ИНФО                                           
     
  ПОТСЕТУВАЊЕ НА ИМПЕРАТОРОТ АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ

На 22 јули 356 година пред Христос, во македонскиот древен град Постол, во македонската престолнина, се родил македонскиот император Александар Македонски, син на Филип Втори Македонски и на Олимпија, ученик на Аристотел. Со неговите 33 години живот, тој оставил длабоки траги во историјата на човековата цивилизација. Умрел на 10 спроти 11 јуни 323 година пред Христос, во Вавилон.
Со своите походи, при што за осум ипол години неговата војска минала 18.000 километри, тој создал империја каква што во пространство не постоела ниту пред него, ниту по него, до ден денешен.
Тоа е долга историја. А, е само дел од Македонија, од раѓањето на македонскиот император, најславниот војсководец во историјата на човековата цивилизација, кој го облагороди светот, а на човештвото му ја подари древната македонска култура!
 
     
  АМЕРИКАНСКА ПОДДРШКА НА МАКЕДОНСКИТЕ АСПИРАЦИИ

На распитот пред Сенатската комисија, идната амбасадорка на САД во Македонија, Џилиен Миловановиќ, ја истакнала определеноста за продолжување и продлабочување на соработката меѓу двете земји. Воедно таа ја изрази и американската поддршка на македонските аспирации за членство во НАТО и во ЕУ. Според Миловановиќ, односот меѓу САД и Македонија е базиран на заедничките вредности и идеали - определба за слобода и демократија, почитување на фундаменталните права на сите граѓани и јакнење на институциите базирани на демократија и пазарна економија. Пред Сенатската комисија таа го истакна и ставот на американскиот претседател Џорџ Буш за изградба на стабилни односи во Европа.

 
     
  ДОНЕСЕН ЗАКОНОТ ЗА УПОТРЕБА НА ЗНАМИЊАТА

Претседателот на државава, Бранко Црвенковски, го потпиша Указот со кој Законот за употреба на знамињата ќе стапи во сила.
Законот за употреба на знамињата на заедниците доби виза само од пратениците на СДСМ и на ДУИ, додека опозиционите партии од македонскиот и од албанскиот блок не гласаа.
Законот бил во согласност со Рамковниот договор и ја отсликува мултиетничка Македонија. Според Законот, задолжително треба да се употребува и македонското државно знаме.
Во 16 општини пред и во општинските објекти и на државните институции постојано ќе се вее албанското знаме, во две турското - во Центар Жупа и во Пласница. Етничко знаме ќе се вее и во Општинта Шуто Оризари. Припадниците на заедниците имаат право да го употребуваат знамето и приватно. Во општините со мнозинско население на етничките заедници државното знаме ќе се истакнува во средина, знамето на заедницата е два метра десно од него, а општинското два метра лево.
 
     
  БОШКОВСКИ И ТАРЧУЛОВСКИ ОСТАНУВААТ ВО ШЕВЕНИНГЕН

Судскиот совет на Хашкиот трибунал одлучи да го одбие барањето на адвокатите на Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски за тие да се бранат од слобода. Одлуката на Хаг ја добиле бранителите на Бошкоски и на Тарчуловски, адвокатите Драган Гоџо и Антонио Апостолски.
Министерката за правда Мери Младеновска - Ѓорѓиевска потенцираше дека Владата на Република Македонија може да го обезбеди присуството на Бошкоски и на Тарчуловски во Хаг во секое време на барање на Трибуналот и да спречи нивно било какво влијание врз сведоците, жртвите или било кои други лица.
"Но, право на Судот е врз основа на сите факти и докази да донесе одлука, а гаранцијата е само една околност која Судот ја има предвид при донесувањето на одлуката. Гаранцијата, независно за која Влада станува збор, е само една од околностите, а одлуката на Судскиот совет во било кој случај исклучително не се темели врз гаранциите кои ги даваат владите, туку врз основа на доказите за секој поединечен случај", додаде Младеновска-Ѓорѓиевска.
Според неа, обвинетите сега ги имаат сите други инструменти кои можат да ги употребат заради заштита на нивните права во натамошниот дел на постапката.
 
     
 

АКТИВНОСТИ НА СММК

Делегација на Светскиот македонски младински конгрес (СММК) секоја година одржува значајни активности ширум светот и во земјава. Годинава, летниот дел од својот календар го исполни со неколку активности и посети. Делегација на Светскиот македонски младински конгрес од европските држави се сретна со Мартин Вучиќ, годинашниот македонски претставник на Евросонг во Киев, Украина. Следна активност на СММК беше посетата и приемот во Одделот за иселеништво на Министерството за надворешни работи. По повод 60 години од победата над фашизмот и последното возобновување на македонската држава, делегација на СММК оствари прием кај првиот претседател на Република Македонија. Исто така, по повод 1100- годишниот јубилеј од Свети Наум Охридски, СММК оствари прием кај поглаварот на Македонската православна црква, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан. Во срдечниот прием делегацијата на СММК на Неговото Блаженство ја честиташе 1100- годишнината од Свети Наум Охридски, како и новиот избор на тројцата епископи на МПЦ: г.Пимен, г. Методиј и г. Климент.

 
     
  ЗАВРШИ 43. "ГАЛИЧКА СВАДБА"

На 17 јули, во црквата "Свети Петар и Павле" во Галичник, со венчавката на Тодор Јуруковски и Лидија Даниловска, заврши 43. по ред културно- туристичка манифестација "Галичка свадба". Венчавката ја изврши архимандритот Партение, игумен на манастирот "Свети Јован Бигорски". На свадбата беа присутни посетители од сите краеви на Македонија.
Во рамките на оваа манифестација беа изведени голем број автентични свадбарски обичаи и ритуали, изворни песни и ора.
Во минатото свадбарските адети траеле по една седмица додека, пак, сега почнуваат во сабота навечер, а завршуваат во недела попладне. За разлика од претходните години, посетеноста на оваа "Галичка свадба" беше скромна, веројатно поради претходните недоразбирања.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  АМАНДМАНСКА РАСПРАВА ПО ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА РАБОТНИ ОДНОСИ

 
Собранието вчера во рамките на 104-та седница ја продолжи амандманската расправа по Предлог - законот за работни односи.
Од поднесените околу 90 амандмани министерот за труд и социјална политика Стевчо Јакимовски прифати десетина. Расправата по преостанатите амандмани продолжува вчера.
На седницата Јакимовски најпрво го отфрли амандманот со кој се предлагаше основицата за пресметување на испратнината во случај на раскинување на договорот за вработување од деловни причини да биде платата во изминатите шест месеци пред отказот заедно со придонесите што на работникот му се исплаќаат.
Тој образложи дека амандманот не го прифаќа поради тоа што е констатирано оти повеќето фирми на своите работници не им ги исплаќале придонесите, додека во повеќето случаи нето платите биле редовно исплаќани.
По дискусијата на пратеникот Жарко Караџовски од ВМРО-НП, кој напомена дека во членот 97 каде се уредува ова прашање, не се прецизира дека станува збор за исплатена плата во изминатите шест месеци пред отказот, министерот Јакимовски го прифати амандманот.
Собранието не го прифати амандманот со кој се бараше бројот на исплатени плати во случај работодавецот поради деловни причини да го раскине договорот со работникот, кој има над 25 години работен стаж, да изнесува девет, наместо шест плати.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева, која беше еден од предлагачите на амандманот, во своето образложение истакна оти решението содржано во предлогот е контрапродуктивно, бидејќи со него се врши намалување на ова право на работниците во услови кога во Македонија има голема невработеност.
Собранието не го прифати ниту амандманот поднесе од Комисијата за здравство, кој го образложи Кире Гештаковски од СДСМ. Тој појасни дека досегашното законско решение предвидуваше за боледувањето до 60 дена работникот да биде исплатен од работодавачот, а со новото законско решение овој рок се намалува на 21 ден. Тоа значи, појаснува Гештаковски, дека работодавачот ќе го исплати работникот за периодот од 21 ден, додека останатите 39 дена трошоците ќе ги сноси Фондот за здравствено осигурување. "Ова е сосема неоправдано. Сите сме свесни во каква финансиска состојба се наоѓа Фондот за здравствено осигурување", додаде Гештаковски. Предлогот е половина од трошоците, односно 30 дена од боледувањето да ги сноси работодавачот, а останите 30 Фондот.
Министерот Јакимовски му одговори дека при спроведувањето на овие реформи секој мора да го понесе товарот на работењето и работниците и работодавачите и државата. "За дефицитот во Фондот многу малку влијаат боледувањата, тука поголем фактор се други трошоци. Министерството за здравство заедно со Фондот мораат да направат сериозни зафати и во насока на намалување на злоупотребите и во насока на намалување на трошоците", одговори министерот Јакимовски. Тој додаде дека ова решение мора да претставува баланс меѓу работодавачот, работникот и Фондот за здравствено осигурување.
Пратеникот Ѓорѓи Оровчанец од ВМРО-НП смета дека со ова решение се прави обид за прикривање на нерегуларностите кои постојат во целиот систем и додаде оти тоа ќе предизвика голема штета во земјата.
Собранието не го прифати амандманот поднесен од пратеничката Каролина Ристова, кој се однесува на членот 164 каде се регулира заштита за време на бременост и родителство во врска со ноќна и прекувремена работа. Ристова побара во членот наместо само мајката да биде вклучен и таткото, во однос на тоа дека родител со дете од една до три години може да биде повикан на ноќна и прекувремена работа само со негова претходна согласност.
Поддршка на амандманот му дадоа пратеничките Лилјана Поповска од ЛДП и Теута Арифи од ДУИ, како и лидерот на ЛП Стојан Андов.
"Со овој амандман ќе се изедначи третманот на половите во сферата на родителството затоа што и двајцата родители имаат еднакви права во домот и за грижата на децата", рече Поповска.