ИНФО                                           
     
  ПРЕГОВОРИТЕ ЗА ИМЕТО СЕ УШТЕ ВО ЌОР-СОКАК

Разговорите меѓу Грција и Македонија за спорот околу името, повторно се во ќор-сокак и покрај тоа што Атина ја подгреа атмосферата на брзо решение и силна дипломатска активност, како никогаш досега. На состанокот на кој присуствувале амбасадорот во САД, Никола Димитров, претседателот Бранко Црвенковски, премиерот Владо Бучковски и министерката за надворешни работи Илинка Митрева било констатирано дека Македонија во Њујорк ќе инсистира на двојната формула, бидејќи варијантите за едно име кои циркулираат во грчките медиуми како "Нова Република Македонија" и "Република Македонија - Скопје" се неприфатливи за нас.
"Платформата за разговорите во Њујорк е иста и веќе ви е позната, а тоа е употребата на уставното име на Република Македонија во севкупната меѓународна комуникација", изјави Илинка Митрева.
 
     
 

ВРАНИШКОВСКИ ВО САД БЕЗ МАКЕДОНСКИ ПАСОШ

Апелациониот суд во Битола ја одложи расправата во врска со жалбата на таканаречениот српски егзарх во Македонија, Јован Вранишковски, во врска со пресудата од првостепениот суд, со која беше осуден на година ипол затвор за стореното кривично дело, предизвикување расна и верска омраза. Причината за одложувањето на расправата е што обвинетиот Вранишковски моментно се наоѓа во САД. Меѓутоа, интересен е фактот што Апелациониот суд му го одзеде македонскиот пасош, па сега се поставува прашањето како и со каков пасош тој заминал во САД. Се претпоставува дека има и српски пасош, па најверојатно на тој начин и заминал.

 
     
  ПЕТ ГОДИНИ "ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ"

Неодамна Демократски сојуз одбележа пет години од формирањето.
"Демократски сојуз секогаш за главна цел ги имал стратешките национални и долгорочни државни интереси, а така ќе биде и во иднина", изјави партискиот лидер Павле Трајанов на одбележувањето на јубилејот.
Тој порача дека пред партијата стојат нови предизвици, од кои најголем е победата на парламентарните избори.
"Сигурен сум дека здружената опозиција, како што сега победи на локалните избори, ќе триумфира и тогаш. Од демократската борба нема да н# откаже ниту фалсификатот кој го направи власта на локалните избори", потенцираше Трајанов.
Според него, граѓаните во опцијата на "Третиот пат", чиј иницијатор за формирање беше и ДС, препознаа нова политичка опција, која отвора перспективи за промени.
 
     
  РУСКА ФИНАНСИСКА ИНЈЕКЦИЈА ЗА МАКЕДОНСКОТО СТОПАНСТВО

Набрзо во Македонија ќе влезе руски капитал тежок 500 милиони долари. Тоа се информациите на бизнис круговите во земјава, кои велат дека се запознати со руските намери. Според нив, овие инвестиции ќе бидат одлична финансиска инјекција за македонското стопанство, кое досега едвај успеваше да привлече странски вложувања.
За руските инвеститори Македонија е сe попривлечна дестинација за вложување. Некои македонски претпријатија веќе се купени, а поголем број се потенцијални кандидати на листата заинтересирани моќни руски фирми.
 
     
 

РАСТЕ БРОЈОТ НА СОЦИЈАЛНИ СЛУЧАИ ВО КИЧЕВСКО

Според податоците на Центарот за социјални грижи во Кичево, речиси 7.200 жители од кичевскиот регион се корисници на социјалните фондови на државава.
Најголем е бројот на корисници на социјална помош 1.731 со 6.390 соуживатели, односно членови на нивните семејства. Потоа следуваат 526 корисници на туѓа помош и нега, како и 74 лица со 118 соуживатели на постојана парична помош. Помал е бројот на лицата кои добиваат средства како војници, инвалиди од заостанати воени материјали и лица кои се згрижени во други семејства.
За сите нив деновиве почна обновувањето на документите за добивање социјална помош.

 
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  КИРО ГЛИГОРОВ ЗА МИА: НЕ Е ТОЧНО ДЕКА ВО ОН СМЕ ПРИМЕНИ ПОД РЕФЕРЕНЦАТА ФИРОМ


"Не е точно дека во ОН сме примени под референцата ФИРОМ - Официјалните документи на Светската организација, одлуките на Советот за безбедност и Генералното собрание прецизираат дека во рамки на ОН на нашата земја ќе и се 'обраќаат со Поранешна југословенска Република Македонија', а не со ФИРОМ. Ова се додека не се реши спорот што околу името го имаме со Грција".
"Референцата ФИРОМ беше иницирана од страна на Грција, со цел да се 'избегне' употребата на зборот 'Македонија', но, таа не е дефинирана со одлука на телата на ОН и тоа нас и земјите членки на ОН не ги обврзува", - одговара поранешниот претседател Киро Глигоров на прашањето на Македонската новинска агенција - МИА за тоа дали беше добар потегот што Македонија на 8 април 1993 година прифати да влезе во Светската организација под референцата ФИРОМ или ќе беше подобро светот прво да го убедевме во нелогичноста на грчките барања.
"Јас сум сосема сигурен, додава Глигоров, дека и тогаш огромен број од членките не можеа да сватат дека може да се оспори името на еден народ кој создал држава на територијата на која живее со столетија".
"Покрај сите признавања на нашата земја под уставното име од страна на повеќе од сто земји, а еве најпосле и од Соединетите американски држави, Грција уште не е убедена дека треба да ја напушти таа своја нелогична, а по мое мислење и неперспективна политика", - истакнува Киро Глигоров.
Во врска со употребата на уставното име, Глигоров вели дека отсекогаш бил оптимист дека состојбата ќе се разреши во полза на Македонија.
"За тоа има повеќе причини. Тоа е прв случај во историјата на ОН да биде оспорено. Име на една држава кое таа го пријавила како сопствено ОН немаат право да го оспорат. Тоа според Повелбата на ОН не е услов за прием. Затоа мислам дека некои земји кои се уште не не признале под нашето уставно име ќе го следат последниот чекор на САД", подвлекува претседателот Киро Глигоров во интервјуто за МИА.