ИНФО                                           
     
  НЕВИНА ЖРТВА НА ПРИЛЕПСКИОТ РЕКЕТ

На 5 јули, прилепчани и оддадоа почит на четиригодишната Елена Талеска, невина жртва во двојното убиство, кое се случи во центарот на Прилеп на одржувањето на "Пиво фест". Градот е во шок, а граѓаните исплашени и загрижени за безбедносната состојба.
Девојчето е жртва на двојното убиство, во кое загина и 38-годишниот Никола Мојсоски. Во нив пукал Димче Христоски, кој во моментов е во притвор, по кривичната пријава за убиство и убиство од небрежност.
Причина за овој немил настан бил бараниот рекет (од 300 до 500 евра) од страна на поранешниот "лав" Мојсоски на сопствениците на тезги на "Пиво фест".
 
     
 

НОВИ МАКЕДОНСКИ ДИПЛОМАТИ

Професорот на Природно-математичкиот факултет Ѓорѓи Филипов ќе биде новиот македонски амбасадор во Германија, кој ќе го замени досегашниот амбасадор Горан Рафајловски, кому мандатот му истекува кон крајот на август годинава. На седницата на Владата поминал и предлогот за именување на поранешниот градоначалник на Куманово, Слободан Ковачевски за генерален конзул во Подгорица. Ковачевски иако нема дипломатска кариера, сепак за него било речено дека добил високи оценки за она што го направил како градоначалник во периодот од 2000 до 2005 година. Одговорниот уредник на сателитската програма на МТВ, Слободан Трајковски, е одлучено да биде новиот македонски конзул во Торонто, Канада. Од МНР во дипломатија ќе заминат Игор Попов, како генерален конзул во Истанбул и Стојан Карајанов за шеф на канцеларијата во Приштина.

 
     
  ДОПОЛНИТЕЛНИ УСТАВНИ ИЗМЕНИ

Предлозите за измена на Уставот, кои се во нацрт-амандманите кои се однесуваат на уставните одредби во делот на правосудството се укинување на цензусот од 50 отсто плус 1 излезен гласач за избор на претседател на државата во вториот круг и преминување на надлежноста за одлучување на имунитетот на премиерот и министрите од рацете на Владата кај Собранието. Според Убавка Матевска, портпаролка на Министерството за правда, измената на уставите одредби за изборот на претседател на државата и на имунитетот на владиниот кабинет се предлага сега за да се искористат почнатите измени во правосудството и за да не мора одново да се поведува долготрајна постапка за измена на Уставот.
 
     
  КРЕДИТ ЗА СОПСТВЕН БИЗНИС

Младите без работа ќе можат да добијат кредит од Агенцијата за вработување за да почнат сопствен бизнис. Кредитите ќе се даваат со рок на отплата од 4 години со бескаматен период од една година и со многу ниска годишна камата. Ова е предвидено со програмата за поддршка на претприемништвото во рамките на "Проектот за промоција на вработувањето на младите од Балканот". Програмата вреди 3 милиони евра и ги вклучува агенциите за вработување во земјите од поранешна СФРЈ и од Албанија.
Македонија е лидер по невработеноста во регионот и по учеството на младите до 29 години во вкупниот број невработени. На крајот од минатата година се регистрирани 391.000 невработени и невработеност од 37 отсто. 126.000 од нив се на возраст од 15 до 29 години, а уште 52.000 лица од 30 до 34 години се без работа.
Учеството на младите до 34 години во вкупната стапка на невработеност било 45,9 отсто, а до април годинава се намалила само на 45,1 отсто.
 
     
 

НОВИ ПОВОЛНОСТИ ВО МОБИМАК

Мобимак повторно почна со услугата "Апсолутно генијално", која на "при пеид" корисниците им овозможува, со инвестирање 100 денари од нивната сметка да добијат уште толку бонус. Корисникот ќе може тие 200 денари да ги искористи во рок од 30 дена од денот на активирањето на услугата. При тоа, целата сума од сметката за "Апсолутно генијално" ќе може да се искористи за разговори, за СМС, ВАП и ГПРС кон сите мобилни и фиксни мрежи во земјава и во странство, како и во роаминг. Активирањето на услугата е преку бесплатниот телефонски број 070/ 140 - 200 или преку СМС на истиот број. Стартуваше и "синиот пакет" кој се однесува за сите нови "при пеид" корисници на Мобимак. Со купување СИМ-картичка, која чини 750 денари и која досега содржеше вклучени разговори од 500 денари со ДДВ, новите корисници добиваат и бонус од 250 денари, што значи дека СИМ-от го добиваат бесплатно, а 750 денари користат за разговор. Со услугата "Моби свет", компанијата нуди поевтин роаминг од 30 до 50 отсто за сите претплатници, кои ќе престојуваат во странство. Компанијата го достигна бројот од 800.000 претплатници, како што соопшти главниот извршен директор Рубин Заревски, трансферирала до Телеком, како свој единствен акционер, дивиденда во износ од 46 милиони евра, од кои дел треба да добие и Владата.

 
     
  ДА БИДЕМЕ ХУМАНИ

Фондацијата Мобимак за Македонија со цел да им помогне на што повеќе граѓани, од неодамна го пренамени хуманитарниот број 070/143-143 за четиринаесетгодишната Андријана и нејзиниот брат, десетгодишниот Менде Ристески од Прилеп. И двете деца боледуваат од иста болест, која е ретка и единствена од овој вид и која го напаѓа имунолошкиот систем и предизвикува малигни заболувања. Лекувањето на двете деца е ургентно и за тоа се потребни 40.000 долари. Со јавувањето на телефонскиот број 070/143-143 секој граѓанин донира 100 денари, кои ќе бидат префрлени на жиро-сметката на Андријана и Менде Ристески.
 
     
  НЕЗАБОРАВЕН БЛУЗ КОЛАЖ

Со концертите на "Vergas Blues Vand" од Шпанија, "Raw Hide" од Србија и Црна Гора, "Nine Below Zero" од Велика Британија и "Coen Wolters Band" од Холандија беше одбележан најновиот "Blues & Soul festival", кој традиционално се одржува секоја година во состав на Скопското културно лето. Настанот беше проследен од голем број заинтересирани љубители на блуз музиката. Имено, српскиот бенд "Raw Hide" и шпанскиот бенд "Vergas Blues Band" настапија во првата фестивалска вечер, на 4 јуни. "Raw Hide" е еден од најстарите блуз состави на овие балкански простори (1982). Бендот бележи континуиран успех ширум Европа и ужива одличен имиџ. Шпанскиот музички состав е помалку познато име на овие простори, но со голема репутација на светската блуз сцена. Специјално за настапот во Скопје, допатува и познатиот Девон Аллман кој беше гостин на бендот. Следната фестивалска двојка која настапи на 5 јуни беа "Nine Below Zero" од Велика Британија и "Coen Wolters Band" од Холандија. "Nine Below Zero" е познат британски бенд кој ужива голем респект на блуз сцената, така што има настапувано заедно со Eric Clapton, Sting, Brain May и многу други. Што се однесува до гостите од Холандија, тие важат за еден од најпознатите блуз бендови во својата земја и пошироко. Овој популарен блуз бенд е предводен од познатиот гитарист Coen Wolters. "Blues & soul festival" секоја година ни подарува незаборвни моменти, со нови и докажани имиња од блуз сцената. Своето реноме и респект кај македонската публика несомнено го потврди и годинава.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  СРЕДБА БУЧКОВСКИ-ОЛБРАЈТ: МАКЕДОНИЈА УСПЕШЕН ПРИМЕР НА МУЛТИЕТНИЧКО ОПШТЕСТВО


Македонскиот премиер Владо Бучковски денеска се сретна со претседателот на Национално-демократскиот институт и поранешен државен секретар на САД Медлин Олбрајт.
На средбата се разговараше за почнатите реформи во Македонија, подготовките за членство во НАТО, очекувањето на земјите од Јадранската група во 2006 година да добијат покана за полноправно членство во Северноатлантската алијанса, за зацврстување на македонско-американското стратешко партнерство, состојбата во регионот, како и за претстојните преговори меѓу Белград и Приштина со посредство на меѓународната заедница за евентуалниот финален статус на Косово.
"Република Македонија е одличен лидер во регионот и преставува успешен пример за функционирање на мултиетничко општество", истакна Олбрајт.
Заедничка оценка на Бучковски и Олбрајт е дека во Македонија е постигната значајна политичка и безбедноста стабилизација, при што Бучковски нагласи дека сега во целост е посветен на економската стабилизација на земјата, а како резултат на тоа е подобрена бизнис климата, соопшти Кабинетот на македонскиот премиер.
"Во 2006 година Република Македонија очекува да добие покана за полноправно членство во НАТО и да стане дел од Алијансата заедно со останатите земји од Јадранската група", истакна премиерот.
Тој рече дека македонската Влада е во постојан контакт со Белград и Приштина и води прагматична политика, повторувајќи дека секое решение кое ќе го договорат Белград и Приштина за евентуалниот финален статус на Косово, ќе мора да го почитува територијалниот интегритет и суверинитет на Република Македонија.
На средбата беше договорено и активно вклучување на Националниот-демократскиот институт во подготовките на новата изборна регулатива во Република Македонија, истакнувајќи ги позитивните искуства од соработката на македонските институции на системот со НДИ.