ИНФО                                           
     
  БОЦЕВСКИ: ФРАНЦИЈА Е СИЛЕН СОЈУЗНИК
НА МАКЕДОНИЈА НА ПАТОТ КОН ЕУ


Франција ќе го сочува својот фер однос кога станува збор за Република Македонија и за нејзиниот напредок кон ЕУ. Официјален Париз го цени придонесот на Македонија и постигнувањето во однос на реформскиот процес.
Ова беше констатирано на денешната средба во Брисел на вицепремиерот задолжен за европски прашања Ивица Боцевски со државниот секретар за европски прашања во француското Министерство за надворешни работи Жан Пјер Жује.
Боцевски, како што јави специјалниот известувач на МИА, по средбата информира дека Жује им честиташе на македонските власти за напредокот во либерализацијата на визниот режим и истакнал дека француското претседателство го сочувува приоритетот на проширувањето кон Западен Балкан и македонската димензија во тој процес и покрај тоа што во текот на ова претседателство се појавија проблеми, кои не можеа да се предвидат како што е грузиската криза и моменталната ситуација со финансиската криза во регионот.
- Заедно заклучивме дека процесот продолжува и оти Македонија во Франција гледа огромен сојузник на патот кон европската интеграција, изјави Боцевски по средбата потсетувајќи на клучната улога на Роберт Бадентер во објаснувањето и изложувањето на македонскиот случај при француските дипломати и Европската комисија.
Во врска со добивањето датум за преговори за членство во ЕУ, Боцевски рече дека Македонија ќе продолжи да притиска за добивање не само на датум, туку и за целосна интеграција во ЕУ.
- Македонија три години е земја кандидат за членство во ЕУ. Три години овој процес повеќе или помалку тапка во место и оваа ситуација е неодржлива. РМ мора да продолжи понатаму жестоко кон Унијата, изјави Боцевски и ја подвлече поддршката што нашата земја ја има во нејзините сојузници.
На средбата со Жује стана збор и за македонско грчкиот спор за името при што се констатирани позициите на Франција, Грција и Македонија по ова прашање.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  МИЛОШОСКИ И ФРИД РАЗГОВАРАА ЗА ИМЕТО И ЗА КОСОВО

Шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски синоќа во Њујорк се сретна со Даниел Фрид, помошникот на државниот секретар на САД Кондолиза Рајс.
Теми на средбата, како што информираа претставници на кабинетот на македонскиот министер за надворешни работи, беа прашањето за името и признавањето на Косово од страна на Македонија.
Милошоски, јавува известувачот на МИА, укажал дека три причини го отежнуваат процесот за изнаоѓање решение за името. Првата е грчкото оспорување на идентитетот на македонската нација и јазик и наметнувањето на ова прашање како тема во разговорите за името. Втората е барањето на Атина за промена на Уставот, што од македонска страна се толкува како оспорување на суверенитетот и отворено мешање во внатрешните работи. Третата причина е барањето на Грција да им се наложи на државите кои веќе го признале уставното име на Република Македонија да ја смента таквата одлука.
Евентуалната промена на овие грчки позиции, според Милошоски би го олесниле процесот и би отвориле повеќе можности за затворање на прашањето.
На средбата е оценето дека спорот може да се реши само ако и двете земји направат отстапки од своите ставови. Македонија инсистира на двојната формула како решение, а Грција на едно име што би било за севкупна уотреба.
Шефот на македонската дипломатија посочил и дека треба да се најде инструмент што ќе гарантира дека и двете страни би се придржувале до евентуалниот договор.
Во врска со признавањето на Косово, Милошоски истакнал дека Македонија ќе се води од сопствените државни интереси и процени и оти ќе ја следи политиката на ЕУ кон тоа прашање.
Даниел Фрид денеска ќе се сретне и со претседателот Бранко Црвенковски.
Шефот на македонската држава ќе има средба и со посредникот на ОН во разговорите за името Метју Нимиц. Медијаторот претходно ќе разговара и со грачката министерка за надворешни работи Дора Бакојани.
Средба на македонски и грчки претставници во Њујорк дефинитивно ќе нема.