ИНФО                                           
     
  „КИРИЛИЦАТА - ОД КАДЕ ДОАЃА И КАДЕ ОДИ“ - ПРВА ТРИБИНА ВО КАМПАЊАТА ЗА ЗАЧУВУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКАТА АЗБУКА

Во рамките на кампањата за зачувување, користење и модернизација на македонската кирилица, денеска во 11 часот во Стопанската комора на Македонија ќе биде одржана првата трибина насловена „Кирилицата - од каде доаѓа и каде оди“.
Излагање за настанокот на кирилицата ќе има академик Петар Илиевски, проф. д-р Људмил Спасов ќе говори за кирилицата во 19 век, Трајко Стаматоски за периодот по кодификацијата на македонскиот јазик, Михајло Георгиевски ќе зборува за најстарите книжевни кирилски споменици во Македонија.
За аспектите на законската регулираност за заштита и употреба на кирилицата ќе се осврне Александар Јордановски од Управата за заштита на културното наследство, а Данило Коцевски ќе има излагање за кирилицата во скопското секојдневие. Ласко Џуровски од дизајн-студиото „Тотем“ ќе се обиде да одговори на прашањето дали компјутерите ја убиваат иднината на кирилицата.
Се очекува богата дискусија на рамковната тема, во која ќе учествуваат повеќе професори од Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет во Скопје, научници лингвисти од Институтот за македонски јазик, писатели, режисери, издавачи, информатичари и дизајнери. Модератор на трибината е проф. д-р Димитар Пандев.
Следната експертска трибина, на тема „Кирилицата и информатичката технологија“, ќе биде одржана на почетокот на јуни. На 26 мај е планиран голем отворен настан за славење на кирилицата.
Кампањата, со мото „Го чувам своето - додека пишувам кирилица - постојам!“, почна на 23 април и ќе трае до 10 јуни. Иницирана е од маркетинг агенцијата „Идеја плус комуникации“ и Македонската информативна агенција - МИА, а поддржана од научната и уметничката јавност, од институции, бизнис-заедницата и од медиумите.

ТАМАРА, ВРЧАК И АДРИЈАН ВЕЧЕР НА
ПОЛУФИНАЛЕТО НА ЕВРОСОНГ


Во „Белградската арена“ вечер ќе биде одржано второто полуфинале од годинашниот избор на песна на Евровизија. Македонските претставници Тамара, Врчак и Адријан со песната „Во име на љубовта“ ќе настапат како 18-ти заедно со Исланд, Шведска, Турција, Украина, Литванија, Албанија, Швајцарија, Чешка, Белорусија, Летонија, Хрватска, Бугарија, Данска, Грузија, Унгарија, Малта, Кипар и Португалија.
Од нив само десет ќе одат во финалето што ќе се одржи в сабота на 24 мај.
Првите 10 финалисти на фестивалот беа избрани на првото полуфинале во вторникот. Според одлуката на публиката и жирито, во финалето се пласираа претставниците на Грција, Романија, Босна и Херцеговина, Финска, Русија, Израел, Азербејџан, Ерменија, Полска и Норвешка. Тие им се приклучија на четирите постојани учеснички Шпанија, Англија, Франција, Германија и земјата домаќин Србија.
Победникот на Евровизија го избира исклучиво публиката.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  КОШАРКАРСКАТА АТРАКЦИЈА ХАРЛЕМ ГЛОБТРОТЕРС ЗА ОТВОРАЊЕТО НА НОВАТА САЛА „БОРИС ТРАЈКОВСКИ“

Светската кошаркарска атракција Харлем глобтротерс од САД составена од професионални кошаркари и циркузанти вечер ќе ја забавува публиката во новата повеќенаменска сала „Борис Трајковски“ во Скопје, што денеска на пладне официјално треба да ја пушти во употреба премиерот на Република Македонија Никола Груевски.
Харлем глобтротерс е егзибиционистички кошаркарски тим кој го карактеризира многу атлетизам и комедија. Основан е во 1926 година во Чикаго. Нивниот настап ќе може да го следат 6.000 гледачи, колку што е и капацитетот на трибините кога се одржуваат спортски настани.
Неколку дена подоцна, на 31 мај, во салата ќе биде одржан и перформанс на танчерската сензација „Michael Flatley’s LORD of the Dance“.
Салата „Борис Трајковски“ ќе биде мултифункционален спортски и културен центар. Содржи и помала сала за кошарка и одбојка, кугларница, фитнес-центар, прес-центар и 56 коментаторски места.
Во големата сала ќе можат да се одржуваат и музички концерти, на кои ќе можат да присуствуваат 10.000 гледачи кои на располагање ќе имаат и четири ресторани со независни влезови и спортски бар кој може да се пренамени во дискотека.
Салата ќе има ВИП-бар и посебна ВИП-ложа за следење натпревари и концерти. Поради меѓународните стандарди на спортските федерации, салата ќе има неколку видови осветлување и централен систем за ладење и греење.
Видеомониторингот вклучува и снимање на трибините со гледачи, што е новитет кога се работи за безбедноста на актерите и однесувањето на навивачките групи. Пред салата има паркинг за 800 возила, 32 автобуса и за три репортажни возила, а за инвалидизираните лица ќе има посебни тоалети, што е новост во нашите спортски објекти.
Салата има капацитет од 10.000 посетители, со 6.000 фиксни седишта и со 2.000 телескопски автоматски столови кои се подвижни. Таа е опремена со подлоги кои се ставаат за секоја пригода одделно. За одржување концерти врз паркетот се поставува огноотпорна и издржлива подлога.
Објектот е опремен со реквизити за кошарка, ракомет, ринг за бокс, борилиште, пинг-понг, како и со професионална бина за концерти. Седиштата на две трибини, кои се поставени една кон друга, се специјално дизајнирани така што го даваат ликот на македонското знаме.
Во втората фаза се предвидува изградба на помала сала со 500 седишта, како и посебна сала за гимнастика, фитнес и за аеробик, голема професионална кугларница со осум ленти, ресторан на две нивоа, деловни простории, дуќани и други содржини.