ИНФО                                           
     
  СТАВРЕСКИ ВО БУГАРИЈА ЌЕ РАЗГОВАРА
ЗА ВКЛУЧУВАЊЕ НА МАКЕДОНИЈА ВО „БЕЛЕНЕ“


Вицепремиерот Зоран Ставрески денеска ќе престојува во работна посета на Република Бугарија, каде што е предвидено да се сретне со министерот за економија и енергетика Петар Димитров и со министерот за транспорт Петар Мутавчиев.
Во соопштението од кабинетот на вицепремиерот се наведува дека целта на посетата е да се разгледаат можностите за соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија во енергетски и инфраструктурни проекти кои се од интерес за двете земји.
На средбите ќе се разговара за можностите и условите за евентуално учество на Република Македонија во изградбата на нуклеарната електрана „Белене“, довршување на далноводот Штип - Црвена Могила (Република Бугарија) со цел негово побрзо пуштање во употреба, изградбата на железничкиот Коридор 8, како и реализација на процесот на гасификација на Република Македонија.
Во состав на делегацијата на Владата на Република Македонија ќе бидат министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, министерот за економија Фатмир Бесими, заменик министерот за економија Методија Хаџи-Васков, генералниот директор на АД МЕПСО Владимир Здравев и генералниот директор на АД ЕЛЕМ Влатко Чинговски.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  СОБРАНИЕТО РАСПРАВА ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ

Собранието денеска во рамките на 27-та седница расправа по предложените измени на Уставот на Република Македонија, кои предвидуваат намалување на цензусот за избор на претседател на државата од 50 на 40 проценти.
Поголемиот дел од пратениците кои дискутираа ги поддржаа измените, со образложение дека тие ќе овозможат спречување на евентуални неуспешни избори, поради намалениот интерес на граѓаните за излегување на гласањее, како и намалување на можноста за изборни нерегуларности, со елиминирање на тешко достапниот цензус кој честопати бил мотив за полнење на гласачките кутии.
Поддржувајќи го намалувањето на цензусот, Горан Минчев од СДСМ истакна дека и покрај добрите законски одредби и уставни измени, изборите нема да бидат успешни, доколку отсуствува политичка волја, култура и одговорност. - Република Македонија не смее да си дозволи уште едни нерегуларни избори, дали тоа ќе бидат претседателски, локални или парламентарни, рече Минчев.
Владанка Авировиќ од СПМ, пак, покрај тоа што смета дека намалувањето на цензусот е добро решение, предложи во иднина да се разгледа и можноста тој целосно да се отстрани, односно во вториот круг да победи еден од двајцата кандидати кој ќе добие повеќе гласови. На таков начин, според неа, целосно ќе се елиминира можноста да не се избере претседател, а да нема кој да ги извршува неговите функции како врховен командант, или пак да ги потпишува законите што ги донесува Собранието, што може да доведе дури и блокада на неговата работа.
Според Тито Петковски од НСДП, измените во Уставот можат да доведат до одредени импликации во општествениот систем, а го намалуваат и авторитетот на избраниот претседател. И тој се согласува со ставот на Минчев, дека регуларните избори не можат да бидат резултат само на скусување на цензусот, туку и на нивото на политичката култура.
Како поддршка на намлувањето на цензусот, пратеникот Васко Шутаров од ВМРО-ДПМНЕ го посочи податокот што, како што истакна, само неколку земји, и тоа од поранешниот социјалистички блок имаат цензус од 50 плус 1 избирач во вториот круг при избор на претседател. Тој не се согласува со тврдењето на Петковски дека на каков било начин овие измени можат да го нарушат односот во поделбата на извршната власт или на државното уредување со парламентарна демократија со полупретседателски систем.
За Блерим Беџети од ДУИ намалувањето на цензусот е од државен интерес, пред се заради остварување на успешни и фер и демократски избори, со што, како што рече и од Албанците ќе се тргне дамката како причинители на инциденти и неправилности.
Не држи тврдењето на Петковски дека со намалувањето на цензусот се менува соодносот на поделбата на власта, истакна Беџети, како ни тоа дека претседателот така нема да има авторитет, бидејќи тој се црпи од легитимни избори, а не од цензусот.
Претседателот на Собранието Трајко Вењаноски ја прекина седницата повеќе од половина час пред редовната попладневна пауза, со цел пратеничката Радмила Шекеринска, која во моментот кога требаше да дискутира не беше во салата поради присуство на судско рочиште, да може да го оствари своето право на дискусија по оваа точка.
- Доколку не ја прекинам седницата пред пратеничката да дојде на ред за дискусија согласно Деловникот, ќе го изгуби правото на глас, објасни Вељаноски, посочувајќи оти работата на Собранието ќе продолжи во 15 часот.