ИНФО                                           
     
  ОЖИВУВАЊЕ НА АНТИЧКИОТ ВЕЛИКАН

Во знак на годишнината од раѓањето на големиот антички војсководец Александар Македонски (23 јули 356 г. пр.н.е.), Здружението за негување древни традиции "Ксантика", покрај останатите активности предвидени во Годишната програма, традиционално и оваа година ги одбележа смртта и раѓањето на Александар Македонски. По тој повод веќе трета година по ред ја организираше манифестацијата "Александрови денови", која беше реализирана на античкиот театар Скупи, некогашно средиште на културата и историјата. Како што било порано така и овој пат манифестацијата изобилуваше со игра, песна, цвеќе и црвена боја. На сцената на древното Скупи се прочитаа и се испеаја песни, се разви оро, а актерката Соња Каранџуловска со дел од монодрамата "Клитемнестра", го долови вечниот театарски дух на нашето културно наследство.
"Посакувам во иднина да вклучиме повеќе луѓе во овој проект, да го култивираме античкиот театар и да го направиме место кое ќе ги полни душите на граѓаните на Скопје и на Македонија", истакна градоначалникот на Општина Карпош и покровител на манифестацијата, Андреј Петров.
Театарот, со сцената долга 98 и ширина 15 метри, бил една од најмонументалните градби во тогашно Скупи. Животот во овој древен град во голем дел се одвивал и на тоа место. Се одржувале претстави, настапувале оратори... Изграден во времето на Кадријан древниот театар Скупи, кој се наоѓа во скопско Злокуќани, е еден од најубавите римски театри во Македонија. Формиран околу I век н.е., градот го доживува својот подем с# до катастрофалниот земјотрес во 518 година.
Долго време бил заборевен и од надлежните и од културата - испитувања се вршени пред и по Втората светска војна. Преку нив е докажано значењето на Скупи за културниот живот на Македонците во периодот кога за време на празниците сцената изобилувала со претстави, сатира и поезија.
Од 2003 година "Ксантика" и правно постои како Здружение за негување на древни традиции, па во својата програма неминовно беше да го вклучи сеќавањето на Александар Македонски како наша и ненадмината вредност. Оваа 2005 година почнувајќи од 10.6.2005 до 23.7.2005 година во рамките на Денови на Александар, "Ксантика" тежнее да направи симбиоза на смртта која е ништавна, наспроти големината на неговото дело кое живее до денес.
Театарот се уште е тука, но освен ископувањата и истражувањата кои се вршеа на него, до сега нема конкретна акција за тој да заживее. Во последните три години здружението "Ксантика" и Општината Карпош преку проектот "Возобновување на античкиот театар Скупи" се обидуваат да му го вратат сјајот и од него да направат туристичка атракција.
 
     
  ЛЕШОЧКИТЕ КАМБАНИ ПОВТОРНО НАДАЛЕКУ СЕ СЛУШААТ

Камбаните на манастирот "Свети Атанасиј", кој во 2001 година беше урнат, повторно одекнаа над ѕидиштата на возобновениот храм. Голем број верници присуствуваа на свечената богослужба со која чиноначалствуваа поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан и Полошко-кумановскиот владика г. Кирил. Архиепископот Стефан ги повика лешочани да живеат заедно со сите и да градат меѓусебна љубов и доверба. При тоа тој истакна:
"Македонија е мала само за оние со мали срца и души. Човечки е да си спомнуваме за зулумите и несреќите. Да ги паметиме и да не ги заборавиме. Но, човечки е и христијански да проштеваме. Затоа Лешок нека биде опомена за сите и сведоштво дека соживотот треба да биде закон за сите".
На овој чин присуствуваше и потпретседателката на Владата, Радмила Шекеринска, која рече дека оваа обнова е порака дека светите места на секоја вера се цивилизациски придобивки и тие не се уриваат, туку се почитуваат и се слават.
Според шефот на делегацијата на Европската комисија, Донато Кјарини, со овој чин се докажува дека е безуспешен обидот на уривачите за уривање на црквата.
По овој повод беше организирана изложба на фотографии за текот на реконструкцијата и посета на гробот на Кирил Пејчиновиќ.
Реконструкцијата на црквата "Свети Атанасиј" почна во јуни 2003 година и на неа работеа околу 60 луѓе. Наскоро ќе почнат и работите врз фрескоживописот. За обнова на манастирот се обезбедени 150.000 евра од Европската агенција за реконструкција.
 
     
  ПОДДРШКА ЗА БОШКОСКИ И ЗА ТАРЧУЛОВСКИ

"Сопругата на Љубе Бошкоски е разочарана од досегашниот тек на настаните во Хаг и затоа размислува да ангажира странски адвокат, кој и досега застапувал клиенти пред Хашкиот трибунал", истакнува Горан Митевски, еден од основачите на Здружението на граѓани за поддршка на Љубе Бошкоски, формирано на 15 мај годинава, со цел да им обезбеди финансиска и морална поддршка на Бошкоски и на Тарчуловски.
Во иднина Здружението ќе ги интензивира своите активности за да се обезбеди поквалитетна помош во однос на подготовките за одбраната.
"Пропадна идејата за ангажирање британски адвокати, бидејќи тие барале многу пари. Нив не може да ги исплати ниту државава - вели Митевски - а камоли тоа да го стори некој друг. Сега во игра повторно е хрватскиот адвокат Анто Нобило, кој побарува 30.000 евра за еден месец".
Нашиот иселеник од Австралија Сотир Митрев досега е единствениот кој донирал средства за Здружението за поддршка на одбраната. Гарант на сметката, односно потписник, е сопругата на Љубе Бошкоски, Виолета која со неговите роднини Светлана Давчевска и Милица Настовска се основачи на Здружението.
 
     
  МОСТ НА СОЛИДАРНОСТ

Во катастрофалниот земјотрес од 1963 година најголемиот дел од градот беше целосно разрушен. Благодарени на бројните светски донации за мошне краток период градот беше повторно обновен. Една таква несебична донација беше и помошта од Финска. Во овој период финската Влада донираше финансиски средства со чија помош се изградија дел од станбените блокови во населбата Ченто. По иницијатива на жителите, а во чест на овој хуман потег, улицата на која се наоѓаше станбениот комплекс беше преименувана во улица "Финска".
Традиционално години наназад жителите од оваа улица на денот на православниот празник "Св. Архангел Гаврил", во Финскиот парк одржуваат панахида во чест на загинатите во земјотресот. Во претходните години покровител на манифестацијата беше покојниот претседател Борис Трајковски, а годинава патронството го презеде градоначалникот на Општина Гази Баба, Коце Трајановски. Оваа година манифестацијата ја одбележаа повеќе културни и спортски активности. На неа присуствуваа жителите на населбата Ченто, градоначалникот на Општина Гази Баба, делегација од Финска, бројни гости од земјава и од странство. Во чест на покојниот претседател Борис Трајковски се одржа ревијален крос, кој почна од куќата на претседателот.
 
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПУШТЕН ВО УПОТРЕБА МАКЕДОНСКИОТ САТЕЛИТСКИ ТЕЛЕПОРТ ЦЕНТАР

 
Премиерот Владо Бучковски вчера го пушти во употреба Македонскиот сателитски телепорт центар, лоциран во зградата на Македонската радио телевизија.
Центарот чија изградба е резултат на Договорот што во 2002 година го потпишаа Министерството за транспорт и врски и групацијата ТАРБС, ќе овозможи собирање и дистрибуирање сигнали од над десет телевизиски канали од Србија и Црна Гора, Грција, Бугарија, Албанија и БиХ.
Сите медиумски и продуцентски куќи од Македонија преку Телепорт центарот ќе бидат присутни не само во Европа, туку и на останатите континенти.
"Изградбата на овој Центар е чекор напред во напорите на Владата да ја вброи Македонија во земјите што располагаат со најмодерна и технолошки најсофистицирана опрема за електронски комуникации", рече министерот за транспорт и врски Џемали Мехази
Преку софистицираната опрема инсталирана во Телепорт центарот, додаде Мехази, Македонија ќе се вброи во земјите кои примаат, но и редовно испраќаат сигнали, односно реализираат интензивен броудкаст.
Мехази изрази надеж дека Македонскиот сателитски центар за кратко време ќе прерасне во голем европски телекомуникациски центар.
Функционирањето на Центарот ќе овозможи да се надминат сите досегашни технички проблеми од аспект на емитувањето сигнали.
"Гарантираме дека отсега ќе емитуваме сигнали со одличен квалитет", рече директорот на МРТВ Гордана Стошиќ.
Групацијата ТАРБС засега има поставено платформи на десет сателити, пренесува 72 канали од целиот свет и емитува програма на 26 јазици.
"Телепорт центарот во Македонија е четврт по големина од оние што досега ги имаме поставено. Оваа држава има одлична географска положба. Оттука може да се емитуваат сигнали на еднаква оддалеченост до САД и Австралија", рече сопственикот на ТАРБС Мајк Булос.
Согласно Договорот, по пет години од функционирањето на Центарот опремата останува како донација во сопственост на Министерството за транспорт и врски. Вредноста на досега инсталираната опрема чини над два милиона американски долари.
Групацијата ТАРБС е мултиетнички сателитски провајдер за националните и приватните телевизиски канали од околу 50 држави во светот со кои има потпишано договори. За глобално пренесување на сигналите, ТАРБС користи ланец сателити. Групацијата која оперира сателитски телепорт центри во Австралија, Германија, САД, Израел, Египет, Филипини и Грција, презема обврска, доколку постои заинтересираност во Македонија, да ја продолжи соработката и да ја зголеми инвестицијата за уште неколку милиони долари.