ИНФО                                           
     
  ВО БУГАРСКАТА "СТРУМА" НАШИ ИСТОРИСКИ ВИСТИНИ

Бугарскиот дневен весник "Струма" објави текст од штипскиот историчар Александар Донски во врска со потеклото на цар Самуил, кој бил целосно пренесен од "Вечер спец".
Ова е еден вид историски настан, затоа што голем дел од бугарските читатели прв пат добија можност да се запознаат со нашите историски вистини.
Историчарот Александар Донски упати јавна благодарност до Редакцијата на бугарскиот весник, за смелоста и за објективноста која ја покажаа. Меѓу другото, тој истакна дека се надева оти во иднина недоразбирањата во врска со некои историски настани ќе бидат надминати и заменети со културен дијалог и соработка меѓу пријателските народи на Македонија и на Бугарија.
 
     
  РЕФОРМИ ВО СУДСТВОТО СО МЕЃУНАРОДНИ СТАНДАРДИ

Во делот на изборот на судиите и именувањето на јавните обвинители, предложените уставни судски реформи, главно, се прифатливи за сите оние на кои се однесуваат, е еден од заклучоците од стручната расправа одржана на оваа тема.
На отворањето на Собирот, министерката за правда Мери Младеновска - Ѓорѓиевска истакна дека основната насока во реформирањето на правосудството во земјава претставува прифаќањето на меѓународните стандарди во оваа област.
Дане Илиев, претседател на Врховниот суд оцени дека причините за измените во судството треба да се бараат во неефикасното и долго траење на судските постапки, што е главната причина за потфрлањето на севкупниот правосуден систем.
На стручната расправа беа присутни претставници од ОБСЕ, од КАРДС програмата, од Јавното обвинителство и од македонските основни судови.
 
     
  РАЗВИВАЊЕ НА ЕКОНОМСКАТА СОРАБОТКА СО КИНА

На средбата меѓу градоначалниците на збратимените градови од Македонија - Скопје и од Кина - Нан Цанк се разговарало за развивањето на економската соработка меѓу двата града.По разговорите скопскиот градоначалник Трифун Костовски, меѓу другото, истакна дека кинеските пријатели многу напреднале и оти од нив има што да се научи. Градоначалникот на Нан Цанк истакна дека овој град со петмилионска популација и две илјадигодишна традиција, на Скопје може да му понуди соработка во повеќе области, меѓу кои културата, образованието, спортот и економијата.При тоа, тие ја согледаа и можноста за размена на студенти и средношколци преку Универзитетот "Свети Кирил и Методиј", а треба да биде потпишан нов меморандум за соработка меѓу Скопје и Нан Цанк.

 
     
  ФОРМИРАЊЕ НА ФЕДЕРАЦИЈА НА СЛОБОДНИ СИНДИКАТИ?!

Откако гранковиот Синдикат на вработените во образованието, науката и културата, предводен од Дојчин Цветановски, пред два месеца донел одлука за излегување од ССМ, Одборот презел активности за анкетирање колку од членството ќе остане во ССМ. Претседателката на Одборот за продолжување на континуитетот на работата на СОНК во рамките на ССМ, Веселинка Трајковска, не го соопшти бројот на членовите кои ќе останат во СОНК како дел од ССМ, со образложение дека тоа ќе биде објавено откако ќе бидат избрани новите органи на гранковиот Синдикат.
Трајковска потенцира дека претседателот на СОНК, Дојчин Цветановски, води прикриена кампања против членовите на Одборот и ги исклучува од СОНК неговите неистомисленици. Таа, исто така, го обвини Цветановски дека склучил штетни колективни договори за дејностите образование, наука и култура.
Според портпаролот на ССМ, Пеце Груевски, досега ниту еден гранков синдикат од ССМ нема поведено постапка за раздружување од Сојузот, по најавите од претседателот на СОНК за формирање Федерација на слободни синдикати.
 
     
 

ПРЕКРШОЧНА ПРИЈАВА ЗА ОКТА

Државниот инспекторат за животна средина, освен поднесената прекршочна пријава за ОКТА затоа што не извршила мерења на воздухот, најавува дека ќе ја контролира работата на Рафинеријата за што ќе вовеле дежурства, кои секој ден ќе вршат надзор на лице место. Исто така, Инспекторатот донел и Решение со кое на Рафинеријата и наложува во следните 10 дена да ја намали работата на производствените капацитети за 10 отсто.
Претставници од Министерството за животна средина имаа средба со првите луѓе на Рафинеријата. На ОКТА & наредиле во рок од пет дена да ја достави севкупната документација за погонот за десулфуризација, која ќе биде анализирана од Државниот инспекторат и од независни експерти.

 
     
  ПРОФУНКЦИОНИРА УНИВЕРЗИТЕТСКАТА ОПТИЧКА МРЕЖА

Со демонстрација на учење на далечина меѓу Електротехничкиот факултет и Ректоратот на Универзитетот "Свети Кирил и Методиј" официјално почна да функционира универзитетската гигабитска оптичка мрежа, која свечено ја пушти во употреба претседателот на Владата на Република Македонија, Владо Бучковски.
Оптичката мрежа е изградена со донација од 175.000 евра на Министерството за надворешни работи на Австрија, а во организација и реализација на Универзитетот "Свети Кирил и Методиј" и АД "Македонски телекомуникации".
Ректорот на скопскиот Универзитет, Ѓорѓи Мартиновски, посочи дека од неодамна МАРНет, со финансиска поддршка на Владата на Република Македонија, обезбеди меѓународно поврзување со Интернет со голем капацитет но, исто така, и дека очекува натамошна поддршка за заокружување на оваа оптичка мрежа преку доповрзување и на другите членки на Универзитетот, а натаму и со другите универзитети во земјава.
 
     
  ДОДЕЛЕНИ ПРИЗНАНИЈА ЗА ХУМАНОСТ

Во рамки на чествувањата посветени на блажената Мајка Тереза беа врачени признанија за хуманост именувани со светската хуманистка.
"Посланието Мајка Тереза" им е доделено на МАНУ и на Хироми Кудо, професор од Токио, која 15 години и служела на Мајка Тереза во Калкута, а во Скопје го брани првиот докторат во светот посветен на нобеловката.
Благодарници и плакети за особени ангажирања добија проф. д-р Димитар Мирчев, прв македонски амбасадор во Ватикан; Алјус Камбери, новинар на МТВ; и АД "Бутел" од Скопје.
 
     
  ТРАДИЦИОНАЛНА ИЗЛОЖБА ВО СТРУМИЦА

По повод 11 Септември - Денот на ослободувањето на Струмица, во Изложбениот салон на Центарот за култура "Антон Панов" беше отворена традиционалната изложба на дела од Интернационалната струмичка ликовна колонија.
На изложбата беа презентирани околу 80 ликовни творби, изработени во август годинава од страна на 24 автори од Украина, Германија, Кина, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора, Русија, Бугарија, Италија, Полска и од нашава земја. Со тоа збирката на ликовната галерија ја надмина бројката од 1.800 и е една од најбогатите во Македонија.
Во рамките на колонијата беше изработена и монументална скулптура под наслов "Македонија", која ги симболизира мирот и заедништвото, а во нејзината композиција доминира фигурата во природна големина на трагично загинатиот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски.
 
     
  ОБИД ДА МУ СЕ НАШТЕТИ НА СТРУШКИОТ ФЕСТИВАЛ

Непосредно пред почетокот на Струшките вечери на поезијата, Фатмир Сулејмани даде оставка од членството во Управниот одбор на СВП. Од Дирекцијата на СВП излегоа со официјален став и велат дека ова е дел од практиката, која е видена во минатото и обид на екстремни политички позиции да му наштетат на Фестивалот и да го доведат во прашање неговиот натамошен развој.
"Неговите неосновани причини за оставката, како и нападите и квалификациите изнесени во јавноста за работата на Управниот одбор и на Дирекцијата на чело со претседателот и директорот непосредно пред почетокот на Фестивалот ги сметаме за избрзани", истакна претседателот на Управниот одбор на СВП, Зоран Анчевски.
 
     
  ВТОР ДЕТСКИ СВЕТСКИ КОНГРЕС НА МЕЃАШИ

Првата Детска амбасада во светот - Меѓаши, како национален координатор на Global March Against Child Labour, учествуваше на Вториот детски светски конгрес против злоупотреба на детскиот труд и за едукација, кој се одржа од 4 до 8 септември во Њу Делхи - Индија, а беше организиран od Global March Against Child Labour.
Претставници на Амбасадата беа Емилија Милевска - програмска асистентка и Ивана Стојановска (14 години), дете-делегат, член и активист на Меѓаши.
На овој Конгрес присуствуваа повеќе од 200 деца од 30 земји од цел свет кои, како што е наведено во соопштението од Меѓаши, зборуваа за нивните ужасни искуства за злоупотреба во фабрики, рудници, порнографија, проституција и тероризам, за неубавите искуства на нивните врсници, како и за огромната желба да им се помогне и да се изнајде солуција за овој растечки проблем.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЦРВЕНКОВСКИ ДЕНЕСКА ЌЕ СЕ ОБРАТИ НА 60. ГЕНЕРАЛНО СОБРАНИЕ НА ОН

Претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски денеска ќе се обрати на 60 заседание на Генерално собрание на Обединетите нации, што вчера во Њујорк го отвори шведскиот премиер Јоран Першон.
На учесниците на самитот, на кој се расправа за остварениот напредок, исполнување на милениумските развојни цели и реформи во организацијата, им се обратија генералниот секретар на ОН Кофи Анан и американскиот претседател Џорџ Буш.
Генералниот секретар на ОН Кофи Анан апелираше до светските лидери да ја вратат довербата во ОН и заедно да се соочат со предизвиците на 21 век.
На почетокот на тридневниот самит на ОН во Њујорк, Анан посочи дека е постигнат напредок по прашањата како што се заедничката одговорност да се интервенира во заштита на цивилите од геноцид, воени злосторства и етничко чистење.
"Се уште ги немаме спроведено фундаменталните реформи за кои сметаме дека се неопходни", рече Анан, нагласувајќи дека најголем успех ОН постигнале во однос на неширењето на нуклеарното оружје и разоружувањето.
Тој позитивно ја оцени одлуката 50 милијарди годишно дополнително да се одвојат за борба против сиромаштијата се до 2015 година.
Претседателот на САД Џорџ Буш во обраќањето на самитот по повод 60 годишнината од создавањето на ОН во Њујорк, им се заблагодари на сите држави и дванаесет меѓународни организации кои испратија помош за настраданите од ураганот Катрина што опустоши неколку јужни американски држави.
Тој ги повика ОН да продолжат со борба против тероризмот, која според него, нема да се добие единствено со силата на оружјето.
"Терористите треба да знаат дека каде и да отидат нема да избегаат од правдата", изјави Буш, апелирајќи до ОН да се бори и против корупцијата.
Американскиот претседател се осврна и на птичјиот грип повикувајќи да се вложат напори болеста да се спречи за да не се претвори во првата пандемија на 21 век.
На самитот присувствуваат повеќе од 100 шефови на држави, меѓу кои претседателот на Русија Владимир Путин, на Кина Ху Џинтао, како и 50 премиери меѓу кои од Франција Доминик де Вилпен, британскиот Тони Блер и на Јапонија Јуничиро Коѕуми.
Учесниците на собирот ќе го разгледуваат напредокот остварен во исполнувањето на Милениумските развојни цели усвоени на самитот на ОН во 2000 година, реформите на Светската организација и намалувањето на сиромаштијата и гладта. Тие цели подразбираат преполовување на процентот на луѓе кои живеат со помалку од еден американски долар дневно. Еден од клучните услови за давање делотворна помош на земјите во развој ќе биде остварен ако развиените до 2015 година издвојуваат по 0,7 отсто од својот бруто домашен производ.