ИНФО                                           
     
  РУСКИОТ ГАС СТИГНА ДО МАКЕДОНИЈА

По прекин од две недели рускиот гас вчера стигна до Македонија, изјави за МИА директорот на ГАМА Ратко Манов.
- Денеска се отворени вентилите и системот почна да се полни со гас. Го оспособуваме да дојде до работни услови за да може да отпочнеме со дотур на гасот до крајните потрошувачи. Тие се веќе известени и се подготвуваат најверојатно во текот на денов или најдоцна до утре да отпочнат со користење на гасот, рече Манов.
Заради прекинот на дотурот на руски гас преку Украина од 6 јануари годинава 30-тина македонски претпријатија, меѓу кои и Топлификација Скопје, мораа да го користат мазутот како алтернативно погонско гориво на гасот. За разлика од нив „Макстил“ од Скопје и ФЗЦ „11 Октомври“ од Куманово целосно го прекинаа приоизводството.

ИЗЛОЖБА „НЕПОЗНАТИТЕ ЕВРОПЕЈЦИ“ ВО МУЗЕЈ НА ГРАД СКОПЈЕ

Во Музејот на град Скопје вечер ќе биде отворена изложбата „Непознатите Европејци“ (Тhе Unknow Europeans), со творби на двајца австриски автори - фотографии на Курт Кајндл и текстови на писателот Карл-Маркус Гаус, посветени на најмалите малцинства на Европа - Власите, Сефардите, Гочерите, Арбанасите и Сорбите.
Некои од нив се во постојана борба за својот национален опстанок: Сефердите во Босна и Херцеговина, Арбешите во Италија, словенските Сорби во Германија, Власите во Македонија и Дагешите во Словачка. Се работи за малцинства кои никогаш немале амбиции да создадат своја национална држава, но биле способни да ја бранат својата култура низ вековите и да сведочат за културната разноликост на Европа.
Авторите од Австрија низ разговори со нивните политички и културни претставници ја документирале нивната култура со фотографии и текст, кои резултирале со патувачка изложба.
Фотографот Курт Кајндл (1954) е еден од основачите на Galerie Fotohof во 1981 година, а од 1975 година има реализирано многу изложби. Предава на неколку универзитети, а живее во Салцбург, каде што работи како фотограф и слободен новинар. Карл-Маркус Гаус (1954), исто така живее во Салцбург, и е уредник на списанието „Литература и критика“. Во 2001 година ја објавил книгата „Европејците што исчезнуваат“, а во 2006 година во својата земја добил награда за дело од областа на социополитичките теми.
Изложбата ќе ја отворат Алојз Краут, амбасадор Австрија во Македонија, и Никола Бабовски, претседател на Заедницата на Власите во Република Македонија. Групата „Грамостеами“ и солистот Перо Цаца ќе изведат влашки песни.

 
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ЈА УСВОИ НАЦРТ-РЕЗОЛУЦИЈАТА ЗА НАПРЕДОКОТ НА МАКЕДОНИЈА ВО 2008 ГОДИНА

Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент вчера, со 64 гласови „за“ и седум „против“, ја усвои Нацрт-резолуцијата за напредокот на Република Македонија во 2008 година, подготвена од известувачот Ерих Мејер, соопшти вицепремиерот задолжен за европски прашања Ивица Боцевски.
Тој посочи дека се усвоени седум амандмани кои биле усогласени меѓу политичките групи.
- Европскиот парламент го поздрави националното и партиското единство за исполнување на критериумите за членство во ЕУ. Ова претставува посебно значаен заклучок затоа што Европскиот парламент го согледува и консолидирањето на политичкиот дијалог во Република Македонија, посочи Боцевски.
Тој рече дека Европарламентот го поздрави напредокот во дијалогот за визната либерализација и постигнувањето на земјата во поглед на барањето за симнување на визниот режим.
- Европскиот парламент ги забележа потешкотиите со кои се соочуваат граѓаните на Република Македонија поради непризнавањето на пасошите од страна на една земја членка. Парламентот ја повика Европската комисија што поскоро да препорача визна либерализација и укинување на визите. Го поздрави напредокот во примената на Спогодбата за либерализација и асоцијација, во Рамковниот договор и напредокот во поглед на постигнување на осумте одредници од ЕУ, истакна Боцевски.
Европскиот парламент, потенцира тој, изрази жалење што три години по стекнувањето на кандидатскиот статус земјата се уште ги нема отпочнато преговорите и оцени дека тоа е неодржлива ситуација со демотивирачки ефекти за земјата, нешто што Македонија активно го претставува како факт.
- Во таа смисла Европскиот парламент смета дека е пожелно на оваа ситуација да и се стави крај и бара Советот да го забрза процесот за донесување одлука за почеток на преговорите во текот на оваа година. Република Македонија со задоволство го поздравува овој чекор на Европскиот парламент, ја поздравува Резолуцијата на Европскиот парламент и очекуваме дека таа ќе биде усвоена на пленарното заседание и бараме и останатите инститиции на ЕУ да го следат овој пристап, додаде вицепремиерот Боцевски.