ИНФО                                           
     
  МИНИСТЕРКАТА МИТРЕВА ВО КОНТРАНАПАД

Грчката агресивна кампања со името Република Македонија - Скопје ја испровоцираа министерката за надворешни работи Илинка Митрева да одговори со контранапад. Имено, деновиве министерката водела повеќе телефонски разговори со влијателни политичари, меѓу кои и со еврокомесарот за проширување Оли Рен, со помошникот државен секретар Николас Барнс, со повеќе министри на земјите - членки на ЕУ, со амбасадорот на Европската комисија во Македонија Донато Кјарини и со рускиот и кинескиот амбасадор во државава. Македонската позиција околу спорот Митрева им ја образложила со два клучни момента - на агендата на ЕУ не смее да се додаде спорот околу името на Македонија и дека критериумите од Копенхаген се единствените валидни критериуми за евроинтеграцијата на Македонија. Всушност, во ниту еден член од Привремената спогодба и во Резолуцијата на ОН нема дека Македонија треба да разговара за името туку за разликите околу името, а Грција се обврзува да не ја блокира интеграцијата на нашата држава во ЕУ и во други меѓународни организации.
 
     
 

ПРЕСМЕТКА МЕЃУ ГРЧКИ И МАКЕДОНСКИ НАВИВАЧИ

На стадионот "Боб Џејн" во Мелбурн се случи исклучително непријатен инцидент. На натпреварот меѓу "Престон Лајонс" поддржан од македонски навивачи и "Јужен Мелбурн" поддржан од грчки иселеници поведе првоименуваниот тим. Тоа беше повод околу 400 навивачи да почнат меѓусебно да се пресметуваат.
Имено, навивачите на "Престон" влегле на теренот за да ја прослават победата на својот тим, но веднаш потоа поддржувачите на "Мелбурн" ги пробиле полициските барикади, уништиле дел од оградата и влегле на теренот, при што дошло до меѓусебен судир.
Австралискиот печат посочува дека оваа тепачка може да ги натера фудбалските власти да преземат мерки, така што натпреварите меѓу клубовите на две спротивставени етнички заедници да се одржуваат без публика, на неутрален терен и под строга контрола на полицијата.

 
     
  БУГАЈСКИ: ПРИЗНАВАЊЕ НА УСТАВНОТО ИМЕ

Ставот на познатиот американски аналитичар и директор на Институтот за Балканот, Јанош Бугајски, кој го презентира во интервјуто за една тиранска телевизија, а се однесува на прашањето во врска со состојбата во Македонија и предлогот на Обединетите нации за терминот кој треба да го употребува Македонија за нејзина идентификација, е дека на Македонија треба да и се признае она што е определено со нејзиниот Устав, а тоа е терминот Република Македонија.
 
     
  СЕ ПРОЛОНГИРААТ ПОЕВТИНИТЕ "БЕСПЛАТНИ" ЛЕКОВИ

Осигурениците на Фондот за здравствено осигурување ќе треба да почекаат уште најмалку еден месец за да ги добијат поевтините и посовремени "бесплатни" лекови, кои треба да ги донесе новиот меѓународен тендер. Пролонгирањето на стартот на новиот тендер Фондот го објаснува со тоа дека с# уште не се завршени жалбените постапки. Меѓународниот тендер за лекови тежи околу 60 милиони евра, а за него конкурираат повеќе од 30 фирми од земјава и од странство. Понудените цени за аптекарската палета се за околу 30 отсто пониски од досегашната, додека за оние од болничката листа за околу 10 отсто.
 
     
 

КАРДИНАЛОТ РАЦИНГЕР НОВ ПАПА

Во четвртиот круг од изборот во кој учествуваа 115 кардинали изолирани во Конклавата, го избраа германскиот кардинал Јозеф Рацингер за нов папа, кој го избра името Бенедикт Шеснаесетти.
"Драги браќа и сестри, по големиот папа Јован Павле Втори кардиналите ме избраа мене - едноставен и понизен работник во лозјето на Господа. Верувам во вашите молитви", истакна по изборот Бенедикт Шеснаесетти.
Изборот на новиот папа беше означен во 17,50 часот по локално време, со бел дим од Сикстинската капела и десет минути подоцна беше потврден со биење на камбаните од базиликата Свети Петар. Новиот, 256 папа, по службената објава излезе на балконот на Базиликата и на насобраните граѓани и верници им упати папски благослов "Урби ет oрби".

 
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПРЕМИЕРОТ БУЧКОВСКИ ГИ ПОЧНУВА ПОЛИТИЧКИТЕ КОНСУЛТАЦИИ ЗА ПРЕДЛОГ ИЗМЕНИТЕ НА УСТАВОТ


Премиерот Владо Бучковски денеска ги почнува политичките консултации во врска со иницијативата за измени во Уставот на Република Македонија во функција на реформите во правосудниот систем и јакнење на неговата независност.
Бучковски попладне ќе се сретне со Весна Јаневска, претседател на ВМРО-Народна партија - опозициска партија со најголем број пратеници во Парламентот.
На средбата ќе се разговара за измени во изборната законска регулатива за примена на забелешките на меѓународните набљудувачи и за формирање Коалиција за Европа на парламентарните политички партии.
Премиерот Владо Бучковски упати писмо со покана до лидерите на парламентарните политички партии за одржување одделни работни средби, со цел да се консултира во врска со значајните проекти и активности кои треба да се преземат на патот на интеграција на Македонија во ЕУ и во НАТО.