ИНФО                                           
     
  МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА

Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и Асоцијацијата на даватели на комунални услуги (АДКОМ), односно претседателите Горан Ангелов и Јордан Милков потпишаа Меморандум за соработка.
Во периодот кога е актуелно префрлувањето на надлежностите од централно на локално ниво, ЗЕЛС и АДКОМ се договорија да ги синхронизираат напорите за лобирање и залагање во врска со донесувањето правни акти кои се битни за локалната самоуправа и јавните претпријатија, а особено за подобрувањето на комуналните услуги на општинско ниво.
 
     
 

ИЗГРАДБА НА НАФТОВОДОТ БУРГАС - АЛЕКСАНДРОПОЛИС

Според интернет страницата на грчкиот "Ин Њуз", на состанокот одржан во Москва, тристраната меѓувладина комисија на Грција, Бугарија и Русија го одредила 15 април како краен рок за потпишување на политичкиот меморандум за изградба на нафтоводот Бургас - Александрополис. Оваа информација се темели на изјавата на грчкиот заменик-министер за развој, Јоргос Салангудис, кој ја предводел грчката делегација на средбата во Москва. Нафтоводот Бургас - Александрополис е главен конкурент на проектот АМБО за изградба на нафтоводот Бургас - Валона, со кој е предвидено руска нафта преку Македонија да се транспортира од Бугарија, до Албанија и натаму кон Западна Европа.

 
     
  PROCREDIT BANK ВО НОВИ ПРОСТОРИИ

Поради брзиот развој на ProCredit Bank, понатамошниот развој на мрежата, воведувањето нови производи и услуги, зголемувањето на бројот на вработени и работни оддели, централната управа ја смени локацијата во нови простории во населба Аеродром, Бул. Јане Сандански 109а. ProCredit Bank, заедно со акционерите и менаџментот, на прес конференцијата на 15 Март 2005, информираше дека дозволата со големи овластувања, следеше по зголемувањето на капиталот. Акционерите, задоволни од континуираниот развој на Банката, која работи уште од 2003, донесоа решение да го зголемат капиталот на Банката на 10 милиони евра. Зголемувањето на капиталот и овозможи на ProCredit Bank да ја добие комплетната банкарска дозвола од Народната Банка на РМ, и со тоа институцијата го направи премостувањето од Банка регистрирана според законот за микрофинансирање во Банка регистрирана според Законот за банки, која е во можност да ги понуди сите банкарски услуги.
 
     
  "НЕОКОМ" И "ПЕКСИМ" ВО ХАНОВЕР

Две компании од Македонија, "Неоком" и "Пексим" учествуваа на Меѓународниот саем за информатичка технологија и телекомуникации (CeBIT) што од 10 до 16 март се одржа во германскиот град Хановер.
Со новитети во оваа област на Саемот учествуваа вкупно 6.270 компании од 60 земји од целиот свет претставени во 27 хали.
Саемот во Хановер е најголемиот глобален настан во информатичката и во комуникациската сфера.
 
     
 

СТОКОВНА РАЗМЕНА НА МАКЕДОНИЈА СО СТРАНСТВО

Според податоците од Државниот завод за статистика, стоковната размена меѓу Македонија и странство, во јануари годинава изнесува 326.605.000 американски долари.
Од вкупниот обем на размена, извозот учествува со 41,8 отсто, а увозот со 58,2 проценти. Покриеноста на увозот со извозот е 71,7 отсто, а салдото на размената е негативно и изнесува 53.722.000 долари.
Во јануари 2005 година најмногу се извезувале производите класирани според материјалот, готовите производи, пијалаците и тутунот. При увозот, пак, најмногу биле застапени производите класирани според материјалот, минералните горива, мазивата, машините и транспортните уреди.

 
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  СРЕДБА НА ПРЕМИЕРОТ БУЧКОВСКИ СО ВСЕЛЕНСКИОТ ПАТРИЈАРХ ВАРТОЛОМЕЈ


"Ќе направиме се да се реши 50-годишниот проблем и Македонската православна црква да добие канонски пат", изјави Вселенскиот патријарх Вартомолеј по средбата во Истанбул со македонскиот премиер Владо Бучковски.
Како што јави специјалниот известувач на МИА од Истанбул, Бучковски од своја страна нагласи дека улогата на Цариградската патријаршија е од круцијално значење за решавање на спорот меѓу Македонската и Српската православна црква.
Македонскиот премиер изрази задоволство поради како што рече искрената намера на Патријархот Вартоломеј да се реши спорот меѓу двете цркви.
"Има проблеми кои неможат да ги решат претседателите или премиерите, туку за тоа треба да постои добра волја", нагласи Бучковски, додавајќи дека македонската Влада, Парламентот и сите граѓани на Македонија ги поддржуваат напорите за решавање меѓу спорот на МПЦ и СПЦ.
Вселенскиот патријарх од своја страна нагласи дека се надева дека наскоро Македонија и Турција ќе станат членки на ЕУ. За време на средбата македонскиот премиер го покани патријархот Вартоломеј да ја посети Македонија.
Премиерот Бучковски на средбата беше придружуван од претставниците на МПЦ митрополоитот Австралиско-новозеландски и администратор на Преспанско-пелагониската епархија, господин Петар и митрополитот Дебарско-кичевски, господин Тимотеј.