ИНФО                                           
     
  ЦРВЕНКОВСКИ ВО ВАРШАВА

На претпладневната сесија на дводневниот самит кој се одржа во Варшава се разговараше на тема "Европско единство, европски вредности", која треба да ја потврди посветеноста на земјите-членки на Советот на Европа на општите принципи на Организацијата - демократијата, човековите права и владеењето на правото, при што како главна заложба е изнесена потребата за поголема ефикасност на Европската конвенција за човекови права. На Третата средба на шефовите на држави или влади на 46 земји-членки на Советот на Европа, во Варшава покрај македонскиот претседател Бранко Црвенковски, учествуваа и претставници од сите европски држави, со исклучок на Белорусија, како и на Јапонија, Канада, Мексико и САД, кои заедно со Ватикан имаат статус на набљудувачи во Советот на Европа. Белорусија е единствената европска држава која не е членка на Советот.
 
     
 

ЅВОНЧЕТО ВО МАКЕДОНСКОТО СОБРАНИЕ

На 16 февруари 1999 година Светскиот македонски младински конгрес усвои "Основи на национална програма за деца и млади". Основите на националната програма за деца и млади беа презентирани на јавна трибина во присуство на претставници на подмладоците на сите политички партии и на поголем број младински, ученички и студентски организации.
"Овој месец се навршуваат пет години од инаугурацијата на новото ѕвонче во македонското Собрание, кое Светскиот македонски младински конгрес го подари при официјалниот прием и посетата на Кабинетот на тогашниот претседател на Собранието д-р Саво Климовски, заедно со предлогот за усвојување на закон за деца и млади од македонското собрание", наведено е во извештајот на шефот на протоколот на СММК, Влатко Ј. Комициоски.
По својот ефект на создавање на звук и внимание, ѕвончето беше и с# уште останува симбол преку кој треба да се слушне гласот на младите Македонци од цел свет за алармантната ситуација во која се наоѓа нашето општество во транзиција, во кое главна жртва станаа младите и децата. Светскиот македонски младински конгрес секоја година го доставува проектот "Основи на Националната програма за деца и млади" до Агенцијата за млади и спорт, потсетувајќи на потребата за донесување закон за деца и млади.

 
     
  КОРУПЦИСКИ СИНЏИР СО УЧЕБНИЦИТЕ

Здружението на книжарите на Македонија реагира за начинот на кој се врши продажбата на учебниците во основното и средното образование и побара навремено реагирање на начинот на нивната продажба во наредната учебна година. Оттаму обвинија дека во оваа сфера владее корупциски синџир: истите луѓе со истото сценарио секоја година ги продаваат учебниците и училниците ги претвораат во дуќани без фискални каси, учениците во муштерии, а директорите на училиштата во организатори. Оттука, со цел да се сопре досегашниот начин на продажба на учебници на самиот почеток на учебната година, кој отвора можност за манипулација со учениците и родителите, Здружението уште сега апелира во мај да се одржат работни состаноци на кои би се одлучило кој учебник и од кој автор ќе се користи наредната учебна година.
 
     
  СММК ВО ПОДДРШКА НА МАРТИН ВУЧИЌ

Светскиот македонски младински конгрес во ноќната програма на Македонско радио - Радио Скопје на 7-8 мај беше директен учесник во емисијата, во која главен гостин беше Мартин Вучиќ, македонскиот претставник на Евросонг 2005. Со тоа СММК всушност ја промовираше кампањата за поддршка на нашиот претставник на Песна на Евровизија, чие полуфинале се одржа на 19 мај (четврток) во украинската престолнина Киев.
Студиото на Македонското радио реализира директни контакти со младите Македонци, претставници на Светскиот македонски младински конгрес од Амстердам, Дизелдорф, Виена, Париз, Стокхолм, Осло, Копенхаген, Луксембург, Милано, Брисел, Берн и други градови низ Европа, разговарајќи за нивното организирање во европските држави и нивниот во моментов најзначаен удел во телеволтингот за пласман на нашиот претставник во финалниот избор на Евросонг. Воедно СММК апелира до сите Македонци во европските држави масовно да дадат поддршка со телефонски јавувања за песната со број 17 - Make My Day на Мартин Вучиќ.
 
     
 

ЧЕСТВУВАЊА ВО ЧЕСТ НА КИРИЛ ПЕЈЧИНОВИЌ

По повод 160 години од смртта на великанот на просветителската македонска мисла, Кирил Пејчиновиќ, Здружението за обнова и ревитализација на Лешок и лешочкиот манастир и жителите на село Лешок, денес на 20 мај со пригодни манифестации ќе му оддадат почит на овој голем великан од ХIХ век.
Кирил Пејчиновиќ е еден од првите просветители, писатели од првата половина на ХIХ век, кој успеал да го обнови манастриот "Свети Атанасија" во Лешок во 1818 година. Роден е во 1771 година во село Теарце, близу Тетово. Своите дела ги пишувал на простонароден македонски јазик, а истите биле со дидактичка и морализаторска тематика. Неговото најпознато дело е "Огледало" отпечатено во Будим во 1816 година. Овој знаменит македонски просветител престојувал и на манастирот Хиландар на Света Гора. Пејчиновиќ успеал својот копнеж да го оствари преку визуелната перспектива за духовното богатство, која видно ја експонирала својата целовитост - манастирот "Свети Атанасија" во Лешок го издигнал во локација на Свето место на жариште на просвета и култура, со национално значење и карактер.

 
     
  ЗЛАТНА ВИЛА ЗА ЖЕНСКИОТ МЛАДИНСКИ ХОР

Женскиот младински хор при Хорското студио "Рустико" и ПФ "Св. Климент Охридски" - Скопје, од 5 до 7 мај, под диригенство на проф. Запро Запров, учествуваше на 5. Меѓународен хорски натпревар "Златна Вила" во Приједор, Република Српска (БиХ). Во конкуренција на осум хорови од пет држави, овој ансамбл освои две награди - главната награда "Златна Вила" и наградата на публиката. При ова гостување за диригентите - учесници на фестивалот и хорските диригенти од Република Српска, македонскиот диригент проф. Запро Запров одржа семинар на теми: Личноста на хорскиот диригент, Хорскиот репертоар и Читање на современата хорска партитура.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  НИМИЦ ДЕНЕСКА НА РАЗГОВОРИ СО МАКЕДОНСКИОТ ДРЖАВЕН ВРВ


Специјалниот претставник на генералниот секретар на Обединетите нации и посредник во разговорите за решавање на спорот со името меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц, денеска во Скопје ќе се сретне со македонскиот државен врв.
Тој денеска ќе одржи заедничка средба со претседателот Бранко Црвенковски, премиерот Владо Бучковски и министерот за надворешни работи Илинка Митрева.
На средбата се очекува Македонија да го повтори својот предлог за двојна формула во употребата на уставното име.
По пристигнувањето во Скопје Нимиц вчера изјави дека решението за спорот со името најмногу ќе зависи од двете страни. "Разговорите се одвиваат под покровителство на Генералниот секретар, а јас сум само во улога на посредник", додаде тој.
"Двете страни се заинтересирани за изнаоѓање решение. Тука сум за да го слушнам ставот на Владата и се надевам дека ќе имаме добра дискусија. По средбата ќе видиме дали Владата ќе предложи некое решение. Сметам дека ова е многу важно прашање за земјата и за нејзиниот народ и затоа му пристапувам на сериозен начин", ја појасни причината за својот престој во Македонија медијаторот Нимиц.
Претставникот на Генералниот секретар на Обединетите нации се уште не го знае точниот датум на средбата со претставниците на Грција, но се надева дека наскоро Македонија и Грција ќе најдат заемно прифатливо решение за проблемот со името на нашата земја.
"Не го знам точниот датум на средбата со другата страна, но сум во постојан контакт со двете страни. Остварувам редовни контакти и досега се одржани многу дискусии. Двете страни се согласија дека прашањето треба да се реши на пријателски начин и од моја перспектива е многу важно двете земји да живеат во хармонија бидејќи се соседи кои имаат различно сфаќање кон ова прашање. Целта е да се дојде до решение кое ќе биде задоволувачко за двете земји" , истакна посредникот Метју Нимиц.