ИНФО                                           
     
  ВТОР "ЖИВОТ" ЗА "БУЧИМ"

Во рудникот за бакар "Бучим" кај Радовиш се вршат последните подготовки за свечено пуштање во работа, за што ќе бидат ангажирани 280 рудари и стручен кадар од рудникот, предводени од генералниот директор Василиј Барутскиј и неговиот заменик Николајчо Николов.
"Сега можеме да кажеме дека завршивме голема работа и дека 'Бучим' наскоро повторно ќе биде во одлична состојба, а воедно ќе е и значаен капацитет кој на Македонија ќе & ги носи толку потребните девизи. Планиравме Рудникот да влезе во редовно производство на 2 април, но поради доцнењето во испораката на резервните делови, тој рок ќе биде пролонгиран за неколку дена", истакна Николов.
 
     
 

КРЕДИТ ОД СВЕТСКА БАНКА ЗА МАКЕДОНСКИ ЖЕЛЕЗНИЦИ?

Преговорите со Светска банка за добивање кредит во висина од 15 милиони евра наменети за трансформација на "Македонски железници", најверојатно ќе се одржат на 18 април. На разговорите, претставниците од Министерството за транспорт и врски ќе треба да ја информираат Светска банка за сe што е сторено во рамките на процесот за трансформација на МЖ. Дали Светска банка ќе ни го одобри кредитот ќе зависи од впечатокот кој ќе го остават претставниците на Министерството. Доколку се одобри кредитот, тој ќе се искористи за неколку намени: за преквалификација на отпуштените вработени од МЖ, за обнова на старите вагони, како и за набавка на нови пред да се приватизира јавното претпријатие.

 
     
  ДОГОВОР МЕЃУ ДАСТО И HEPA

Фирмата ДАСТО СЕНТЕЛ со седиште во Босна и Херцеговина доби дозвола за работа како национален мрежен оператор во оваа земја за работа во сите сегменти во телекомуникациите. Поврзувањето во овие системи е безжично, за тоа се потребни соодветна опрема и уреди, кои фирмата ДАСТО од Скопје ги набави од реномираната норвешка фирма HEPA. Во реализација на соработката и договорот помогна норвешката Влада преку нејзиниот Гарантен институт за поддршка на кредитирање на извозот. Договорот за соработка го потпишаа генералниот директор и сопственик на ДАСТО, Стојан Давчев, и потпретседателот на фирмата HEPA, Торе Тхуен.
 
     
  ШЕЕСЕТГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ НА ЦРВЕНИОТ КРСТ

По повод 60 - годишнината од формирањето, Црвениот крст на Република Македонија одржа свечена академија и седница во Домот на АРМ.
"Благородноста на идејата на Анри Динан, основачот на Црвениот крст, е знак за препознавање на хуманите луѓе во цел свет. Денес кога нашата организација одбележува 60-годишен јубилеј, таа е на сите светски широчини и должини, за да покажеме дека земјата е мала, но му припаѓа на целото човештво. Седумте принципи на нашето организирање влегоа и во Повелбата на Обединетите нации. Гордост е да се биде дел од организацијата, која е носител на благородни стремежи", истакна м-р Јован Дамјановски, претседател на Црвениот крст на Македонија.
 
     
 

КРАЛСКА БЛАГОДАРНОСТ ДО ИСТОРИЧАРОТ ДОНСКИ

На адресата на македонскиот историчар и наш долгогодишен соработник господинот Александар Донски пристигна писмо од Бакингемската палата од Лондон. Во него британската кралица Елизабета Втора ја искажува благодарноста кон Донски за неговата книга, посветена на нејзината роднинска врска со македонскиот средновековен цар Самуил. Во краткото писмо од кралицата, Донски е известен дека таа ја примила книгата и искажала почит кон ваквиот гест. Книгата "Роднинските врски на македонскиот цар Самуил со британската кралица Елизабета Втора" е објавена на почетокот од годинава на англиски јазик во издание на литературното друштво "Григор Прличев".

 
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ЉУБЕ БОШКОСКИ ЗАМИНА ВО ХАГ


Поранешниот македонски министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски денеска од Загреб замина во Хаг, каде што ќе му се предаде на Хашкиот трибунал.
Бошковски отпатува во Хаг со редовна линија на хрватската национална авиокомпанија "Кроација ерлајнс", и не даде изјава за новинарите.
Тричлениот совет на Жупанскиот суд во Пула со кој претседаваше судијата Дамир Крпан вчера му го укина притворот на Бошковски и донесе одлука за негово предавање на Хашкиот суд.
Љубе Бошковски вчера, кога му било прочитано хашкото обвинение, изјавил дека не се чуствува виновен по ниту една точка од обвинението.
Според неговиот адвокат Анте Нобило, Бошковски нагласил дека ја признава легитимноста на Хашкиот суд, така што доброволно ќе се предаде, што значи дека се откажува од правото на жалба и приговор на постапката за предавање.
Бошковски беше на чело на македонското Министерство за внатрешни работи од мај 2001 година до ноември 2002 година. Хашкиот суд го товари за воени злосторства при судирите во скопското село Љуботен во август 2001 година, во кои загинаа седуммина Албанци.

ПРЕМИЕРОТ ВЛАДО БУЧКОВСКИ ВО ПОСЕТА НА БУГАРИЈА


Претседателот на Владата на Република Македонија Владо Бучковски денеска ја почна еднодневната официјална посета на Бугарија на покана од бугарскиот премиер Симеон Сакскобурготски.
Како што јавува известувачот на МИА, по официјалниот пречек на плоштадот "Александар Невски" во Софија, премиерот Бучковски замина на тет-а-тет средба со претседателот на бугарската Влада Сакскобурготски.
Теми на средбата ќе бидат билатералните односи, размена на искуствата за користење на претпристапните фондови на Европската унија и подготовките за отворање на Културно-информативен центар на Република Македонија во Софија.
Разговорите Бучковски-Сакскобурготски, како што е најавено ќе бидат фокуирани и на можностите за интензивирање не економската соработка, заедничкиот настап за обезбедување поддршка од меѓународните институции за вклучување во Коридорот 8 во приоритетите на европската инфраструктурна мрежа до 2010 година.
На средбата меѓу двајцата премиери се очекува да стане збор и за продолжување на изградбата на железничката линија Скопје-Софија.
Во Софија ќе се разговара за интензивирање на регионалната соработка во рамките на трите т.н. еврорегиони, пред се за инфраструктурно поврзување со Република Бугарија и Република Албанија, во рамките на Коридорот 8.
Предвидено е премиерот Бучковски да се сретне и со бугарскиот претседател Георги Прванов и со претседателот на Народното собрание на Бугарија Борислав Великов.
Во состав на македонската делегација, предводена од премиерот Бучковски, се министрите за економија и за култура Фатмир Бесими и Благој Стефановски, како и заменик - министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Санде Џамбазовски.
Во рамките на еднодневната посета, македонскиот премиер Владо Бучковски ќе се сретне и со претставници на македонското малцинство во Бугарија, со македонски студнети кои студираат во Софија и со Катерина Трајкова, внуката на Гоце Делцев.