ИНФО                                           
     
  ЕДНА ГОДИНА БЕЗ ТОШЕ

Семејството, најблиските, пријателите, фановите од Македонија и Балканот денеска ќе одбележат една година од трагичната смрт на македонската музичка икона Тоше Проески, миленикот на сите генерации.
Поп ѕвездата го загуби животот на 26-годишна возраст во сообраќајна несреќа на 16 октомври минатата година кај Нова Градишка - Хрватска на пат кон Загреб.
Македонската јавност денеска на неговиот вечен дом на Гумење во Крушево, повторно ќе пролее солзи кои не престануваат ниту по една година без него. На одбележувањето на првата годишнина од смртта на Тоше ќе присуствува и владина делегација - министрите за образование и наука и за информатичко општество Перо Стојановски и Иво Ивановски, и заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ, кои ќе положат цвеќе на неговото почивалиште.
Меѓународната ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ во спомен на својот долгогодишен пријател ќе организира специјална изложба на околу 30 слики со ликот на Тоше, која ќе биде отворена пред Националната галерија на „Мал битолски Монмартр“ во битолската чаршија. Во спомен-домот на Мајка Тереза во Скопје, пак, Граѓанската асоцијација „Скопјанката Мајка Тереза“ во спомен на хуманоста на Тоше ќе промовира аудио цеде со репортажи, во кое за Тоше Проески говорат стотина музички ѕвезди и авторитети од земјава и од светот.
Тоше Проески е роден на 25 јануари 1981 година како второ дете во семејството на мајката Доминика и таткото Никола. Учел во ОУ „Никола Карев“ во својот роден град. Како петтоодделенец првпат настапува јавно на „Златно славејче“ и на влашки јазик ја пее „Јас и дедо ми“. Љубовта кон музиката го носи во клупите на средното музичко училиште во Битола, а подоцна на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Со победата на тинејџерскиот фестивал „Мелфест“ (1996) и со дебито на штипскиот „Макфест“ идната година со „Пушти ме“ започнува неговиот пат до славата.
Македонската легенда во текот на својата музичка кариера издаде седум соло албуми - „Некаде во ноќта“, „Синот Божји“, „Ако ме погледнеш во очи“, „Ден за нас“, „По тебе“, „Божилак“ и „Игри без граници“, а изведе и голем број странски хитови. Поп иконата покрај статусот на балканска ѕвезда беше и амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ и постхумно прогласен за почесен граѓанин на Македонија.
Во 2004 година со песната „Лифе“ Тоше ја претставуваше Македонија на Евровизискиот избор во Истанбул и заврши на 14 место. Со концертот на 29 јуни 2004 година тој беше првиот македонски изведувач кој го наполни Градскиот стадион во Скопје. Тоше соработуваше и со странски продуцентски куќи, а освои и многу интернационални награди. Договорот со англискиот менаџер Ричард Енглард и композиторот и продуцент Енди Рајт требаше да му ја отвори кариерата во Европа и патот до светските ѕвезди.
Секаде каде што настапуваше во и надвор од Македонија беше проследен со преполни сали, стадиони и бурни аплаузи. Неговата несебична љубов, како и познатата изрека „Ве сакам сите“ навистина беше без граници. Токму поради сите негови квалитети и човечки особини, неговата голема хуманост и искрена насмевка, Тоше беше омилен кај сите генерации.
Последниот концерт го одржа на Градскиот стадион во Скопје на 5 октомври минатата година пеејќи пред околу 25.000 публика. Тричасовниот концерт беше од хуманитарен карактер, а средствата беа наменети за обнова на училиштата во земјава.
Македонската икона на последниот концерт пред домашна публика посака повторно да ги види сите живи и здрави, обвиени во неговото ѕвездено небо.
По една година, желбата на Тоше се исполни на истиот датум годинава. Дваесетина музички имиња и над 40.000 илјади луѓе од земјава и регионот скоро четири часа пееја за него, во негова чест, на големиот меѓународен хуманитарен концерт насловен „Те сакаме сите Тоше“. Петти октомври да стане ден на хуманост и музика е пораката што преку концертот беше пренесена низ целиот свет.
Во негова чест на концертот настапија Калиопи, Симон Трпчески, Аки Ракимовски, Адријан Гаџа, Руслана, Синтезис, Биља Крстиќ, Марија Шестиќ, Бојан Маровиќ, Гоца Тржан, Тони Цетински, Нина Бадриќ, Жељко Самарџиќ,..., оркестарот на Македонската опера и балет под диригенство на Саша Николовски - Ѓумар, како и бендот на Тоше.
На 5 октомври годинава, покрај ѕвезденото небо кое присутните со запалки и мобилни телефони неколку пати го направија за Тоше, беше исполнета уште една негова желба - на концертот премиерно беше пуштена изведбата на дуетот на англиски јазик со неговиот внук Кристијан.
Неговата верност и посветеност кон Бога го инспирираа да почне со сопствени средства да го обновува манастирот „Св.Преображение“ во Крушево. По неговата смрт, многу познати и непознати ликови, институции, фирми и фондации донираа за доизградба на манастирот и исполнување на уште една негова желба. Со донација од Владата на Република Македонија изграден е патот до светиот храм. Сега „Св.Преображение“ е пред крајот на своето обновување.
По смртта на македонскиот непребол за зачувување на ликот, делото и за продолжување на неговата хуманост во Крушево е оформена Меѓународната фондација „Тоше Проески“. Тој и самиот важеше за голем хуманист. Тоше постојано и несебично донираше средства за лицата на кои им беше најпотребно.
Во организација на фондацијата „Тоше Проески“ утринава во 6 часот и 20 минути од Нова Градишка во Хрватска, 26 македонски атлетичари во чест на Тоше почнаа ултрамаратон до родното Крушево. Денеска е предвидено тие да стигнат до Белград, утре до Скопје, а в сабота во Крушево. За време на трката тие ќе бидат придружувани од атлетичари од Хрватска и Србија.
Една година по кобното утро во скопското Обвинителство се комплетира обвинителниот акт против Ѓорѓи Ѓорѓиовски, другарот на Тоше, кој го управуваше џипот марка „Туарег“. Откако обвинителството ги прими и проучи вештачењата од Машинскиот и Техничкиот факултет, реши да покрене обвинение против Горѓи, бидејќи го управувал џипот со поголема брзина од пропишаната на автопатот и доцна започнал да го претекнува камионот пред него. Во „Туарегот“ со Ѓорѓи и Тоше беше и неговата менаџерка Лилјана Петровиќ, која во несреќата помина со полесни повреди.
Генерациите кои живееја со неговата музика, како и оние постарите секогаш ќе се сеќаваат на неговиот лик и дело. По една година од неговата смрт луѓе со солзи во очите дојдени од целиот свет постојано го посетуваат неговиот вечен дом во неговото сакано и родно Крушево.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  МАКЕДОНСКИОТ ДРЖАВЕН ВРВ ЌЕ ГО ДЕФИНИРА ОДГОВОРОТ НА ПРЕДЛОГОТ НА НИМИЦ

Претседателот Бранко Црвенковски и премиерот Никола Груевски денеска на заедничка координативна средба треба да го дефинираaт одговорот на Република Македонија за последниот сет идеи на медијаторот Метју Нимиц за решавање на спорот за името.
На средбата, која се одржува во Кабинетот на претседателот на државата, присуствуваат и македонскиот преговарач Никола Димитров и шефот на Кабинетот на премиерот Мартин Протоѓер.
И Црвенковски и Груевски во првичните реакции кажаа дека без сериозни измени предлозите на Нимиц не се добра основа за доаѓање до најсоодветно решение. Македонија, како што нагласија, е подготвена на фер компромис, но не по секоја цена и со диктат и омаловажување.
Во Скопје предлогот што Нимиц им го изложи на македонските и на грчките преговарачи на минатонеделната средба во Њујорк се оценува како прогрчки и неповолен за Македонија.
Нимиц во делот за името предлага уставното да биде само за домашно користење, а новото „Република Северна Македонија“ за меѓународна употреба и тоа со многу широк опфат. За националноста и јазикот посредникот предвидува двојно решение - macedonian, но и алтернатива - јазик и нација на „Република Северна Македонија“. Таквите алтернативни решенија за нацијата и за јазикот, според македонските власти, се целосно неприфатливи за Република Македонија. Проблем е и одредбата од предлогот, според која, откако Скопје и Атина би се согласиле со промена на името, би почнале нови преговори за идентитетот. Неприфатливо за македонската страна е и Советот за безбедност на ОН да им препорача на трети земји вклучувајќи ги и тие кои го прифатиле уставното име на Република Македонија, во билатералната комуникација да го користат новото меѓународно име. Во делот за пасошите Нимиц предлага на нив да биде испишано „Република Северна Македонија“ на англиски и на француски јазик и „Република Македонија“ на кирилица.
На македонскиот државен врв останува да реши како ќе му одговори на Нимиц, дали целосно ќе го отфрли предлогот или ќе му достави детални забелешки на сите негови идеи.
Високи претставници на САД, ЕУ и НАТО, сугерираа предлогот на медијаторот да биде сериозно разгледан од двете страни. Американскиот помошник државен секретар Даниел Фрид ги повика Грција и Македонија да постигнат компромис за името пред истекот на мандатот на администрацијата на претседателот на САД Џорџ Буш, изразувајќи надеж дека двете држави „ќе имаат храброст и мудрост“ да ги прифатат идеите на Нимиц. Пораката од Брисел, пак, за последниот сет идеи на посредникот на ОН, е дека Македонија треба внимателно да ги презентира забелешките и оти е забележителна се потврдата позиција на Грција во однос на името.
Проценките во Скопје се дека просторот на Македонија е многу мал, особено во делот за идентитетот и оти без сериозен надворешен ангажман, Атина тешко ќе отстапи од своите тврди ставови кои во догледно време не овозможуваат решение за името.