ИНФО                                           
     
  ECHALLENS ЌЕ СЕ ЗБРАТИМИ СО ОПШТИНА НОВО СЕЛО

По долгогодишна логистичка потпора на македонското друштво "Македонија" од Echallens во состав на Заедницата на македонските друштва постигна согласност со комуна (општина) Echallens да се направи збратимување со Општина Ново Село од Република Македонија. Првата недела од мај, за празникот Св.Спас католички, комуната Echallens ќе изврши официјална посета на Општина Ново Село, со цел здружување, кое натаму може да прерасне во збратимување.
Во посетата е вклучен севкупниот извршен совет на Echallens, кој е составен од девет члена, со нив ќе патува и претседателот на Македонското добротворно друштво "МАКЕДОНИЈА" од Echallens.
 
     
 

ДЕЗАВУИРАНО МАКЕДОНСКОТО КУЛТУРНО И ИСТОРИСКО НАСЛЕДСТВО НА ПРВИТЕ МАКЕДОНСКИ ДРЖАВНИ СИМБОЛИ

Во врска со неодамнешната промоција на државните ордени и медали на Република Македонија, што се случи во републичкото Собрание под покровителство на Кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски, креаторите на првиот македонски орден упатија остра реакција.
Станува збор за Гоце Дуртаноски (дизајн) и Џон Тодоровски (компјутерска обработка), кои како овластени лица на The Oak Tree Design Studio од Холандија, го изработија првиот македонски орден Solem Imperii Macedoniae (Сонце на Македонската империја) за потребите на Светскиот македонски конгрес.
Првиот македонски орден Solem Imperii Macedoniae, Светскиот македонски конгрес свечено го инаугурира во Париз, во јануари 2004 година, кога му беше доделен на големиот пријател на Македонија и на македонскиот народ, експертот по уставно право Роберт Бадентер, истовремено прогласен и со титулата "македонски сенатор".
"Кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски уште еднаш, овој пат преку државните одликувања, најверојатно посакал да ја наметне кованицата "100 години Илинден - 100 години македонска државност" и спомените од социјалистичката револуција. На несреќно избраниот дизајн на првите македонски ордени и медали, за жал, доминира користењето на класјето жито, кое беше главно обележје на државните симболи на сите поранешни советски републики и во поранешната југословенска федерација", коментираат Дуртаноски и Тодоровски.
Преку изјавата на надворешниот соработник на Кабинетот на претседателот Роберт Митевски дека петте ордени и двата медали се направени според европските културни традиции(?!), Светскиот македонски конгрес заклучува дека тие ги задоволуваат само нормите на Народна Република Кина и на Република Куба, па со право Митевски можеме да го наречеме "експерт по социјалистичка фелеристика".
"По се изгледа, Светскиот македонски конгрес требаше да промовира ордени и медали за и власта да стави крај на ова досега незатворено прашање, битно обележје на државноста. Светскиот македонски конгрес изразува жалење што кабинетот на претседателот на Републиката Бранко Црвенковски го дезавуирал богатото културно и историско наследство на македонскиот народ и на Македонија, кое можеше да биде аплицирано на првите македонски државни ордени и медали", коментираат од СМК.

 
     
  МАКЕДОНСКА ЗАЕДНИЦА ВО ХОЛАНДИЈА

По повод 600 години од раѓањето на Георгија Кастриот и Велигденските празници, Македонската заедница во Холандија повторно ја издаде поштенска маркичка со номинална вредност од 39 евроценти, со фреска на ликот на Георгија Кастриот, Македонец од мијачко потекло.
Во соопштението на претседателот на Македонската заедница во Холандија г.Џон Тодоровски се истакнува "значењето на оваа важна личност од македонската историја за кого Македонија како држава има морална и национална обврска да го заштити од присвојување од било кого". Соопштението на Македонската заедница во Холандија натаму ги цитира документите од таткото на Георгија, Иван Кастриот, кој оставил повеќе пишани сведоштва во кои јасно се гледа македонскиот, мијачкиот карактер на лозата Кастриот.
 
     
  И ПОКРАЈ ЗАБРАНИТЕ, МАКЕДОНЦИТЕ ЧЕСТВУВАА ЗА ЈАНЕ

Македонците во Бугарија на 24 април беа спречени чествувањето по повод 90 години од смртта на Јане Сандански да го одржат кај Рожденскиот манастир. Тие се собраа пред споменикот на овој револуционер во Мелник, бидејќи, како што велат, ова место претходно го зафатиле други организатори, односно бугарската новинска агенција "Фокус" и Здружението "Сите Бугари заедно". Со нивни автобуси на гробот на Сандански пристигнале "чествувачи" со бугарски знамиња и со партиски обележја на ВМРО на Красимир Каракачанов, која се сметала за наследник на врховистичката ВМРО. Проблеми со домаќините имале и членовите на КУД "Мирче Ацев" од Скопје, кои бугарската полиција четири часа ги држела на граничниот премин.
Организаторите од ОМО ПИРИН сепак положиле цвеќе на гробот на Сандански, полицијата не ги спречила во тоа, но ги советувала да не ги веат македонските знамиња. Напнатоста меѓу македонските организации и бугарската ВМРО преминала во расправија, така што едните обвинувале дека ја продале македонската кауза, а другите дека измислуваат македонска нација и си ги негираат бугарските корени.
Гробот на Сандански го посетија и делегации од Министерството за надворешни работи на РМ и македонската Амбасада во Софија.
На 23 април чествување одржа ОМО - Илинден, на кои им беше дозволен собир кај Рожденскиот манастир.
Сепак, и двата дена помина со провокации, делење пропагандни материјали и дофрлање погрдни зборови кон присутните Македонци, од страна на активистите на бугарските националистички организации.
 
     
 

МАКЕДОНЦИТЕ ВО АЛБАНИЈА ФОРМИРАА ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА

Македонците од Албанија ќе учествуваат на претстојните парламентарни избори во Албанија со своја политичка партија, соопшти претседателот на здружението "Преспа" од Албанија, Ефтим Митревски, на трибината која беше одржана во црквата "Св. Кирил и Методи" во Њу Џерси, САД.
Митревски истакна дека, според официјалниот попис, во Албанија има само 5.000 Македонци, но според сознанијата на здружението "Преспа" ги има најмалку 150.000. Тој очекува на претстојните парламентарни избори Македонците да освојат барем две пратенички места во албанскиот парламент.
Новата политичка партија на Македонците, која минатата недела беше промовирана во САД, ќе се вика Македонска алијанса за европска интеграција. За симбол го има шеснаесеткракото сонце и 22 ѕвезди како симбол на членките на Европската унија. Партијата се обидува да ги собере во своите редови сите Македонци кои членуваат во разни здруженија и политички партии во Албанија.

 
     
 

СТО ГОДИНИ ОД СМРТТА НА НИКОЛА КАРЕВ

На 27 април се навршија сто години од херојската смрт на револуционерот, организатор на Илинденското востание и претседател на Крушевската Република, еден од корифеите на македонското ослободително движење, Никола Карев. Како припадник на плејадата македонски револуционери од крајот на XIX и почетокот на XX век, тој на најдоблесен начин ги разбра и оплоди револуционерните идеи на својата епоха и ги изрази и интегрира ослободителните стремежи на македонскиот народ. Никола Карев е роден на 10 ноември 1877 година во Крушево и растел во тешко историско време, неподносливи општествено-политички и економско-социјални услови во државата. Чувствувајќи ја горчината на мрачното османлиско владеење, се тоа оставило неизбришливи траги и длабоко се врежало во неговата свест, што беше причина за пресудното определување да и служи на светата борба на својот народ за слобода и човечки правдини.

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

 

"ФРИДОМ ХАУС": МАКЕДОНИЈА НА 110 МЕСТО ВО СВЕТОТ СПОРЕД СЛОБОДАТА НА МЕДИУМИТЕ


Според слободата на медиумите во светот Македонија се наоѓа на 110 место, во група на земји со делумно слободни медиуми, соопшти американската организација за промоција на демократијата Фридом Хаус (Freedom House).
Во годишниот извештај "Слобода на печатот во 2005: глобален преглед на независноста на медиумите" организацијата Фридом Хаус со седиште во Вашингтон го оцени степенот на слободата на медиумите во 2004 година во 194 земји од целиот свет.
Македонија на глобалната листа на Фридом хаус е ставена на 110 место, зад Албанија, Конго и Хондурас, а пред Танзанија, Нигерија и Нигер. Минатата година Македонија беше на 111 место.
На листата на 27 земји од Централна и Источна Европа и поранешниот Советски Сојуз, Македонија е на 15 место, зад Албанија, Романија, БиХ, СЦГ, Хрватска, Бугарија, а пред Грузија, Украина, Ерменија ...
Фридом Хаус во извештајот глобално оценува дека и покрај важното подобрување во некои земји ситуацијата на слободата на медиумите во светот во 2004 година е влошена, со што продолжува тригодишниот тренд.
Подобрување е забележано во земји каде е постигнат демократски напредок како што се Украина и Либан. Овие земји исто како Гватемала и Гвинеја Бисао преминаа од категоријата "неслободни" во "делумно слободни", а Намибија од делумно слободни во слободни.
Значајно назадување е забележано во Пакистан и Кенија кои од "делумно слободни" преминаа во категоријата "неслободни", а ист е случајот и со Мексико и Венецуела. Влошување е забележано и во најмоќната демократија на светот, САД, кои паднаа од 15 на 24 место благодарение на бројните случаи во кои обвинителите настојувале да извршат притисок на новинарите да ги откријат своите извори или да ги дадат белешките и материјалите собрани при новинарската истрага.
Од вкупно 194 набљудувани земји во светот, 75 се рангирани како слободни, 50 као делумно слободни и 69 како неслободни.
Најдобро рангирани земји се Финска, Исланд и Шведска, додека Бурма, Куба, Либија, Северна Кореја и Туркменистан речиси и да немаат независни медиуми или едвај можат да работат.