ИНФО                                           
     
  ГРЧКА МЕДИУМСКА ПРОВОКАЦИЈА

Неодамна, грчкиот весник "То Вима" објави дека САД сметаат оти единствен излез од ќорсокакот во преговорите меѓу Македонија и Грција е Европската унија да го користи називот Поранешна Југословенска Република Македонија, а посредувањето на Нимиц да продолжи.
"На овој начин Атина ќе тврди дека со закана со вето го наметнала називот ПЈРМ, а Скопје во билатералните односи и натаму ќе се нарекува со своето уставно име", пишува "То Вима", повикувајќи се на американски дипломатски извори.
Весникот додава дека Вашингтон му дава предност на спречувањето меѓунационални судири во Скопје, како и на јакнењето на државите во регионот, со цел тие да не се претворат во зона на влијание на организираниот криминал.
Сe уште нема одговор од наша страна на ваквата провокација!
 
     
  БУЧКОВСКИ ВО ПОСЕТА НА САД

Претседателот на Владата на Република Македонија, Владо Бучковски, престојуваше во неколкудневна официјална посета на САД, при што имаше средби со американскиот државен врв.
Централен настан во агендата на премиерот Бучковски беше средбата со американскиот претседател Џорџ Буш во Белата куќа на 27 октомври. Буш и Бучковски, според информациите, разговарале за билатералната соработка, за аспирациите на Македонија за членство во НАТО и во ЕУ, за состојбата на Косово и на Балканот, но и за други регионални и меѓународни прашања.
Во соопштението од Белата куќа, во кое се најавуваше средбата, се наведува дека американскиот претседател и македонскиот премиер дискутирале на повеќе теми, вклучувајќи ја и заедничката заложба за унапредување на слободата и демократијата во ЈИЕ. Според агендата, претседателот на македонската Влада треба да се сретне и со државниот секретар Кондолиза Рајс, со секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд и со други високи претставници на американската администрација.
Освен американската престолнина, Бучковски ги посети и Њујорк и Детроит. Во Њујорк учествуваше на бизнис средбата на македонски и американски стопанственици и на Донаторската конференција за Република Македонија, која ја организира УНДП. Посетата на САД премиерот Владо Бучковски ја заокружи со серија средби со претставници на македонските иселенички организации во Детроит.
 
     
  БЕЗ СТРАТЕГИЈА ЗА ИСЕЛЕНИШТВОТО

Државата нема стратегија во однос на иселеништвото ниту, пак, база на податоци и прецизни информации колку иселеници има во странските држави.
Ова, меѓу другото, беше речено на меѓународниот научен собир насловен како "Емиграцијата во Европа", која во организација на Агенцијата за иселеништво се одржа во Струга.
"Иселеништвото надлежните го носат како грижа на совест", смета професор Танас Вражиноски. Според него, практично не постои комуникација меѓу државата и иселениците, а единствен контакт се остварува само при повремените посети на државните функционери.
На собирот, на кој учествуваа триесетина научни работници од земјава и од странство, меѓу другото беше заклучено дека државата мора да креира миграциона политика и да ги создаде потребните услови иселениците да инвестираат во Македонија, бидејќи во економијата повеќе не може да се игра на картата на патриотизмот.
 
     
  ПРИТИСОК ВРЗ МПЦ?!

Опомените од ЕУ и оценките на Хелсиншкиот комитет се дел од притисокот врз МПЦ. Поглаварот на МПЦ Г.Г. Стефан смета дека барањата од ЕУ за промена на членот во Кривичниот закон, според кој Вранишковски доби две и пол години затвор, се лажни.
Според него, некој сака да ни наметне дека Европската унија е загрижена за нас.
"Не знам што размислува Европската заедница за овој проблем, но мислам дека таа не се занимава со овие прашања", изјави Г.Г. Стефан, поглавар на МПЦ.
Во последната оценка од Хелсиншкиот комитет е наведено дека врвот на МПЦ и државната власт не се доволно одделени во оваа секуларна држава.
Иако Синодот на МПЦ често бараше поддршка од Владата и од претседателот Црвенковски за случајот Вранишковски, за поглаварот Г.Г. Стефан оценките на Хелсиншкиот комитет се тенденциозни.
"Што се однесува до Хелсиншкиот комитет, јас би упатил да ги погледнете коментарите од 2001 година, ќе заклучите зошто и денес се такви", рече Г.Г. Стефан.
Реакциите за преиспитување на случајот Вранишковски пристигнаа од Вселенскиот патријарх Вартоломеј и од рускиот поглавар Алексеј Втори.
 
     
 

ЦВЕТАНОВСКИ ПОВТОРНО НА ЧЕЛО НА СОНК

Дојчин Цветановски повторно е избран за претседател на Синдикатот на вработените во образованието, науката и културата на Конгресот на овој синдикат, кој од неодамна дејствува надвор од рамките на Сојузот на синдикатите на Македонија.
На 4. Конгрес Цветановски ги добил сите гласови од 779 присутни делегати. За оваа функција биле предложени уште тројца кандидати од нивните синдикални организации.
На почетокот од работата на Конгресот во своето обраќање Цветановски напомна дека раководството на овој Синдикат е цврсто решено, соодветно на економските можности на државата, да го врати статусот на просветните, научните, културните и спортските работници во средината на општествената скала, како во сите цивилизирани држави во Европа и во светот.
Тој посочи дека СОНК тоа сака да го постигне низ конструктивен дијалог со надлежните државни органи, со силата на аргументите и со максимално водење сметка за економските можности на државата, но и за правичната распределба на народните пари од Буџетот.

 
     
  НБМ ГО СМЕНИ МОДЕЛОТ ПО КОЈ ГИ ПРОДАВА ЗАПИСИТЕ

Во обид да ја релаксира каматната политика Народна банка ќе ги ограничи и ќе ги притисне деловните банки што помалку пари да врзуваат за купување профитните благајнички записи, наместо да ги пуштат за кредитирање на стопанството.
НБМ го смени моделот по кој ги продава записите - отсега банките ќе ги купуваат на затворени тендери, во ограничен износ.
Клучната промена е кај каматата. Таа повеќе нема да биде фиксна од 10 отсто, туку ќе ја формираат самите банки, преку затворени понуди во конкурентска битка. Која банка ќе понуди помала камата, на неа НБМ ќе & ги продаде записите.
На ваков начин, поради намалување на каматите кои ќе им ги плаќа НБМ, банкарите ќе се демотивираат што помалку пари да вложат во сигурните благајнички записи, кои досега им носеа голема добивка без ризик.
Токму ова беше и причината за масовно купување записи. Според банкарски кругови, до сега во благајничките записи се врзани цели 122 милиона евра - пари на стопанството. Овие суми, наместо за кредитирање на бизнисот, лежат депонирани во Централната банка. Постои толкување дека одлуката за ограничување на записите не е случајна. НБМ игра според договореното со Меѓународниот монетарен фонд, дека благајничките записи не смеат да врзат парична маса повеќе од 130 милиони евра - сума која речиси сега е достигната. Во банкарските кругови велат дека новиот модел за продажба на записите не е во нивен интерес, но сепак признаваат дека очекуваат да ги зголемат кредитите за стопанството, но со намалени каматни стапки.
 
     
  ТРПЧЕВСКИ БЛЕСНА ВО ЊУЈОРК

Реномираниот македонски пијанист Симон Трпчевски во Линколн центарот го имаше својот прв настап пред публиката во Њујорк, придружуван од њујоршката филхармонија, под диригенство на Џанандреа Нозера.
Музичкиот критичар на престижниот "Њујорк Тајмс", Џереми Ајслер, осврнувајќи се на дебито, посочува дека Трпчевски во изведбата на ова "казнувачки" тешко дело покажал богата техника, но не и сензибилитет во иста мерка.
"Неговиот звук беше богат и полн со леснотија, која го воодушеви поголемиот дел од публиката", вели Ајслер и додава дека се потребни повеќе варијации и чувство за да се долови грандиозноста на ова музичко дело, за што и самиот Рахмањинов вели дека се исто толку важни како и нотите.
Соработката со диригентот Нозера критичарот вели дека во најголем дел "била на линија", а особено го нагласува и допирот на руската душа во деловите од изведбата на њујоршката филхармонија. На програмата на концертот на кој Трпчевски настапи, во вториот дел беа дела од Барток и од Бритн.
 
     
  БЕЛА НОЌ ВО СКОПЈЕ

Градот Скопје ја организираше манифестацијата "Бела ноќ", со што одбележа 60 години од формирањето на Обединетите нации, но и преземањето на 8 културни институции со децентрализацијата. Станува збор за Музејот на Скопје, Културно-информативниот центар, Младинскиот културен центар, Домот на културата "Кочо Рацин", Детскиот културен центар "Карпош", библиотеката "Браќа Миладиновци", Универзалната сала и Зоолошката градина.
Градските власти планираат оваа манифестација да прерасне во традиционална. На манифестацијата свечено беа доделени наградите на Обединетите нации за новинарство и фотографија на тема "Сиромаштија".
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПРЕМИЕРОТ НА АЛБАНИЈА ВО ЕДНОДНЕВНА ОФИЦИЈАЛНА ПОСЕТА НА МАКЕДОНИЈА

На покана на премиерот Владо Бучковски денеска во еднодневна официјална посета на Македонија ќе престојува делегација од Албанија предводена од претседателот на Владата Сали Бериша.
На средбата ќе се разговара за зацврствување на билатералните односи на двете држави, за унапредување на регионалната соработка, разгледувајќи за состојбата во регионот, како и за процесот на интеграции во Европската Унија и НАТО, соопшти Кабинетот на премиерот.
Македонскиот и албанскиот премиер ќе остварат тет-а-тет средба по што ќе продолжат разговорите на двете делегации за унапредување на соработката на двете земји.
Премиерот на Република Македонија ќе ја искаже подготвеноста за пренесување на искуствата на Република Македонија, која како прва земја потпиша Спогодба за стабилизација и асоцијација со ЕУ. На средбата се очекува особен интерес да се пројави за состојбите во регионот, особено за актуелните случувања со Косово.
Македонскиот премиер ќе нагласи дека важна компонента преставува прашањето за односот кон малцинствата. Претседателот на Владата на Република Македонија на разговорот со својот албански колега ќе се заложи за подобрување на положбата на македонското национално малцинство во Република Албанија.
Предвидено е на средбата од страна на Република Македонија да биде искажан интерес за билатерален настап пред потенцијалните меѓународни институции за финансиска поддршка за изградба на инфраструктурни проекти.
За време на посетата премиерот Бериша ќе се сретне и со претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски и претседателот на Собранието Љупчо Јордановски.

НА ФЛОРИДА И НА ЈУКАТАН ПРОГЛАСЕНА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА ПРЕД НАЛЕТОТ НА "ВИЛМА"

Гувернерот на Флорида Џеб Буш прогласи вонредна состојба поради наближувањето на ураганот "Вилма", кој се очекува да стигне до јужниот дел на таа американска држава меѓу недела навечер и понеделник наутро.
Мерката им дозволува на локалните власти да ја искористат помошта на Националната гарда и им овозможува сами да одлучуваат за евакуација и распределба на помошта.
Се евакуираат туристите од островскиот архипелаг Флорида Кијс, јужно од полуостровот Флорида. Жителите од јужните региони се снабдуваат со храна и ги оградуваат домовите.
Во источниот дел на мексиканскиот полуостров Јукатан се забрза евакуацијата на туристите, а мексиканската влада објави вонредна состојба.
Ураганот е на 200 километри југоисточно од мексиканскиот остров Косумел и се движи кон северозапад. Ветровите достигнуваат до 230 километри на час.