниот статус на покраината.
Црвенковски во Рим ќе се сретне и со Романо Проди, поранешен претседател на ЕК и сегашен лидер на италијанската опозиција.
Претседателот Бранко Црвенковски ќе се сретне и со претседателот на Сенатот, Марчело Пера.

ФРАТИНИ: МАКЕДОНИЈА ЌЕ ГО ТУРКА ЗАПАДЕН БАЛКАН КОН ЕУ

Република Македонија претставува фактор што ќе ги турка останатите земји од регионот на Западен Балкан кон Европската унија, изјави денеска во Брисел еврокомесарот за правда и внатрешни работи и потпретседател на Европската комисија Франко Фратини на средбата со македонскиот министер за надворешни работи Илинка Митрева.
На разговорите Митрева го покрена и прашањето за проблемот со визниот режим за македонските граѓани при патување во земјите на ЕУ, при што Фратини најави дека Еврокомисијата на почетокот на идната година ќе подготви Акционен план за олеснување на визниот режим, за секоја земја од регионот одделно, во зависно од напредокот на патот кон ЕУ.
Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, за оваа тема на почетокот на годината ќе почнат преговори на техничко ниво меѓу ЕУ и Македонија, по што ќе следат и разговори на политичко ниво. Предвидено е во почетокот олеснувањето на визниот режим да се однесува само за одреден група граѓани, меѓу кои студенти, бизнисмени, новинари и вработени во сферата на науката и образованието.
Тој потенцира дека за олеснување на визниот режим позитивно влијание ќе има и позитивното мислење изразено од страна на Еврокомисијата во одговорот на прашалникот.
Според него, големиот интерес на македонските граѓани за либерализацијата на визниот режим е доказ за "европската вокација" на Македонија.
Министерот Митрева го информира Фратини дека во агендата на приоритетите на Владата, кои произлегуваат од препораките на Еврокомисијата, се и промените на изборното законодавство, во кои ќе бидат вклучени препораките од ОБСЕ/ОДИХР.
Фратини од своја страна нагласи дека за Македонија е важно да спроведе реформи во судството и јавното обвинителство, при што го поздрави утрешниот почеток на втората фаза од расправата по амандманите на македонскиот Устав.
Тој се заложи за поинтензивна соработка меѓу земјите во Југоисточна Европа во борбата против организираниот криминал, нагласувајќи дека тој претставува регионален, а не само проблем на Република Македонија.
Во тој контекст Фратини беше информиран дека на македонска иницијатива завчера во Охрид се одржа средба на јавните обвинители од регионот посветена на борбата против трговијата со луѓе, а минатата недела и состанок на Управниот комитет на Иницијативата за борба против корупцијата на Пактот за стабилност на ЈИЕ.
Еврокомесарот ја нагласи и потребата од продолжување на обуката на граничната полиција, додавајќи дека Европската комисија очекува конкретни резултати во оваа сфера.
Со средбата со Фратини, шефот на македонската дипломатија Илинка Митрева ја заврши неколкудневната посета на Брисел, во чии рамки одржа билатерални средби со неколку министри од земјите-членки на ЕУ, а се обрати и пред членовите на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент.