ИНФО                                           
     
  ЗАЛОЖБА ЗА РАЗВОЈ НА ДУХОВНИОТ ЖИВОТ НА МАКЕДОНЦИТЕ

Со писмен благослов од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот европски
г.Горазд, претседателот и претставниците на клубовите-членки на Македонската
заедница во Холандија и на Светскиот македонски конгрес, на 20 февруари годинава во Утрехт се одржа првиот состанок на Македонската православна црковна општина "Свети Стефан", по нејзиното преместување од северна (Гронинген) во централна Холандија (Утрехт) каде што е извршено и нејзино регистрирање.
За претседател едногласно беше избрана г-ца Соња Митриновска, а секретар
г. Ристе Тегов. Веднаш по изборот Митриновска ја образложи суштината за
дислокацијата на МПЦО "Свети Стефан" од Гронинген во Утрехт.
"Во континуитет ја исполнуваме нашата натамошна заложба за одржување и развој на духовниот црковен живот на Македонците во Холандија и сите нејзини активности кои досега биле преземени во таа насока", рече Митриновска.
 
     
 

ОД ТЕМЕЛ ДО ИЗГРАДБА НА СТАНБЕН И ДЕЛОВЕН ОБЈЕКТ

Следејќи ги потребите на современото живеење и трендот на високата специјализираност на саемските изложби, а со тенденција на оние на кои им е потребно да им се олесни патот "од темел до изградба на станбен и деловен објект", Скопски саем ја постави втората по ред саемска манифестација - Саем на градежништво, градежни материјали и градежна механизација "ГРАДЕЖНИШТВО 2005"и третиот Меѓународен саем на енергетика, ефикасна, еколошка и економска техника, технологија и опрема "ЕНЕРГЕТИКА 2005".
Манифестацијата ја прогласи за отворена министерот за транспорт и врски, Џемали Мехази, а почесен гостин на Саемот беше вицепремиерот во Владата на Република Македонија, Минчо Јорданов.

 
     
  ЈУБИЛЕЈ И УСПЕСИ НА КАРДИОХИРУРГИЈАТА "ФИЛИП ВТОРИ"

Значаен јубилеј - пет години постоење и редење успеси одбележа Специјалната болница за кардиохирургија "ФИЛИП ВТОРИ", за што свое видување имаше директорот, истакнатиот академик д-р Жан Митрев.
Во текот на постоењето, во овој центар се направени повеќе од 2.500 операции на отворено срце, со околу 1.802 бајпас операции (реваскуларизација на миокардот), како дефинитивен третман на коронарната болест, меѓу кои 440 пациенти се оперирани на чукачко срце и 300 пациенти во тежок стадиум на исхемична дилатативна кардиомиопатија. За успесите на Митрев и на Кардиохирургијата "ФИЛИП ВТОРИ" (единствена здравствена институција од ваков вид во државава), говорат и многубројните меѓународни признанија и стекнатото светско реноме.
 
     
  НЕДЕЛА НА БОРБА ПРОТИВ РАКОТ

На одржаната прес-конференција по повод "Неделата на борба против ракот", в.д. директорот на Клиничкиот центар, Андреја Арсовски, истакна дека бројот на заболени од карцином е во пораст и дека годишно во Македонија се откриваат по 6.000 нови случаи. Тој додаде дека раното откривање на карциномот е многу важно, бидејќи тогаш има поголем успех во лекувањето на болните, отколку кога ракот ќе се дијагностицира во напреднат стадиум.
Секоја година во светот се откриваат повеќе од десет милиони нови случаи на заболени од карцином.
"Се очекува во 2020 година годишно да има 15 милиони новооткриени случаи. Денес во светот, ракот предизвикува смрт кај околу шест милиони лица", истакна меѓу другото Арсовски.
 
     
 

ВЕРОНАУКА ВО УЧИЛИШТАТА

На 28 февруари во манастирот "Св. Пантелејмон" на Водно, претседателот на државава, Бранко Црвенковски, се сретна со претставници на верските заедници, при што тие меѓусебно се договорија да формираат заеднички одбор, кој ќе ги внесе теолошките факултети и средните богословски училишта во образовниот систем. На тој начин и веронауката ќе влезе во осмолетките.
Иницијатор на оваа среба беше поглаварот на Македонската православна црква, г.г. Стефан, а на неа учествуваше и поглаварот на Исламската верска заедица реис ул улема, Ариф Емини, заменикот на скопскиот бискуп на Католичката црква, Киро Стојанов, пасторот на Евангелско-методистичката црква, Михаил Цеков, и претседателот на Еврејската заедница во Македонија, Здравко Шами.

 
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

 

ОТВОРЕНО ТРГОВСКО ПРЕТСТАВНИШТВО НА МАКЕДОНИЈА ВО ПРИШТИНА


Премиерот Владо Бучковски вчера го отвори Трговско-економското претставништво на Македонија во Приштина, што треба да биде основа за интензивирање на економската соработка меѓу Македонија и Косово.
Бучковски на отоворањето на претставништвото рече дека преку него понепосредно ќе се изразуваат интересите и можностите за македонско-косовската економско-трговска соработка.
"Со тоа ќе се осознаваат интересите на стопанствениците од овде и ќе можат да се координираат со нивните партнери во Македонија. Како Влада ние го поздравуваме овој процес и укажуваме дака економската, трговската и другите форми на соработка ќе бидат поддржани во рамките на нашите надлежности. Заеднички можеме да привлечеме повеќе странски инвеститори и да овозможиме повеќе работа за граѓаните, а со подобра економска соработка се создаваат можности за решавање и на други прашања, односно за подобро разбирање на економските и на другите потреби на граѓаните", истакна Бучковски.
Според Бучковски, трговското претставништво на Македонија во Приштина е уште еден институционален облик кој треба да помогне во динамизирањето на стопанската активност, но и на соработката меѓу компатибилни економии кои имаат бројни интереси.
"Нашето присуство овде во Приштина, со репрезентативна делегација од власта и од стопанството од Република Македонија е со цел да им дадеме поттик на стопанствениците кои ги познаваат приликите во економската сфера и кои можат да ја динамизираат надворешно-трговската размена, заедничките вложувања и финансиските текови што е од заемен интерес и ги подобрува регионално економските перформанси", рече македонскиот премиер.
Истакнувајќи дека определбите на македонската Влада во доменот на економската сфера се насочени кон поттикнување на пазарниот амбиент, привлекување на странските инвестиции, а во тие рамки и соработката на регионална основа, Бучковски оцени дека потенцијали и можности за проширување на соработката постојат и оти со изнаоѓање на прагматични решенија треба да се настојува да се поттикнуваат стопанските субјекти да се вклучат во активното пазарно работење и делување.
"Благодарејќи на добрата соработка со Мисијата на Обединетите нации на Косово, како и на воспоставените нормативно правни основи, се овозможи отварањето на ова претставништво. Очекуваме дека ќе се оформуваат услови за подинамична соработка и за отстранување на било какви административни бариери и пречки кои секогаш се можни", истакна македонскиот премиер на отворањето на Трговско-економското претставништво на Македонија во Приштина. Вршител на должноста шеф на македонското трговско претставнишво во Приштина е Шевќет Хазари.
На отворањето на претставништво присуствуваа и шефот на УНМИК Сорен Јесен Петерсен и косовскиот премиер Рамуш Харадинај.
Петерсен изјави дека отворањето на претставништвото е уште еден знак за континуираниот дијалог меѓу Приштина и Скопје, додавајќи дека со тоа се отвораат нови можности за соработка меѓу бизнисмените од Македонија и од Косово.
Косовскиот премиер Харадинај го поздрави отворањето на трговско-економското претставништво и додаде дека тоа ќе значи поттик за воспоставување подобра економска соработка меѓу Македонија и Косово.