ИНФО                                           
     
  ПРИЛЕПСКИОТ ПРОФЕСОР ЗАД РЕШЕТКИ

Прилепскиот професор по музичко, Блаже Јордановски, е осуден на шест години затвор. Судијата Љубен Биноски, по тридневно судење, му ја изрече оваа пресуда за две кривични дела - обљуба и злоупотреба на службена должност. Јордановски нема да одговара за силување, бидејќи Јавното обвинителство го повлече обвинението, а и оштетената Д.П. нема да го гони за ова дело. Адвокатот на Јордановски смета дека и оваа казна е престрога и затоа ќе се жалат на одлуката на Основниот суд Прилеп во Прилеп. Во судскиот процес против професорот по музичко беа сослушани десеттина сведоци и две оштетени ученички на Јордановски - со едната од нив тој имал двегодишна сексуална врска.
 
     
  ТРАНСПОРТНА ТАКСА ЗА МАКЕДОНСКИ НАФТАШИ

Косово уште посилно го "затегна" извозот за македонските нафташи со тоа што воведе нова давачка од 100 евра по цистерна за користење на патиштата во Покраината. Оваа нова давачка ќе мораат да ја плаќаат сите извозници на нафта.
УНМИК ја потврдува оваа најнова одлука на Покраината. Давачката ја нарекуваат - транспортна такса. Македонската власт и овој пат е затечена. И во Министерството за економија и во Царината ги креваат рамениците.
Класичен рекет, вака луѓето од овој бизнис го коментираат последниот потег на Покраината и прашуваат, за какви патишта ќе се плаќаат по 100 евра, кога таму нема автопати.
За само два месеца Покраината успеа да зададе повеќе сериозни удари за македонската економија. Во ќош ја притисна Владата. Без финиширан договор за слободна трговија - Косовците еднострано воведоа царини.
Веднаш потоа следуваше нов бизнис атак - ги обврзаа македонските транспортери да бараат лиценцирани косовски фирми, ако сакаат да носат нафта во Покраината.
 
     
  ПАРИ ЗА ЛОЗАРИТЕ

Владата е подготвена од Буџетот да издвои 45 милиони денари за стимулација на лозарите во делот за промена на виновите расади, како што е смедеревката, која претставува проблем на откупот, како за нив така и за винарските визби. Начинот на распределба на овие средства ќе го предвиди Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во соработка со лозарите и со винарските визби. Ова го ветил премиерот Владо Бучковски на средбата со Вељо Тантаров, претседателот на Сојузот на земјоделците, Панчо Минов, градоначалникот на Кавадарци и претставниците на лозарите од Кавадарци, Неготино, Гевгелија и од Росоман.
"Тоа се малку средства, кои не покриваат ниту дел од она што го бараме. Бараме 200 милиони денари, а државата мора да најде затоа што од оваа категорија земјоделци во Буџетот се слеваат 100 милиони евра", изјави по средбата земјоделскиот лидер Тантаров.
 
     
  ЛИТЕРАТУРНА МАНИФЕСТАЦИЈА ВО СИДНЕЈ

Неодамна, во сиднејската населба Рогдаел, Македонското писателско друштво "Григор Прличев" од Сиднеј, пред стотина вљубеници во македонскиот литературен јазик, ја одржа традиционалната Литературна манифестација.
Во првиот дел од манифестацијата беше промовирана книгата "Фамилијарните врски на македонскиот цар Самуил со Британската кралица Елизабета Втора" од историчарот и археологот проф. Александар Донски, која беше промовирана од професорката по историски науки Славица Ристеска. Ова дело на Александар Донски побуди многу голем интерес меѓу македонските иселеници во Австралија. Потоа, следуваше прогласувањето на наградените дела од наградниот конкурс за најдобри раскази и песни за возрасни и за деца за 2005 година. Меѓу наградените беа: Митра Недановска, Цвета Велјаноска, Перо Дамчески - Коцин, Бранко Наумовски, Горјан Маслинковски и Новица Ангеловски.
На крајот беа прочитани имињата на новите почесни членови на ова друштво, а тоа се академик Блаже Ристовски и проф. Александар Донски.
Програмата ја водеше поетесата Емилија Тодорова, а меѓу присутните се наоѓаше и претставникот на македонската Амбасада во Канбера, господин Костантин Дораковски.
 
     
 

11. ИЗДАНИЕ НА "ТЕТОВСКИ ФОЛК ФЕСТ"

На 28 август, во дворот на Лешочкиот манастир, се одржа 11. издание на "Тетовски фолк фест". Посетеноста беше голема, а најмногу дојдоа млади луѓе за да ги проследат настапите на најпопуларните македонски фолк пејачи. Овој фестивал традиционално нема натпреварувачки карактер, а награда доби само Екрем Зануловски за песната "За мојот народ", која беше прогласена за најслушана песна меѓу двата фестивала.
Песните кои се пееја беа љубовни и свадбарско-чалгаџиски. Сите изведувачи понудија квалитетен настап, одлично беа прифатени, а според аплаузите, најдобро поминаа Сузана Спасовска, Миле Кузмановски, Маријана Мишева, Блага Петреска, Мишко Талески.

 
     
  СКАНДАЛ НА "ОХРИДСКИ ТРУБАДУРИ"

Бојан Бјелиќ од Србија и Црна Гора, со песната "То није љубав", е официјален победник на интернационалната вечер, во која учествуваа и најдобрите од претходната, поп-вечер на фестивалот "Охрид-фест - Охридски трубадури", кој од 25 до 27 август се одржа во Долни Сарај во Охрид. Тој освои најмногу гласови и од жири-комисијата и од публиката. Третиот фестивалски ден почна со промена на правилата на игра, а заврши со скандал. Иако Ѓоко Таневски имаше ист број гласови (128), според гласањето на жирито и публиката, првата награда, односно 150.000 денари, ја доби гостинот од Србија, а Таневски се утеши со второто место и со 100.000 денари.
Григор Копров, директор на фестивалот, го објасни тоа како евровизиски принцип на гласање, според кој победник е оној кој повеќекратно добил 12 бодови.
На прес-конференцијата на последниот фестивалски ден организаторот информираше за промена на правилата на игра. Иако тоа не беше предвидено, во интернационалната вечер влегоа девет пејачи и групи, кои по ниедна формална основа на претходната поп-вечер не се квалификуваа за финалето.
 
     
  НЕСРЕЌНАТА СУДБИНА НА ОХРИЃАНКИ ИСПЕАНА ВО АМЕРИКА

Судбината на младите охриѓанки Фросина, Деспина, Русе, опеани во староградските песни на музичката тајфа на охриѓанецот Климе Садило, кон крајот на шеесеттите години од минатиот век ги заинтересирала и американските дискографски куќи. Прв пат во 1958 година "Fiesta records" на Бродвеј издала лонг-плеј плоча со овие надалеку познати песни, на чија обвивка било нагласено дека тоа е музика од Балканот, со напомена дека станува збор за македонски песни и игри од "Охридските трубадури" на Климе Садило и неговиот оркестар.
Се зборува дека посредник во објавувањето на плочата бил некој наш иселеник од Ресенско, кој живеел во Њујорк.
Песните "Бог да бие, Русе, твојата мајка Ангелина", "Фросина седи на чардак", "Нишан за Деспина", настанале во периодот од 1780 до 1850 година.
 
     
  "СКРБ И УТЕХА" НА ДВА МЕЃУНАРОДНИ ФЕСТИВАЛА

Продукцијата "Дион" при К.Ц."Скрб и утеха" во октомври ќе биде учесник на два меѓународни филмски фестивала. Со документарно-играниот филм "Камен меѓу две ниви", по сценарио на Тихомир Стојановски, во режија на Владе Денчов, снимен во Голо Брдо кај Македонците во Р Албанија, продукцијата "Дион" ќе се натпреварува за награди на Атинскиот интернационален филмски фестивал (Грција) и на Фестивалот на филмската Академија во Оломоук (Чешка).
Во филмот се поместени делови од претставата "Деноносии" на театарот "Скрб и утеха", играна во Требишта и Мало Острени во Голо Брдо, во која се појавуваат ликови од античката македонска историја, како: Александар Македонски, Филип Втори, Орфеј, Олимпијада. Оваа продукција досега гостувала со филмови на фестивали во САД, Чешка, Босна, СиЦГ, Турција, Грција, Шпанија и други земји.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  БУЧКОВСКИ ПОТПИША ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ЕВРОПСКА СОЛИДАРНОСТ

Македонскиот премиер Владо Бучковски вчера во Гдањск го стави својот потпис на заедничката Декларација на претседателите на влади на земјите од Централна и Источна Европа, во која се предлага 31 август да биде прогласен за Ден на солидарноста и слободата во рамките на ОН.
"Големиот марш на Европа кон слободата и синдикатот 'Солидарност' ги персонифицираа аспирации на милиони Европјани од Источна Европа да ги срушат ѕидовите на тоталитаризмот и да ги остварат нивните заеднички соништа во нова обединета Европа. За генерации Македонци кои имаат за цел да се приклучат кон Европската заедница на слободата, деморкатијата и просперитетот, Гдањската револуција беше инспирација да се надминат безбројните предизвици и да се истрае на патот кон нашите споделени европски и евроатлантски перспективи. Сигурен сум дека наследството на 'Солидарност' ќе остане да претставува водечко светло за идните генерации во Европа", се вели во пораката од премиерот Владо Бучковски од Меѓународната конференција на премиерите на Централна и Источна Европа по повод 25 години од формирањето на синдикатот "Солидарност".
Оваа независна самоуправна организација формирана во август 1980 година доведе до распаѓање на Советската империја, овозможи рушење на Берлинскиот ѕид, а во понатамошната перспектива дозволи завршување на нуклеарната трка, која од време на студената војна фрлаше сенка на нашата реалност. Унивезалноста на идеалите на полскиот август спрема современите проблеми на човештвото не загубија на својата актуелност, оценија над 25 премиери во Гдањск, Полска.
Македонија на овој меѓународен настан се приклучи кон основањето на Европскиот центар за солидарност кој се постави во присуство на претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо.
На маргините на собирот во Гдањск, премиерот Бучковски имаше неформални средби со претседателот на Полска Александар Кавашњевски, со премиерот Марек Белка, со претседателите на владите на Словенија, Бугарија, Чешка и на Словачка, како и со министерот за европски прашања во британската Влада Денис Мекшејн.
На средбите, како што информира Кабинетот на македонскиот премиер, била искажана поддршка за аспирациите на Македонија за членство во ЕУ и во НАТО, како и подготвеност за интензивирање на билатералните односи.

ПОЧНУВА НОВАТА УЧЕБНА ГОДИНА ЗА ОСНОВЦИТЕ И СРЕДНОШКОЛЦИТЕ

За речиси 320 илјади ученици во основното и во средното образование денеска почнува новата учебна година.
Околу 26 илјади првачиња во над 340 основни училишта во македонија првпат ќе седнат во училишните клупи, а вкупниот број ученици во основното образование е околу 240 илјади.
Во средното образование настава ќе посетуваат околу 90 илјади ученици. Од нив во прва година се околу 30 илјади ученици, од кои во гимназиското образование околу 10 илјади, а во стручното образование 20 илјади ученици.
Настава на македонски јазик ќе посетуват околу 23 илјади нозозапишани средношколци, настава на албански јазик околу шест илјади, а на турски јазик 442 ученика.
По повод почетокот на учебната година вицепремиерот Радмила Шекеринска и високиот претставник на Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка Вибеке Лилу ќе ги посетат ОУ "Панајот Гиновски" и ОУ "Живко Брајковски", во општината Бутел.
Посетата ќе биде искористена за одбележување на завршувањето на проектот за обнова на двете училишта, финансиран во рамките на соработката со Владата на Кралството Норвешка, за чија реализација се вложени вкупно 15 милиони денари.
Министерот за образование и наука Азис Положани ќе го посети ОУ "Ј.Х.Џинот" во село Долно Количани, општина Студеничани.