ИНФО                                           
     
  ТЕРОР ВО ЛОНДОН

На 7 јули некои делови од Лондон осамнаа во пепел и прав. Со серија терористички напади, три во лондонското метро и еден во градскиот автобус беше нападната престолнината на Обединетото Кралство. Последните информации на Скотланд Јард говорат дека има 97 жртви, 25 лица се водат за исчезнати, а најмалку 700 се повредени. Непозната група исламски радикалисти, поврзани со Ал Каида, ја презеде одговорноста за експлозиите во Лондон и најави нови напади во европските метрополи, пред сe, во Италија и во Данска. Терористичкиот напад беше причина и за прекин на Самитот на Г8 во Шкотска, откако британскиот премиер Тони Блер изјави дека "нападот е варварски" и се врати во Лондон за да ја земе под контрола вонредната ситуација. Инаку, терористичкиот напад се случи ден по Самитот во Сингапур, по повод Летните олимписки игри, во кој главниот град на Велика Британија ја доби кандидатурата за одржување на игрите во 2012 година. Според кажувања на сведоци, покривот од двокатниот автобус летнал во возудх во близина на плоштадот "Расел" кај железничката станица "Кингс крос", а во близина биле забележани уште два уништени автобуса. Исто така, и неколку метро станици биле цел на седум координирани напади. Сите експлозии се случиле во утринскиот сообраќаен метеж во британскиот главен град.
Полицијата ја отфрла можноста дека во метрото и во автобусот се разнеле бомбаши-самоубијци и е убедена дека групата која извршила терористички напади сe уште е на слобода и оти можеби подготвува нови напади. Се претпоставува дека групата има уште резерви на експлозив. Полицијата веќе потврди дека трите бомби во метрото одекнале во интервал од само неколку секунди. Според непотврдени информации, биле користени софистицирани експлозиви и временски детонации, а бомбите биле поставени така за да предизвикаат максимална штета и човечки жртви. Веќе е објавена глобална потера по познатите исламистички екстремисти и професионални бомбаши, како Мароканецот Мохамед ал Гербузи, поврзан и со бомбашкиот напад во Казабланка во 2004 година, кога загинаа 33 лица, како и Сириецот Мустафа Сатмариам Насар (47), за кој се претпоставува дека се крие во Ирак. На списокот на осомничени се повеќе од 30 лица.
Што се однесува до македонските иселеници кои живеат и работат во Обединетото Кралство, МНР нема информации за повредени или загинати во терористичките напади. Британските медиуми пишуваат дека ништо не може да го скрши духот на лондончани, дека во тоа не успеале ниту авионите и бомбите на нацистичка Германија од Втората светска војна, ниту терористите на ИРА со нивната повеќедецениска насилничка активност, а дека тоа нема да им успее ниту на оние кои сега сакаат да го нарушат секојдневното живеење и да го скршат духот на Лондон, каде што се сместени луѓе од околу сто различни националности, кои зборуваат на 300 јазици.
 
     
 

НЕВРЕМЕТО ВО МАКЕДОНИЈА ПРЕДИЗВИКА ШТЕТИ

По невремето во Кочанско екипи на Министерството за земјоделство излегле на терен и констатирале - штетата не била голема.
Таа допрва ќе се проценува, односно откако општините ќе формираат комисии за тоа. Првичната проценка е 2 милиона денари. Целосно се оштетени 12 куќи, уште четириесеттина се поплавени. Уништени се 870 хектари обработливо земјиште. Најмногу настрадале лозјата, овоштарниците и оризовите полиња. Градобијните ракети не биле испукани, бидејќи силните грмежи биле ризични за безбедноста на вработените. Во Струмичко, каде излевањето на реките е најизразено, речните корита и одводните канали повторно не се исчистени. Браните се стабилни, иако дополнителните дождови можат да ја отежнат состојбата. Во УХМР признаваат дека ако навреме не се отстранат недостатоците, наредните врнежи повторно можат да бидат катастрофални.

 
     
  ПРОТИВ ДИСЛОКАЦИЈА НА ГРАДСКА БОЛНИЦА

Кога станува збор за иницијативата на Министерството за здравство за дислокација на Градската болница во објектот на Воената болница, ставот на Координативното тело на Градска болница е дека тоа негативно ќе се одрази на досегашната организираност на хируршката служба во градот Скопје, која во сегашни услови делува во триаголник: Клинички центар, Градска болница и Воена болница. Дезинтеграцијата на ваквиот систем во праволиниска насока ќе значи нарушување на комплетната поставеност на давањето и примањето на хируршките здравствени услуги. Тоа негативно ќе се одрази на ефикасноста по здравјето на луѓето. Таквите избрзани постапки не само што не се позитивен чекор кон реформите во здравството, туку се ирационални постапки кои се на штета на корисниците на здравствените услуги.
 
     
  "ГРАН ПРИ" ЗА "МАКЕДОНСКА ПРИКАЗНА"

Претставата "Македонска приказна" на Театарот за деца и младинци од Скопје се закити со највисоката награда "Гран при" на Интернационалниот фестивал за деца, кој се одржа во Котор. Ова е втор "Гран при" што на ваков голем театарски фестивал го добива "Македонска приказна", победувајќи проекти од земји кои имаат со години традиции на театри за деца. Првото "Гран при" беше добиено пред пет години на Фестивал во Суботица.
 
     
 

ОХРИД - ДОМАЌИН НА ДВЕ СВЕТСКИ ЅВЕЗДИ

Најголемата културна манифестација во земјава "Охридско лето" традиционално почна на 12 јули и ќе трае до 20 август. Како што е познато, јубилејното 45. издание на Фестивалот свечено го отвори со гала концерт прочуениот шпански тенор Хозе Карерас, заедно со сопранот Тина Горина од Шпанија и Македонската филхармонија под диригенство на Давид Хименез.
Оперската мега ѕвезда Карерас пристигна во Охрид неколку дена порано, каде што свечен пречек му приредија претставници од кабинетот на претседателот Црвенковски. Истиот ден во Охрид пристигна и светски познатиот писател на бестселери Сидни Шелдон во придружба на неговата сопруга која по потекло е охриѓанка. Високиот гостин беше удостоен и со титулата почесен граѓанин на Охрид.

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  МИТРЕВА - БОТ: ХОЛАНДИЈА ЦЕЛОСНО ЈА ПОДДРЖУВА ИНТЕГРАЦИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ И НАТО

 Македонија е "слаба точка" за Холанѓаните и Холандија ќе продолжи да и помага на земјата во спроведувањето на реформите потребни за евроатлантските интеграции, изјави холандскиот министер за надворшни работи Бернард Бот по средбата во Скопје со шефот на македонската диполоматија Илинка Митрева.
Бот истакна дека Холандија целосно ги поддржува амбициите на Македонија во однос на членството во НАТО и Европската унија. На заедничката прес-конференција Митрева нагласи оти на средбата добила потврда за холандската поддршка за интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО, што во моментов е од особено значење со оглед на тоа што кон крајот на годинава Македонија очекува позитивно мислење од Европската комисија за нејзината апликација за членство.
На средбата станало збор и за состојбите во ЕУ по отфрлањето на европскиот устав на референдумите во Холандија и во Франција, при што Митрева добила уверување дека резултатите од референдумот нема да влијаат врз интегрирањето во Унија на земјите од процесот за стабилизација и асоцијација.
"Очекуваме на нашиот пат кон ЕУ да бидеме вреднувани само врз основа на критериумите од Копенхаген. За побрзо остварување на македонските заложби од големо значење е можноста за користење на холандска експертска помош и соработка особено на делот во правосудството и внатрешни работи", рече Митрева.
Министерот Бот потенцира дека отфрлањето на уставот на референдумот во Холандија нема да влијае врз интегративните процеси во Унијата.
"Нема да отстапиме од нашите обврски и ветувања и во тој дух ја поддржуваме Македонија во однос на започнување преговори за членство во ЕУ", рече Бот. Тој уште додаде дека пред почнувањето на преговорите потребно е да се почека оценката на Европската комисија која треба да биде дадена некаде во октомври или ноември, по што ќе се процени дали Македонија ги исполнува поставените барања.
"Никој не треба да има лажни надежи во однос на тоа како се спроведуваат преговорите. Веќе нема да определуваме конечни датуми за завршување на преговорите затоа што верувам дека тие треба да траат онолку колку што е потребно да се оцени дали земјата навистина ги исполнува барањата кои што се поставени пред неа", нагласи холандскиот министер за надворешни работи.
Двајцата министри разговарале и за можноста за либерализирање на визниот режим. Митрева потсети дека за време на холандското претседателство со ЕУ, Холандија покренала иницијатива за почнување дијалог меѓу Европската комисија и Македонија и изрази очекување дека оваа иницијатива која потоа беше поддржана и од луксембуршкото претседателство ќе продолжи со што на македонските граѓани ќе им биде олеснето патувањето во земјите од Европската унија.
Министерот Бот изрази надеж дека пред посетата на премиерот Владо Бучковски на Холандија закажана за октомври годинава ќе биде ратификуван договорот за реадмисија со што ќе биде олеснето и прашањето за визите. На средбата Митрева на Бот му се заблагодарила за најновиот грант во износ од 6, 3 милиони евра што холандскаста Влада и го даде на Македонија.
"Наша задача во иднина ќе биде Холандија од еден од најголемите донатори во Македонија да стане еден од најголемите инвеститори во земјата", рече шефот на македонската дипломатија Илинка Митрева.