ИНФО                                           
     
  ВИЦЕПРЕМИЕРОТ БОЦЕВСКИ НА РЕГИОНАЛЕН СОСТАНОК
ВО БРИСЕЛ ЗА ИПА ФОНДОВИТЕ


Македонска делегација предводена од вицепремиерот за европски прашања Ивица Боцевски денеска и утре во Брисел ќе присуствува на Регионалниот состанок за повеќе-корисничкиот индикативен програмски документ за 2009 година во рамки компонента 1 на Инструментот за претпристапна помош (ИПА).
Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, во однос на програмирањето акцентот се става на сопственоста на процесот, при што македонските институции и Европската комисија соработуваат во креирањето на Програмата за регионална соработка во рамки на компонента 1 од ИПА, која се однесува на институционалната надградба.
 
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ЈАНКУЛОСКА - ЛАНГЕР: БЕЗРЕЗЕРВНА ПОДДРШКА ОД ПРАГА ЗА ЦЕЛОСНА ВИЗНА ЛИБЕРАЛИЗАЦИЈА

Министерот за внатрешни работи на Република Македонија Гордана Јанкулоска доцна синоќа во Прага се сретна со чешкиот министер за внатрешни работи Иван Лангер.
На средбата на министерката Јанкулоска ги презентирала сите постигнувања на Република Македонија на планот на реформите во полицијата, перспективите за идната соработка, како и за процесот за целосна визна либерализација, тема која ги засега сите македонски граѓани.
Министерот Лангер ја повторил безрезервната поддршка од Република Чешка, како актуелен претседавач на ЕУ, за очекуваната визна либерализација.
- Овој состанок беше од исклучително значење за Република Македонија со оглед на тоа што Чешка е земјата-претседавач со ЕУ во овој момент. Министерот Лангер даде безрезервна поддршка на овој процес, со целосно разбирање за достигнувањата и успесите кои Република Македонија ги има на овој план и искажа признание за сето она што е досега направено. Тоа практично значи дека Република Македонија е земја која е целосно подготвена за воспоставување на безвизен режим со Европската унија, изјави министерката Јанкулоска за МИА. Таа потсети дека носењето на една таква одлука е процес кој мора да помине одредена формална процедура низ соодветните органи и тела на ЕУ, но најважно од се, рече таа, е што ја имаме несебичната и безрезервна поддршка од Чешката Република како земја-претседавач.
На средбата Јанкулоска - Лангер во фокусот на разговорите била полициската соработка, односно соработката меѓу двете министерства за внатрешни работи на сите нивоа и во сите сегменти на дејствување што подразбира проекти и оперативна соработка на ниво на полиција, но и проекти, оперативна соработка и размена на информации на ниво на безбедносни служби.
Според министерката Јанкулоска, искуството на Чешката Република е исклучително значајно за Република Македонија и може да послужи како пример во многу области со оглед на тоа што како земја-членка на ЕУ помина многу сличен пат како Република Македонија.
Таа најави дека во рамките на веќе почнатите разговори на техничко ниво за потпишување договор за полициска соработка и борба против организираниот криминал, на средбата со Лангер е договорено да се остварат повеќе посети на тимови на техничко ниво, со цел да се усогласат детаљите околу овој документ кој би претставувал основа за продлбочување на соработката помеѓу двете министерства.
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која во Прага ќе учествува на дводневниот неформален состанок на министрите за внатрешни работи и за правда на земјите-членки на ЕУ, се очекува денеска на маргините на состанокот да оствари билатерални средби и со нејзините колеги од Холандија, Белгија и Шпанија.