ИНФО                                           
     
  ВЛАДАТА ОДОБРИ 12 МИЛИОНИ ДЕНАРИ

Како што соопшти министерката за правда, Мери Младеновска -Ѓеорѓиевска, Владата ќе издвои 12 милиони денари, по 6 милиони денари за секој од двајцата обвинети од Хашкиот трибунал и за потребите на нивните семејства. Одлуката се однесува само за 2005 година, а парите ќе им се исплатуваат на сопругите на обвинетите Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски, а тие потоа ќе ги распоредуваат според потребите на бранителите и за своите трошоци.
 
     
 

МАКЕДОНСКО-УНГАРСКИ ВИЗЕН КОМПРОМИС?

Според унгарскиот министер за надворешни работи Ференц Шомоѓи, Унгарија очекува Македонија да го олесни дискриминаторскиот режим кон унгарските граѓани, а за возврат е подготвена да го либерализира визниот режим за македонските државјани, зашто за зајакнување на билатералната соработка треба да се создадат услови полесно да се патува во двете земји. На средбата, македонската министерка за надворешни работи Илинка Митрева, пак, кажа дека го замолила министерот Шомоѓи да се заложи македонските граѓани да добиваат бесплатни унгарски визи на подолг рок.

 
     
  НАРУШЕНА ЕТИКАТА НА ЛЕКАРИТЕ

Етичко-правната комисија при Лекарската комора заклучила дека кодексот за етика на лекарите е нарушен во случајот со пациентот Јордан Балабанов, кому му биле вградени стентови на Клиниката за кардиологија. Освен за д-р Сашко Кедев, се расправало и за д-р Борче Петровски, в.д директор на Клиничкиот центар Скопје, за тоа дали тој постапил етички кога не дозволил вградување од поскапите стентови на пациентот од Штип.
 
     
  АНДРЕЕВСКИ ЗАЕДНО СО ПОЗНАТИТЕ

Македонскиот уметник Сергеј Андреевски е на листата на десетте светски познати имиња, кои заедно со еминентни имиња од САД ќе творат на меѓународната уметничка колонија "Си Фролик". Идејата на основачите на колонијата е дека раскошниот и историски вреден комплекс "Си Фролик" може да прерасне во центар на културните збиднувања на Флорида преку целата година, доколку се најде вистински мецена за да го откупи од сегашниот сопственик.
 
     
 

"БАЛКАНКАН" ВО МОСКВА

Филмот "Балканкан" на Дарко Митревски е во официјална конкуренција на Московскиот филмски фестивал. Станува збор за прв интернационален настап на филмот кој го видоа 90.000 гледачи во Македонија. Овој филм ќе има и италијанска премиера во салите во Рим, Милано, Неапол, Џенова и Трст.

 
     
 

МОЖНО ЗАГАДУВАЊЕ ОД "ТОПИЛНИЦА"

Рестартирањето на скопска "Топилница" може да предизвика загадување, предупредуваат екологистите. Тие велат дека "Топилницата" не смее да почне да работи без претходно направена еколошка студија.
Екологистите го обвинија и Министерството за животна средина дека било незаинтересирано, бидејќи новиот сопственик не се обврзал за исполнување на еколошките стандарди.
"Министерството за животна средина и просторно планирање се држи инфериорно во оваа работа и затоа невладините организации се тие кои ја алармираат јавноста, бидејќи практично Министерството за животна средина и просторно планирање треба да се наметне во Владата", изјави Јосиф Таневски, универзитетски професор.

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПРЕМИЕРОТ БУЧКОВСКИ НА ЕКОНОМСКИОТ ФОРУМ "КРАН МОНТАНА"


Македонскиот премиер Владо Бучковски, кој од вчера учествува на Економскиот форум "Кран Монтана" во Загреб, денеска треба да се обрати пред учесниците на собирот .
Според најавите, обраќањето на Бучковски ќе биде посветено на интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и очекувањата до крајот на годината земјата да добие статус на кандидат за членство во ЕУ, а до 2010 година да стане полноправен член од европското семејство.
Во Загреб се очекува денеска да допатува и македонскиот министер за економија Фатмир Бесими, кој на Форумот треба да говори за економската соработка на Македонија со останатите земји.
На отворањето на Форумот, хрватскиот премиер Иво Санадер вчера истакна дека ЕУ покажала дека води сметка за секој дел на континентот, па така и за регионот на Југоисточна Европа.
"На проектот за влез во ЕУ треба долго да се работи, но тоа се исплати", нагласи Санадер, изразувајќи надеж дека Македонија, која неодамна ги поднесе одговорите на Европрашалникот, наскоро ќе добие позитивен одговор од ЕУ и оти ќе ги започне преговорите за влез во европското семејството.
Премиерот Бучковски во своето кусо обраќање до учесниците на Форумот посочи на неопходноста од заеднички регионални проекти што ќе бидат финансирани од ЕУ.
Како што јави специјалниот известувач на МИА од Загреб, на свеченото отворање, меѓу другите, говореа и претседавачот на Форумот Жан Пол Картерон и српскиот вицепремиер Мирољуб Лабус. Иако најавени, на отворањето не се појавија премиерите на Црна Гора и на Босна и Херцеговина, Мило Гукановиќ и Аднан Терзиќ.
На Економскиот форум "Кран Монтана", кој за прв пат се одржува во земја од балканскиот регион, учествуваат шефови и членови на влади на земјите од регионот на Југоисточна Европа и ЕУ, бизнисмени од дваесетина држави и претставници на повеќе меѓународни финансиски институции.
Главни теми на собирот се проширувањето на Европската унија, состојбите во стопанствата, стабилноста во регионот, унапредувањето на демократијата, како и регионалната, европската и глобалната соработка. Форумот претставува добра можност за унапредување на економската соработка и за отворање нови видици во изградбата на стабилен економски развој во регионот и пошироко.
Економскиот форум "Кран Монтана", чие седиште е во Монако, со години организира собири кои стимулираат меѓународен дијалог со цел разбирање, особено во високите општествени и стопански кругови. Во рамките на Форумот стопанствениците, политичките лидери, стратезите на меѓународните организации, угледни бизнис и финансиски експерти, во соработка со медиумите, настојуваат заеднички да овозможат создавање услови за квалитетен живот на сегашните и идните генерации.