ИНФО                                           
     
  АМНЕСТИ ИНТЕРНЕШАНЛ: СВЕТОТ НЕ УСПЕА
ДА СЕ СПРАВИ СО КРШЕЊЕТО НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА


Светските лидери не успеваат да се справат со кршењето на човековите права во светот, предупредува Амнести интернешнал.
Во годишниот извештај Организацијата смета дека луѓето се уште се под тортура или лошо третирани во најмалку 81 држава. Во најмалку 54 држави луѓето се соочуваат со нефер процеси, а најмалку 77 нации не можат да зборуваат слободно.
Организацијата е со став дека светските лидери треба да се извинат за кршењето на човековите права во изминатите 60 години откако постои Декларацијата за човекови права на ОН. Организацијата повикува до лидерите „повторно да преземат обврска и да покажат конкретни подобрувања во таа насока“.
Документот во кој се дадени извештаи за 150 држави е публикуван пред 60-годишнината од Декларацијата која беше прифатена на 10 декември 1948 година.
Во извештајот се повикува САД да го затворат кампот за приведени во Гвантанамо и да им се обезбеди фер процес или ослободување на сите приведени. Од Вашингтон се бара забрана на сите форми на тортура. Во него се подвлекува на поддршката од американскиот претседател Џорџ Буш на пакистанскиот претседател Первез Мушараф кога тој воведе вонредна состојба, стана строг кон пишувањето на медиуммите и отпушти од работа судии од Врховниот суд.
Во извештајот се даваат и препораки за други држави кои мора да ги подобрат почитувањето на човековите права:
- Кина е повикана да се држи до ветувањата за почитување на човековите права и да овозможи слобода на говорот и да прекине со „ре-едукација преку работа“.
- Русија е повикана да покаже поголема толеранција за политичките дисиденти додека од ЕУ се бара да го истражи соучешништвото на своите држави при „изведувањето“ на осомничени за тероризам.
- Се бара итна акција во Дарфур, Зимбабве,, Газа, Ирак и Мјанмар, вели генералниот секретар на Амнести интернешнал Ирене Кан.

ТРПЧЕСКИ УТРЕ И ЗАДУТРЕ НАСТАПУВА ВО СТРАЗБУР,
ВО ЈУНИ НА ТУРНЕЈА ВО НОВ ЗЕЛАНД И АВСТРАЛИЈА


Македонскиот виртуоз на пијано Симон Трпчески утревечер и в петок ќе настапи во Стразбур како солист на Филхармонискиот оркестар од овој француски град, во изведбата на Вториот концерт за пијано од Сен-Санс.
Здружението за култура КултурОп соопшти дека на 3, 4 и на 5 јуни Трпчески со Оркестарот на Бретања ќе го изведе пијано-концертот од Григ.
Кон крајот на јуни е закажана првата турнеја на нашиот пијанист во Нов Зеланд, а тој дел од сезоната ќе го заокружи со повторна средба со австралиската публика. Трпчески ќе настапи во Мелбурн и во Сиднеј, повторно во сиднејската „Опера хаус“.
Во својот двоброј за јуни и јули престижниот американски магазин The Absolute Sound го вбројува последното цеде на Трпчески со дела од Дебиси во издание на ЕМИ Класикс меѓу најдобрите изданија наменети за наградата The Golden Ear.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ФРАНЦУСКАТА КОМПАНИЈА „МОНТИПЕ“ ВО БУНАРЏИК ЌЕ ГРАДИ ФАБРИКА ЗА АВТОМОБИЛСКИ ДЕЛОВИ

Во слободната економска зона Бунарџик до крајот на годинава ќе почне да се гради фабрика за производство на автомобилски делови. Станува збор за прва француска гринфилд инвестиција вредна 60 милиони евра што денеска и официјално ја договорија премиерот Никола Груевски и извршниот директор на компанијата „Монтипе“ Марк Мајус.
Груевски и Мајус потпишаа Меморандум за соработка во гратчето Лењвил, 70 километри од Париз, каде што се наоѓа седиштето на компанијата, јави известувачот на МИА.
- Во првата фаза од реализацијата на проектот ќе се вработат 500 лица, а за три до четири години оваа бројка ќе биде двојно поголема. Двојно ќе се зголеми и инвестицијата, изјави Груевски по потпишувањето на Меморандумот. Од тоа, како што посочи, индиректна корист ќе имаат и други македонски компании.
Тој напомена дека од извозот на производите годишно ќе се реализираат 70 до 100 милиони евра, а за пет години во Македонија ќе останат 200 милиони евра дополнителна вредност.
Добрите економски услови, даночните олеснувања и стручниот кадар се клучните причини поради кои „Монтипе“ одлучила да инвестира во Македонија.
- Изградбата на фабриката треба да заврши идната година по што ќе почнеме со производството на прототипи. Од 2010, пак, ќе стартува и комерцијалната продажба на автомобилските делови, рече Мајус.
Фабриката во Бунарџик, со примена на современа технологија ќе прави цилиндри за мотори за возилата „форд“, а ќе се пласираат на германскиот, на британскиот и на други пазари.
Инвестицијата се реализира година ипол по преговорите што ги почна ресорниот министер Веле Самак. Според него, ова е трета странска инвестиција од областа на автомобилската индустрија во Македонија и освен што ќе отори нови вработувања, ќе придонесе за привлекување други странски инвеститори.
Компанијата „Монтипе“ е формирана во 1894 година, а од 1966 котира на Париската берза. Освен во Франција има фабрики и во Шпанија, САД, Канада, Шведска, Германија, Италија, Британија, Ирска и Мексико. Од неодамна „Монтипе“ отвори фабрика и во Бугарија.