ИНФО                                           
     
  ДЕЛЕГАЦИЈА ОД ГШ НА ФРАНЦУСКАТА АРМИЈА
ВО ПОСЕТА НА МАКЕДОНИЈА


Делегација од Генералштабот на Француската армија, предводена од полковникот Жан Морен, претстојува во тридневна посета на Република Македонија.
Како што соопшти Министерството за одбрана, делегацијата придружувана од францускиот амбасадор во земјата Бернар Валеро и военото аташе при Амбасадата потполковник Ален Жилија, денеска ќе биде примена од министерот за одбрана Зоран Коњановски и од началникот на Генералштабот генерал-потполковник Мирослав Стојановски.
Согласно Договорот потпишан во 1996 помеѓу министерствата за одбрана на двете земји, предвидено е утре да се одржи 12-та Мешовита комисија во врска со билатералната соработка во одбраната, на која ќе се направи биланс на активностите од 2008 година и ќе биде претставен планот за оваа година. Во рамки на состанокот македонската страна ќе го презентира ангажманот на своите сили во мисиите во странство, а Франција ќе направи експозе на франацуско-британската иницијатива за возобновување на хеликоптерскиот парк. Претставниците на францускиот Генералштаб ќе ги посетат Полкот за специјални операции и Воздухопловниот ВИНГ.
Потврда за важноста која Македонија ја посветува на одбранбената соработка со Франција е и најавата за отварањет по прв пат воено аташе на Република Македонија во Париз на која позиција ќе биде наименуван потполковникот Енвер Јакупи, што, според МО ќе претставува дополнителен импулс за зацврстување на односите и довербата помеѓу двете земји.
Планот за соработка за 2009 година, кој треба да го потпишат шефовите на делегациите на двете земји, содржи 21 активност. Покрај обуките, размената на искуства и средбите со политичко-воено значење, приоритет им се дава на размените од оперативен карактер, особено во областа на воздухопловството.

 
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ОДБЕЛЕЖАНИ 137 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ

По повод 4 февруари, Денот на раѓањето на големиот Македонски великан Гоце Делчев, синоќа во НУ Народен театар-Битола се одржа семакедонско чествување.
- Делчев со личен пример покажа како треба да се сака својата татковина, а ако затреба и животот да се даде за неа. Гоце Делчев на симболичен начин повторно ги обединува Македонците, бидејќи во нашиот град пристигнаа од сите страни на Балканот, истакна битолскиот градоначалник Владимир Талески во поздравниот говор.
Оваа манифестација се одржа по деветти пат, а годинава свое учество зедоа претставници на македонските здруженија од Грција, Албанија, Косово, Србија, Бугарија, Романија и Хрватска.
- Ова е израз на семакедонската почит кон великанот Гоце Делчев и доказ за тоа колку нашиот корен е силен и здрав, рече Стојан Ѓоргиев член на ОМО „Илинден-Пирин“ од Бугарија додека пак, македонскиот градоначалник Едмонд Темелко на општина Пустец во Албанија предочи дека познатата и визионерска порака на Гоце Делчев - „светот го разбирам како поле на културен натпревар меѓу народите“ е пример за денешните нации. Тој најави зголемена политичка активност за обезбедување Македонец-пратеник во албанскиот парламент.
На синоќешното семакедонското чествување посветено на денот на раѓањето на Гоце Делчев меѓудругите свои обраќања имаа Благој Цивкаровски, претседател на здружението „Гоце Делчев“ од пчињскиот округ во Врање, Србија и Трајко Пасиос претставник на македоците од Егејска Македонија во Грција.
- Дојдов со луѓето што застанаа пред грчките тенкови, со луѓе кои го негуваат македонскиот фолклор, со луѓе чии срца се за Македонија, порача Пасиос.
Посебно инспиративни беа поздравните говори на Лаура Новоботе од здружението на Македонците во Романија, како и на Јагода Цветинчанин, потпретседател на Македонската заедница во Хрватска.
- Посакувам Битола и Осиек да ја возобноват соработката. Се радувам што со помош на македонската Влада во Хрватска, во печатницата на Штросмаер, поставивме плоча на македонски јазик и сакам да ве израдувам оти и во Осиек, во едно основно училиште во редовната настава ќе се изучува и оценува македонскиот јазик, истакна Цветинчанин и испеа песна посветена на Делчев.
Во културно-уметничкиот дел од програмата посветена на 137-те години од денот на раѓањето на Гоце Делчев настапија членовите на истоименото културно-уметничко друштво од Битола.
За 137-те години од раѓањето на Гоце Делчев, вчера на неговиот гроб во црквата Св. Спас Македонската православна црква одржа панихида, со која началствуваше митрополитот полошко-кумановски г. Кирил. Цвеќе положија делегации од Владата, Собранието, од Кабинетот на Претседателот на РМ, АРМ, Сојузот на борците на Македонија, МАНУ, претставници на политички партии, здруженија и општини.
Во словото за покој на Гоце и неговите соборци, митрополитот Кирил, во духот на визионерските пораки на револуционерот, повика на единство и „градење мостови на разбирање и цврста соработка и пријателство со сите мирољубиви народи и земји“.
- Кога би бил тој во оваа наша епоха во која живееме, би ни порачал да го следиме нивниот саможртвен пример, би ни порачал да се оставиме од меѓусебните кавги. Секирите на воинствениот раздор на македонското ткиво да бидат длабоко закопани во македонската земја натопена со нивната крв, не само да ’рѓосаат, туку еднаш засекогаш да изгнијат. Би ни порачал само во силното единство, во љубовта и надежта, во нашето вековито опстоење треба да ја гледаме вечноста и да ја градиме за опстој на овие наши македонски простори, и како народ, и како суверена држава, и како црква, рече г.Кирил.
Годишнината од раѓањето на Гоце Делчев ја одбележаа и други општини во Македонија, како и установи што го носат неговото име. Делчевци за својот патрон организираа пригодна програма со рецитал и настап на КУД „Гоце Делчев“.
Во Штип беше најавено реновирање на училишната зграда во која учителствувал Гоце Делчев. Реконструкцијата на објектот што се наоѓа во штипската населба Ново Село ќе почне идниот месец и во него ќе биде сместен Ректоратот на Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“. Ректорот Саша Митрев соопшти дека за обновата на Гоцевото училиште се обезбедени 10 милиони денари.
Во Струмица пригодна реч за животот и делото на Делчев одржа градоначалникот Зоран Заев, а рецитал изведоа ученици од ОУ„Гоце Делчев“ од Вељуса. По повод годишнината на градскиот плоштад „Гоце Делчев“ беше организирана и еколошката акција - Ден на дрвото „Засади ја својата иднина“.
Традиционално, родениот ден на Гоце го одбележа и најголемата гимназија во Куманово која го носи неговото име. Реч одржа директорот на училиштето, а повеќе делагции положија цвеќе пред бистата на Делчев.
Гоце Делчев, визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите, роден е на денешен ден во 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задрганичен претставник на ВМРО во Софија. Делчев е убиен од турска војска, на 4 мај 1903 година во селото Баница.