ИНФО                                           
     
  ПОЧНУВА АМАТЕРСКИОТ ТЕАТАРСКИ ФЕСТИВАЛ „ЛИЦА БЕЗ МАСКИ“

Со изведба на претставата „Ромео и Јулија“ во режија на Трајче Ѓорѓиев и во изведба на Центарот за култура „Бели мугри“ од Кочани, вечер во Младинскиот културен центар почнува Фестивалот на аматерски театарски групи од Македонија „Лица без маски“. По петгодишна пауза, МКЦ го возобнови фестивалот кој по десетти пат ќе се одржува до 26 декември.
Вечерва ќе биде изведена и „Приказна за војникот“ на режисерот Игор Трпчевски на Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп, а во наредните три дена уште шест претстави избрани од селекторот Игор Ивковиќ. Публиката ќе има можност да ги види и „Шмизла“ во режија на Александра Огненовска и во изведба на Драмската аматерска група „Талија“ од Битола, „Ла драма“ на Харис Бабачиќ, во изведба на Драмската секција на средното скопско медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“, „Непер Ндриме“ од Гостивар во режија на Берат Салиу и Аргјенд Хасани, „Пандориниот орнитон“ на Мила Јовановиќ во изведба на Театарска група „Корчагин“ од Скопје, „Коштана од нашето време“ на средното скопско училиште „Димитар Влахов“ и „Молба“ режирана од Иван Живковски и Јане Војчески во изведба на Сојузот на студенти на Правниот факултет на Скопскиот универзитет.
Селекторот Ивковиќ на прес-конференција рече дека задачата да избере осум претстави била тешка зашто наспроти скептичните мислења, младите се активни на сцената. Тој соопшти дека меѓу избраните, покрај реалистичен дискурс има и претстави кои се испробуваат и во експерименталната форма.
На фестивалот дневно ќе бидат изведувани по две претстави, а по нив секој ден ќе има и трибина. Победничката претстава ќе биде прогласена на последниот фестивалски ден (26 декември). Таа ќе биде претставник од Македонија на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“ во април 2009 година, на кој ќе се претстават алтернативни и независни продукции од светот. За наградите ќе одлучува тричлено жири од професионални актери - Висар Вишка, Магдалена Ризова-Черних и Марина Поп Панкова.
Фестивалот „Лица без маски“ беше востановен во 1998 година како наследник на Градските аматерски драмски средби.
 
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  „СТАНДАРД“: ГРАНИЦИТЕ - ГЛАВЕН ПРОБЛЕМ НА БАЛКАНОТ

Спорот меѓу Словенија и Хрватска околу границата не е никаков исклучок, туку правило, оценува денеска виенскиот весник „Стандард“ и потсетува дека Загреб, поради територијалните проблеми е во спор и со Србија и со Босна и Херцеговина.
- Со надеж дека погодените земји со сопствени сили ќе пронајдат решение, Брисел досега темата за границите ја ставаше на страна. Во регионот и онака има доволно политички тешки теми. Словенечкото вето на продолжувањето на преговорите со Хрватска им покажа на европските дипломати дека решавањето на споровите поврзани со границите е европска задача, нагласи весникот.
Според „Стандард“ спорот меѓу Загреб и Љубљана за приближно 150-те квадратни километри на море во заливот Пиран го доведува во прашање целиот план на ЕУ за следната година.
- Вербалната војна меѓу словенечките и хрватските политичари веќе има загрижувачки последици врз населението, истакнува „Стандард“.
Весникот укажува дека една хрватска група на „Фејсбук“ повикала на бојкот на словенечките производи и оти таа група во меѓувреме се зголемија на повеќе од 40 илјади членови.
Спорот околу границата уште повеќе добива на тежина, додава весникот, ако се земе предвид дека се спорни и околу 145 километри долж границата на Дунав, која претходно беше претставена како природна граница.
- Загреб се повикува на Бадинетровата комисија, која ги окарактеризира административните граници меѓу републиките како фактични државни меѓи по распадот на поранешна Југославија. Таа граница минуваше долж Дунав. Административните граници се од времето на монархијата и Дунав од тогаш го промени текот. Хрватска бара територија, која се наоѓа на брег под контрола на Србија, пишува весникот.
„Стандард“ истакнува дека на хрватските мапи впишаната граница минува низ српски села, полиња и среде една болница за хендикепирани деца.
Весникот напоменува дека односите меѓу Хрватска и Србија се дополнително оптоварени со војната од деведесеттите години од минатиот век и со нерешените прашања на раселените лица.
- Во Србија постои и стравување дека Хрватска би можела да го искористи членството во ЕУ за да ги реши спорните прашања. Во Белград никој не им верува на изјавите на хрватскиот премиер Иво Санадер дека Загреб во ниту еден случај нема да ги блокира идните преговори на Србија со ЕУ, пишува весникот.
„Стандард“ нагласува дека Хрватска има територијални барања и кон БиХ, прецизирајќи дека тука проблемот е земјата долж реката Уна.
- Загреб е особено загрижен за босанскиот пристап до Јадранското Море кај Неум, кој го пресекува хрватското крајбрежје. Хрватска планира изградба на мост преку босанска територија, за да го поврзе својот брег, пишува „Стандард“.
Весникот напоменува дека Србија, која ја отфрла независноста на Косово, не ја признава границата меѓу Косово и Македонија, бидејќи како што тврди Белград, „самопрогласената Влада во Приштина на Македонија и препуштила дел од српската територија“.